Тања Урошевиќ. „АКВАМАРИН“ Божиќна бајка – или една стара приказна Вечерта на Бадник чорбаџи Ламбе се врати од пат неочекувано доцна. Речиси пред самата вечера. Во куќата, грижливо подготвувана за празникот и за враќањето на домаќинот од едно од неговите вообичаени патувања, овојпат низ Северна Грција – Епир, веќе како да беше почнал да се чувствува замор, дури и некоја нервоза поради неговото толку долго задржување. Така, барем, ѝ се чинеше на Елена, тогаш сè уште Еленица, која целиот тој ден, уште од изутрината, ја беше обзел некаков немир, а од што, не знаеше да си објасни. Татковите чести патувања по трговија и неговите враќања со скапи подароци, особено за неа, никогаш не ѝ оставаа некој посебен впечаток. Рамнодушно ги поднесуваше татковите отсуствувања, рамнодушно ги пречекуваше враќањата и, благодарно, но без некоја особена радост, ги примаше неговите подароци. Како што и талкаше рамнодушно веќе подолго време низ оваа куќа, полна со мажи а без жена-домаќинка, уште откако беше вратена од нагло прекинатото школување. Немирот, лесната вртоглавица што ја опфаќаа одвреме-навреме уште од сабајлето, ја присилуваа да подзастанува зачудено додека со мало метличе ги зачистуваше уште еднаш кадифените тапети над сергените и сандалиите, да ги тутка во рацете, а потоа пак внимателно да ги исправа и измазнува везените обиколки на креветите, додека жените-измеќарки ги тресеа килимите и ги рибаа со четка дрвените подови. На крајот, кога веќе беа наместени батаниите, кога драперите и завесите беа стокмени како под конец а секоја прашинка избришана, и кога сè беше подготвено како за визита, Еленица се смири седнувајќи со едната нога подвиени под себе – нејзината најомилена положба уште од детство – во најмрачниот и нејзин толку омилен кат на приемната одаја, загледана во нејзината полутемнина, небаре за првпат да ја гледа. Од таа нејзина длабока загледаност не можеа да ја одвлечат ни жените што, тешко шлапкајќи со изморените нозе во веќе наврените празнични влечки, непрестајно носеа нешто од кујната и редеа на големата маса, ниту, пак, нестрпливите наѕирнувања на браќата, кои дотрчуваа од дуќанот, од сандак-одајата, или од некое друго машко место во куќата, небаре да проверат дали е сè како што треба. Целата таа голема несмасна куќа, веќе малку потстивната накај квечерината, нејзината родена куќа всушност, ѝ се стори на Еленица туѓа и непрепознатлива. Ги гледаше миндерите со свилени и кадифени перничиња и сергените на ѕидовите, и толку далечно ѝ се чинеше времето кога така, пред голем празник, ги подредуваше со мајка си, уште како сосема мало девојче; покрај нив студено светкаа полираните површини на одделни парчиња мебел, донесувани тука едно по едно, и тоа сè поголемо и поскапоцено, како што му напредуваше трговијата и растеше богатството на татко ѝ Харалампие Сотировиќ, чорбаџи Ламбе, познат – од Солун па сè до Букурешт и Виена – битолски трговец. Тие витрини, долапи, секретери, маси и масички со тенки извиени рабови и ножиња, се вселуваа во големата одаја, и во другите делови на куќата, без некој ред и сродност меѓу себе. И си остануваа така засекогаш – странци случајно најдени на едно место, откако прераната смрт ја беше однесла домаќинката, жената во таа куќа, што со своја рака и усет ќе ги пронајдеше можните врски меѓу нив, ќе ги подредеше, ќе создадеше од нив поелегантен и, можеби, потопол дом. Колку што повеќе протечуваше времето од враќањето на Еленица во татковата куќа, таа сè повеќе сакаше да се осамува вака во оваа најголема но и најзатрупана одаја во куаќата и, со некоја тајновита тага во душата и лесна запрашаност, да се вгледува во тие блескави и отмени дојденци од големиот свет. Иако самата родена тука, таа ја беше напуштила куќата уште како десетгодишно девојче, веднаш по смртта на мајка си и, кога се врати во неа веќе како сосема израсната девојка, таа и самата не можеше да го одбегне чувството на некаква сродност со нив или, барем, на заедничка судбина. По смртта на мајка ѝ, куќата беше станала бучно и неспокојно сврталиште на мажи: на таткото и неговите помошници, на браќата што почнаа да израснуваат во бујни момчаци. Десетгодишната Еленица си беше нашла засолниште во кујната, меѓу жените-измеќарки и далечни сиромашни роднини, прибрани да помогнат, кои патем се грижеа и за неа. До гуша заглавен со работата, што сè повеќе му напредуваше, чорбаџи Ламбе, сепак, не го заборави своето галениче, својата единствена ќерка. Иако недоверлив кон никого и со тешко срце, зашто и самиот не беше премногу сигурен во туѓиот свет, тој се реши да ја одведе својата Еленица во Солун и да ја остави во француското училиште, кај калуѓерките. Откако порасна во убава девојка, со префинети манири и воспитание, чорбаџи Ламбе, полн со восхит и татковско обожавање, беше нестрплив и оваа своја драгоценост, најголемата всушност, што побргу да ја нареди меѓу другите, во својата куќа. Уште една година ѝ беше преостанала на Еленица да го заврши училиштето, да добие диплома, но татко ѝ ја повлече во Битола, иако знаеше дека со тоа ѝ нанесува голема болка. Тешко би можело да се рече дека сакал што побргу да ја удоми, да ја омажи. Напротив, него повеќе го радуваше помислата за нејзиното присуство дома, во тоа негово царство што го одразуваше сè поголемото богатство и моќ, иако не без самозадоволство помислуваше на сите оние млади изданки на најпознатите битолски куќи што толку би биле почестени да ја добијат за жена. И навистина, уште првата година по нејзиното доаѓање дома, Еленица предизвика големо внимание во градот. Прво бојазливо, небаре како за проба, но набргу сè позачестено, се појавуваа стројници во нивната куќа. Еленица им одаваше чест, како што си е редот, не ги одбиваше грубо, не им наоѓаше мани, не ги изложуваше на подбив нивните кандидати, но едноставно наполно ги обесхрабруваше со својата незаинтересираност, пасивност, небаре воопшто не станува збор за неа и за нејзина судбина. Подоцна стројниците се проретчија; останаа само некои матни недоречени договори на чорбаџи Ламбе со некои истакнати битолски семејства, а се спомнуваа и некои од Скопје… Меѓутоа, времето течеше и колку и да не сакаше да си го признае тоа јасно, некое делче од душата на таткото сè почесто истрпнуваше од свеста дека дома има зрела девојка, што живее осамено и повлечено, со мошне неизвесна иднина. Не можеше да не ја види и својата кривица во сето тоа, но во што таа имено се состоела, тој не можеше да сфати. Ту му се чинеше дека згрешил оти не ја оставил уште таа една година да го заврши училиштето, ту што не ја натерал веднаш да се омажи, па сега веќе и внуци да му трчаат наоколу. И колку што таа негова кривица му изгледаше сè поочигледна, толку поскапоцени подароци ѝ носеше, со сè поодбрани облеки ја контеше, нарачани преку Солун директно од Париз. Та кога на празници ја носеше на визити, или кога ќе ја пуштеше на бал, таа толку се разликуваше од околината, што речиси и не ѝ беше потребен тој заштитен ѕид што го правеа браќата околу неа. Тешко се решаваше некој да ѝ пристапи, ретко чија суета можеше да го поднесе нејзиниот мирен, но сосема незаинтересиран поглед. Прифаќајќи ја сè повеќе како судбина, а чувствувајќи и сè повеќе почит кон таа нејзина издвоеност, таткото, трудејќи се да ѝ угоди, да ѝ надомести можеби нешто, ја претплати на француски списанија; во куќата почнаа да пристигнуваат поголеми пратки книги од Белград. Скромната поличка во нејзината соба се пополнуваше со модрите корици на Светските класици во издание на Српска книжевна задруга, се провлекуваше и по некој француски роман. Младата девојка по цели денови не се одвојуваше од книгите. Но вистинска радост ни во тоа како да не наоѓаше. Знаејќи колку татко ѝ сака да ја гледа убава и натокмена, Еленица и вечерва го чекаше неговото враќање облечена небаре за визита – неупадливо, но мошне префинето. Сино-сивиот фустан од мек волнен штоф, на фалти и со јака и голема панделка од модар сатен, на прв поглед ѝ даваше изглед на средношколка, но тогаш сè уште ретко прифатената кај нас кратка фризура „а ла гарсон“ смело ѝ ги откриваше ушите со скапоцени дијамантски обетки, а исто така соголениот бел нежен врат укажуваше на веќе зрела и мошне привлечна жена. Везените влечки таа ги беше заменила со црни лачени чевли со високи топуци, а нозете ѝ беа затегнати во танки, најтанки свилени чорапи во боја на чад. Уште од детство познатото чувство на некоја натаженост и напуштеност пред големите празници – веројатно поради преголемата зафатеност на возрасните со подготовките, со гостите и визитите – сега се надоместуваше со пријатноста што ја чувствуваше нејзиното тело од допирот со свилата на скапоцената долна облека, со мекиот штоф на фустанот на рамената и околу нозете, со затегнатоста на новите, за првпат облечени чорапи. Но и некој поинаква возбуда ту се засилуваше, ту како да се губеше кај неа уште од самата изутрина. Токму неа се обидуваше да си ја објасни таа, така склопчана во веќе сосема мрачниот агол на големата одаја, кога, со извесно задоцнување, стана свесна за шумот од чекорите и говорот на чардакот и во претсобјето и, малку потоа, на вратата од одајата. Се внесоа ламбите, некој го запали големиот лустер со полилеи од кристал. Еленица скокна на нозе, малку зашеметена небаре од сон, кога на вратата веќе се појави крупната, несмасна фигура на таткото и, по него, на пристојно растојание од почит, разџагорените браќа, помошниците, чираците. Еленица веќе сакаше да му притрчи на татка си, да му бакне рака, кога, по сите други, во собата нерешително, небаре само поради настојчивата покана на стариот, влезе и еден млад непознат човек. Првата мисла ѝ беше дека е некој од оние што му помогнале на татко ѝ да пристигне од станицата, но исто така знаеше дека за тоа немало потреба, зашто помошниците со еден од нејзините браќа уште попладнето беа пошле таму да го пречекаат. А таков човек и не би бил толку љубезно и церемонијално канет во приемната одаја, и тоа уште на празничен ден. Ниту пак изгледот на дојденецот дозволуваше таква претпоставка. Што се однесува до облеката, таа навистина му беше повеќе од скромна; во таков студен ден, среде зима, тој имаше врз себе некое лесно и, згора, доста износено палтенце. Но како го носеше тој! И неговата става, и нагласеното скромно однесување, и целиот негов изглед беа такви, што браќата нејзини, а да не зборуваме за помошниците, во своите празнични облеки, измазнети и зачешлани, споредени со него, изгледаа како слуги од некоја подобра куќа. Еленица успеа да го процени тоа со еден поглед и, за миг, застана скаменета. А тој како да не забележуваше ништо. Учтиво, но некако прекусила го пречекори прагот и се подистави настрана за да не ѝ пречи на семејната средба. Еленица, не симнувајќи ги очите од овој странец, ја забележа неговата тешко прикривана надменост, малку ироничниот блесок во неговиот инаку учтив поглед и наеднаш сета вивна од срам и од лутина поради својот премногу бучен и несмасен татко, поради браќата што како измеќари понизно се шуткаат околу него, поради извесноста дека дојденецов веднаш го уочил сиот несклад на таа нивна одаја, на куќата, на богатството што на најнеочекувани, напати бесрамни начини, сакаше да се покаже. – Што си застанала вака ококорена… – ѝ се обрна таткото со извесно незадоволство, но потоа, веднаш омекнувајќи, сосема невообичаено, додаде: – мила ќерко. Па, нема ли да дојдеш и да си го поздравиш татка си? – Заврши тој театрално. А потоа, кога таа се сепна, притрча и веќе се поднаведна да му ја бакне раката според обичајот, овој нагло, речиси грубо си ја крена раката нагоре и со несвикнато движење се обиде да ја прегрне. Ова предизвика само мала мешаница, која на сите им остави по малку тажен впечаток. Таткото, небаре посрамено, малку ја оттурна, но потоа, прегрнувајќи ја сега покровителски со едната рака, и натаму со тој свој нов, театрален тон, му се обрна на гостинот: – А еве, дозволете да ви ја претставам мојава ќерка, Елена. Запознајте се. Еленица уште никогаш во животот не се беше почувствувала толку збунета како сега, по мешаницата со татка си, кога странецот, со најголема почит прифаќајќи ја нејзината рака, речиси со сила ја крена до своите усни и ја бакна, мрморејќи нешто, од што таа разбра само нешто слично на: …моја почит… Но за сите други ова како да беше решавачкиот знак да се ослободат, да се раздвижат, и работите да потечат по вообичаениот ред. Чорбаџи Ламбе срдечно ги поздрави жените што се стискаа во толпа околу вратата откај кујната, а штом тие си заминаа, тој, откако ги изгледа сите значајно, го поттргна тешкиот стол со кожено седиште од трпезариската маса и ја покани Еленица да седне до него, на местото што остануваше празно уште од смртта на мајка ѝ,, домаќинката на оваа куќа. Исто така немо, но со јасни гестови, му го покажа местото на гостинот од нејзината лева страна, а на синовите им даде знак да си ги заземат своите вообичаени места. Откако сега внимателно проценувачки ја изгледа Елена и очигледно остана задоволен, тој, не обрнувајќи му се никому посебно, но со јасна намера да му остави впечаток на гостинот или, пак, да му го разјасни она што го сметал за неопходно, погледнувајќи ги притоа значајно и синовите, рече: – Ете така, да седнеме конечно! На ќерка ми Елена отсега ѝ припаѓа ова место. Е, ми порасна и таа. А колку малечко девојче беше кога ме напушти мојата домаќинка… – притоа тој направи пригодно тажен израз, но веднаш се сепна и додаде: – Знаете, мојата сопруга рано почина. А толку ѝ недостигаше мајка на девојчево… – додаде тој на крајот сосема неочекувано, небаре Еленица таа вечер треба да биде во центарот на сето внимание. Гостинот, пак, промрмори нешто како „Жалеју…“ И тогаш на сите им стана јасно дека е странец, дека по нешто разбира, но не го говори нашиот јазик. Вечерата започна со молк, сериозно, небаре се врши некој свечен и тежок обред. Секогаш беше така, но овојпат непријатноста како да беше зголемена и од присуството на овој странец, чијашто положба тешко можеше да се одреди – ни почесен гостин, ни деловен партнер, ни помошно, во тој случај хиерархиски пониско, лице, на кое одвај може да му биде дозволено да седи тука нарамно со сите нив. Чорбаџи Ламбе и самиот се двоумеше, но како да не се откажуваше ни од едната од трите можности. Што се однесува до синовите, пак, тие јасно го покажуваа своето незадоволство, не толку што покрај нивната празнична маса седи човек со очигледно пониска положба, колку од невообичаената неодреденост на односот на татко им спрема него. Откако завршија со јадењето, кога големите порцелански чинии, тепсиите и светнатите бакарни саани, со сè уште доволно храна во нив, беа кренати за жените да се гостат во кујната, а на големата свечена маса, пак, беа донесени баклави и равании, ореви, суво грозје измешано со леблебија, јаболка и мандарини, чорбаџи Ламбе ги дополни чашите со вино и конечно реши да проговори, да го објасни доведувањето на странецов вкуќи. – Господинов е, како што ви реков Кузнецки, Борис Андреевич, – дополни тој според рускиот обичај да го именува и со татковото име. – Тој е Русин, од „белите“. Ние со него се сретнавме во Јанина и тој многу ми се најде во една зделка со Австријците и Грците; одлично ги знае јазиците. Бајаги учен човек е, – го изгледа со восхит гостинот и со видлива желба да ги импресионира и синовите. – Само што, ете, си нема некоја солидна работичка… уште не се снашол кутриот… Па, не ми беше тешко да го наговорам да дојде со мене, белки, ќе ми се најде… со јазиците… и… со друго… Откако го кажа ова најкратко што можеше, чорбаџи Ламбе итро ги погледна своите три синови, давајќи им со тоа на знаење дека и натаму нив ќе ги остава дома со помошниците и чираците, а самиот ќе си патува во придружба на странецов, ќе го посветува него, а не нив во позначајни, подоходовни зделки од коишто недозволиво долго ги држеше настрана. Но тие на лице не покажаа ништо од тоа, туку, свикнати на бесприговорна послушност, му возвратија само со тап израз, кој на човек отстрана можеше да им остави впечаток на умна ограниченост. Таткото, пак, добро погодувајќи ги нивните чувства, за поголема убедливост додаде: – Ми се виде многу учен човек… Знаеш како разговара со оние – со Германците – германцки, со Французите – француски, со Англичаните… Шо да ви кажам, искусен е, многу свет вишол! – изрече тој не обрнувајќи му се никому одредено, но на крајот чудно се раскикоти и почна смешно да му намигнува на гостинот. Овој пак како да не разбра ништо од сето тоа или како и да не насети дека се однесува на него, си седеше и си го пиеше виното во мали голтки, загледан некаде во празно. Ова го поттикна чорбаџи Ламбе сега директно да му се обрне на гостинот, покажувајќи со поглед кон ќерка си: – Бргу ќе го научиш, Борисе, и нашиов јазик. А сега можеш со неа да разговараш на француски. – И со една смешна надуеност додаде: – Белким и таа нешто научила кај тие проклети калуѓерки во Солун! Откако на овој начин, всушност, си ја симна од себе грижата за гостинот, која веќе му стануваше тегобна, тој се впушти во полугласен разговор со синовите, распрашувајќи се како одат работите, што имало ново во Битола додека тој бил отсутен, им кажуваше по нешто од она што го вршел тој на патувањето, но строго внимавајќи да не им каже премногу. Гостинот, пак, откако со почит го сослуша чорбаџи Ламбе, својата вкочанета насмевка, која одвај му ги развлекуваше бледите танки правилно оцртани усни, полека, како нешто мошне кршливо, ја пренесе накај Еленица. Но, кога стигна до неа, таа насмевка веќе како да доби и малку топлина и извесна благонаклонетост. – Вие зборувате француски?! – ја праша тој доста сомнежливо. Таа, седејќи онака збунета и, чиниш, заборавена за време на целата вечера, сега истрпна, се вцрвени сосема со сè ушите и вратот и ја подотвори устата, но остана нема, не наоѓајќи ниту еден збор да каже. – Така, значи, сте учеле француски во некое училиште? Дали добро разбрав или?.. – Се обиде да ѝ помогне тој, сега веќе внимателно разгледувајќи ја и, очигледно, извлекувајќи некои поволни заклучоци. Очаена поради својата немоќ и неговата толку природна и сега веќе неприкриено покровителска супериорност, таа конечно најде сила да одговори: – Не… То ест – да. Учев француска гимназија во Солун… но… – Но? – учтиво ѝ помогна тој да продолжи, но со тоа уште повеќе ја збуни, зашто и натаму ѝ се обрнуваше како на недорасната гимназистка. – Знаете, јас не ја завршив. – Којзнае зошто го исфрли таа тој, во овој миг, сосема непотребен факт. И, за да го дообјасни, сосема ненаместо продолжи: – Татко ми не ми дозволи, иако ми беше останала уште помалку од една година. Ме донесе дома. „Што ќе ти диплома?“, ми рече. „Па нема да бидеш учителка!“… И навистина, тој имаше право, јас немам потреба да работам. Само, толку убаво ми беше таму, во Солун… Но, школувањето не може да трае вечно, нели? – му се обрна таа наеднаш со директно прашање. – Така. – Потврди Борис со олеснување. Девојчево навистина добро го говори јазикот. И има добри манири. Па и не ѝ треба многу за да изгледа како вистинска дама. Не е баш многу вешта во разговорот, но е трогателно искрена. И, исплашен да не излезе рамнодушен спрема за неа очигледно болното прашање: – Но сепак, можеби ќе ви беше поинтересно да станевте учителка, отколку да се вратите овде? – сосема сочувствено ја праша. Тоа за учителката Еленица секогаш го разбираше само како една случајна споредба. И таа, главно, се согласуваше со татка си дека учењето не ѝ е со цел да заработува, туку, како што си е нормално, да се омажи, па да зборува француски кога ќе има со кого, и да свири на пиано на празниците. Поинаку таа досега никогаш и не размислуваше. А сега еве некој ѝ го поставува прашањево така небаре било сосема можно, а и пожелно од неа. Тоа наеднаш ѝ се допадна и таа, со мало двоумење, фрлајќи бојазлив поглед накај татка си, кој всушност и не можеше да разбере ниту пак во тој момент беше заинтересиран за што разговараат тие, одговори: – Можеби. – И тоа наеднаш како да стана некоја нивна заедничка тајна, која го отвори патот за натамошно доверување. Зашто Еленица започна да му кажува забрзано и понесено за нешто, што и немаше некоја непосредна врска со учителствувањето: – Да знаете колку многу сакам да читам книги, тие се… – Да?.. – ја прекина Андреја, поддржувајќи ја да продолжи токму за тоа, и самиот почуден од неочекуваниот тек што го доби разговоров, но и неверојатно задоволен зашто книгите, нели, се толку пријатна тема… – Знаете, јас читам, читам и… кога стигнувам до крајот толку сум тажна! Но немојте погрешно да ме разберете, не е тоа само кога романот има тажен крај, не! Тоа ми се случува и кога јунаците, по разни перипетии, се ослободуваат од сите зла и започнуваат спокоен и среќен живот. И, тука завршува романот. Тие, јунаците, нели, се прекрасни суштества и на крајот тоа го заслужуваат. Но мене толку ми се стега срцето, наеднаш се чувствувам некако излишна, напуштена. Испаѓа дека моето внимание им било потребно само додека страдале, додека совладувале разни премрежиња, а откако сето тоа поминало, моето сочувство веќе не им треба?.. Борис многу го зачуди и го трогна ваквото нејзино размислување и не знаеше каков став да заземе. Се обиде да ја врати нивната конверзација на поопшта, не толку лична основа. – Но тоа може да се објасни и поинаку, госпоѓице Елен, – снисходливо и со блага иронија во гласот, небаре разговара со премногу умно дете, ѝ рече Борис: – Писателите знаат дека страдањата, несреќите, го привлекуваат нашето внимание, го држат напнато, додека… – Го знам, ох, го знам тоа!.. Го прекина Еленица веќе сосема ослободена и со речиси кокетна смеа, на што татко ѝ зачудено го крена погледот кон нив и не можеше да се воздржи да не покаже вистински триумф: ете, како го притерала неговата Еленица странецов в ќоше, како умно разговара! – Го знам тоа, добро го знам, – продолжуваше Еленица, – „Сите среќни семејства се некако слични, а несреќните…“ – О, да, да, имате право… – се насмеја и Борис и се ослободи и од последната резервираност спрема оваа необична девојка. Сега тој ја гледаше со вистинска симпатија и топлина во очите. Еленица му возврати на ист начин, но наеднаш се исплаши од својата преголема смелост. Зашто вака, на овој начин, уште никогаш не разговарала со некој маж! Таа одново поцрвени, се стутули некако во големиот стол и збунето промрмори: – Но за што сè ви зборувам јас… Ох, какви глупости!.. Борис стана свесен за неумесноста сега да ја разубедува, но неговото лице просто блескаше од среќа што во ликот на оваа девојка открил наеднаш толку мило и несомнено образовано суштество, со толку зачувана детска непосредност и неискусност. Се почувствува дури и малку виновен што уште само пред малку оваа девојка сосема незаслужено ја ставаше на исто рамниште со сето она што стигнал да го види во оваа куќа. Многу навреме сфати дека, иако очигледно опкружена со заштитеност и љубов, Елена тука, во најмала рака, беше чуден израсток: нежен цвет, сосема неприлагоден на таа, како што му се виде, груба и несмасна средина. Затоа, повлекувајќи се малку и самиот, но сè уште со топлина и големо разбирање, ја праша: – Имате многу време за читање и размислување, госпоѓице Елен? Немате друштво, забави, општествени обврски? Но Еленица веќе се созеде и беше решена да не си дозволува толку голема и неумесна отвореност, па доста воздржано, небаре научена лекција, одговори: – Друштво?! Па куќава е полна со луѓе! Тука се моите браќа, татко, тетките… а ни доаѓаат и однадвор… – како да поразмисли па, свесна и самата дека тоа воопшто не е доволно, продолжи: – А во Солун имав толку пријателки; со некои од нив сè уште се допишувам… – Сакаше да биде убедлива, да го убеди странецов, да се убеди себеси, но сфати дека е попусто, самата се прекина и го гледаше Бориса со широко отворени очи, небаре бара помош. А тој, како тоа да му беше навистина од првостепена важност, продолжи да инсистира: – Но вие, сепак, сте осамена, нели? И покрај сиве луѓе наоколу, нели? Во неговиот поглед, во гласот, во целото негово обраќање кон неа имаше нешто толку молбено и пријателско во исто време, што таа не можеше и натаму да му се спротивставува и некако сосема предавајќи се, со радост што наеднаш ја обзеде, можеше да проговори само едно: – Да… По ова и двајцата замолчеа и се занесоа секој во своите мисли спокојно, чувствувајќи дека каква било натамошна конверзација можеше само да го расипе она разбирање, што толку неочекувано се роди меѓу нив. Гостинот пак се сврти кон другите околу масата со учтива насмевка, кревајќи ја одвреме-навреме заедно со нив чашата со црвено вино, за која домаќинот се грижеше никогаш да не остане празна. Еленица седеше притивната на големиот стол сосема олабавена и среќна и тоа ја потсетуваше на празничните семејни вечери некогаш, кога возрасните ѝ дозволувале да остане подолго со нив, но набргу ја заборавале. А таа, по малку сонлива и мрзлива за да се труди да им го привлекува вниманието, се забавуваше посматрајќи ги тие лица околу масата, слушајќи ги нивните гласови без да допира до неа значењето на зборовите. Сепак, забележувајќи ги одвај воздржуваните знаци на нестрпливост кај своите браќа, Еленица со веселост помисли дека тие брзаат да ја завршат оваа празнична ноќ на некое друго место, во друштво на ергени или и на жени, за кои таа не се осмелуваше ни да размислува. Им се поднасмевнуваше по малку злобно во себе гледајќи го таткото како, дали од виното или од особено успешните зделки на патувањето, беше опфатен од прекумерна зборливост. Потоа бојазливо го префрли погледот накај странецот и, откако се увери дека и тој е повлечен некаде длабоко во свои мисли и не забележува ништо околу себе, почна спокојно да го проучува. На тоа лице, кое првин ѝ се виде толку младо, речиси момчешко, Еленица малку почудено почна да ги пронаоѓа знаците на годините. Дали на годините само? Без сомнение, тие сè уште беа некои триесетти. Но извесна одвај забележлива и дотолку повеќе трогателна истрошеност, истраданост, би се рекло, го беше оставила својот знак врз неговите фини, благородни црти. Со длабока заинтересираност таа се вгледуваше во ситните брчки околу очите, во синилото на неговиот којзнае каде одлутан поглед… И се чудеше на себеси, на таа своја смелост толку да се вгледува отворено, без страв да биде откриена, во лицето, во рацете, во ставата на еден непознат маж. И притоа да чувствува толку несфатлива блискост, доверба кон него?! Во стварноста ја врати татко ѝ , кој, конечно завршувајќи го своето говорење со некое нејасно мрморење, наеднаш се беше сепнал и решил да ја доврши конечно оваа малку одолжена вечера. Според обичајот, чорбаџи Ламбе секоја година спроти празникот ја даруваше прво челадта во куќата. И сега, на дадениот знак, сета таа домашна толпа беше веќе тука во близина и се втурна кон двокрилната врата откај претсобјето, засрамено застанувајќи, без да го пречекори прагот. Прво беа дарувани најмладите, чирачињата и помошниците, потоа жените – чорбаџи Ламбе ги даруваше строго придржувајќи се до годините, независно од положбата што ја заземаат во куќата – дали е поблизок или подалечен род или прислужничка-измеќарка. Откако сите тие со зборови на благодарност и благослови ја напуштија одајата, чорбаџи Ламбе им се обрна на своите три синови – кому модерен рачен часовник, кому златни копчиња со скапоцени камења за ракавите на кошулата, кому скапоцена игла за кравата им даде. Покрај тоа секому му тутна в раце по некоја крупна банкнота, за да му се најде за празникот. А тогаш, правејќи значителна пауза, подготвувајќи го со тоа вниманието на сите, со веќе несигурни движења, но трудејќи се да го изведе тоа театрално, извлече од внатрешниот џеб на празничното палто мало темно-сино кадифено кутиче. Го отвори полека и, како вистински познавач, држејќи го со само три прсти, ја подигна раката кон средината на масата да се капе во обилната светлина на големиот лустер, го подржа така малку за сите да можат добро да го видат, а потоа свечено ѝ го подаде на Еленица со патетичност на пијанството и заморот, што веќе сосема го беа совладале. Тој прстен веќе никогаш не го растураше својот блесок и сјај како онаа вечер под лустерот! За Еленица, пак, за која не претставуваа никаква новост скапите подароци од татка ѝ во ваквите пригоди, овој прстен, којзнае зошто, се беше здобил со посебно значење, небаре со него таа вечер ѝ бил даден некој знак; небаре ѝ бил укажан некој пат – пат кон судбината. МАРИНА 1. Веќе неколку часови возеше накај Крф, а сè уште не си беше расчистил докрај како дошло до тоа. Границата кај Битола ја мина уште рано изутрината и сега веќе беше навлегол длабоко во Епир. Од непрестајните кривини чувствуваше блага вртоглавица, но ја припишуваше на општата зашеметеност поради толку наврапито донесената одлука да тргне на ова патување. Сепак, општоземено, не се чувствуваше непријатно. Можеби, само длабоко во себе, малку зачудено. Уште до пред два дена Андреја и не помислуваше на такво нешто. А сега, ете… Патот го претрча верверица. Од левата страна се извиши суво дрво со расчаталени гранки, бели како изглодани коски со јасно видливи црни траги каде што удрила молњата. Помисли дека е убаво за фотографирање, но не му се сопираше на тоа место. Пред него се нижеа планински сртови и вршки, поредени во јасно одделени планови, речиси дводимензионално, како кулиси. Сè подолу и подолу пропаѓаше широкото суво корито на река, чии води сега, во почетокот на летото, се беа задржале уште само во длабоки модри вирови, обрастени со лопув. Огромни тркалезни камења во суводолицата толку силно блескотеа на сонцето, што просто заболуваа очите. Можеше ли воопшто некој да поверува дека зборовите на Марина ќе предизвикаат такво дејство, та тој да остави сè и така… На картата раширена на празното седиште покрај него мрсната жолта линија на автопатот ги исцртуваше своите сложени, налудничави шари врз кафената боја на планинските масиви. Никогаш досега не беше возел по овој пат. Го зачуди што наидува на толку малку возила, иако сезоната веќе беше започнала. Но тоа, од друга страна, и му се допаѓаше, зашто со својата „дијана“ инаку не би можел да вози толку рамномерно, усогласено со угорнините, без нагли кочења и напинања да додаде доволно гас. Гледајќи ја таа бела суводолица како сè подолу и подолу пропаѓа од патот, и огромните камења во неа, кои толку блескотат на сонцето, тој наеднаш сфати дека и тие, всушност, патуваат, патуваат како него – во ист правец. Само што сега тие се малку подзастанати, поземаат здив во очекување на силните есенски или пролетни порои, што ќе ги поместуваат уште и уште понатаму, кон крајната цел – морето. За морето сè уште немаше никакви навестувања во пејзажот, но ете, тој стана свесен дека тоа е присутно како крајна цел. И од таа мисла истрпна. За да ја ублажи, Андреја го именува во себе: „Јонско море“. Потоа повтори уште еднаш, сега гласно, тркалајќи ги слоговите внимателно по непцата и низ устата, како кога се проба ретко скапоцено вино. Но овие зборови сè уште беа затворени за него, не му го откриваа ни својот вкус, ни смисла. Само што се поткрена во него, како од некои тајни длабочини, и му го пресече здивот, онаа модра топка, со сосема неодредена, распливната форма, поврзана со тоа име уште од детството на некој таинствен, несознатлив начин. Сакајќи конечно да им стави крај, да расчисти со тие матни талози, што во него се беа напластиле не како сеќавање, туку како придушена болка, Андреја изговори на сет глас: „Јонско море“, – и се обиде да се концентрира на возењето. Но на патот и натаму беше сосема сам; кривините се нижеа, колата убаво налегнуваше со тркалата врз асфалтот, и пејзажот беше монотон со високите прави стебла на боровите што се вишеа во недоглед од двете страни. Тешко му беше да се помири со тоа дека Марина го поттурнала на овој чекор. Па нели беше толку природно тој и самиот да го преземе, како своја дамнешна желба, намера. Само што никогаш не му достасуваше време, не беше вистинскиот момент… А дали сега е токму тој вистински момент? Или, пак, е многу задоцнет, или последниот можен? Го разбеснуваше тоа што и Марина најверојатно размислувала за тоа токму на овој начин за да може толку решително, речиси дрско, да му пристапи на последниот наставно-научен совет и да му рече: – Ти уште ли се премислуваш? Па кога тоа ќе појдеш на Крф?! На колегите до кои допреа, овие зборови, за среќа, не им оставија некој посебен впечаток – та толку снобовски беше сега, наместо на плебејската Лептокарија или во Ставрос, летото да се помине на Крф! – освен, можеби, што тие беа изговорени толку сериозно, речиси строго. Но сите веќе одамна беа навикнале на тој чуден, недоречен однос меѓу него и Марина: ту студен и незаинтересиран, небаре одвај се познаваат или одвај се поднесуваат, ту, на моменти, премногу личен, со појава на некое ненадејно, речиси недозволиво вмешување во личниот живот, и тоа секогаш од страна на Марина, на што Андреја обично остануваше без збор, но некако покорно, без обид да ѝ го оспори правото на тоа. Јонско море – матна модрина, на која Андреја никако не сакаше да ѝ дозволи да се искачи до свеста; не до свеста! Исто како ни на длабоко запретаното сеќавање на онаа мачна болка измешана со незајазлив детски гнев, кога ќе наидеше на нагло прекинатите реченици, на значајните погледи надоврзани со бесмислени гестови на сите оние нагло остарени и огрдени Русинки, кои толку често почнаа да ја посетуваат мајка му во првите години по војната. Сите тие очаени, средовечни жени, кои војната ги остави сами, исплашени и беспомошни, наеднаш почнале да наоѓаат некаква утеха или потреба да доаѓаат кај мајка му Елена, сосема несфатливо зошто, наеднаш како да ја почувствувале блиска, речиси своја. Тие ја гушкаа сочувствено, ја нарекуваа „Леночка“ и „голубушка“, ја прекрстуваа благословувајќи ја на заминување, се прекрстуваа и себеси повеќе пати зачестено и ситно, небаре со тоа на некој подмолен, недозволив начин да сакаа да ја приграбат, да ја вовлечат во својата омрлушена, изветвена, шуплива судбина, од која што беа истекле сите животни сокови. Андреја и сега истрпнуваше од чувството на одбивност при сеќавањето на тие глетки, иако оттогаш многу работи му се беа разјасниле. Но како дванаесетгодишен момчак, со црвена шамија околу вратот, „карпушовец“, припадник на пионерската елита со сите петки во ученичката книшка и со цврста убеденост дека знае јасно да го распознава доброто од злото, полезното од штетното и одживеаното, тој ги вложуваше сите свои, сè уште нејаки, сили да ја оттргне мајка си, да ја ослободи од близината и влијанието на овие несреќни остатоци од нешто старо и неразбирливо, со природната детска одбивност спрема грдото и несреќното. И многу го чудеше тогаш што овие негови напори не наидуваат на целосна поддршка кај неа. Па нели тој добро знаеше дека таа ним никогаш не им припаѓала, а сега, пак, таа покажуваше сосема необјасниво, непростливо дури, колебање, нерешителност. Но и покрај сета своја одбивност, и кај него по нешто подначуено од тие таинствени доверувања, соопштувања на смешно измешан и осакатен македонско-српско-руски јазик, ќе му западнеше во свеста подлабоко, и, кога ќе останеше сам, препуштен обично на мечтаењата од пребогатата и мошне неселективна лектира, ќе предизвикуваше некакви чудни движења во душата. Така го беше случајно начул и името „Јонско море“, поточно, зборовите беа: „…остров во Јонското море“ и веднаш тогаш како да се беше зародила во неговите гради таа модра безоблична грутка, што Андреја мораше да ја носи и да ја потиснува целиот свој живот. На хоризонтот некој како со гума да ги бришеше планинските вршки една по една. Потоа, на ист начин почнаа да исчезнуваат и самите планини, како да ги гасне рефлектор. Најпосле се изгасна и сонцето и исчезна од пред очи дел од боровата шума. Патот го надвиснуваа сега збиените редови сосема темни дрвја. „Попаднав сам во црна шума“, – се обиде да се пошегува Андреја со себеси, позајмувајќи ја сликата од лектирата на својот син Игор, и веднаш речиси го почувствува зад себе, на задното седиште, тој свој неуморен палавко. И уште еднаш изненадено се штрекна од фактот дека е сам во колата, сам на тој пат по кој за првпат минува. Облакот отпрвин бел, а сега веќе темно-сив, се спушти на самиот пат. Врз предното стакло тропнаа и веднаш се распрснаа во мали експлозии првите крупни капки. Андреја несвесно замижа и си ја тргна главата наназад. Напред не се гледаше ништо, освен поцрнетиот асфалт неколку метри пред него. Но набргу и тој се замати од веќе неспирливите шурки дожд што се слеваа низ стаклото, правејќи ја работата на бришачите сосема бесполезна. Андреја заинтересирано ја посматраше оваа ненадејна ќуд на природата, но продолжи да вози; само малку подзабавено и повнимателно. „Дијана“ газеше тромо но сигурно и му влеваше доверба. Марина отсекогаш во неговиот живот беше некаде тука – видлива или невидлива. И отсекогаш тој се трудеше да се одбрани од неа, да постави меѓу нив некој засолн, некое сигурно растојание. Уште кога беа деца, иако врсници, таа покажуваше некаква предност во однос на него, како да поседуваше некое поголемо знаење, мудрост. И кога тој ќе се обидеше да ѝ се спротивстави, да даде отпор, испаѓаше безнадежно глуп и детски непромислен, зашто нејзините предлози и решенија секогаш беа јасни, логични и, на крајот, единствено можни. Марина ѝ припаѓаше на „онаа“, малку необичната, малку непријателска и не толку респектабилна страна – страната на татко му. Таму мајка му Елена, па и тој самиот, како уште мало дете, се појавуваа само повремено; всушност, мошне ретко; тие таму не припаѓаа. Тоа им беше јасно и на едните, и на другите, а татко му, таму почитуваниот, нежно саканиот и, уште повеќе, сожалуваниот Борис Андреевич Кузнецки, никогаш не престануваше да страда и да негодува поради тоа. И, на нему својствен, то ест жален и неуспешен, начин, непрестајно се трудеше да го поправи тоа. При секој нареден обид да ги внесе во тој посебен круг својата млада сопруга Елена, и својот мал Андрјуша, се постигнуваше токму спротивното: разликата само се потенцираше – тие беа непоправливо инакви, туѓи. Не помагаше тука ни претераната љубезност со којашто беа пречекувани тие двајцата, ни топлите прегратки, ни премногу слатките бакнежи од кои Елена остануваше некако сосема збунета, а Андреја си ги бришеше образите и бегаше во најблиското засолниште. Се разбира, при сите овие средби секогаш беше присутна и Марина, тоа мало црнокосо девојче со необични ококорени сиви, восхитувачки очи. Таа ќе застанеше наеднаш скаменета и малку понастрана од сите, зачудена но и со очигледно уживање во таа глетка во која сите толку многу се трудеа, како во театар, за, откако ќе го оцени вистинскиот миг, кога Андреја веќе беше сосема подготвен да бликне во плач од претераните гушкања и милувања на сите тие наконтени, задушливо намирисани и непредвидливи дами, решително да му пријде, да го фати за рака и да го одвлечка некаде со себе. Дождот престануваше нагло, исто како што и беше започнал. Под сонцето што проблеснуваше на места, низ веќе распарчените облаци, боровите и елите над патот се искреа и трепереа небаре штотуку родени. Таа обновеност на пејзажот, ненадејната свежина што дојде како неочекуван подарок во тој уште од изутрината претопол ден, како да го разбудија Андреја. Тој сосема го намали гасот и почна да бара проширување на патот за да застане со колата. Застана и го изгасна моторот. Ги одлепи рацете од размекнатата пластична обвивка на воланот, ја отвори ширум вратата од колата. Го преплави бран неочекувано остар воздух. Тој мрзеливо се протегна во седиштето. Телото сè уште како да се опираше на промената на положбата, глуждовите беа омлитавени од долгото седење. Требаше време за неговото тело да сфати дека сега тоа треба да го преземе движењето. За миг како да се поколеба; ја разгледа уште еднаш картата и го прелиста водичот. Конечно излезе од колата и, во истиот миг, почувствува остра глад. Се поврати кон кесето со сендвичи завиткани во фолија од станиол, што толку грижливо му ги беше подготвила Вера, но веднаш се премисли. Уште пред да загризе тој се сети на нивната глекавост и наполно загубениот вкус од долгото стоење во загреаната кола, толку познат од нивните досегашни заеднички летни патувања, и ги врати во колата. Небаре со надеж дека ќе најде нешто попривлечно за јадење, повкусно, почна да ја разгледува околината со испитувачки поглед; но никаде на видикот не можеше да здогледа ни јагне како се врти на ражен, ниту пак да го намириса толку наеднаш силно прижелкуваниот, занесен и божествен чад на скара. Никаде немаше ни село, ни куќа, ни макар некој покрив од шупа или бензинска пумпа. Автопатот како со нож ги пресечуваше тие густи елови шуми и, освен нив, никаде наоколу немаше апсолутно ништо. Во тревата на работ на патот, под самите ели, Андреја здогледа плодови на шумски јаготки. Едри, штотуку измиени од дождот, тие како да му се нудеа самите. Тој навлезе во мократа трева, се наведна и набра грст. Како од фишек ги истури во широко растворената уста. Ладникава трпкава сладост се полеа низ неговото грло. И, како да не го допрела воопшто стомакот, таа се проби до ‘рбетникот, до слабините, надолу низ нозете до самите прсти, кои ги натера да истрпнат. Почувствува некаква јанѕа, некаква желба на телото, панично силна, но на која не можеше да ѝ го определи местото. Токму како што му се случувало тоа во раната момчешка возраст. Прошета по работ на патот сè уште не знаејќи што да преземе. Засолнувајќи се, за секој случај, зад една повисока грмушка, застана да мокри. Прскаа златни капки по сè уште наросените лисја и тревки, се судираа и се распрснуваа. Го развесели оваа глетка, но до повидливо олеснување не дојде. Некоја намовнатост, полунадразнетост на телото, упорно го вознемируваше. Андреја стоеше така покрај патот зачуден. Па тој беше маж веќе добро навлезен во педесеттите, а не некој недозреан момчак. Кој ли му ги местеше сега ваквите изненадувања?! Изнервирано се врати во сè уште топлата школка на својата кола, се смести удобно во неа, го вклучи моторот и тргна. Колкава тоа моќ и од каде ја имаше Марина врз неговиот живот? Тие, би се рекло, не беа блиски, не беа другари ни во самото детство. Самите околности на нивните средби, имајќи ја предвид целата неприродност и невозможност на ситуацијата што ја создаваа возрасните без нивна вина, не го дозволуваа тоа. А ни сите оние вмешувања во неговиот живот, толку на место и често неопходни, Марина како да не ги извршуваше заради него лично. Таа дури и како да го игнорираше по малку него. А тогаш – заради кого? Нејзиниот поглед секогаш како да беше вперен во некој зад него, некој невидлив. И тоа – многу подостоен за таквите нејзини грижи, повисокопоставен. Андреја често беше склон да поверува дека токму овој факт беше она што го повредуваше и дури создаваше речиси обострана одбојност во нивните односи. Веројатно затоа тој секогаш одбегнуваше да ја гледа како жена. Дури ни уште тогаш во гимназија или на корзо кога нејзините ненадејни приоѓања и кратки но доверливи разговори предизвикуваа толкава завист кај неговите врсници. Па таа беше толку несекојдневно, толку занесно, свесно за својата супериорност, девојче, што секој посакуваше макар и најмало внимание од неа! За разлика од него, Марина имаше татко. Тој беше инженер и градеше пруги. Тоа го правеше пред војната, а толку пруги беа разурнати и уште недоизградени по војната, што тој веднаш стана многу баран, полезен и почитуван кадар и во новото повоено општество. Мајка ѝ , исто така, бргу се вклопи и, во повторно отвореното музичко училиште, почна да ги учи малите талентирани пролетерски девојчиња да свират пиано. Во семејството на Марина немаше ништо прикриено, немаше недоречености, тајни. Кај Андреја беше поинаку. Неговиот татко, белиот руски офицер Борис Андреевич Кузнецки, беше таинствено исчезнат во првите години на војната. А кога нејзиниот исход веќе на сите им беше станал јасен, неговото име наеднаш престана да се спомнува гласно и, кога заврши војната, веќе не се спомнуваше никако, дури ни дома. Веднаш по војната мајка му Елена живееше од скудната помош на нејзините не многу дарежливи браќа, но и тоа траеше кратко, зашто и ним, како на чорбаџиски синови а и самите познати трговци-гросисти, мошне бргу сиот имот им беше конфискуван, а тие ставени в затвор. Тогаш Андреја почна да ги затечува дома тие нагло огрдени руски дами, кои некако ненадејно почнаа да ја сметаат мајка му за своја, да ја викаат „голубушка“ и „Леночка“, а нему толку му се мачеше од нив. Тогаш, на неговата сè уште детска возраст, не му беше достапно да сфати, а од него и се скриваше дека тие, при секое свое доаѓање, во четири очи, ги отворале пред мајка му своите старомодни и изветвени чантички, што ги нарекуваа со смешно име „ридикјуљчики“ и, завиткани во парталчиња извалкани од кармин и пудра, со тешки стари наталожени мириси, со растреперени раце ѝ ги подаваа на Елена своите последни скапоцености: белегзици, прстени, брошки, обетки и оние необични руски скапоцени привесоци-јајца од злато, емајл и скапоцени камења, од кои најтешко се одделуваа, велејќи ѝ : што ќе добиеш – „пополам“, а кога таа се обидуваше да одбие, додаваа: па и на тебе ти требаат пари „голубушка“, со што ќе го нахраниш Андрјуша? И, ја прекрстуваа на заминување. Тој не можеше да знае дека мајка му, преку својата драгоцена врска – другарката од францускиот колеж во Солун, а тогаш жена на генерал на новата партизанска војска, со мошне развиени врски во највисоките кругови на власта, ги пласира овие драгоцености, кои веќе станале толку барани меѓу жените во државниот врв во Белград. Во Скопје пролетерските другарки во тоа време сè уште беа зафатени со решавање на основните егзистенцијални проблеми, со опремување на своите штотуку добиени куќи и станови од бесплатните магацини со конфискуван мебел и покуќнина. Накитот на „белите“ Руси беше мошне ексклузивен и редок, но требаше уште многу време за тие тоа да го сфатат. Андреја не размислуваше тогаш како и од каде мајка му му ги обезбедува оние ситни грошови за тетратки и моливи, книги тогаш и немаше, за скромните и превкусни слатки, понекогаш, во слаткарницата „Пчела“, веднаш наспроти неговото училиште „Гоце Делчев“; за по некое одење на кино. На таа возраст и во тие времиња не се поставуваа многу прашања. А подоцна, кога дојде време и за тоа, некој од министерството се беше сетил дека им треба човек што знае да пишува и да чита на француски, па така на мајка му ѝ било понудено скромното место „дактилограф со познавање на странски јазик“, зашто таа и немала биографија за нешто повисоко, нели? Така и неговата мајка, Елена Кузнецка, стана на свој начин полезен и потребен член на новото општество, а Андреја во многубројните школски анкети престана да го одговара она најтешкото: „Татко исчезнат во војната“, туку: „Има само мајка, по име Елена Кузнецка, по народност Македонка, службеничка во Министерството“. На некој чудесен начин тоа подејствува да престанат да го гледаат така напроќи пионерските раководители и поактивните и посвесни другари, а наставниците воздржано и сожаливо. Неговата невоообичаена за овие простори светло руса коса и сини очи, неговата облека, преправена од татковата гардероба од скапи материјали, неговото необично „учтиво и воспитано“ однесување, како да добија нова вредност. А натпросечните знаења и способности, што сè повеќе доаѓаа до израз, конечно го зацврстија неговиот углед. Поддршката на Марина веќе како да не му беше неопходна во ова време, но таа, како негова соученичка во истото одделение, не престануваше будно да го набљудува. И да се замешува. Така, кога наставничката го прозва од дневникот како Андреја Кузнески, и тој сакаше да ја поправи, да каже дека неговото правилно име е Андреј Кузнецки, Марина мошне навремено интервенира кај него да ја спушти веќе кренатата рака и да му дошепне: „Немој, така ќе биде подобро!“. И навистина, така подобро поминуваше, без дополнителни и скокотливи прашања, како кај наставниците, а уште повеќе кај младинските раководители кои, и да подзапреа малку кај првиот дел од презимето – што ли тоа може да значи Кузне-, не би ли било подобро да биде Кузе-, наполно се смируваа кај наставката –ски, која многумина тогаш ја додаваа на своето презиме. Дури на факултет, кога времето стана многу поразбрано и потолерантно, Андреја си го врати презимето Кузнецки. Марина се беше вмешала така наеднаш и кога тој веќе беше подготвен да ја поднесе молбата за членство во Партија, веднаш штом беше избран за асистент. Тој тоа не го стори поради некој свој ненадејно појавен политички ентузијазам, туку зашто на многумина им било чудно што покрај неговите стручни квалитети не се истакнува и соодветната политичка активност. Таа, очигледно не сакајќи да го повредува, сепак му рече: „Можеби не би било упатно, кога ќе поднесуваш молба, да обелоденуваш одново некои детали од твојата биографија“, – и побрза со предлогот: „Поднеси молба за Фулбрајтова стипендија, слушнав дека немало сериозни кандидати“. И, за чудо, оваа стипендија навистина ја доби тој. А кога се врати, актуелноста за поднесување на онаа друга молба како да беше спласнала. Тој беше прифатен и универзитетската кариера му се одвиваше главно мирно и сигурно. Но Андреја беше длабоко потресен од сознанието колку беа полезни, дури и судбоносни тие вмешувања на Марина. Тоа беше уште еднаш потврдено, сега веќе на сосема неочекуван начин, кога ја беше сретнал Вера и кога на сите им стана јасна сериозноста на нивната врска. И тогаш Марина му пристапи некаде во ходникот на факултетот, подалеку од некој непожелен љубопитник, и сосема сериозно му рече: „Таа е добра девојка за тебе, немој да ја испуштиш!“ При што во нејзините очи овојпат ја немаше онаа вообичаена по малку критична подбивност, со која што го гледаше при ваквите средби, а ни каква и да било трага од сосема можната љубомора или завист; зашто таа нели сè уште беше немажена, а и не беше познато дека има некоја врска, така што за многумина колеги тие претставуваа некаква чудна, но сепак можна двојка. А ете и сега на последниот наставно-научен совет ова лето… 2. Прво се појави големото езеро долу, од левата страна на патот; огледално мазно, можеби, поради веќе сосема ниското сонце, некако непријателски рамнодушно спрема градот, кој се издигаше од самата негова површина и како ладало се ширеше на ридот над него. Откај патот сè изгледаше пусто, безживотно, небаре наеднаш изнурнато од некое старо сеќавање. „Јанина – Али-паша Јанински“, – изговори речиси гласно Андреја, за со расчленувањето на овие зборови да се размрда некако, да ја направи стварна оваа глетка што се отвораше пред него. Но на самото влегување во градот мораше да ги истресе од себеси сите овие заталкани мисли и целото внимание да го посвети на возењето, зашто сообраќајот беше густ и хаотичен во ова време на денот. Препуштајќи ѝ се на колоната со задоволство сфати дека таа го носи во самиот центар и почувствува големо олеснување кога на голем, веројатно централен, градски плоштад, меѓу многубројни паркирани автомобили пред една очигледно јавна зграда здогледа место каде што можеше да се вдене со својата „дијана“. Се паркира и се извлече од колата. Си ја зеде торбата од задното седиште и со малку несигурни, сè уште вкочанети чекори, го пресече плоштадот. Во свеста сè уште му течеше кривулестата линија на патот. Вревата на улиците, во кои почнаа да се палат светилките, врелината што не покажуваше никаква готовност на попуштање пред надоаѓањето на ноќта, уште повеќе ја засилија неговата замелушеност. Без да гледа наоколу, без да ги испитува правците на непознатиот град, Андреја навлезе во првата уличка што се отвори пред него и со задоволство забележа дека преку целата нејзина неголема должина веќе блескаат неонски фирми на хотели. Без да се двоуми, влезе во првиот. – Еднокреветна соба со туш! – му рече тој кратко на англиски на човекот од рецепцијата, чии контури одвај се наѕираа во згуснатиот примрак на тесниот простор, над кој сенишно пролетуваа големите крила на вентилаторот. Нема климатизација, му пролета низ главата, но тоа како да не беше доволно силна причина за да оди и да бара друг хотел. – Имаме, господине. Сакате да ја погледнете? Како низ сон ја чу Андреја вообичаената реченица, но со одмавнување на рака покажа дека нема потреба, го подаде пасошот и натаму без збор го зеде клучот и тргна накај скалите. – Лифтот е онаму, господине. Соба 407, веднаш кога ќе скршнете кај скалите! – сосема навремено му дофрли службеникот. „Добар знак“ – размислуваше Андреја веќе во лифтот загледувајќи го бројот. Седумката ја сакаше, си замислуваше дека му носи среќа. Во собата успеа да забележи дека единствениот прозорец во неа гледа накај некакви внатрешни дворови, што гарантираше извесна заштитеност од ноќната врева на улицата и тоа му се допадна, и тој, онака како што беше, сè уште дури и со торбата в раце, се спушти на широкиот кревет и се испружи наполно олабавен. Од сон или од занес, но во секој случај мошне пријатно опуштен, Андреја се сепна наеднаш речиси сосема ослободен од сите оние недоумици и запрашаности што го измачуваа последните денови. По жестокото туширање со сосема студена вода, пријатно наежавен, не бришејќи ги крупните капки што му се беа задржале на некои, особено на влакнестите, места низ телото, распрнувајќи ги немилосрдно на сите страни, тој излезе од бањата. Ги извлече од торбата, меко спуштена на подот покрај самиот кревет, неопходните ситници. Навлече чиста маица и, правејќи го тоа пред големото огледало на ѕидот, го изгледа критички малку здебелениот стомак. Но, кога ги навлече тесните фармерки, беше речиси задоволен од општиот впечаток. Изгледаше сè уште цврсто. Русата коса, навистина, му беше малку прошарена со бели перчиња, но, бидејќи сè уште не беше никаде проретчена, не изгледаше лошо. Малку ја разбушави со рака, ги измазни веѓите, го вовлече стомакот и, можеби намерно извлекувајќи премногу поволни заклучоци, се обиде да го држи колку што е можно подалеку од себеси чувството на тегобност што се подаваше од секој агол на оваа, тесна како ќелија, еднокреветна соба. Се стрча низ скалите, не сакајќи да го користи лифтот, и со гимнастички чекор мина покрај рецепцијата, оставајќи го клучот без да запре, и веднаш се најде среде турканицата од младичи и девојки, насобрани пред слаткарницата на веќе познатиот плоштад. „Ги немаше пред малку, та затоа не ја забележав ни слаткарницава“ – заклучи логично Андреја и со поглед побара некоја маса надвор. Но попусто. Младите седеа и стоеја наоколу во јата, видливо претерувајќи во своето слободно однесување. „Момчиња и девојки што цел ден се кршат од љубезност од зад некоја тезга“, – со сочувствена иронија констатира Андреја. Почувствува силна желба да се напие кафе и, провлекувајќи се со напор помеѓу нив, влезе внатре. Под јакото осветление блескотеше белиот мермер на масичките, покрај кои не седеше никој. Над нив огромен вентилатор мавташе со своите крила, но попусто – не успеваше ни да го помрдне згуснатиот топол воздух. Блескавиот хромиран апарат за еспресо веднаш му го привлече вниманието. „Еве го првиот знак“, – си рече со одвај забележливо истрпнување на срцето. – „Западен брег, Јонско море, Италија, Европа во близина!“ И самиот се изненади од овој логичен след кој, укажувајќи на нему веќе добро знајните европски навики и погодности, беше во суштинска спротивност со она апсолутна неизвесност што се раѓаше уште пред малку во него со претставата за Јонскотата страна. Тоа некако го смири и охрабри. На момчето што му притрча пргаво, без онаа ориентална подзабавеност, Андреја му порача: – Двојно еспресо, ве молам, – и додаде: – Кратко! – љубопитен дали ќе биде разбран. Малку претерувајќи во одушевувањето, уште кога го виде на подавалникот филџанот со вистинско „кратко“ еспресо и згора на тоа сосема замаглената чаша со студена вода, си честита на себеси за преѓешната констатација. Остави на масата поголем бакшиш и, со малку несигурен од поради, како што му се стори, ироничните погледи на момчињата и девојчињата, меѓу кои уште еднаш мораше да се пробива, се упати кон пешачкиот премин што го пресечуваше плоштадот. Ја виде својата „дијана“ десетина метри подалеку, меѓу другите паркирани коли, и почувствува несовладлива желба да се засолни пак во сигурноста на нејзината школка, но сосема здраворазумски заклучи дека не би знаел каде сега да вози. Можеби да си одбере некој добар ресторан покрај езерото? Но нозете самите како да скршнаа кон тротоарот на широката улица што се отвораше лево, надолу од плоштадот. Извесноста дека тука некаде, невидлива во мракот на ноќта, се простира таа вода на езерото со својата свежина и миризба на трски и други водни растенија, го тераше да оди напосоки низ улицата. Сè уште го замислуваше во себе тој толку прижелкуван ресторан што го чека долу, во некоја летна градина на брегот, со келнери облечени во црно кои прават елегантни, речиси танчерски чекори меѓу масите во такт на некоја дискретна, романтична музика. „Можеби од виолина…“ си помисли. „Сосе виолинистот кој исто така шета од маса до маса, наведнувајќи се над секој гостин небаре е тука само заради него…“ продолжуваше да се занесува Андреја забрзувајќи го својот чекор надолу, но наеднаш се пресече зачудено: „Па каде го има тоа денес и зошто, откако стигнав тука, постојано очекувам нешто од некоја далечна приказна, која, можеби, никогаш и не била моја?“ Улицата се покажа подолга отколку што претпоставуваше и тој толку пожелно баран излез кон езерото неочекувано се одлагаше. Тогаш Андреја почна да обрнува внимание на турканицата низ која минуваше, на блескаво осветлените излози со сребрени садови и апарати за домаќинство, со скапа конфекција и накит. Турканицата ја зголемуваа уличните колички со свеж зеленчук и овошје, а и онака сè уште тешкиот врел воздух се згуснуваше од секаде присутната миризба на печено месо и зачинети јадења, што допираше од малите, одвај забележливи таверни. Чекорите му стануваа веќе сè понервозни, грубите судири со минувачите, кои не можеше да ги избегне поради нивното постојано и ненадејно запирање, влегување и излегување од дуќаните, непријатно го повредуваа. Стомакот се грчеше неподносливо од долго потиснуваната, но сега нагло пробудената глад. Речиси без никакво учество на свеста Андреја наеднаш како прикован застана пред глетката што во тој миг му ги беше избришала сите мисли од главата; таверната во која се влегуваше низ две-три скалила надолу, во својот излог, некаде на нивото на неговите колена, му го нудеше својот раскошен избор: тави и чинии со мезиња, салати и јадења од модри патлиџани, бамји, тиквички, сарми, компири, меса и од уште некои непознати или непрепознатливи зеленчуци. Сето тоа толку јадливо, хранливо, повикувачки! Напуштајќи ги наеднаш сите свои планови за отмена вечера во овој град, Андреја слезе долу во неголемиот простор на ресторанот и, како единствен гостин, зашто времето за вечера беше поодминато, се најде под ударот на сето внимание на љубезниот газда. Полничкиот, повозрасен, не многу чисто облечен човек со замастено лице и коса, истовремено му го подаваше столот, ја бришеше мушамата на масичката со сунѓер и речиси се распливнуваше од среќа додека ги бележеше порачките на овој гостин. Секавично на масата се створија неколку чиничиња салати и мезиња, неколку јадења од зеленчуци, меса. Андреја се сети на вино дури откако ја задоволи првата глад, а на масата сè уште беше останата доволно храна за едно посмирено и подолготрајно уживање. Побара рецина. Дотогаш толку одушевен, газдата наеднаш доби навреден израз. – Рецина овде не служиме, господине. – Рече тој со таков тон, што Андреја првин помисли на некое недоразбирање во врска со категоријата на локалот, но, откако збунето го изгледа повеќе од скромниот амбиент околу себе, сфати дека забелешката мора да се однесува пошироко, на просторот сфатен географски. Беше очигледно дека странецот, што досега го имал запознаено само простиот трговски и земјоделски егејски крај, би требало да ја добие поуката за отменоста на јонскиот. По малку засрамен поради своето незнаење, и за да ја врати преѓешната љубезност на газдата, која наеднаш му се стори толку неопходна, Андреја го замоли: – Предложете ми го тогаш вие најдоброто вино што се пие во овој крај! Газдата, одвај што ја слушна молбата, се скри некаде зад шанкот и, по извесно буричкање и доста грубо тропање со стаклата на шишињата во големиот сандак-ладилник, се појави со едно, носејќи го триумфално високо во рака, небаре има да понуди некоја вистинска реткост. – „Санта Елена“, – извика тој гласно, отворајќи го свечено шишето и налевајќи му на гостинот во ниската проста чаша прво една мала голтка, колку за проба. Андреја го зачуди првин ова однесување според еден многу повисок стандард отколку што би можел да се очекува во една ваква акчилница но тоа и сосема го расположи. Прифаќајќи ја играта, со наместено сериозен и продлабочен израз сркна од чашата, ја задржа и ја проматка голтката вино низ устата и, откако ја голтна блажено со замижани очи, со одобрување му ја подаде чашата да се наполни докрај. Кога му ја наполни, газдата го остави шишето на маса, а самиот остана да стои тука во близина. Андреја ја испи до дно добро разладената течност и, гонет од долго придушуваната жед, веднаш испи уште една чаша, а кога ја наполни и третата, успеа да го почувствува вкусот и сфати дека тоа и не било некое особено вино. Сосема стандардно, всушност, нешто одвај повисоко, можеби, од популарната рецина. Меѓутоа газдата, кој покажуваше голема заинтересираност за однесувањето на својот задоцнет гостин, се обиде да го охрабри да продолжи и понатаму: – Пијте, господине. Многу е убаво… – И одново со посебен патос го изговори името: – „Санта Елена“… овде го пијат сите… то ест, сите господа! Андреја нешто го штрекна. Тој го загледа внимателно замагленото стакло на шишето и пак некаква грутка како да почна да му нараснува во градите: „Санта Елена“ пишуваше на етикетата покрај слика на жена во живописна ориентална облека. Црвот на носталгијата, на старата необјаснива тегобност почна да му длаби во мозокот, веќе малку зашеметен од нагло испиеното вино. Тоа име потсетуваше… силно, болно потсетуваше на: прогонство, напуштеност, осаменост… на пораз… на… чувство на вина… Несвесно продолжи да пие и со одобрување го прифати и второто шише, што газдата незабележливо му го беше ставил на маса. Го покани и газдата. Овој со готовност си донесе чаша и седна наспроти него. Овој пат Андреја ги наполни и двете чаши. Наздравија, ги испија. Андреја подзапре за да ги присобере во главата сите зборови што ги знаеше на грчки за да заврзе макар некаков разговор, но не се сети на ништо освен да рече: – Убава Света Елена! – О, многу убава, многу убава… – извика одушевено газдата, и тој не довршувајќи ја реченицата и искривувајќи ги зборовите малку на странски, небаре охрабрувајќи го со тоа гостинот да продолжи. На Андреја тоа му се допадна и затоа додаде: – Убаво Јанина!.. – Убаво, многу убаво Јанина… – повтори и газдата. Откако мешајќи ги меѓу себе гласовите неколку пати ги повторија неразбирливо овие неколку збора, запраа и двајцата, од срце се изнасмејаа и веќе не правеа обиди за разговор. Се погледнуваа само, си подмигнуваа и се кикотеа како стари пријатели, а на масата се изнаредија и се испразнија уште две-три шишиња. Оваа неочекувана веселба ја прекинаа млади туристи со ранци што во бучна група се струполија низ скалите. Газдата, добивајќи го повторно својот професионално услужен израз, скокна и се разлета низ локалот, сместувајќи ги и служејќи ги новите гости. Сам пред масата на којашто сè уште се наоѓаа непријатните остатоци од недамнешната гозба, Андреја се обидуваше да си го прибере погледот, кој против негова волја се распливнуваше наоколу. Стана наеднаш свесен дека му се мати во главата, во стомакот, а миризбите од јадењата му станаа неподносливи. Ја побара сметката и, изговарајќи ги зборовите: – Санта Елена, – наместо поздрав на газдата, кој соучеснички, но веќе воздржано му се насмевна, со несигурни чекори тргна кон излезот. Откако изнурна од не многу широкиот излез на ресторанчето, што беше под нивото на улицата, надвор го пречека веќе сосема поинаква глетка. Онаа развревена толпа ја немаше, а силно беа осветлени уште само празните продавници за накит и сувенири, во очекување да намине уште некој задоцнет турист. Уличните продавачи на овошје и зеленчук забрзано ги прибираа сандаците, блага свежина повеваше оддолу, од некое дно што не се гледаше, од езерото, веројатно, коешто така и остана недосегнато. Со отежнати раце и нозе, тетеравејќи се малку во почетокот, додека не се присобра и не ја поврати стабилноста, Андреја постоја малку нерешително. Вниманието му го привлече сè уште отворената антикварница од спротивната страна, пред која газдата стоеше и разговараше со некои момчиња. Некакви стари и, видено оддалеку, чудни предмети беа изложени директно на тротоарот. Андреја ја премина улицата и застана малку штрекнат: огромни напукнати чинии со крупни цветни шари во сина боја, сосема позеленети од времето предмети од бакар – саани, ибрици, газиени ламби со огледалца од едната страна, искршени делови од лустери, од закачалки или којзнае од што, се издвојуваа меѓу куповите безвредни ветошини. Но зошто него го привлече и го возбуди сега оваа глетка? Та тие огромни чинии, натрупани со големи парчиња зелници и баници; тие саани, добро исчистени, светнати, од под чиишто капаци се шират миризби од посни јании и манџи; тие лустери што надвиснуваат над голема празнична трпеза, не припаѓаа на нешто што го беше видел со свои очи. Ги паметеше само исто ваквите напукнати парчиња, оксидирани искршоци, никому потребни старудии оставени на таванот од дедовата куќа во Битола. Тоа мајка му, Елена, единствената ќерка на видниот битолски трговец-чорбаџија хаџи-Ламбе Сотиров, ги имала пред очи токму таквите глетки, кога којзнае по кој пат ја раскажуваше својата животна приказна. Мајка му Елена, „Света Елена“ се пошегува во себе со горчлива иронија, но веднаш се сневесели. И, кога газдата од старинарницата, прелажан од неговата заинтересираност, ги остави набрзина момчињата и му пријде, Андреја првин се исплаши, но веднаш се снајде – се засолни зад изразот на површно загледан минувач-турист, кој и самиот како да не знае што бара во таа безоблична мешаница. Продавачот настојчиво го покани внатре и, на добар англиски, му рече дека тука, всушност, има работи што можат да го интересираат, нудејќи му „стари“ пиштоли, ками, фишеклии со богати ориентални орнаменти. Андреја ги поддржа по малку в раце секој од овие понудени предмети, колку да ја искористи можноста да поразговара на јазик што и обајцата го разбираат, но набргу му здодеа и тој нагло прекина: – Знам дека се лажни, – рече. – Ги произведуваат во Турција, на тони… И, не давајќи му време на антикварот да протестира и да го убедува во спротивното, тој решително излезе и зачекори по улицата, нагоре, накај хотелот, напуштајќи ја сосема намерата да се симнува до езерото. Тие огромни чинии од дебел порцелан, предвидени да понесат тешки товари храна, празнична, заруменета, светликава од штедро прелеаните масла, миризлива… толку ја разгоруваа неговата фантазија, толку ги надразнуваа неговите сетила, што тој – слаб, нагло израснат момчак – запаѓаше во состојба на речиси трескавично треперење, онаму на таванот на дедо му, тогаш, во гладните повоени години. Тие беа сведоштва за еден среќен и обилен но засекогаш загубен, веќе сосема невозможен, неповратен свет и нивниот беден изглед – дебели наслојки прав низ кој грубо се оцртуваат црните линии на пукнатините – само го потврдуваше тоа. Се почуди зошто сето тоа мораше да му биде вратено во овој миг, но успеа да се ослободи од оваа и од секоја друга поодредена мисла. Силно осветлените излози, без луѓе наоколу, оставаа некој нестварен впечаток. Сè уште густата, задушлива миризба на скара и гиро од малите ресторанчиња, исполнети со млади туристи што бараат ефтина храна, го исполнуваше со мачнина. Андреја го забрза чекорот, иако враќањето во таа самечка, тесна и веројатно исто толку задушлива хотелска соба сакаше да го одложи по секоја цена. Сè излезе некако бесмислено. Наместо очекуваната пријатна вечера со бавно и свечено послужување и некое одбрано вино, тој дозволи така набрзина да се засити, да се напие, и сега веќе не му беше до ништо. Одеше и незаинтересирано зјапаше во излозите со накит. И затоа му беше толку тешко подоцна да си објасни како тоа и зошто наеднаш се нашол застанат пред еден таков излог, загледан, небаре бара нешто одредено меѓу тие стотици светликави предмети. Гледаше и не ги забележуваше поединостите. Сè блескотеше, сè поигруваше во неговите очи, сè се слеваше. Но тој беше стрплив како човек што пред малку погледнал во сонцето и чека да му се разбистри видот. И навистина, небаре конечно прогледал, небаре некој го насочил, го сопре погледот: во самиот агол на излогот, во вториот ред оддолу, на мал постамент од модар плиш беше изложен тој – голем, безмалку несмасен, прстен со старинска изработка. Врз како тантела изработената подлога од бело злато беа насадени мали парчиња дијаманти, а во средината таинствено трепкаше голем син камен. Аквамарин. Капка длабоко синило. Топка што се шири и распливнува во неговите гради. Јонско море… „Кога од трпезата веќе беа однесени чиниите, сааните и тепсиите од бадниковата празнична вечера, и кога жените веќе ги поставуваа смоквите, урмите, оревите, леблебиите измешани со суво грозје, а мажите си го допиваа виното од светликавите кристални чаши, тој, веќе поднапиен, но и со некаков нов, речиси предизвикувачки блескот во очите и со движења што по малку излегуваа од контрола, посегна во џебот и го извади кутичето и, откако го принесе под самиот голем лустер што висеше над масата, го отвори. Од модро кадифената внатрешност на кутичето блесна како бенгалска искра еве овој прстен, „ – покажуваше Елена, додека Андреја, уште сосема мало дете, се свиткуваше што поудобно во нејзиниот скут и секојпат, полусонливо, полублажено, ја слушаше оваа приказна, оваа бадникова „зимска бајка“, која Елена, сета притисната од своите осаменички години, имаше обичај да ја раскажува на по некоја своја пријателка. Да, нема сомнение, тоа беше истиот тој прстен, или, поточно речено исто таков. А можеби, што да не, направен и од иста рака. Та нели, според приказната на Елена, тој бил донесен од Јанина! Чудно – пред толку години! Од замисленоста го оттргна група млади и не многу чисти русокоси туристки, што со весел џагор го загледаа во лицето. „Мислат дека сум пијан. А, можеби, и некој опасен манијак… Дали им изгледам опасно на младиве девојки?“ – се праша. Тргна, го забрза чекорот и лесно ќе ги престигнеше, но помисли дека може и навистина да ги исплаши, па премина на спротивниот тротоар. Тоа го одведе на другиот, уште непознат крај на плоштадот. Заобиколувајќи го, тој се вгледуваше во темнината на уличките што се спуштаа од него надолу, понекогаш многу стрмно, понекогаш и со скали. Беше јасно дека секое спуштање мора да води кон езерото, но, наспроти секоја логика, тој никаде не можеше ни оддалеку да наѕре некој блесок на вода. Се сети на својот впечаток на одделеноста, на рамнодушноста на тоа езеро спрема градот, уште кога го беше здогледал од автопатот. Се откажа од натамошни обиди да го пронајде и на крајот сепак мораше да се упати во познатиот правец – кон својот хотел. Осветлената слаткарница се гледаше оддалеку. Но кога се приближи, Андреја виде дека таа е речиси празна. „Каде ли исчезна наеднаш сета онаа толпа?“ – се праша. Го погледна часовникот и тогаш се сети: разлика во времето, се разбира! Како да поправа некој мошне значаен превид, тој грижливо ги помести стрелките на својот часовник два часа понапред. Виде дека сега полноќта веќе минала, но и натаму го ужаснуваше мислата да се прибере на спиење, па влезе во слаткарницата. Во неа, околу две-три споени масички седеше некое задоцнето друштво младичи и девојки собрани очигледно по некој посебен повод. Во нивните чаши имаше недопиен некаков црвен алкохол со многу мраз и тие беа доста бучни. Уште два-тројца повозрасни мажи седеа секој на посебна масичка покрај високи тесни чаши со метакса. Кога влегуваше, Андреја имаше намера да се напие само едно кафе, но ова му даде идеја: со коњак може да се седи подолго, а и полесно се заспива. Си одбра масичка до која допираше најмногу ладовината од веќе полеаната улица и порача двојна метакса. Момчето што послужуваше како да го беше запаметило и, со посебна услужливост, му го донесе и шишето за да му ја покаже етикетата со седум ѕвезди и му налеа во високата тесна чаша. Покрај пијалакот на мало сребрено чиниче му остави неколку чоколадни бонбони во старинска фина обвивка. Андреја ги погледна со чудење и наеднаш утврди дека и тие му се премногу познати. Колку добро ги паметеше тој од детството! Не од она подоцнежното; туку од пред војната. Ги добиваше ретко; му ги донесуваа од некаде. Така и ги запамети: како нешто ретко, како знак само на некои бележити моменти од детството; а подоцна веќе никогаш не ги беше видел. Горчливиот вкус на чоколадата постепено се раствораше во устата и се разложуваше во неколку други, попитоми: го препознаваше пржениот лешник, зашеќерената кора од портокал и уште нешто, вкусено некогаш, но никогаш веќе непрепознаено и недефинирано во натамошното негово искуство. Тој вкус му го дразнеше непцето и навлегуваше подлабоко, внесувајќи збрка во мислите. За да се оттргне на некој начин, да се врати од некои простори што почнаа опасно да го завлекуваат, тој пивна една голема голтка од коњакот. Ефектот беше токму како што и очекуваше. Малиот топол бран, прво на непцето, а потоа и во целата глава ги избриша чудните дразби, недоизреченостите, недоумиците. Андреја пивна уште и веќе сосема расположено почна да разгледува наоколу. Младите беа зафатени со себеси; осамените мажи гледаа неодредено напред, предадени на уживањето кое на Андреја токму сега му се откриваше. Кога забележа дека неговата чаша неочекувано брзо се испразни, зажали што никогаш не ја научил вештината полека, со часови да седи покрај чаша со недопиен пијалак. Момчето подготвено го дочека неговиот знак за да дотрчи и да го повтори истиот ритуал со шишето. – Уште еднаш двојно, – му рече Андреја, давајќи си збор дека ќе пие бавно. Немаше намера да се опива, но сакаше уште малку да го одложи заминувањето на спиење. Додека беше зафатен со овој проблем, не забележа кога другите посетители си беа заминале од слаткарницата, а остана само младото друштво од каде што му се упатуваше по некој љубопитен поглед. За да се забави и тој почна отворено да ги разгледува. Долго се задржа кај една девојка која му возврати со поглед и, како што му се стори, му упати кратка прикриена насмевка. Ова го охрабри и тој веќе не ги симнуваше очите од неа. Нејзиното лице лесно се распливнуваше во една голема светла дамка, па Андреја, не без извесен напор, успеваше да го врати во неговите контури, всушност, во строгата рамка што го правеше околу него црната, кусо потсечена коса; да ги распознае очите – црни и големи, кои гледаа втренчено во него без никаква игра, всушност, без предизвикување, туку некако замислено, запрашано, како што му се стори. „Марина…“ – си помисли Андреја, – „Марина гледа така…“ и внимателно почна да бара и други сличности, но тоа беше навистина лудо, зашто тоа беше една обична девојка која никогаш не би ја издвоил од другите во некоја друга пригода. Меѓутоа, ова негово упорно гледање не помина незабележано во друштвото, во кое, од долгото седење, а можеби и од несвикнатост на алкохол, веќе се чувствуваше извесен замор и напнатост. Џагорењето беше прекинато и целото внимание постепено се пренесе кон Андреја. Девојката продолжуваше да го гледа на ист начин, но во погледите на другите можеше да се прочита чудење, вознемиреност. Овој молк потраја извесно време, а потоа младичот што седеше најблиску до девојката, не симнувајќи го својот поглед од Андреја, предизвикувачки ја префрли својата рака преку нејзиното рамо, па потоа ја спушти надолу и, сосема неочекувано, почна да ја гали преку испупченоста на градите. Момчињата, кои напрегнато ги следеа неговите дрски движења, зло се изнасмејаа. Девојките останаа неми. Ова како да го поттикна момчето да се однесува уште попредизвикувачки. Гледајќи и натаму упорно во Андреја, тоа ја вовлече раката откај половината под маичката и почна грубо и трескавично да го гали голото тело на девојката. Некој од друштвото се обиде да се насмее, но другите, со полугласни убедувања и со гестови почнаа да го запираат момчето, укажувајќи му дека ги преминува границите. Во тој миг и Андреја, чувствувајќи ја силно сосема умислената навреда, што несомнено беше насочена повеќе нему отколку на девојката, срипа од столот, предизвикувајќи со тоа неочекувана бучава во целата сцена што претходно се одигруваше речиси немо. Истовремено пред него се најде момчето што послужуваше и, исползувајќи го вешто станувањето на Андреја како знак дека треба да наплати и, небаре забавен со враќањето на кусурот, го проведе учтиво, под своја заштита, пред сега бесно развревената маса, поздравувајќи го мирно, небаре не се случило ништо. 3. Веќе одамна осамнатото утро, со ништо непопречуваната светлина, зашто сношти Андреја и не помисли, не беше во состојба да помисли на тоа да ги навлече ролетните, и силниот татнеж од улицата се втурнуваа заедно во широко растворениот прозорец и, во налети, како пулсирања, му нанесуваа неподносливи удари на бол во главата. Тоа му ги прекинуваше тешките и мачни соништа, со кои се бореше целата таа ноќ, а кои не сакаа да се повлечат, ете, ни со доаѓањето на денот. Низ главата му се војваа слики и мисли како големи несмасни предмети со остри агли, што болно повредуваа. Девојки… девојката со големи ококорени очи, со запрашан поглед, му ги подаваше малите цврсти испакнатости од под памучната маица… но, тоа некако не беше важно… нејзиниот поглед како да беше упатен кон нешто друго, како да го потсетуваше… А градите, тие навистина беа вметнати тука сосема бесмислено. Потоа прстенот… „Треба да се концентрирам на прстенот“, – се закачи тој за оваа, како што му се виде, спасоносна мисла што со својот блескот за миг ги засенчи другите. И наеднаш, и покрај врелите сончеви зраци директно вперени во перницата, и покрај сè понараснувачката бучава на веќе одамна разбудениот град, Андреја успеа да пропадне во уште еден сон, полусон, занес, кој му ја ублажи мачнината, му понуди краткотрајна закрила. „Треба што побргу да појдам до продавницата со прстенот“, го жегна наеднаш оваа мисла и Андреја сосема се разбуди и срипа од креветот. Но заедно со будноста му се поврати и мачнината, и тоа сега нездржлива. Одвај успеа да стигне до бањата и повраќаше долго и мачно. Тешко му се празнеше желудникот од сите горчливо-кисели сокови што му се беа насобрале во текот на ноќта. Меѓу два грча го крена заматениот поглед кон огледалото, не стигна да го види својот беден одраз, сè му се заниша пред очите и исчезна во краткотрајна несвестица. Се потпре на ѕидот и, по уште две-три напрегања да го испразни стомакот, се довлечка до креветот и се фрли на него попреку. Лежеше дишејќи зачестено и жедно. Сфаќаше дека растурањето, распукувањето му започнуваше некаде во главата и се ширеше понатаму низ целото тело. Се обиде пак да се фати за некоја мисла, да најде пристан, цврста точка во себеси, но тоа веќе не му успеваше. Шумовите и вревата од улиците долу се пробиваа во свеста со десетпати поголема јасност и тоа дејствуваше болно. На образите го чувствуваше печењето на сонцето. Креветот беше претворен во вжештено мачилиште над коешто брмчеа неколку јадри муви. Конечно успеа да ги подигне клепките. За чудо, погледот бргу му се разбистри. Сè уште внимателно, тој се исправи и седна. Почека малку разнишаната соба да се врати во своите цврсти агли. Најпосле почувствува олеснување. Претпазливо застана на нозете, а потоа појде кон бањата. Ладниот туш му ги испра и последните траги од пијаниот ноќен кошмар. Се избричи мазно и, бришејќи се пред големото огледало на ѕидот во собата, внимателно го разгледуваше своето голо тело. Како кај сите русокоси, бледата кожа отсјајуваше со некаква златникава нијанса. Се добиваше впечаток на кревкост и незаштитеност. „Уште првата вечер кога го запознав, тој ми изгледаше толку кревок и незаштитен, што посакував…“ – се потсеќаваше често Елена. Се сожали себеси. Но само за миг. Не без задоволство утврди дека освен извесна премаленост, се чувствува како пречистен, обновен, небаре по прележана болест, кога во телото наеднаш навираат нови сили. Посака што побргу да излезе од собата. Се облече. Си ги прибра своите ситници во торбата. Пред да излезе, го забележа вообичаеното предупредување закачено на внатрешната страна од вратата: за хотелскиот ред, цената на собата и времето на појадокот. Дозна дека ресторанот е на првиот кат. Му беше неопходно да испие некоја течност. Во лифтот притисна на копчето за првиот кат. Провлекувајќи се со торбата преку рамо меѓу некои тесни премини, меѓу фикуси и филодендрони, влезе во празниот ресторан. Појадокот веќе одамна беше завршен, масите се поставуваа за ручек. Андреја испи на шанкот една голема чаша студен сок од портокал. Откако утврди дека меѓу главата и стомакот повторно му е воспоставена рамнотежата, побрза да си ја плати сметката и го напушти хотелот. Тукушто полеаните улици сè уште ја имаа задржано утринската свежина. Погледна на часовникот, стрелките покажуваа единаесет и пол, но сонцето сè уште беше косо. „Поместувањето на времето“, се сети. Не сакајќи повторно да се најде пред слаткарницата од сношти, скршна во некои други кратки улички претпоставувајќи дека мораат да го изведат на плоштадот. Луѓе и сообраќај овде беа ретки и Андреја, со чекор на шетач ту се оддалечуваше, ту одново се приближуваше од некоја неочекувана страна до неколкуте живописни куќички со високи бело-варосани оџаци и седала на штркови во нив, останати тука по којзнае каква случајност уште од отоманските времиња. Веќе професионално заинтересиран, Андреја навлезе подлабоко, оддалечувајќи се од својата првобитна цел. Но натаму, една преку друга, хаотично беа натрупани современите градби, кои, со своите рамни покриви, секогаш изгледаа некако незавршени. Во еден засенчен простор помеѓу две тесни згради со продавници во приземјето, две-три масички со зелени чаршафи на тесниот тротоар укажуваа на кафè. На Андреја наеднаш му се виде привлечно да поседи тука. Си одбра најзасенчено место и седна, небаре тоа го прави секојдневно во ова време. Му беше сè уште одбивно да мисли на патувањето, да брза. Сркајќи го полека премногу засладеното турско кафе од малото филџанче слично на напрсток, угодувајќи си и натаму, размислуваше за тоа дека просторот не се освојува со изминати километри. „На секое место треба да му го подариш своето присуство, и тоа не патем, туку комплетно, макар и за кратко време“, ја развиваше во себе оваа своја нова мисла: „Главен е допирот – комплетното остварување на допирот меѓу различните материјали“, заклучи тој, небаре завршува некое од своите предавања и со љубопитност почна да го исчитува местото во водичот, што се однесуваше на целиот јанински регион. Остра киселникава миризба го оттргна од ова. Во мала витрина од полусферично стакло млада јадра девојка редеше златесто, топло печиво. „Ти-ро-пита“, прочита Андреја на подолу залепениот натпис. Сосема беше заборавена недамнешната мачнина, сетилата му се надразнија и тој почувствува силна желба за јадење. Порача парче пита и кока-кола. Го јадеше алчно крцкавото листесто тесто, превртувајќи го со јазик врелото и мошне солено сирење што истечуваше од него. Маснотијата ја пробиваше танката хартија и му ги замастуваше рацете. Ова го потсети на појадоците со бурек од детството. Се зачуди на својата одбивност кон оваа храна подоцна. Ја сметаше за тешка и неестетска. Но во овој момент таа толку му годеше; со својата врелина, соленост, остра миризба, грубост, таа дејствуваше закрепнувачки, му ја враќаше самодовербата. Познатиот плоштад се покажа дека е веднаш тука, зад аголот. Ја пронајде со поглед својата „дијана“ и веќе тргна накај неа, но нешто го запре, нешто го потсети дека сè уште не е сè готово со Јанина. Го повлече онаа широка улица надолу, кај продавницата со прстенот. Посака да го види уште еднаш. Бргу го најде дуќанот, кој сега беше отворен. Влезе и се соочи со љубезниот продавач не знаејќи во прв момент што да му каже, како да му објасни што бара тука. Присобра храброст и го замоли да му го покаже токму оној прстен во аголот на излогот. Продавачот го стори тоа со воодушевување, верувајќи дека уште од изутрината го послужила среќа со муштерија, кој сосема одредено знае што сака. Го зеде в раце тој стар прстен, со вешто свикнато движење го протри со еленска кожичка а потоа, и самиот како да се восхитува, го подигна кон светлината на сонцето и го принесе кон очите на Андреја, доближувајќи си ја својата глава до неговата, небаре да го споделат подеднакво восхитот од оваа ретка убавина. – Погледнете го аквамаринов! Вистинска реткост на чистота, колку е длабока и густа оваа сина боја, просто занесно! Па изработкава, таа е навистина рачна! Прстенов е навистина стар! денес веќе не се прават такви. Вие навистина знаете што да одберете, господине! – не можеше да сопре продавачот додавајќи му го прстенот в раце. Андреја го прими со извесна возбуда. И онака танкиот златен обрач, за што повеќе да биде истакнат украсениот преден дел, беше многу истенчен од својата внатрешна страна. Беше јасно дека продавачот не лаже кога тврди дека е стар и, несомнено, многу носен. Андреја веќе не го слушаше говорливиот продавач, туку со растреперен прст благо минуваше по тој истенчен дел. Тоа беше оној дел што пропаѓаше во мекото перниче на зглобот на прстот, кое знаеше да биде толку нежно и топло… „Што правиш, Андрјуша?“ „Ти го свилам прстенот, мамо“. При што „свилењето“ беше негов личен изум за галење, мазнење на нешто, што го правеше секојпат кога сакаше да се смири. Така го „свилеше“ седефското копче од пижамата пред да заспие, некое особено убаво и мазно белутраче што ќе го најдеше копајќи низ грагор, прстенот на мајчината рака. „Колку е кревко, всушност, златото“ – си мислеше Андреја, претставувајќи си ги во мислите тие мали златни прашинки што останувале на јаготките од неговите детски прсти при секој таков допир. „Дали тие се истресувале веднаш во просторот или, можеби, навлегувале во порите за да останат засекогаш таму?“– не сосема убедено се понадева тој. – Ќе ви го дадам за триесет илјади, господине. Макар што, верувајте, ќе бидам во голема загуба… Конечно допреа до Андреја зборовите на продавачот. Тој истрпна, му го тутна забрзано прстенот в раце и, мрморејќи нешто како извинување, истрча од дуќанот. По него сè уште се слушаше гласот на продавачот: – Па ете, нека биде за дваесет и пет!.. Би ви го дал и за дваесет, господине!.. Откако беше сигурен дека доволно се оддалечи од продавницата, Андреја го забави чекорот, подзастана, си ги извади темните очила од малото џепче на градите, зашто почувствува болка во очите од силното светло, и сега веќе сосема прибрано зачекори кон својот автомобил. КЕРКИРА Машините престанаа да работат и фериботот маневрираше нечујно. Од тоа се добиваше впечаток на нешто нестварно: градот со својата издадена тврдина небаре се пореваше ту на една, ту на друга страна, заканувајќи се да се струполи врз бродот сосе високите, сиви бедеми. Дури откако си го најде местото за пристан, и откако заѕвечкаа синџирите од спуштениот преден дел, што сега служеше како подвижен мост за луѓето и возилата, Андреја сфати дека маѓосната глетка веќе нема да се повтори и љубопитно го прошири погледот кон градот кој се отвораше пред него. Секогаш многу полагаше на првиот впечаток од нештата. Го нервираа местата што не можат да се опфатат со еден поглед, таквите во кои тој не може веднаш да си одбере точка, ориентир, за себеси. Тоа беше еден вид негова игра, но многу му значеше дали ќе се чувствува пријатно на некое место. Овојпат беше задоволен. Од левата страна градот длабоко навлегуваше во морето со своите ѕидишта, потоа се отвораше кон големиот лак на пристаништето, истовремено гостољубиво поканувајќи некаде во својата невидлива длабочина и, на крајот, завршуваше со една мирна линија, над која, на хоризонтот, со сонцето на залез зад себе, се оцртуваше уште една тврдина. Својата точка Андреја ја одбра овој пат некаде кај жолтите ѕидови на градбите околу првата тврдина, опкружени со густо зеленило. Речиси последен слезе во просторот кај колите и, додека се пробиваше со мака меѓу забревтаните мотори, мораше да ги издржи лутите погледи на нестрпливите возачи. За миг го обзеде паника од целата таа мешаница на коли, приколки, камиони и автобуси, набиени на тој тесен простор, но, кога и самиот стигна до својата „дијана“ и го запали моторот, редот некако се воспостави сам од себе. Возилата излегуваа директно меѓу толпата шетачи, професионални пречекувачи што нудат сместување и вообичаени зјапачи кои секогаш ги возбудува пристигнувањето на бродовите. Сè уште беше ден и на Андреја не му се допадна веднаш да биде одвлечкан некаде, во некој хотел или во соба за издавање, без претходно да се соземе, да се сообрази себеси со главните координати на местово во кое првпат доаѓа. Затоа додаде гас, пренебрегнувајќи ги наметливите понуди што допираа од двете страни на отворените прозорци на неговата кола, па така и не забележа кога се вклучи во густата колона што, без можност за скршнување ни лево ни десно, го носеше, прво во широк лак околу големиот плоштад во кој се прелеваше пристаништето, а потоа, небаре покорувајќи ѝ се на и во него самиот сè уште јасно недефинираната желба, почна да се искачува покрај самиот раб над морето, накај големата тврдина. Не можеше да се задржува на детали, сопирачките пред него непрестајно чкрипеа, а и тој мораше нагло да сопира пред келнерите што истрчуваа од рестораните носејќи ги порачките на тесните тераси над самото море, од другата страна на коловозот. Возачите одзади нестрпливо трубеа, пешаците не ги почитуваа правилата, некаква весела безгрижност владееше над сиот тој квечерински хаос. Сè беше раздвижено, развревено, непредвидливо. Наплив на живост, како од свеж пенлив пијалак, го преплави Андреја, и тој посака и самиот што побргу да се вклучи во сето тоа. Во меѓувреме колоната по еден остар свијок го изнесе одненадеж на широко плато со многу паркирани коли. Андреја побара место и се паркира. Го изгасна моторот и излезе од колата. Целото патување тој ден, по патот од Јанина до Игуменица, и од Игуменица со фериботот потоа, му помина некако непријатно, несредено, недоволно свесно, небаре му се случува на некој друг. А сега се чувствуваше како поново најден. Небаре вратен од некаде, ако не дома, тогаш, на убаво и пријатно место. Пред неговиот поглед големата тврдина се отвораше сега од својата внатрешна страна, со сите свои сложени градби, кои го нарушуваа првиот впечаток за нејзината монолитност и непристапност, што го оставаше гледана откај морето. Низ зеленилото на паркот се наѕираше и приодот кон неа преку доста широко и некогаш подвижно мовче. Којзнае зошто, поита натаму. И, пробивајќи се низ толпата шетачи, кои, небаре по договор, сите одеа во спротивната насока, наеднаш се најде пред вратата од железни решетки. Чуварот што токму во тој момент го заклучуваше влезот, немо и нељубезно му покажа кон белата табла. На неа на неколку јазика пишуваше: „Стара тврдина. Посета секој ден, освен понеделник, од 9 до 19 часот“; поединостите за историјатот на тврдината како да не го интересираа, Андреја се обѕрна збунето: на каде сега? Сонцето, иако веќе на западната страна, сè уште беше високо и златно ја обојуваше големата широко распрострена камена зграда со дорски столбови, стара англиска гувернерска палата, како што дозна подоцна, опколена со грмушки на хибискуси со темно зелени лисја и интензивно црвени големи цветови. Погледна во часовникот. Беше изминато седум часот. „Разликата во времето“, се сети, „ќе морам да се свикнам со тоа“. Но не се врати кон колата да побара хотел. Се замеша меѓу шетачите во неголемиот парк, кој од страната спротивна на морето завршуваше со долга низа згради под заедничка колонада. Под неа беа ресторанчиња, кафеа, слаткарници, што просто се влеваа едно во друго. Се вклучи во врволицата што водеше натаму. Ја заобиколи првата слаткарница на која што наиде, потсетувајќи се на непријатното искуство од вчерашниот ден. Но, чувствувајќи наеднаш слабост во нозете, се оддели од шетачите и седна покрај првата празна масичка со бела мермерна плоча на едно елегантно кафè. Расположено почна да гледа околу себе. Грците се препознаваа по тоа што седеа покрај високите тесни чаши со узо и мезиња во мали чиничиња пред себе; странците, пак, пиеја чај со млеко; на масите од соседниот италијански ресторан веќе се јадеа шпагети. Пред него, на коловозот протечуваше голема шарена река шетачи. Долгоноги девојки со разголени грбови во златесто бакарна боја, со руси пасма коси сè уште слепени од морската сол, преку нив. Брадести и исто така долгокоси момчиња во шарени бермуди и, чиниш, никогаш неиспрани маици со неодредена боја. Педантно стегнати повозрасни господа со измазнети коси и дами веќе истуширани и намирисани во облека за вечерни забави во ексклузивни локали. Тие шетачи, зеленилото на паркот зад нив и морето што невидливо беше тука, се засенчуваа сè поостро за, најпосле, од сонцето да остане на небото само одвај видлива пурпурна трага. Под колонадата се запалија светилките, маѓосно блеснаа излозите на продавниците на сувенири и бижутерија со уметнички претензии, втиснати во тесните простори меѓу рестораните и кафеата. „Подвижен празник“ – си рече Андреја и расположено се оптегна на мекиот бел скај од седиштето. Пиеше веќе второ еспресо и како и да не помислуваше дека сè уште нема побарано хотел, дека станува сè понеизвесно и дали ќе го најде. Најпосле, небаре под принуда, стана и со сè уште лежерен чекор го изоде сиот долг простор под колонадата. На другиот нејзин крај имаше продавница за странски печат, разгледници од Крф и Јонските острови, и голем избор на тутуни за луле. Расеано ги испрочита насловите од првата страна на неколку весници: на англиски, француски, италијански, а потоа го привлекоа лулињата – никогаш не беше видел толку голем избор! По внимателно разгледување, ненадејно и за самиот себе, тој одбра едно и го купи. Средовечниот, грижливо измазнет продавач вистински го збуни кога мошне учтиво на добар англиски го праша: – Од кој тутун пуши господинот? Андреја не пушел никогаш и стоеше збунет. Но спасоносна мисла го охрабри и тој рече: – А не, знаете, тоа не е за мене. Јас не пушам. Тоа е за еден мој пријател, подарок, знаете, тој е вистински колекционер на лулиња. Но, додека продавачот со разбирање кимаше со главата и му го завиткуваше лулето во украсна сребрена хартија, Андреја помисли дека сепак не би било лошо да има и тутун, па затоа, малку премислувајќи се, продолжи: – Само ете, јас не знам кој тутун тој пуши. А би сакал да го изненадам со нешто добро… Продавачот со голема готовност му наброја неколку од најдобрите марки, а потоа почна да му објаснува и подетално: – …Знаете, обично од сите е омилен тутунот варен со мед, но ако сакате нешто поспецијално, тогаш ќе ви го предложам овој со шери или со миризба од суви сливи… И почна да му ги отвора пред него тркалезните кутии од метал со цртежи на стари едреници, со амблеми и печати што потсетуваа на колонијалните времиња. Со желба побргу да ја заврши оваа ненадејна игра, која недозволиво се одолжи со оглед на тоа што сè уште му претстоеше да си побара хотел, Андреја напосоки зеде две кутичиња во раце и рече: – Завиткајте ги овие две, ве молам. Продолжувајќи да чекори понатаму, Андреја забележа дека ова купување и кусиот разговор му донесе неочекувано задоволство. И воопшто, беше добар почеток и, небаре разработувајќи некоја стратегија, заклучи: „Ќе треба да разговарам што почесто, да запознавам луѓе, да ги придобивам на своја страна…“ Но за што тоа конкретно? – сепак, не се потруди да си објасни. Излезе од под колонадата и се најде на мал сквер, кој од едната страна преминуваше во неголемиот парк, накај морето, а од другата – се отвораа неколку тесни улички што водеа кон внатрешноста на градот. Токму на аголот тука блескаше фирма на хотел со некое алпско име. Андреја го побара влезот, кој всушност се наоѓаше отстрана, во една од тесните улички и, носејќи го свечено своето сребрено пакетче в раце, влезе и го праша рецепционерот за соба. Гостин што бара соба, држејќи само едно мало пакетче во рацете, предизвика за миг кај службеникот сенка на сомнеж, но општиот изглед и, повеќе од пристојно, речиси господско, однесување му влеваа доверба и тој го зеде клучот и лично го одведе по тесните скали на вториот кат, му ја покажа еднокреветната тесна соба со прозорец што гледа право во спротивниот ѕид од тесната уличка. „Како во Италија, или во некој наш далматински град“ – му пролета брза мисла на Андреја но сепак почувствува извесна разочараност од тескобноста на собата. Го праша рецепционерот дали има некоја друга, со поглед кон морето, на пример, или барем кон главната улица, но овој му одговори дека тие од другата страна се двокреветни и сега се сите полни. Потоа сомнежливо ја заниша главата и сосема добронамерно додаде: – Преспијте овде, а утре барајте другаде, ако мислите да останете подолго време. Сега ви е веќе навистина доцна да барате друго сместување. Андреја расеано кимна со главата и, затворајќи ја вратата по рецепционерот, внимателно го стави своето пакетче на ноќната масичка и влезе во бањата. Се истушира, се освежи, ја навлече пак истата облека, единствената што ја имаше тука, и потрча да си ја земе торбата што ја беше оставил в кола. Пресечувајќи го сега растојанието по дијагонала, забележа дека местото каде што беше паркирана неговата „дијана“ е уште поблиску отколку што мислеше преѓеска. И тоа му се виде доста згодно, а уште повеќе го израдува што виде дека во овие веќе вечерни часови паркиралиштето е речиси полупразно што значи дека тој ќе може слободно да се движи низ островот без да се грижи каде ќе се паркира на враќање. Се разбира, сè уште не се беше откажал од намерата да бара некое поубаво сместување – со тераса, со поглед на море, но... Ја извлече големата долгманеста торба и ја понесе како што се води пес на прошетка, дозволувајќи повремено да му се плетка меѓу нозете и да го спрепнува. Се довлечка така пак до колонадата, на која сега веќе немаше толку народ, го здогледа оној италијански ресторан и седна да касне нешто лесно, потсетувајќи се со одбивност на својата јанинска гозба сношти. Се напи едно карафче црвено вино со шпагети зачинети со сос од морски плодови, многу лук и босилек, а потоа вечерата ја заврши со навистина величествен италијански сладолед, по коишто секогаш беше толку алчен. Се одвлечка до својата хотелска соба со торбата што и натаму му се плеткаше меѓу нозете и, откако го распакува само најнеопходното, помисли да си легне. Но знаеше дека не ќе може да заспие веднаш, а не беше умно да им дава слободен простор за мислите со кои во последно време тешко можеше да се справи. 2. Тргна од хотелот; по веќе познатата маршрута го премина паркот и излезе над самото море. Оттаму, покрај тврдината се спушташе надолу улицата по којашто беше тоа попладне стигнал. Сè уште во рестораните седеа луѓе, а по некој шетач можеше да се сретне и на самиот кеј. Веќе сосема блиску до пристанишниот плоштад, се отвораше тесна улица со примамлива живост. Еден покрај друг тука, на тесно, се редеа весело осветлени барови полни со народ и врева. Андреја минуваше покрај нив заинтересирано загледан и застана пред еден поголем локал со упадлива фирма: врз сина заднина со бели запенавени бранови се црнееше натписот „Crasy Saylor“ а од десната страна застрашувачки надвиснуваше страшна, разбушавена глава на, кој друг ако не на Посејдон, со трозабец в рака! Слезе низ неколкуте скали долу. На последната нерешително застана. Просторијата беше поголема отколку што можеше да се претпостави однадвор. И силно осветлена. Но најмногу го изненадуваше тишината на којашто наиде внатре. Иако повеќе од половината маси беа зафатени, немаше ни извици, ни неодмерени гестови, ни гласна музика, карактеристична за ваквите места. Навистина, покрај многу маси седеше само по еден човек; најчесто брадесто и долгокосо момче со поглед вкочанет во една точка, небаре хипнотизиран. Но и таму каде што ги имаше по двајца и тројца, разговорот се водеше тивко со долги прекини. Сосема неочекувано овој локал можеше да се спореди со некаква чекална – кај забар, на пример – и, како и во чекална, новодојдениот беше пречекан со рамнодушно внимание. Но Андреја, изгледа, се двоумеше на прагот малку подолго отколку што би било нормално, па така во погледите свртени кон него веќе можеше да се насети извесна вознемиреност, а стариот човек, зафатен пред тоа со којзнае по кој пат пребришување и светкање на металните делови од шанкот, застана преместувајќи ја сунѓерестата крпа од рака в рака. Ситуацијата, која стануваше сè понепријатна поради нерешителното однесување на Андреја, наеднаш се здоби со природен тек кога од зад столбот во средината се подаде една мошне разбушавена глава со широк прорез – „Од уво до уво“, си помисли Андреја зачудено, – на веројатно насмевната уста и со засипнато трескав глас, охрабрувачки извика: – Па реши се веќе еднаш да влезеш, човеку! Не гледаш, овде има луда забава!.. – И потоа зборовите преминаа во трескотно кикотење, додека главата исчезна исто така ненадејно, како што и се беше појавила. Андреја веќе седеше на високиот стол пред шанкот, додека од зад столбот сè уште допираа чкрипавите извици, липања и длабоки искашлувања, што би требало да бидат последица од тукушто направената шега. Но никој веќе не се обѕрнуваше на тоа. Бргу се воспостави преѓешниот мир и Андреја молкум му покажа на шанкерот кон шишето „Џони Шетачот“, а овој, исто така молкум, му ја налеа дозата. Веќе сакаше да ја принесе чашата кон уста, кога сфати дека којзнае како, нечујно, покрај него се беше нашол разбушавениот човек и, туркајќи го лесно во лактот, со широко насмевнатата уста, му се обрати пак на англиски: – Не чини да пиеш сам, другарче… Чести ме еден пијалак! – И пак се закикоти. Не оти смеата му беше толку заразна, туку целиот негов изглед беше толку необичен, речиси како од цртаните филмови, што неговото присуство силно го ободри Андреја. Веќе видливо побелената коса на шегобиецот му стоеше буквално вертикално во однос на главата, така што лицето му се наоѓаше во некој чуден немирен ореол. Кожата на лицето, пак, беше толку подвижна, што од цртите не можеше да се распознае речиси ништо, освен веселото светкање на сините очиња и широко развлечената уста со шилести проретчени заби. И покрај тоа што беше зафатен со гласно издишување, поткашлување, прочистување на грлото, беше јасно дека човеков е свесен за испитувачкиот поглед на Андреја и намерно како да му даваше време да извлече свои заклучоци. Својата необична надворешност тој, очигледно, смислено ја употребувал за воспоставување на контакти. Андреја прво доби желба да постапи на сличен начин, како пред домородец на пуст остров, но навремено се сети дека човеков пред малку му се беше обратил на англиски и пријателски му рече: – Да се напиеме, тогаш, старо момче! – И ја доближи својата чаша до неговата, којашто во меѓувреме беше наполнета. Овој, со веќе сосема надминати проблеми на дишењето, сериозно, небаре трогнат, ја крена чашата и ја испразни во еден здив. Ја врати на шанкот со малку пренагласена сигурност и, откако ја избриша устата, си го врати својот преѓешен и, веројатно вообичаен, весело предизвикувачки изглед. А потоа, за да не биде погрешно сфатен како човек што бара да го честат пијалак, му даде знак на шанкерот и му се обрна на Андреја: – Да се напиеме по уште една, сега на моја сметка! Иако Андреја сè уште ја немаше допиено својата чаша, и воопшто немајќи намера да се опива оваа вечер, сепак со готовност го прифати предлогот, зашто друштвото на непознатиов сега доби нов квалитет а и му стануваше сè подрагоцено за него. По уште една-две испиени тури, порачани наизменично, тие се гледаа еден другего со нескриена симпатија, а очите им стануваа сè поживи. И кога во Андреја нарасна вознемиреноста дека не ќе успее да го прекине пиењето, а да не го навреди својов неочекуван другар, овој, од своја страна, наеднаш отрезнет и без сите оние чудни движења на лицето и намигнувања, направи недвосмилен гест со раката и рече: – Гледам дека ни е доста! А ти и не си човек што би сакал да лежи на валканиов под. – И, разгледувајќи го сега Андреја сосема отворено, повеќе заклучи отколку што праша: – Ти не си морнар? – О, не, – рече Андреја смеејќи се и, сосема уверен во спротивното што се однесува на непознатиот, рече: – А ти си? – Јас… како да се земе… И сум, и не сум… – А јас веднаш помислив… Она од фирмата… – не дорече Андреја и се раскикоти доста нервозно, зашто оваа мисла токму во тој момент се довообличуваше во него, иако сигурно била зародена уште од самиот почеток. – Мислиш на „Лудиот морнар“?.. Ти заличив, нели? – му рече овој ведро и, да покаже веднаш дека тоа не го смета за навреда, западна во уште една самосотирачка смеа, тупкајќи го сè посилно Андреја по рамо. Андреја се обиде да му се извини, но овој, задушувајќи се, побрза да го смири: – Во ред е, во ред, и други тоа ми го имаат кажано! – И продолжи, гледајќи испитувачки со сините очиња: – Ти не си морнар, а, жими Бога, не си ни некој од оние проклети Англичани што везден не се двојат од шишето виски!.. – Не сум, не сум, а, би се заколнал, не си ни ти! – Го прифати истиот тон и Андреја. Меѓутоа, овој вешто одбегна да се изјасни во однос на себе, туку продолжи да прашува пак на својот специфичен начин: – А, богами, не си ни од оние пакет-туристи, што одат во глутници со фотоапарати… – И сега му се обрати веќе сосема директно: – Кој си ти, всушност? – Па, небаре сакајќи да ја измазни малку острината на прашањето, рече: – Уште кога влезе видов дека тешко ќе те сместам во некој калап. На Андреја, малку изненаден од вакво директно прашање, но со желба и натаму да ја продолжува играта, и за самиот него ненадејно, му излета: – Па, јас сум само еден скитник. Вечниот скитник! – И почна да се кикоти. Но откако виде извесна навреденост во сега веќе сериозниот лик на неговиот соговорник, тој исто толку сериозно му рече: – Јас сум градител, всушност, архитект, – дообјасни и замолчи, небаре со тоа можеше наполно да го задоволи неговото интересирање. – А, архитект, – повтори овој, – разбирам, разбирам, – кимна тој со главата. Тогаш Андреја ја сфати недоволноста на својот одговор, почувствува дека треба да биде пољубезен и се претстави: – Се викам Андреја Кузнецки, професор по архитектура на Универзитетот во Скопје, – и кога виде дека овој наеднаш се штрекна, додаде: – Од Македонија, Југославија… На последниве зборови човекот го симна погледот од Андреја и, некако, не криејќи го, туку пуштајќи го да лута збунето по шанкот, по чашите и шишињата, доста тивко проговори: – Да, знам, знам… Па, мене викај ме Стив… Толку. Тоа е доволно…. Сите така ме знаат во пристаништево. Сега Андреја од своја страна се почувствува малку навреден од затвореноста на соговорникот, па со извесна настојчивост запраша: – Добро, Стив… а што работиш, од што живееш?.. – А, – сè уште расејано шетајќи со погледот наоколу, овој му одговори: – Имам мал моторен чамец; ги превезувам туристите до плажите, ги шетам по морето. – Но ти не си овдешен, нели? – продолжуваше да прашува Андреја. – Не, не сум. – Човекот пак одговори кратко, јасно покажувајќи со тоа дека разговорот во тој правец го смета за завршен и, со умислена веселост неочекувано додаде: – Ох, само да знаеш какво месо превезувам со чамецот, младо, директно на печење, ох!.. Треба да дојдеш еднаш со мене…– И одново се затскри зад својата карактеристична смеа. Но овојпат таа не го воодушеви Андреја. Имаше во неа нешто блуткаво и подмолно, и тој му возврати со кисела насмевка. Тогаш чудниов човек, сфаќајќи дека лукавството не му успеало, му се обрати на Андреја пак сериозно, изговорајќи го неговото име коректно на словенски начин. – Веќе не сме за пиење, Андреја, да излеземе тогаш малку на чист воздух. И, заштитнички, небаре како на дете, му ја стави својата рака на рамо и го поттурна благо кон излезот. Излегоа во тивката, сè уште топла ноќ. Извесно време одеа напоредно молкум. Андреја, всушност, предупреден од нешто на претпазливост, се обидуваше да се сети што беше тоа и внимателно ја разгледуваше сега целата фигура на својот необичен придружник. Наспроти првиот впечаток, сега тој изгледаше многу попристојно отколку кога во видното поле доминираше само неговата разбушавена голема глава. Младешки тесните бели панталони, беспрекорно испеглани, го истакнуваа неговото сè уште вито мускулесто тело. Во црните платнени еспадрили чекорот му беше еластичен, лесен. Само во движењата на рацете и на нозете, како и во мошне живата мимика на лицето, имаше нешто премногу нервозно; неочекувано наглите движења како да не беа усогласени со ‘рбетниот центар. „Како некој инсект – скакулец!“ – си помисли Андреја и, забележувајќи дека молкот веќе станува премногу видлив, се обиде да каже: – Е па, Стив… – Стипе! Всушност Стипе…, – го поправи овој сменувајќи го јазикот на мајчиниот далматински говор и придружувајќи го сето тоа со серија на неочекувани движења на целото тело. – Викај ме Стипе, ‘бем ти бога, буразеру!.. – За тебе сум Стипе. Ете така, да се разбереме, ‘бем ти бога! Андреја беше вџашен од ваквиот пресврт, но сега извесни знакови што го беа вознемирувале, како да си дојдоа на свое место, како во сложувалка, и тој почувствува видливо олеснување. Но, сепак, не сакаше да му ја одземе иницијативата на својот соговорник сам да се открива понатаму, без да го прекинува со излишни прашања. А овој, небаре совладал некоја голема пречка во себеси, брзаше сега да се излее сиот докрај, со сето одушевување што може да говори на својот роден јазик, и со сето самосожалување, во приказна, составена којзнае кога и којзнае колкупати раскажувана, а уште повеќе премолчувана. Му раскажуваше на Андреја живо, залетнувајќи, вметнувајќи ги омилените пцости на секое можно место; трогнато, занесено, неодмерено гестикулирајќи. Пред Андреја наеднаш, доста хаотично, но со силни бои се разоткриваше целиот живот на овој човек. Прво тоа бил „мали“, кого војната го затекла на некој странски, или пак наш брод, што ѝ се придружил на сојузничката флота. Потоа, како што нараснуваше довербата спрема Андреја, се откри, всушност, дека Стипе навистина бил „мали“, но откако, како слеп патник, се качил на некој странски брод и побегнал на тој начин од татковината во раните педесетти. Го опловил светот без некој забележителен успех во морнарската кариера и, откако сето тоа му се смачило, ја спуштил котвата тука, на овој чудесен остров, кој и не му изгледал толку далеку од неговата татковина. Од заштедата успеал да си купи мал моторен чамец и со посебно задоволство ги начекувал оние групи туристи од Југославија, кои доаѓале не во екот на сезоната и речиси сите барале да ги превезува до островот Видо. – Па не можеш да ги гледаш, ‘бем ти бога, Андреја, кога свечено застанати, го фрлаат тој вражји венец во синото море. Па, тогаш, како ја рецитираат „Сината гробница“, ас ти госпе! па да не се расплачеш и самиот со нив! А ча?! Тажно е тоа, Андреја. Тажно и убаво! – Но… – се двоумеше Андреја. – Но ти, Стипе, ја напушти, ти побегна од таа земја?.. – Па ча ако сум побегнал?! Побегнав, од палавост, непромисленост, тоа е точно! Но не ја напуштив, никогаш јас не ја напуштив, тоа е моја земја, разбираш. Си ја носам јас со себе, ете тука, гледај!.. – И пак уследи една серија чиниш неконтролирани, но пластични, живописни движења, по што настана уште еден продолжен мачен молк. Потоа Стипе, и натаму замислен и сега веќе многу посредено, без претерани сликовитости и фантастични елементи, ја продолжи приказната за своите бескрајни талкања по светот без трајни документи, без државјанство, без цврст идентитет. Навикнал да си ја прикрива својата националност; овде на Грците им се претставувал ту како Ирец што се крие од англиските прогонители, ту како американски писател што дошол да напише книга за грчките острови. Немал впечаток дека некој му верува, но го прифаќале добродушно, свикнати на секакви дојденци на островов. Не знаел ни самиот зошто сега сето ова му го кажувал на Андреја, кој, ете, го познавал само неколку часа, но, изгледа, му било смачено од прикривање на вистината и измислување на сè нови и нови приказни за себе! – Стипе… – најпосле се осмели да му се обрне Андреја, – па што не се вратиш… Што не си дојдеш дома? Ова предизвика неочекувано бурна реакција. Стипе пак борбено си ја крена главата, загестикулира: – Да се вратам, велиш, а?… да се вратам, ‘бем ти бога?! Па… што да не, мислиш јас не можам да се вратам?! Па не сум јас некој криминалец, или политички! Можам јас и да се вратам, во секое време, ако баш сакаш! Хм, а ча се небих вратио?! – ги крена рамената и ги рашири рацете почудено. Но потоа замре и пак се задлабочи во мисли. Андреја одеше внимателно, чиниш, плашејќи се да не направи некој погрешен чекор, да не го повреди со некоја нова несмасност и затоа и тој молчеше сè додека Стипе не ја поткрена главата, додека не се насмевна со својата широка насмевка и сега веќе сосема смирено, иако не без извесна резигнација, проговори: – Доцна е, премногу е доцна, буразеру. Гледаш ли колку сум дрт, кому му е потребно едно вакво дрто и огрдено магаре, а? – И се раскикоти, се раскашла и почна да се задушува. Наеднаш чувствувајќи речиси неподносливо сожалување и блискост кон овој човек, Андреја, сега од своја страна, заштитнички му ја префрли својата рака преку рамена и се обиде да му помогне. Но Стипе, како што се покажа веќе неколку пати таа вечер, небаре на некој волшебен начин наеднаш се справи со сето тоа, па му остави место на Андреја и за еден мал сомнеж да не е и тоа една од неговите омилени маски? Но чувството на блискоста остана и Андреја посака да му возврати за неговата искреност. – А јас, ете, имам и дом, и град во кој ме познаваат уште откако паметам за себеси. А, ете, и јас лутам. Но не, немој погрешно да ме сфатиш, јас сум ти, како што се вели, сосема среден граѓанин: секој ден одам на работа по одредени улици, се среќавам со исти лица, извршувам јасно одредени работи; патувам – службено и приватно – и се враќам на иста адреса, кај иста жена, кај мојот син, кај моето семејство, кое, впрочем, многу ми значи… А сепак, некако како да сум испуштил нешто, некој дел од себеси, па сега лутам, талкам, барам... Отсекогаш сум се прашувал кој сум, каде припаѓам? Островов ме намамуваше веќе одамна, но јас долго се опирав. И конечно еве, дојдов… И Андреја, трудејќи се да биде што поконцизен, обидувајќи се да не биде патетичен, намерно суво, небаре поднесува извештај на човеков покрај него, што по години никако не би можел да му биде татко, но сепак, којзнае зошто чувствувајќи токму некакво синовско чувство што нараснуваше во него во тој момент, му раскажа за оној свој вечен талкач, или изгнаник, поточно, што го загубил уште во своето рано детство, а којзнае дали некогаш и го имал. Последните траги за него воделе до овој остров! И најпосле, заборавајќи се, сосема напуштајќи ја намерата концизно да ја изложи својата приказна, почна да го опишува детално личниот опис на татка си, неговиот изглед онаков, каков што го паметел тој, неговиот поглед на сиво-сините очи, секогаш по малку тажен, ранлив. А Стипе го слушаше со разбирање, не го симнуваше внимателниот поглед од него, не го прекинуваше. Веќе пред самиот праг на хотелот на Андреја, кога беше јасно дека е кажано сè за таа вечер, по извесно молчење и преместување од нога на нога, Стипе рече: – Така значи. Ти дојде да си го пронајдеш татка си. Андреја немо потврди, возбуден, небаре очекува сега одеднаш да ги добие сите одговори од човеков. Тоа не остана незабележано од Стипе и, иако со извесен сомнеж, но не сакајќи да го растажи новонајдениов пријател, Стипе се обиде да му објасни: – Знаеш, овде ти се војваат многу странци. И тоа од време. Ова ти е, како да ти кажам, некакво сопиралиште, некаков крстопат. Не доаѓаат ваму само богати, иако и нив ги има. Но ти заринкуваат тука и секакви други, со своите бедни чамци и, некои од нив, си заминуваат некаде понатаму, а некои, богами, и остануваат. Не знам што ги привлекува тука! Ете, и јас можев да си ја фрлам котвата на некое друго место, да си заработам некој грош, да си се средам, па, можеби и да си се вратам дома. Но ете, се заринкав тука… – И, по извесно размислување додаде: – Барем засега… А потоа наеднаш деловно додаде: – Знаеш што, братче, ќе погледнам јас, ќе се распрашам… Велиш, Русин накај педесетгодишна возраст веднаш по војната? Ќе видам што можам… А јас сум ти таму, во „Лудиот морнар“, секогаш можеш да ме побараш или да ми оставиш порака… Е па здраво! – Цврсто му ја стисна дланката, фаќајќи го со другата рака за надлактицата. Андреја исто така срдечно му возврати и влезе во својот хотел, охрабрен и обнадежен дека, ете, уште првиот ден успеал да сработи нешто навистина конкретно во врска со својата задача. Влезе во својата соба, не палејќи го светлото, му се приближи на прозорецот. Низ решетките на дрвените капаци веќе се пробиваше утринска свежина. Андреја се соблече така во мракот и се испружи на пријатно свежиот кревет. За време на долгата прошетка и разговорот, испиениот алкохол таа вечер сосема беше изветреал и тој се чувствуваше пријатно олабавен. Сиот ентузијазам мирно го остави за утре, а сега навистина му требаше сон. 3. – …Да, сине, има такви луѓе; тие копаат внатре во земјата, пребаруваат, пронаоѓаат, ги истражуваат камењата, минералите… Почна да допира до неговата свест сериозен говор на англиски, небаре професионално подготвен за некакво предавање. Поразмисли малку, па се сети: како на радио. Но веднаш тука се замеша гласче што, иако се трудеше во сè да го подражава возрасниот, постојано се извлекуваше од под контролата и пискаво се креваше не толку поради возбудата од очекуваните одговори, колку од незапирливиот наплив на самите прашања. – Но тате… тате… а дали се тие некои специјални луѓе?.. Тие не се како нас, нели?.. Можеби тоа се оние мали џуџиња што копаат под земјата?!.. – О, не, не!.. – прикривајќи ја насмевката за да не го навреди малечкиот, запротестира возрасниот. – Знаеш, сине, да ги оставиме сега џуџињата настрана. Тие не спаѓаат во оваа приказна. Сега зборуваме за вистински луѓе… Тие се исти како нас, разбираш, а само им е таква работата… тие се занимаваат со тоа… Но на малиот, очигледно, му се допадна наеднаш онаа друга приказна, па со нова возбуда продолжи да прашува: – А ги има ли навистина џуџињата? – И, самиот не верувајќи во некој убедлив одговор, прескокна на друго прашање: – А кој ги прави ѕвездите, има ли и такви луѓе што ги произведуваат ѕвездите?! – Па сега ти почнуваш сосема да ме збунуваш, сине! – одговори постариот со извесен шеговит прекор во гласот. – Ако продолжиш вака постојано да ме прекинуваш, јас не ќе можам да ти објаснам ништо! – На што малиот учтиво премолчи, веќе помирен со тоа дека ќе мора да слуша некое долго и исцрпно објаснување. Не отворајќи ги очите Андреја подбивно се насмевна во себе, ја премести прво раката врз којашто лежеше со лицето надолу и, не без напор, се потпра со лактот врз врелиот песок. Со болна гримаса ја поткрена главата само онолку, колку што беше неопходно во видното поле да му влезе сè што е до височината на еден човечки раст. По работ, каде што морето сосема спитомено го влажеше песокот, одеа двајца: висок строен маж во доцни триесетти и дете, толку ситно, што Андреја се посомнева за миг дека разговорот, на кој и без да сака му беше сведок, допира токму од нив. Но на плажата немаше никој друг. Под склопените сонцобрани забодени во песокот беа оставени уредно здиплени крпи и простирки за лежење. Сопствениците, очигледно, беа заминале на ручек. Јасно беше дека Андреја, откако по задоцнетиот појадок на малата терасичка од својот хотел, се беше симнал на оваа плажа, веднаш под еспланадата, слатко преспал повеќе од еден час. Сега, со поглед што постепено се разбиструва, ги разгледуваше – големиот и малиот. Слични, како зголемена или, пак, смалена, копија, русокоси, со златесто исончени тела, тие чекореа сериозно, задлабочени, небаре откриваа некоја нова земја. Не покажувајќи со ништо дека го забележуваат неговото присуство, тие се доближија до Андреја на неколку чекори и седнаа на истата линија на влажниот и ладникав песок, со лицето свртени кон морето, без да го прекинат својот сериозен разговор ниту за миг. Се појави ветар и нагло се засилуваше. Брановите сè посилно удираа и сè подалеку го прелеваа песокот. Извесно време Андреја беше загледан во шарата што ја правеше пената при повлекувањето на бранот, но наскоро почувствува болка во вратните прешлени и пак ја спушти отежнатата глава врз истата рака, иако во неа сè уште се разлеваа слаби трпки од претходното долго лежење врз неа. Дејството на припекот речиси сосема беше поништувано од ветрот, кој во налети веќе донесуваше ситни боцкави капки од морето. Андреја знаеше дека е опасно да се лежи толку долго на сонце, но не направи никаков обид да го прекине ова мирување што му претставуваше толку големо задоволство. Границите на неговото тело беа сосема избришани; неговата кожа, расточена од сонцето, зрнеста од намовнатост, се мешаше со воздухот – зрнест од солените капки и ситниот песок. Тој лежеше, а во исто време и лебдеше и се лелееше над целата таа плажа споулавена од сонцето и ветрот. Разговорот кој сè уште траеше помеѓу големиот и малиот допираше до него во налети: ту јасно, небаре над самото негово уво, ту далечно, како испрекинато мрморење. Делови од реченица или групи на зборови како да одлетуваа на некоја друга страна. Беше заморно да се следи понатаму и Андреја сосема се исклучи. Но сликата на двете фигури – големата и малата – не можеше да ја избрише од пред очи. Беше премногу мрзелив да размислува. Непосредните впечатоци, пак, го копкаа, го вознемируваа, го присилуваа мозокот да работи. И тој, без вообичаената контрола на волјата, забрзано и во големи количества произведуваше ту слики, ту реченици во чудни споеви, растргнати, хаотични, без крај и почеток. Тоа потраја извесно време така сè додека одново не се разбистри и не се задржа глетката на плажата со таткото и малото момченце. Но тие сега веќе не седеа спокојно на работ на морето. Исправени во сиот раст, некако неприродно издолжени, тие заземаа некој неодреден простор. Малиот нешто живо зборуваше, убедуваше, молеше, гестикулирајќи очајно со рацете, со нозете, со главата. Но ветрот дуваше силно, му ја развеваше русата косичка, му ги изобличуваше гестовите, им го одземаше звукот на зборовите. Фигурата на таткото, пак, некако неприродно цврста и недопирлива за ветрот, малку поднаведната, внимателно го следеше малечкиот. Но беше јасно дека до неа не допира никаков звук, дека сето напрегање, сите молби и очајнички гестови му остануваат нејасни исто како и за Андреја. Со таа разлика само што Андреја силно сочувствуваше со напорите на малиот, додека фигурата на таткото со снисходлива насмевка, но рамнодушно всушност, го посматраше сето тоа. Овие две фигури се распливнуваа и повторно се собираа во своите контури. Сето тоа се одвиваше во нема тишина која како да беше и главната причина за ненадејната трагичност на глетката. Но во таа привидна тишина, која всушност ја имаше во заднина бучавата на ветрот и брановите што се разбиваа од брегот, се проби наеднаш уште посилна бучава на мотор. Накај момчето и таткото, небаре изнурнат од брановите, се појави чамец. Во него стоеше човек и мавташе со рацете над својата смешно и страшно разбушавена глава. Во едната рака како да држеше трозабец, но тоа можеше да биде и весло. Насмевката или гримаса, што како пукнатина се ширеше преку избрчканото лице од уво до уво, требаше да ги убеди всушност во неговите добри намери. Чамецот, не водејќи сметка за тоа до каде допира морето, продолжи да лебди над песокот и застана дури откако сосема се приближи до нив. А тие послушно, со изненадувачка леснина, зачекорија во него. Јасно се виде фигурата на таткото исправена во чамецот покрај разбушавениот морнар. Чамецот со силно брмчење појури и исчезна на хоризонтот. Чамецот исчезна но брмчењето не престануваше, туку со ново и ново додавање гас, стануваше сè понеподносливо. Во состојба на панично будење или, поскоро, паничен обид да го сопре будењето, зашто му беше останал некаков сомнеж – што станало со малото момче, зашто не му беше сосема јасно дали и тоа се качило на чамецот и, ако не, што станало со него, Андреја се преврте настрана, се згрчи и ги притисна ушите со тупаници. Но звукот неумоливо го враќаше во стварноста и тој се исправи свртен кон морето. До каде што допираше окото не се гледаше никаков чамец. Тогаш наеднаш стана неумоливо јасно свесен дека ужасниот звук му допира од зад грб и го догледа мотоциклистот кој, сосема споулавено, возеше слалом меѓу шипките од склопените сонцобрани, кревајќи облаци песок. Небаре со желба да го истресе од себе овој ужасен звук или, пак, залепените за него, остатоци од сонот кој толку му ја беше вознемирил душата, Андреја срипа и, не гледајќи никаде, се нурна во разбрануваното море. Пливаше под водата колку што можеше да издржи. Изнурна, зеде воздух и се нурна пак. Изнурна конечно и заплива веќе сосема оддалечен од брегот, каде што и брановите и ветрот не се чувствуваа толку или, пак, неограничувани со ништо во слободниот простор, се здобиваа со хармоничност слична на спокој. Кога се сврте и заплива назад, Андреја посака повнимателно да ги разгледа таткото и синот. Но на блескавата површина од вжештениот песок, сега смирен и небаре измиен, немаше никој. Како никогаш да го немало ни мотоциклистот; само шипките на сонцобраните сè уште слабо протреперуваа како штотуку забодени копја од некакви варварски хорди. Но тоа можеа да бидат и последните траги од ветрот, кој беше престанал нагло. Андреја сомнежливо погледа наоколу, се обиде да забележи какви и да било траги. Правеше силен напор да го разреши прашањето што од сето тоа на плажата навистина било, а што му се привидело во краткотрајниот сон или занес. Очигледно за него имаше поголемо значење прашањето: што е тоа што толку го беше вознемирило него. Но на тоа тој не сакаше да мисли во овој момент. Зачекори на местото каде што уште до пред малку седеле таткото и синот. Нозете му пропаѓаа длабоко и оставаа траги кои бргу се полнеа со вода и уште побргу се бришеа при повлекувањето на бранот. Згазнуваше на една нога за врз неа да ја префрли тежината на целото тело и да остави што подлабока стапка, но не успеваше да постигне ништо. Бранот неумоливо бришеше сè. Неколку пати ја повтори оваа игра, а потоа, засрамен, да не го види некој, се обѕрна наоколу. На целата плажа сè уште немаше никој. Но горе, на бетонската скала што се спушташе директно од бучната улица под еспланадата, се појави една жена. Таа се спушташе бавно отпетлувајќи ја истовремено својата облека за плажа. Дури откако стапна на песокот и зачекори накај него, Андреја можеше да зебележи дека, и покрај стројноста на својата фигура, таа веќе не беше млада. Дотолку повеќе го зачуди нејзиното некако претерано слободно однесување, но веднаш се сети дека тоа е веројатно зашто на плажата нема никој. „Немаше никој, но сега сме ние двајцата тука“, навремено се поправи Андреја и наеднаш малку се навреди, зашто непознатата жена се приближи сосема до неговото место, дозволи лесното здолниште да се слизне по нозете и да падне на песок, а, откако остана само во минимален црн дводелен костим, таа почна со босите нозе да го рамни песокот на кој ќе легне, наполно игнорирајќи го неговото присуство, однесувајќи се како да е навистина сосема сама. Кога таа се наведна да ја спростре својата крпа, откривајќи ги за поглед внатрешните делови од бутовите, Андреја злорадо забележа како тие млитаво се тресат. Тоа беше жена речиси на негова возраст, врсничка можеби. И тогаш се сети на Марина. Но што бара сега и тука Марина? Па секоја ли жена на негова возраст ќе го потсетува на Марина! И тогаш ја загледа уште повнимателно. Непознатата жена имаше кратка црна коса што ѝ ја прекриваше главата во форма на шлем и крупни очи со остар поглед на ут. Но, погледот, иако вперен накај него, како да го прескокнуваше или минуваше низ, запирајќи го своето внимание врз некоја незнајна точка. Така Андреја можеше да продолжи внимателно да ја разгледува, без да се чувствува непријатно. Жената се наведна до својата торба, извади големи темни очила, ги стави, засолнувајќи се зад нив како зад штит, и се спростре на грб. Со реско движење ја завлече раката под плешките, го откопча градникот од костимот и речиси предизвикувачки го фрли покрај себе на песок. Полните гради, наеднаш ослободени, стреперија и се распливнаа во бранови што се смируваа постепено. Со оглед на тоа што на целата плажа беа само тие двајца, и така блиску седнати еден покрај друг, ова личеше на отворен предизвик. Но жената лежеше така, неподвижно, расчекорена, со разголени гради, сосема рамнодушна и незаинтересирана, небаре наполно беше предадена на сончањето. Само погледот, заштитен со непроѕирните стакла, оставаше место за сомнеж дека не е сè така. Навреден прво од оваа двосмислена положба, Андреја посака да ја прекине на некој груб начин. Да ѝ пријде со некој простачки предлог, да ја навреди со некоја досетка за нејзината возраст? Но тоа беше толку спротивно на неговата пристојна природа, а и што, всушност, му направила таа? Затоа се премисли, ја стиша лутината во себе и престана да ѝ обрнува внимание. Со напор на волјата внесе спокојство во движењата додека го бришеше со крпа своето веќе скоро исушено тело, додека ја навлекуваше маицата, фармерките, додека намерно бавно го истресуваше песокот залепен за нозете, а потоа ги врзуваше врвките од патиките. Не сакаше да ѝ дозволи на оваа туку-така појавена жена да помисли дека е збунет, дека се повлекува вознемирен од нејзиното тешко објасниво однесување. Ја префрли крпата преку рамо и зачекори кон излезот. Кај скалите се сврте уште еднаш назад, небаре опфаќајќи ја со поглед целата плажа. Жената не се помрднуваше, небаре заспана или мртва. Расчекорена, спрострена – жално суштество, морска ѕвезда исфрлена на врел песок! Но му се стори дека главата сега ѝ беше малку поместена за да го држи и натаму во своето видно поле. „Па таа мене ме следи!“ – го пронижа непријатна мисла и одново почна да ја чувствува силно вознемиреноста од сите вистински и невистински нешта што ги беше доживеал на оваа плажа. Бирајќи ги сенките под старите дрвја на еспланадата, Андреја несетено стигна до својот хотел. Го побара клучот од собата и се изненади кога рецепционерот го задржа, извлече од неговата преграда и му подаде некаков плик. Очигледно пликот бил земен од самата рецепција за да му се даде попристоен изглед на доста истутканото писменце внатре. Андреја, сосема изненадено го раздипли и прочита: „Побарај го стариот бармен. Тој може да ти даде корисни упатства!“ – И, одвај читливо, небаре во последен миг, беше додадено: „Лудиот морнар“. Пораката беше напишана на хрватски јазик со одвај разбирлив, разбушавен ракопис. Андреја го праша службеникот: – Ова ви го донесе еден морнар со разбушавена бела коса? – Не, господине, – му возврати овој. – Тоа беше една поинаква личност, со мазна црна коса. Просто како капа. – Дополни рецепционерот со желба да му угоди со својата исцрпност. Андреја истрпна, а потоа речиси бојазливо запраша: – Таа црнокоса дама, како што велите, ви личеше на странкиња, на кој јазик ви се обрна? – Зошто мислите дека тоа била дама, господине? – овојпат се зачуди рецепционерот. – Тоа беше едно црнокосо момче и не би рекол дека е странец. Сосема ми личеше на оние момчиња, знаете, од некој дуќан, што можете да ги пратите со некоја порака. И, тоа зборуваше грчки. Качувајќи се по скалите до својата соба на вториот кат, Андреја замислено го туткаше писменцето в рака и се чудеше на самиот себе како ги поврзал настаните на плажата, од кои најголемиот дел, најверојатно, му припаѓал на неговиот краткотраен сон под врелото сонце, со оваа сосема нормална порака, која очигледно доаѓа од Стипе. 4. Кога излезе од хотелот, онаму, на поотворените простори накај морето, сè уште беше ден, но во тесните улички на градот, свежо полеани со вода, веќе се згуснуваше ладникав примрак и се палеа светлата во продавниците и локалите. Толпата луѓе, штотуку вратени од плажа, бавно поминуваа, застануваа, се пазареа. Младите, сè уште речиси сосема разголени, се кикотеа, се довикуваа, испуштаа извици на чудење пред парчињата корали, сунѓери, школки седефни и розови; пред сувите и сосема стилизирани со човечко посредување суштества наречувани морски ѓаволи. Атмосферата беше олабавена, празнична, пријателска. По долгиот попладневен сон Андреја се чувствуваше извонредно освежен. Главата чудесно му беше ослободена од сите вознемирувачки мисли и сомнежи од тоа претпладне. Необична леснина во движењата со соодветна бистрина во главата му го претвори пробивањето низ оваа толпа во чисто задоволство. Не си поставуваше излишни прашања; како на пример за тоа што ќе прави наредните часови или мигови. Немаше никакви желби ни потреби. Сетилата му беа изострени и реагираа и на најмали дразби: миризбата на женска кожа со несимнати траги од лосиони и кремови за сончање, и исто така подмолно развратната миризба на морските полжави и школки, изложени насекаде наоколу, предизвикуваа кај него некоја намовнатост на кожата и грбот, која и онака малку го боцкаше под маицата од непретпазливото утринско сончање. Се сосредоточи на учеството на своето тело во толпата што стануваше сè погуста и, со примеса на намера, не се иставаше пред можен судир или допир со некое друго, често младо тело, во полетно движење. А такви мали судири или допири на рамо, колено или зашеметувачки возбудлива вршка од дојка, беа речиси неизбежни во тесниот простор и не беа пречекувани со огорченост или потреба за извинување. Луѓето одвај како да дочекале да ја почувствуваат таа телесна блискост со другите по неприкосновената недопирливост што го бараше онака разголеното тело на плажа. Андреја повремено можеше да улови само по некој полунасмевнат поглед во лет, што проценуваше или ветуваше. Но сето тоа се губеше, се мешаше во општата турканица, се одлагаше за после, за кога, измиени од солта на морето, дезодорирани, напарфимирани и во свечени облеки, ќе ги бараат истите средби свесно и подготвено. Беше пријатно да се биде дел од таа општа незадолжителност. Андреја шеташе и навлегуваше од една уличка во друга малку подлабоко во градот. Носен од толпата стигна до една црква од којашто се слушаше пеењето од вечерната богослужба, а во мракот на широко растворените странични врати трепереа запалени свеќи; ја одмина и продавницата за кафе, од која се ширеа во пластови густите миризби на штотуку испеченото зрно, и мораше да застане, зашто во толпата се всечуваше аголот со блескаво осветлена и исто толку полна со народ продавница за слатки. Андреја направи напор и се проби до влезот. Тука не се седеше, туку само се продаваа слатки за дома. Неколку млади продавачки, со вжарени лица и меки прсти ги пакуваа слатките во свилена хартија, им врзуваа панделки. Загледан во овој сложен а, според него, всушност, сосема бесполезен процес, Андреја не осети кога му дојде редот. Неподготвен пред големиот избор, тој го запре погледот врз големите парчиња сува пита наполнета со зашеќерено овошје и, кога продавачката веќе зеде едно големо парче од неа со намера да го спакува, Андреја несвесно одмавна со рака, давајќи ѝ на знаење дека нема потреба. Таа веднаш го сфати, само лесно го зави во еден бел лист хартија и му го подаде. Небаре прима ритуален дар, со некоја почит спрема таа девојчинска рака натопена со несовладливо примамливите миризби на ванила, канела, препржен шеќер, Андреја го зеде, плати на касата и потоа се обѕирна наоколу, барајќи помирно катче каде ќе го јаде. Тогаш зебележа дека во внатрешноста на продавницата и други го прават токму тоа и необично се израдува што и тој станал еден од таа весела маса на уживатели на слатки. Сиот внесен во тоа како да се справи со колачот, што ужасно се трошеше при загризувањето и се ронеше наоколу, Андреја престана да обрнува внимание на луѓето околу себе. Но кога веќе ги дојадуваше последните залаци, до неговата свест допре чувството оти некој го посматра. Го крена погледот по малку засрамено, зашто мислеше дека со својата несмасност предизвикал нечие критичко внимание. Но, во погледот на еден младич, кој стоеше сосема залепен за ѕидот и кој изгледаше како воопшто да не ѝ припаѓа на оваа толпа, тој прочита многу повеќе од критичност или подбив. Зачуден, со некаква нејасна истрпнатост, Андреја го задржа погледот, но, наспроти очекувањето, ни младичот не си го повлече својот. И натаму го гледаше втренчено небаре токму и сака да му го привлече вниманието. Со сè уште недојадениот колач во рака и со по некоја ронка залепена околу устата, Андреја збунето почна да го проучува: црните очи со остар испитувачки поглед како на ут беа небаре врамени во исто толку црната и блескава коса, прилепена до самата глава. Телото му беше стројно и нежно, како на акробат или мечувалец. Андреја веќе почна да се прашува да не е едно од оние што бараат друштво на средовечни мажи, но неговиот поглед, и натаму упорно вперен во него, беше премногу сериозен, без ни најмала сенка на двосмисленост. Не знаеше што да мисли. Небаре раководен од нечија волја, тој послушно го собра остатокот од колачот во хартијата и, којзнае зошто, внимателно го спушти во кошот за отпадоци, а потоа, без никаква намера, ја завлече раката во џебот од панталоните. Пребарувајќи, напипа стуткана хартија и наеднаш се штрекна. Тоа беше писменцето, оставено за него во хотелот. Дали тоа беше овој младич? Дали е тоа гласникот што го одбрал Стипе? И зошто Стипе би го праќал сега да го следи? Сега, небаре со некое разбирање, Андреја го крена погледот, но таму веќе немаше никаков младич. Над местото каде што уште до пред малку беше неговата глава, Андреја наеднаш забележа ѕидна полица со полнет був. „Аха, ете зошто погледот на младичот го доведов во врска со поглед на був“ – си рече тој веќе некако сосема смирен, но и натаму, всушност, не му беше ништо јасно. Стоеше така неподвижен, вџашен, сè додека не допре до неговата свест дека турканицата се засилува, станува нервозна, и дека тој е всушност причината за нејзиниот застој. Ова го врати во стварноста, но кога излезе надвор и продолжи да оди низ улиците, пак го овладеа збунетост, која преминуваше во некоја трајна недоумица. Сè му се чинеше дека нешто не догледал, дека не успеал да улови некоја нишка, чие крајче веќе неколку пати му се беше подавало во текот на денот. Се обидуваше да размислува логично, да ги наоѓа објасненијата во измореноста која, ете, се пројавува дури денеска, кога се опуштил од напрегнатоста на патот; во несвикнатоста да биде толку далеку од Вера, во вакви околности – летни, одморски, се разбира – кога тие секогаш биле заедно; во целта, најпосле, на ова негово патување, која тој сè уште како да не ја беше наполно прифатил. Но сета таа, навидум цврста, градба од објаснувања и аргументи, беше како од песок; постојано се подјадуваше оддолу и се уриваше. Под неа се подаваше и сè повеќе се зацврстуваше едно навистина лудо чувство дека, уште од самото толку нагло донесено решение за овој свој потфат, се раководи од некоја туѓа, таинствена и необјаснива волја. И, откако го откри, ова објаснение му се стори дури и најпривлечно. Убаво е да се препуштиш на раководењето на некоја туѓа волја. Со тоа симнуваш секаква одговорност од себе. Како во војска! Се почувствува олеснето. Почна забрзано да се спушта низ некоја стрмна улица. Сепак, за секој случај, реши: „Ќе го побарам вечерва тој стар бармен и, ако дознам нешто, уште утре или прекутре ќе си заминам дома… Летото тукушто почнува, ќе ја земам Вера и ќе појдеме некаде, накај Атина…“ Со овие мисли тој излезе од сплетот на улиците кон морето и бргу се најде на пристанишниот плоштад. Сонцето веќе беше зајдено, но небото над ридовите со сега црниот цртеж на венецијанската тврдина на запад сè уште чуваше траги од извесна светлина во форма на сино-зеленикави дамки. „Аквамарин“, – којзнае зошто си рече Андреја. На плоштадот-пристаниште беше сиво и празно. И последниот ферибот беше пристигнал и неколку од нив стоеја вкотвени тука, тивки и напуштени. Шалтерите за билети беа затворени, но Андреја се приближи да го прочита возниот ред истакнат во осветлена рамка, небаре со цел одлуката за брзото заминување оттука уште повеќе да ја зацврсти со тоа. Фериботи заминуваа за Игуменица од изутрината на секои два часа. Ако случајно задоцни за првиот, ќе може да го фати следниот претпладневен, а, ако сака, ќе може и да руча, а потоа пак да има уште доволно време за да се префрли на копното и да преспие повторно во Јанина… Вака успокоен се упати по веќе познатите улички кон „Лудиот морнар“. Очигледно, сè уште беше рано за посетителите на ваков локал. Зад шанкот стоеше младо момче со болникав изглед и незаинтересирано ги бришеше чашите. Влегуваа по двајца-тројца посетители, испиваа набрзина по нешто освежително од-нога, гласно разговарајќи, и си заминуваа. Го немаше ни разбушавениот морнар, без кого Андреја просто не можеше да го препознае ова место. Со цел да се распраша за него веќе беше пристапил кон шанкот, но сосема навремено се сети дека би било сосема глупаво да се распрашува зошто некој од посетителите сè уште го нема; сè уште беше рано. Во последен миг ја промени веќе заустената реченица и праша за стариот бармен. Се разбира, тоа и не беше толку лоша идеја, зашто нели и Стипе го беше упатил на него во писменцето. Момчето учтиво му одговори да поседи, ако сака, дека стариот човек само што не дошол. Андреја седна покрај една масичка скраја, од која убаво се гледаа сите што влегуваат и излегуваат од локалот. Порача џин-тоник и почна да го процедува низ заби пијалакот, за кој не чувствуваше никаква желба. Чекањето се одолжуваше. Не се појавуваше ни морнарот, ни старецот и, како што се случува во ваквите квечерини за оној кој некого или нешто чека, времето како да беше застанато. Како да не се помрднуваше ништо. Неколкуте муви летеа и гласно го параа воздухот со своите крупни црни тела. Но тоа уште повеќе како да ја потцртуваше општата неподвижност. Андреја почна да се чувствува непријатно, глупаво. Се обиде да размислува, но мислите му се кинеа на некои мали делчиња, се преклопуваа една преку друга, внесуваа во него смут. Тогаш тој реши да ги проучува физиономиите на посетителите, но и тие се погодуваа некако сите безоблични, со белузлава или мошне вцрвенета нездрава боја на кожата, со омлитавени и неубави тела и нему многу бргу му се смачи да ги гледа. Просто беше неверојатно дека неколку скали погоре, надвор на плоштадот и во околните улички, се движи онаа весела, развревена толпа, во која што и самиот толку уживаше уште до пред малку. Стипе не се појавуваше. И мораше да помине извесно време па на Андреја да му стане јасно дека и не треба да го чека него – зошто инаку тој би му го праќал писменцето со кое го упатува на стариот бармен? Во меѓувреме зад шанкот, несетено, дојде до промена: на момчето му се придружи старецот, кој Андреја го препозна од сношти, а самото тоа излезе и почна да ги послужува гостите кои веќе ги пополнуваа масичките во засенчената длабочина на локалот. Доаѓањето на старецот тој не го забележал, зашто, сосема природно, овој го ползувал задниот, службен влез. Андреја воздивна со олеснување и побрза да го исползува мигот додека старецот уште не е премногу зафатен. Тој се премести на високиот стол покрај шанкот и си порача уште еден џин-тоник. Несигурен како да му се обрати, тој сепак прво го праша за Стипе. Но кога овој, не разбирајќи, само ги крена рамената, Андреја се поправи и го изговори името „Стив“, кренувајќи ги истовремено рацете над глава со раширени прсти, кои требаше да потсетат на разбушавената коса. Тогаш старецот со разбирање почна да му кимнува со главата и, примајќи ја порачката од момчето, се оддалечи кон спротивниот крај, ветувајќи му со поглед дека веднаш ќе му објасни што сака, само да ја заврши работата. Кога старецот се врати, Андреја сосема одредено го праша дали Стив доаѓа секоја вечер тука и дали го очекуваат и оваа вечер. Старецот, кој, очигледно, добро се сеќавал на нивното синоќешно запознавање и братимење, со разбирање му објасни дека, што се однесува до Стив, човек никогаш не може да биде сигурен, зашто тој може да седи тука секоја вечер и по цела недела, а потоа да не се појави со денови. Понекогаш се појавува само за кратко и исчезнува, но денеска, ете, којзнае дали воопшто ќе дојде. Тогаш Андреја, ползувајќи ја оваа готовност на старецот за подолг разговор, побрза да му го изложи својот проблем. Разделувајќи јасно секој збор, за да биде подобро разбран на англиски, тој му објасни дека Стипе, то ест Стив, го упатил токму на него, и дека на крајот од краиштата и не е важно дали е тој самиот присутен или не. Во секој случај, тука е старецот и, според убедувањето на Стив, тој ќе може да му помогне. Во оваа смисла зборува и писменцето што го добил од Стив утринава. И Андреја го извади од џебот стутканото бедно парче хартија, се обиде да го измазни пред старецот, но овој и натаму покажуваше неразбирање придружено со голема зачуденост. Тогаш Андреја ја сфати својата глупост, зашто писменцето беше на хрватски, и реши директно да премине на она што го интересира, зашто се плашеше дека старецот можеше да престане да му посветува внимание. Меѓутоа, пресретливиот старец и натаму љубезно му се насмевнуваше. За тоа придонесуваше, веројатно, се уште мртвиот период, па му беше и навистина интересно што ли тоа сака од него овој господин со навидум толку пристоен изглед. Затоа тој просто одушевено кимкаше со главата и му ветуваше дека ќе му помогне, да, секако ќе му помогне, особено кога има толку значајна препорака. Ова му помогна на Андреја конечно да се реши да му изложи на старецов во што би се состоела конечно таа негова помош. Започна доста нашироко и заплеткано да му објаснува за исчезнувањето на татка си, за тоа дека островов, Керкира, и во двете војни, како што е општопознато, бил привлечно засолниште и оаза за војници од разни армии и воопшто за којзнае уште кого… Старецот со непроменет ентузијазам продолжуваше да кимка не менувајќи го својот услужен израз, така што Андреја конечно малку и се посомнева: – Дали знаете можеби нешто за татко ми? – праша тој одеднаш сосема директно. На што старецот се сепна и учтиво, но сосема рамнодушно, му одговори: – Не, јас не познавам Руси, господине. Тие тука ретко наминуваат. Всушност, застанува во пристаништето по некој руски брод, но нивните морнари не одат по локали, господине. – И, откако го виде жалниот израз на лицето на Андреја, враќајќи ја својата преѓешна пресретливост, рече: – Не, не сум го имал тоа задоволство, господине, да го запознам вашиот татко. – На крајот додаде: – Дали сте за уште еден пијалак, господине, или, можеби ви е доста за денеска? Сте почнале малку рано… Андреја вивна од лутина на самиот себеси кога сфати дека човеков цело време љубезно го слуша и мисли дека е пијан, а воопшто не се потрудил да сфати што бара тој од него. За да го поправи некако впечатокот, за да го изведе од заблудата, тој рече: – Но вие не ме разбравте. Татко ми не е од денешниве Руси, разбирате. Тој исчезнал уште во војната, во големата војна, разбирате. А јас еве дојдов да го барам. – Така, така, господине. Уште од војната, се разбира. Како да не, се сеќавам и јас на големата војна. Многу луѓе се имаат тогаш загубено. – Побрза тој да се согласи со гостинот. А потоа праша: – А вие уште од тогаш ли го барате? – И продолжи: – Навистина жалам за вашиот татко, сигурно бил многу фин господин, судејќи според вас, господине. Сепак, можеби, да ви турам уште една чашка? Андреја направи еден гест на одбивање, што можеше да се протолкува и како израз на очајание. Тоа на барменот му се стори малку необично, имајќи го предвид неговото долгогодишно искуство со различни гости, и тој го запраша уште еднаш: – Не сакате? – И, веќе свртувајќи се кон друг гостин, наполовина како за себеси, промрмори: – Да, да, има такви моменти во животот кога човек се потсетува на своите драги родители. Да, да, сите ги побаруваме одвреме-навреме… Андреја ја сфаќаше апсурдноста на ситуацијата. Стариот човек си ја вршеше секојдневната работа, свикнат на поднапиените посетители да им се јавуваат разни мисли и тој да покажува разбирање за нив. Стоеше и размислуваше како да му се обрати. Како да го натера да го сфати сериозно и да поразмисли, да се потсети, зашто Стипе, нели, не без причина го упатил на него. Затоа тој енергично се одби со дланките од шанкот, си го исправи телото, а потоа го викна барменот и, кога овој му се приближи, Андреја, внесувајќи му се в лице, раздвојувајќи ги зборовите на слогови, изговори: – Ова денеска ми е прва чаша, разбирате: прва чаша. Јас воопшто не сум пијан, и воопшто не сум пијаница, ме разбирате? Барменот, исплашен од тоа што гостинот веќе станува малку непријатен, посака да го смири на вообичаен начин, но нешто во изразот на Андреја го сопре и тој сега реши да го сослуша со вистинско внимание. – Точно е дека малку предоцна, можеби, посакав да си го побарам татко ми, разбирате? – му рече Андреја. – Но дојдов тука оддалеку, од Скопје, само со таа цел: конечно да се распрашам за него. Тој веднаш по војната исчезна некаде, а последните траги водат тука, на овој остров. Можеби е веќе доцна, тој секако веќе не е жив, а можеби не се живи ни оние што би можеле да се сетат на него… – Дозволи да се посомнева Андреја. – Но, јас сепак би сакал да го побарам, да пронајдам барем некаква трага… Вие сте човек во години, сигурно би се сеќавале на островов да престојувал некој Русин… – Ве разбирам, господине, – како да се извинуваше сега барменот, зашто конечно сфати дека не е во прашање пијанство, туку нешто друго, доста матно, но сепак достојно за внимание кај чудниов гостин. – На островов, можеби, и престојувал некој Русин, не спорам. Овде секогаш имало многу странци. Но јас не се мешам многу со нив. Си ја гледам својава работа и никогаш не се грижам кој е и каков е. А и овде, во локалов, освен туристи, се знае кој вид гости доаѓаат… – Но веднаш по војната, – инсистираше Андреја. – Вие бевте млад човек… – А, тогаш јас не бев многу тука, пловев, господине. Многу години пловев по морето… – Зошто тогаш Стив ме упати на вас? – запраша речиси за себе Андреја обесхабрено, покажувајќи кон писменцето што сè уште го држеше в рака. Сега човекот внимателно се загледа во хартичето но, како што можеше и да се очекува, не го разбра напишаното. Забележувајќи го тоа, Андреја со показалецот ја посочи реченицата и му ја преведе: – „Побарај го стариот бармен“. – А-а! „Стариот Бармен“ велите, – рече човекот сега веќе со некакво разбирање. – Да, тој може да знае нешто. На добра личност ве упатил белокосиот господин! – Тоа, значи, не се однесува на вас? – се зачуди Андреја. – Не, не. Стариот Бармен, тоа е значајна личност, господине.Тој може да знае; тој е вистинска историја на островов. Да. – Па, како да стигнам до него, како да го најдам? – Ах, не на вакво место, господине! Не. – Рече тој категорички и се подзамисли малку. – Тој беше многу баран на отмени места, но, човекот си е веќе во години. Којзнае, распрашајте се за него во коцкарницата, во „Ахилеон“, таму работеше последен пат. – „Ахилеон“? Каде е тоа? – го праша Андреја нестрпливо и му стана жал што толку време попусто изгубил овде. – Дворецот „Ахилеон“ не го знаете?! Тој е на десетина километри одовде, веднаш под Канони. Имате ли своја кола?.. Во правец на аеродромот! – му дофрли барменот топејќи се од љубезност, откако го прибра значителниот бакшиш што му го беше оставил Андреја излетувајќи како стрела од барот. Првиот порив му беше по најкусиот пат да стигне до „дијана“, која не ја беше запалил уште од своето вчерашно пристигнување тука, и да го побара дворецот „Ахилеон“. Навлезе во сплетот на уличките кои несомнено водеа нагоре, но набргу му стана јасно дека правецот го води некако премногу десно, што значи и подалеку од морето и еспланадата на којашто беше паркиран. Се обиде да влезе во една, потоа во друга уличка; но само што ќе појдеше по една, таа ненадејно скршнуваше во друга; тесните и стрмни улички се прекршуваа под остар агол, завршуваа ненадејно во некој висок ѕид од камен, во некој заден двор полн со изабени автомобилски гуми, со искршен мебел, или изведуваа на мал, одвај осветлен плоштад, или, пак, просто пред луѓе, интимно испоседнати пред ширум растворените врати од своите приземни простории, од коишто се ширеше треперлива светлина од телевизиските екрани. Го подзабави чекорот, дури и застана, се обѕрна наоколу и сфати дека наполно ги испомешал правците; сонцето веќе беше одамна зајдено, морето некаде скриено, а гратчето непредвидливо се искачуваше и спушташе, завлекувајќи го во своите длабочини. Јадосано зажали што не го беше одбрал сигурниот пат покрај морето, што ќе го одведеше, малку заобиколно навистина, но без излишни талкања, кон посакуваната цел. Сега како да беше фатен во стапица, во пајажина, чија мрежа којзнае кој му ја плетел. Се разбира, сфати дека претерува. Треба да подзастане, да се олабави, да поразмисли: та не може вака веднаш да се втурне во таа некоја коцкарница и да го фати тој старец за гуша – кажи ми сè за татко ми! Па нема да го разберат, како што не го разбра и човекон пред малку. Ќе помислат дека е пијан, ќе го исфрлат надвор! Можеби ќе биде подобро – да секако подобро – да го побара тој дворец утре, да си даде време сè убаво да смисли, а потоа веќе да стапи во контакт со старецот. Со вакви размисли тој го подзабави чекорот, почна да ги загледува зградите, да им ја проценува староста, да му се восхитува на по некој балкон, на украс над прозорец или на некој необичен детаљ од стара врата. Така, малку посмирено, продолжи да оди од една во друга уличка и дури, откако забележа дека веќе по втор или по трет пат се појавува пред едни исти луѓе, испоседнати пред своите порти, што вчудоневидено го гледаат, сфати дека градот и не е толку голем, и дека опасноста да заталка не беше сериозна. Забележа дека сите улички, всушност, се слеваат во една поширока и, кога зачекори по неа, го пречека повторно вообичаената туристичка мешаница, со многу продавнички на школки, полускапоцени камења, живописни шапки и шарени индиски фустани, со ресторанчиња, киосци со сè и сешто и мали барови; со многу врева и турканица од долгокоси и брадести момчиња и девојки во шорцеви. Почувствува олеснување. Правецот беше пронајден. Се приклучи и тој на целата таа толпа не ослободувајќи се наполно од своите мисли. Не смее да избрзува, да испаѓа смешен… Па и навистина, еден педесетгодишен маж не може тукутака да се распрашува за татка си, изгубен пред четириесет години!.. Сето тоа треба некако поинаку да го смисли… Продолжи да шета и да подзастанува одвреме-навреме уште малку, а потоа, пред киоск со разгледници, со разни туристички прирачници и помагала на неколку јазици, зебележа голема и детална карта на Крф. „Па тоа требаше да го имам уште од самиот почеток!“ – си рече Андреја. Ја купи картата и почна да бара каде да седне за да ја проучи. Од десната страна на оваа улица, како во ниша, имаше проширување во форма на мал ренесансен плоштад. „Уште бунар во средината недостасува тука“, си рече Андреја задоволно и побрза да седне пред едно сосема мало ресторанче со само две-три маси напред, каде што, за чудо, сè уште имаше слободно место. Покрај задолжителната миризба на пржени компирчиња, на печени меса со оригано, однатре доаѓаа малку подмолните, раздразнувачки мириси на ракчиња и лигњи што се печеа на скара. Андреја ја рашири картата врз црвено-белиот ситно кариран чаршаф. Пред него, како наеднаш изникнато од вода морско коњче, се исправи проѕирно зелениот остров, со една грамада и планински синџир во проширувањето кај главата. Го побара градот, ги препозна веќе видените места, ги одреди правците. Долу, кон југ, аеродромот Канони и, уште пет-шест километри потаму – „Ахилеон Палас“. Сè беше тука – прецизно, јасно. Со точно означени километри од и до. Сè уште беше задлабочен во картата, кога пред него застана средовечниот келнер со вцрвенето лице. Очигледно дека тој бил и приготвувачот на јадењата во исто време. Тој така и се однесуваше додека ги примаше порачките: како некаде нешто да му загорува. На Андреја не му остануваше многу време за размислување, а и што би можел да посака друго. – Каламари и гариди на скара, – му порача тој кратко. – И половина литар бело, ве молам! Пренесувајќи го истото внимание со коешто пред тоа ја беше разгледувал деталната карта на островот Крф, Андреја ги сечеше со нож жилавите телца на малите лигњи и белите тркалца ги натопуваше во сосот од маслиново масло, лимон и оригано; долго ги задржуваше в уста, да не пропушти ништо од нивниот сладникав вкус. Главите со пипалките, крцкаво испечени, ги оставаше за на крајот. Лигњите за него не беа храна, или, барем, не во таа мера, како рибите и раковите, што исто така ги сакаше многу. Кога јадеше лигни, пред првиот залак секогаш мораше да подзапре, небаре да совлада некаков отпор, а потоа – ги ставаше в уста внимателно, свечено како да е тоа дел од некој малку грешен, осквернувачки но и полн со сладост, обред, во кој можат да учествуваат само строго посветени лица. Никогаш не можеше да се ослободи од онаа прва, темна, фасцинантна претстава за морето, што му се оформуваше постепено во неговиот длабоко континентален град и во уште поконтиненталните денови на неговото детство и рана младост, кога за подалечните и поинаквите простори на светот можеше да се дознае и да се научи нешто само од стари книги со излитени корици или воопшто без нив. Старогрчките митови во популарно издание на извесен начин природно се беа слеале со некоја исто таква популарна биологија на морето. Остробрадестите луѓе со необичниот цртеж на мускулатурата на голите тела, хидрите и медузите од нивните штитови и орнаменти, како и чудовишните главонози од кои, како што беше прочитал, некои можеле да достигнат и по неколку метри, лигњи, сипи, октоподи, сите заедно претставуваа за него делови од една иста митологија, која магливо се подава од длабочините на морињата и на времето. Кога за првпат ги беше вкусил лигњите, при едно задоцнето пристигнување со воз во Венеција, кога во блиските ресторани веќе не можеше да се добие ништо друго за вечера, Андреја ја имаше пред очи токму оваа претстава. Совладувајќи ја сосема разбирливата првична одбивност, па преку лесна вртоглавица, тој беше почувствувал дека во него нешто се вклучило, се воспоставил контактот, одамна посакуван и очекуван, на нешто длабоко во неговото човечко битие, со морето или со универзумот воопшто. Тогаш, и покрај извесната мачнина, што секако била последица од премореноста од долгото патување и неколкуте пропуштени оброци, тој ги јадеше тие бели, жилави тркалца и реши веќе никогаш да не ја пренебрегне оваа, за него нова, димензија на општење. Го потпивнуваше виното и го посматраше тивкиот плоштад: средишниот осветлен дел и аглите во полумракот. Малку подалеку се гледаа блескавите светла на главната улица, но овде беше мирно, таинствено, небаре нешто се подготвува, некоја глетка која треба да се одигра во секој момент. Со исто вакво намовнато, со притисок на волјата потсмирено очекување тој, како петнаесет-шестнаесетгодишен момчак, седеше сам на топлиот камен на оградата на кејот, речиси невидлив во сенката на големите платани. Пред него беше малиот, како на сцена, плоштад заблеснат од силното осветление на влезот од стариот скопски театар. Улиците кон еврејското маало и, од другата страна, кон рибарниците од кои исто така се ширеше сладникав подмолен мирис, се губеа во мракот. Внатре во театарот се одигруваше претставата, на која што не успеал да се провлече без билет. Го чекаше вториот чин, кога добродушните вратари ги отвораа вратите и пресретливо ги пропуштаа најупорните чекачи. Меѓутоа, и така, додека чекаше, учествуваше во претстава на некој начин. Требаше само доволно да се коцентрира, да внимава, да не испушта од вид ни едно од ќошињата во мракот, да биде сосема подготвен. И тој го запираше здивот, се начулуваше со таков интензитет, што почнуваше да му ѕуни во ушите. Тогаш во гранките над него лесно, одвај чујно ќе зашумолеше Папагено; некаде од мракот само што не се беше појавил Ромео да седне со Меркуцио на работ од силно осветлената рондела со расцветани лалиња пред влезот, за со него да го подели својот ненадеен љубовен занес; само што не заѕвечка со оружјето Тибалдо, спуштајќи се со својата воинствена придружба од темната уличка откај полуразурнатото кале… Но ете, широко се раствораат вратите, на отворената тераса на првиот кат и во фоајето почнуваат да излегуваат мажи и жени во лесни, воздушести фустани, за првпат облечени во овие први скопски горештини. Стркалувајќи се од вториот балкон, зазбивтано се појавуваат кај влезот и неговите другари, што имале повеќе среќа да се протнат на почетокот. Загрижено и со чувство на вина го бараат него. Но Андреја речиси со жалење го напушта своето место, речиси неволно ѝ се придружува на таа своја бучна толпа… Од темната уличка, некаде одгоре, изнурнаа три девојки во шорцеви и маички со голи грбови. Со извици на воодушевување ја зазедоа слободната масичка покрај него. Говореа француски и тоа нивно грлено „р“, што се тркалаше и доминираше, со својата трпкавост како да требаше да му даде посебен ефект на милозвучниот говор, го дразнеше Андреја. Како и тогаш, пред стариот скопски театар, Андреја се трудеше да го врати волшепството, повеќе насетено, отколку навистина доживеано, но толку напнато, толку исполнето со драматика, толку моќно да предизвика силен немир. Но остануваше само носталгија… Длабока носталгија и сега по тие мајски топли скопски вечери на малиот сквер пред самата зграда на преубавиот театар, по оние први немири и копнежи што… Ја побара сметката. Се упати сега сосема сигурен во одбраниот правец. Градот навистина не беше голем и излезе дека и хотелот е сосема тука. Си легна со цврста намера потрагата да ја започне утре, посмирено, попромислено, зрело. 4. Од паднатите шилести ливчиња на евкалиптусот и од уште некои ронки од не сосема јасно потекло, белото мермерно тело на античкиот јунак, во одразот на неголемиот базен под него, изгледаше толку неотпорно, ранливо – небаре живо и нежно тело нападнато од некоја лоша болест. Беше неподвижна водата; не се занишуваше ни најлесно гранче во паркот; воздухот беше леплив и тежок. Несомнено, тоа беше онаа тешка омарнина, на којашто беше предупреден Андреја од пријателски расположениот кон него грчки конзул во Скопје, кога беше дошол да си ја подигне визата и кога му беше соопштил дека патува на Крф. „Многу е убав Крф, ви честитам. Но јас не одам таму на одмор. Знае да биде премногу влажно и тешко!“ – му се беа врежале на Андреја зборовите на конзулот, иако во тој момент не им беше придал никакво значење. Но сега – беше незамисливо да се остане во хотелска соба, таму немаше свежина дури ни во најдлабоките часови на ноќта; морето со својата неподвижност предизвикуваше гадење, а меѓу луѓето, кои и натаму бесмислено се војваа низ тесните улички на градот, се чувствуваше како фатен во кафез. Згора на сè, таа нишка што му ја беше посочил Стипе, а која му се виде на прв поглед толку цврста и неподложна на сомнение, наеднаш се истенчи до неуловливост. Кога пред две вечери за првпат се беше појавил тука, нестрплив да го пронајде и да го опсипе со прашања Стариот Бармен во коцкарницата, уште на влезот беше немилосрдно сопрен. Гостин, сосема неадекватно облечен – во фармерки и патики – што на мошне сомнителен начин се распрашува за некој од персоналот, не можеше во никој случај да биде пречекан со должно внимание. Андреја попусто мораше да повторува колку што можеше најучтиво дека го бара Стариот Бармен. Да му кажат само дали е тука. Доби само закана од вратарот и боди-гардите, кои опасно почнаа да чекорат накај него, дека ќе биде исфрлен ако не си замине веднаш. Само едно младо момче од персоналот, што којзнае како се беше нашло тука за миг, го дочу прашањето и му дофрли мошне дискретно дека стариот човек може да го побара во неговата куќа во Канони. Андреја, зашеметен од својот сосема промашен обид, не успеа да дознае ни каде е точно таа куќа, а не го знаеше згора ни името на човекот што требаше да го бара. Се распраша утредента пак во барот кај „Лудиот морнар“, но ни тие не знаеја ништо поодредено да му кажат, а, како за инает, ни Стипе не се појавуваше никаде, небаре беше пропаднал во вода. Така еве веќе трет ден Андреја доаѓа на ова место со надеж да го сретне момчето, кое, како случаен сведок на непријатната сцена пред влезот, единствено покажало некаква готовност да му излезе в пресрет. Но, за жал, Андреја не му го беше запамтил ликот, и сега не би можел да го препознае по ништо. Единствено му беше останала надеж дека момчето ќе го препознае него, само ако тој вака упорно седи на оваа тераса… Во меѓувреме тој веќе имаше тука своја маса, иако и сите наоколу беа сосема празни во тоа време на денот – меѓу попладнето и квечерината – и свои навики: прво пиеше кафе, леден сок од портокал, потоа еден мал коњак, па, кога сонцето веќе сосема заоѓаше, си порачуваше узо со мала одбрана закуска. Во интервалите ја совладуваше вештината на палење и пувкање луле и, иако непушач, почнуваше да открива задоволство во тоа. Имаше и свој агол на гледање кон паркот, кон малото од три страни засолнето и сосема напуштено пристаниште, кон морето чија линија на хоризонтот кон север ја прекинуваше издадениот дел од градот Крф во далечината и, се разбира, го имаше својот невесел и, често испрекинуван со долги молчења, дијалог со мермерниот јунак, во чијашто непосредна близина беше одбрал да седи. Големата, во натприроден раст, но сецесионистички префинета и артифициелна скулптура на Ахил, којзнае зошто одбран да биде симбол и маскота на овој дворец, го провоцираше Андреја на некој необјаснив начин. Во очигледната, не само просторна, туку и временска издвоеност на целиот тој амбиент, иако одвреме-навреме воздухот грубо го потресуваа слетувањата и полетувањата на авиони од блискиот аеродром во Канони, оваа фигура како да беше единствено нешто реално и цврсто, на коешто можеше човек да се потпре. И Андреја му ги излагаше нему своите неодумици одвреме-навреме, а потоа го набљудуваше долго со заинтересиран поглед. Полека, додека ги средуваше впечатоците од посетата на музејот, сместен во приземните простории на дворецот, а секако и во врска со античкиов јунак, му се вообличуваше, за сосема да се искристализира на крајот една доста неочекувана мисла или, поточно, прашање на кое одговор, барем засега, не знаеше кој би можел да му даде: каде е, во што се состои суштината на еден пораз? Дали е вистински пораз да загинеш на бојното поле во цветот на својата младост, полн со енергија и убавина – при што Андреја ја прескокнуваше, се разбира, непријатната претстава на растргнатото тело на Ахил под ѕидиштата на Троја – или да се вратиш од битка средовечен и скршен, со сомнежи што главата ќе ти ја полнат до бескрај? Дали би можело да се рече дека самото враќање е пораз? Музејот долу, кој Андреја најде сили и волја да го посети дури во рано попладне третиов ден, содржеше по некој дел од мебел, по некој елегантен тоалетен предмет, опширна документација со факсимили и фотографии на градителите и првите сопственици на дворецот од, не обрна внимание кои, членови на австрискиот двор, со сè сите европски суверени што доаѓале тука да јаваат, да едрат и да се дружат, обележувајќи ја, на свој начин, таа краткотрајна и занесна „бел епок“ на сртот на двата века. Навистина не многу значајно и недоволно човек, наместо на плажа, да си го губи денот тука. Разгледувајќи така одвај заинтересирано и со израз на јадосаност на човек што не знае што да прави со самиот себе, Андреја наеднаш наиде на нешто што го потресе и силно го вџаши. Во неголема овална сала висеа неколку уметнички портрети. Уште при прв површен поглед вниманието му го привлече еден од нив. Тој тргна директно кон него, небаре на повик, и застана збунет; не знаеше што да мисли. Меѓу сите тие вкочанети, надуени, безизразни лица, овој лик имаше очи, речиси живи. Испакнати и длабоки во исто време – каде сум ги видел, Андрија си рече – во кои како да беше излеано целото негово битие, целата душа, страдалничка, несомнено, и во исто време подготвена да биде приемчива за страдањата на други, на целиот свет, на целиот универзум! „Ликот на Христос?“ одвај посмеа да се праша, а потоа: „Рубљов“ му мина низ умот, „но што би барал тука?“ ја отфрли оваа неумесна мисла. Потоа, со здржан здив, со внимание, речиси со стравопочит, Андреја го прочита името на бакарната плочка: „Николај II Романов“ и сосема неочекувано чувство на гордост, на трогнатост, му ги наполни очите со солзи; речиси залетна од надојдената плунка. О, што му се случува сега?! Та тој секогаш толку се вардеше од тоа да биде патетичен! Па и воопшто, поимите за херојство, за патриотизам, за страдања и саможртва за некои општи, најчесто фантомски цели, одамна ги беше сместил во романтиката на своето детство. Со години и напорно тој го изградуваше својот свет на разум, малку подбивен и ироничен спрема минатото, спрема големите гестови, спрема неумерените изблици на чувства. Хармоничното помирување на убавото со прагматичноста и егзактноста на градителската вештина тој како да го пренесуваше, на некој начин, и во својот интимен живот – рамнотежа, хармонија, удобност. Та тој не си дозволуваше никакви претерувања ни во пријателските односи, та дури ни во љубовта! Длабоко беше уверен дека и на Вера наполно ѝ одговара токму ваквиот однос, и тоа го задоволуваше. А сега ете… што тоа се случува со самиот него, каде тоа бил толку невнимателен, кој тоа бедем му е срушен, од каде сето тоа наврело во него?!. Да си ги поставува и да ги разгледува овие прашања со волку негодување Андреја успеа дури откако го напушти музејот и се искачи да го заземе своето вообичаено место на оваа тераса. Но во мигот пред оној портрет тој стоеше дамлосан, способен само за една мисла: та неговиот татко, Борис Кузнецки, кадетот Борис Кузнецки, морал да стои исто вака – токму на ова место! Можеби и повеќе пати! Веројатно исправен, во став на мирно, небаре на рапорт. А што можеше да рапортира пред овој длабоко страдалнички лик кој разбираше сè, и кој однапред простуваше сè? И небаре наеднаш, ослободено од непроѕирна завеса, го заслепи ненадејно сознание: чувството на трагичната промашеност и губитништво кај татко му не му ги создавале подоцнежните премрежиња и неуспеси во неговиот живот, кои, навистина, ги имал многу, но не, тоа постоело во него, го беше овладеало целото негово битие уште од мигот кога станал свесен дека го зажалил својот млад живот, не си ја пролеал својата врела крв за својот „государ“, еве овој, на сликава, и дека потоа – сè му било сеедно… Од тоа Андреја се вардеше како од најстрашна болест, од тоа чувство на непоправлива промашеност, на однапред прифатено губитништво, што со својата детска проникливост, повеќе со срце отколку со разум, го беше сфатил кај татка си уште од најрана возраст. И се вардеше од тоа, се опираше со сите свои детски, а, како што растеше, и севкупни сили на своето битие. Зошто сега беше потребно да се враќа на сето тоа? Но нели, тоа и беше целта на самото ова патување? Иако толку пати одложувано, тоа беше преземено, најпосле, зар само да седи вака во очекување на некои неодредени знаци, да изигрува некој средовечен безделничар што пувка на луле, на англиски начин, а всушност да брка химери, да стапува во дијалог со портрети, со митолошки јунаци, извајани во мермер?! Што, всушност, тој бара овде? Толку добро поставената конструкција на сиот свој досегашен живот тој ја разнишува наеднаш, ја поместува, се обидува да ја спореди, да ја сообрази со некои други облици и форми, кои којзнае дали и биле некогаш стварни. Дали е пораз да загинеш во битка, или е пораз од битка да се вратиш? Од каде и што ќе му се сега овие прашања. Та тој никогаш и не бил во некоја битка, а , судејќи според сè, никогаш и не ќе биде. И сето тоа е веќе толку надминато, толку надвор од мода. Кому му е сега до некакви војни? Андреја стана да се прошета малку низ паркот, да ги прекине мислите, да им даде поинаков тек. Една врвица, одвај видлива од нараснатиот троскот, го одведе надолу до малото пристаниште, до коешто требаше да се спушти низ неколкуте скалила од изветвени црвоточни штици. Беше премногу опасно да се згази на нив. Очигледно во дворецов денес се стигнувало само по асфалтираниот автопат; пристигнувањето со чамец, јуначкото скокање на кавалерите за што побргу да им ја понудат својата рака на дамите и романтичното искачување по дрвените скали и јазење по патеката кон големата тераса не им паѓало на ум веќе ни на најексцентричните туристи. Андреја го заобиколи пристаништето и одново се најде пред влезот. Светлината што беше уште заостаната од тукушто зајденото сонце му дозволуваше да ја прочита големата мермерна плоча на која пишуваше дека дворецот во 1916 година бил великодушно даден за „одмор и закрепнување на сојузничките војници“, читај српски, по нивниот пробив преку Албанија на југ. Дворецот изграден од член на австрискиот двор за да го собира на едно место европското семејство на суверени, им послужил за хуманитарни цели на уривачите на оваа голема европска империја. Во салата на портретите едни од суверените се нашле на една, други на друга непријателска страна. Едни од нив ги очисти од историската сцена првата, други втората Голема војна. Величественото здание сега си го вади лебот од ексклузивната коцкарница, а големата тераса со тој непрегледен поглед, веројатно најчесто празна, им служи, ете, на осамени заталкани посетители, кои се обидуваат да си разјаснат зошто и заради што се тука. „Премногу историја, премногу минато“ – си рече Андреја со гадлива гримаса и побрза да си го заземе пред малку напуштеното место, покрај мермерниот херој. Го гледаше тоа совршено машко тело во сиот напон на сила, потоа неговиот сега веќе одвај видлив подјаден, несовршен одраз во базенот, се префрлуваше на ликот на својот татко – подостарен, сиот омрлушен, небаре исцеден и од последната капка животен сок – онаков, каков што му остана во сеќавање од последното краткотрајно ноќно видување со него пред крајот на војната. Тој не сакаше да го памети така, се бореше против оваа слика, но тешко можеше да ја смени. Мајка му, Елена, навистина, раскажуваше поинаку за Борис. Во нејзините сеќавања тој знаел да биде полетен и радостен. Таа, можеби единствена, успевала да ги фати ненадејните пламнувања на надеж во неговите сиви топли очи. Не ѝ било тешко да поверува во способноста за среќа на овој човек. Особено, ако и таа се потруди уште, ако придонесе со својата огромна љубов, која беше пламнала уште при нивната прва средба. Нејзе ѝ станало јасно дека таа ќе мора да се потруди доста за да го оствари тоа уште при подготовките и за време на самата свадба, онака бучна, чорбаџиска, достојна за неговата ќерка, како што замислувал нејзиниот татко. По за неа сосема разбирливото збунето, повлечено, та дури и по малку непријателско однесување на Борис во тој период, навистина настапиле оние засекогаш запаметливи денови во Охрид, во кои на Елена тој сè повосхитувачки ѝ се откривал од миг во миг. Ја изненадувал со својата убавина, со отменоста со која ги носел новите, купени по наредба и од парите на татко ѝ за оваа згода, облеки, со однесувањето кон послугата во тогаш новоотворениот хотел Белви, но најмногу со нежната и постојана грижа и љубов со кои ја опкружувал неа, небаре таа е некакво скапоцено и лесно кршливо чудо, што сосема незаслужено му се случило… Но таквата претстава на Андреја не му беше знајна. Едноставно таа не допираше до него. Детето во него паметеше друго: остарен, омрлушен, искубан сокол со поткршени крилја. Како да се ослободи, да ја избрише таа слика од својата свест или, пак, како конечно да го пригрне, да го засака поразот? Андреја страдаше и негодуваше во исто време, но беше свесен дека тој толку неславен лик на татко му, од кој, чиниш, успешно се штитеше целиот свој живот, сега незапирливо му се приближува, се преклопува со него. А дали сега е тој наполно подготвен да го прими? ЏЕСИКА 1. За Андреја уште извесно време Ахилеон беше единственото место од коешто очекуваше каков било знак. Но неговите настојувања да дојде до нешто навистина поконкретно беа сосема млаки. Се провртка едно претпладне и низ Канони. Се обиде да се распраша за стариот човек тука и таму, без некаков успех. Сè уште со длабока запрашаност и недоумици внатре во себе, не знаеше дали да чека уште нешто или да се врати дома. Од Канони кое, поради близината на аеродромот а и тесниот раб на плажите прекриени со дебел слој на црни треви исфрлени од морето, беше доста непривлечно место, Андреј се упати кон југ, барем да го разгледа островот пред да си оди. Возеше покрај самото море сè додека тоа му го дозволуваше патот, потоа, покрај некое место, означено со многу хотели, патот скршнуваше од брегот и водеше некаде навнатре во островот. Заобиколувајќи крајче од некој рид, широкиот афалтен пат престануваше наеднаш или, поточно, се разгрануваше во три потесни, недоволно одржувани, очигледно селски. Едниот водеше натаму кон југ, низ средината на издолженото опавче на морското коњче; другиот – директно кон север, очигледно паралелен со оној по којшто Андреја беше дошол, само кривулест и полн со дупки, долж некој ридест предел; третиот водеше кон северо-запад, со патокази кои ветуваа прекрасни песочни плажи. Андреја, забележувајќи со жалење дека ја заборавил картата па и водичот во својата соба, ја прифати логиката на турист и го одбра овој трет. И навистина излегуваше на преубави песочни плажи, ги напушташе, и, понекогаш по тесни, понекогаш по пошироки или по сосема одвај препознатливи патишта, низ пуст и слабо населен предел, го одржуваше зацртаниот правец – северо-запад. Сосема изморен, замелушен од сонцето и врелината, излезе наеднаш на широк, очигледно главен – кралски пат. Бујната вегетација, во којашто преовладуваа бели расцутени олеандри и свежиот ветар што силно почна да дува откај запад, го привлече и Андреја да се вклучи во густиот сообраќај токму во овој правец. Големи сини патоказни табли навестуваа – Палеокастрица! Андреја како да се разбуди, нешто живо и весело се размрда во него. Му се сторија наеднаш и не толку важни сите негови дотогашни дилеми. Та местово е прекрасно! Три длабоки заливи со разиграно, распенавено море; над него темно освежувачко зеленило; и хотели, и вили со тиркизно синило на своите базени; и луѓе раздвижени и весели, но не онака „како туристи“, туку небаре да му припаѓаат на некаков друг, поинаков свет, прочистен и облагороден од светлина и убавина. Андреј ја остави колата некаде погоре, а потоа слезе на брегот, дозволувајќи восхитено ветрот да му ја развејува косата, да му бие в гради, в грб, да го опсипува со боцкави, солени капки од брановите. Потоа ручаше во некоја добро засенчена бавча над самото море; нешто вкусно, хранливо и многу лесно. Кога тргна накај својата кола реши добро да го запамети местово, можеби и да побара во него сместување, по малку свесно испуштајќи ја од вид својата уште сосема недамнешна намера за брзо враќање дома. На излегување од гратчето, додека чекаше да се вклучи во главниот пат, покрај колата се најде наеднаш девојка-австопер. Речиси механички ја пушти да влезе, и натаму концентрирајќи го сето внимание врз сообраќајната мешаница. Дури откако среќно се вклучи и почна посмирено да вози во сè уште густата колона, ѝ упати неколку конвенционални збора. До каде оди. Дали е жителка на островов или е можеби турист. И, откако дозна дека оди до градот и дека е дојденка како што е веројатно и тој, се задоволи со тоа и продолжи да вози пак молкум. Но очигледно девојката тоа не ја задоволуваше и, кога виде дека тој, возејќи веќе поолабавено по расчистениот пат, почна да ѝ упатува по некој испитувачки поглед, таа дружељубиво му се насмевна и неочекувано му предложи: – Викај ме Џеси. Андреја истрпна и ѝ упати уште повнимателен поглед. Девојката беше многу млада, но носеше на себе нешто безоблично, неодредено, така што не можеше да се добие никаков впечаток за нејзината става а и инаку… Па тоа лице! Тркалезно и мило, но образите ѝ беа толку нездраво црвени, испечени од предолго сончање или од некоја алергија, поверојатно. „Та што ме интересира нејзиниот изглед!“ – си рече. „Никогаш веќе нема ни да ја видам, штом само ја довезам до градот“. Но нејзините големи проѕирно-сини очи го гледаа живо, пријателски. А во тој миг толку му беше потребен некој со кој ќе може да сподели по некој пријателски збор. Па тој исто така расположено ѝ предложи: – Мене можеш да ме викаш Андреја, Андреја Кузнецки. И, откако таа го повтори, одвај изговарајќи го неговото име и презиме и лудо се раскикоти, тој ѝ рече: – И така, сега се запознавме. А сега кажи ми од каде си, каде ти е друштвото? Таа сè уште продолжуваше заразно да се кикоти а потоа, одвај сопирајќи се, му одговори: – Јас сум од Австралија… – а потоа, погледнувајќи го палаво додаде: – А што се однесува до тебе – јасно ми е! Ти си Полјак, иако зборуваш толку добро англиски. Само Полјаците можат да имаат толку извртени, тешко изговорливи имиња! – Од каде знаеш, можеби има и други… – ја прекина за миг Андреја. – Па бев во Полска, во Варр-шава, Крра-ков… Г…дањск! Замисли: Г-дањск! – и пак заразна смеа. – Што си барала таму? – ја праша зачудено Андреја. – Па, ништо особено. Патувам така, низ Европа. Прво бев во Англија, па потоа ваму-онаму, еве стигнав дотука. – Како тоа патуваш ваму-онаму, без некоја цел, без план? – продолжуваше да се чуди Андреја. – Па, ти реков, низ Европа. Ја запознавам Европа, кога веќе сум стигнала тука, разбираш? Завршив хај-скул, работев една година во продавница за плочи, си собрав пари за авионски билет, ја посетив Англија, имам таму некои роднини, а потоа… ете така решив да минам една година на вашиов континент. Тоа, впрочем, ми го дозволува авионскиот билет. Што има чудно во тоа? – А пари, си заработила толку многу пари? – Па, запирам во по некое место и подолго, си заработувам… потоа продолжувам понатаму. Еве и овде: возам автобус, во неделите. – И за да му дообјасни на сосема зачудениот Андреја, почувствува потреба да објасни: – Во неделите. Овдешниве грчки ортодокси не сакаат да возат во недела. А гледаш колку има туристи! Па ете така ни даваат нам, на скитниците како мене, ха-ха, ни плаќаат двојно! – заврши таа задоволно. – О! – се чудеше Андреја. – И тоа ти е доволно да преживееш? – Па подработувам уште и во еден кафе-бар кај пристаништето по два-три часа, во најголемиот шпиц. И, јас не трошам многу. Но… што е со тебе, уживаш во убавините, си го минуваш годишниот одмор, или си некој средовечен скитник, што не може да се прибере на едно место? – Па, од сè по малку… – ѝ одговори Андреја неодредено, немајќи желба да ја посветува во своите проблеми. Но веднаш, небаре тоа било толку важно, ѝ рече: – Но знаеш, јас не сум Полјак. – Па што си тогаш? – веќе од учтивост, но без вистински интерес, го праша Џеси. Андреја тогаш сфати дека вистинскиот одговор би го одвел сепак во преголемо објаснување, за кое воопшто не беше расположен, се извлече со, како што помисли тој, доста општ одговор: – Јас сум од Југославија… – О, Тито… Браво, знам… Тито! Беше згодно старо момче! Браво, баш ми е драго… – му се смееше таа со светнати очи. – Си била во Југославија, си ја запознала? – ја запраша тој. – Не, не сум била, за жал, некако не ме одведе патот. А и ми рекоа, знаеш, дека таму не може да се заработува, исто како ни во Полска. – Да, – рече Андреја со извесно жалење, – не може да се заработува. – А ти, како заработуваш ти? – го праша Џеси наеднаш. – Ах, тоа е нешто друго. Јас сум професор, професор по архитектура. – А, така, – рече Џеси полугласно, и Андреја забележа како наеднаш му расте угледот во нејзините очи. – Така и мислев дека си од оние, пофините, иако се возиш во ваква кола. Тоа ти е, како да речам, некаков стил? – Па не е баш стил. Имам и друга кола, поголем ситроен, но ѝ го оставив на жена ми. – А што е со жена ти, таа си летува на друга страна? – Ах не, таа остана дома. Има работа. Ја довршува тезата. – Во кратки реченици, доста збунето ѝ ја изложи Андреја ситуацијата. – Така. – Рече Џеси замислено и замолчи за извесно време. Се возеа така молчејќи речиси до пред самиот град. Кога веќе почнаа да се појавуваат ретки приземни куќарки, некакви полуселски домаќинства, по некој сервис за коли или бензинска пумпа, Џеси наеднаш живна и повеќе со движење отколку со зборови го замоли да застанат. Андреја веднаш ја послуша и, навлегувајќи малку во исушената трева покрај патот, го сопре возилото токму пред една висока железна, некогаш преубава но сега ‘рѓосана и многу оштетена, порта, обрабена од двете страни со мермерни столбови со чудни источнички украси на врвот. Кога Џеси излезе и поита низ портата кон куќата што одвај се гледаше во длабочината, меѓу разраснатото зеленило, поканувајќи го и него, Андреја малку се подвоуми, но, зошто да не, бргу се согласи да ја следи. Широка патека од камени плочи водеше накај влезот во куќата. Но и таа одвај се гледаше, зашто беше прекриена со дебел слој од борови иглички и други суви лисја, а од страните навираа од никого непопречуваните џиновски разраснати боцкави лисја на агави. Вратата од темно-црвено обоената куќа, како и нејзините прозорци, беше небрежно закована со по две-три штици, не толку за да го обесхрабрат оној што наумил да навлезе внатре, колку да покажат дека овде не живее никој; според изгледот на градината, а и на самата куќа – веќе од поодамна. Андреја одеше зачудено, а Џеси живо го испреваруваше по два-три чекора, подзастануваше и го свртуваше кон него своето восхитено лице; како да сака да му соопшти нешто мошне интересно, но ѝ недостасуваат зборови, и таа само ги ширеше рацете и го покануваше да продолжи по неа. Ја обиколија куќата, наѕирнуваа преку прозорците на приземјето, се обидуваа да распознаат по нешто од кршот што владееше внатре. Џеси исчезна за миг и се појави наеднаш на облеаната од попладневно сонце тераса на првиот кат. – Те поканувам на чај! – му довикна таа. – Токму е пет часот. Време за чај, зар си заборавил? Мојата налудничава стара тетка Лејди „Еј“ не смее да чека! – додаде таа заразно раскикотувајќи се на крајот. Андреја весело ѝ домавна ветувајќи ѝ дека сега ќе ѝ се придружи, но остана уште малку оддолу да го посматра тоа наеднаш преобразено палаво девојче, во неговата восхитувачки наивна детска игра. Којзнае зошто толку трогнат, тој посака наеднаш да ѝ се приближи на Џеси, да ѝ ги прегрне раменцата, снагата, кои сега, во полната светлина на сонцето, му се видоа толку кревки. Го пронајде бргу задниот незаштитен влез и се најде на терасата покрај неа. Но не ги подаде рацете, не ја опфати в преграб. Па тоа би било толку непримерено! Нежноста што беше напливнала сосема неочекувано тој ја преточи само во својот поглед. И Џеси тоа како да го сфати. Се стресе малку, се истави во засенчениот дел од терасата, небаре бранејќи се, а потоа, откако постојаа уште малку разгледувајќи ја околината, таа одвај чујно му рече: – Да одиме! Веќе кога влегоа во колата и Андреја го беше запалил моторот, Џеси небаре малку посрамено му објасни: – Сакав да ти ја покажам „мојата“ куќа. – Твојата куќа? – малку шеговито ја препраша Андреја. – Па, на „мојата тетка Еј“, – се обиде да ја прошири шегата, но по краткотрајна смеа, продолжи сериозно: -Уште првите денови кога го разгледував островов ја забележав неа. Многу ми се допадна, ми се виде некако позната. – На тетка ти, се разбира, што го пие чајот во пет. Но од каде, пак сега, стигнала тетка ти тука, и таа ли вози автобус? – ја задеваше Андреја. – Не, зошто?.. – како да беше малку засегната Џеси. – Стигнав тука и наеднаш – таа ми се виде толку блиска… Како да ја препознав, разбираш? Не ти се случувало и тебе така? – Па да, преубава е. – Андреја го прескокна нејзиното прашање што можеше да го одведе во несакана насока, и се држеше до самата куќа, не напуштајќи ја добродушната иронија: – Толку стара и запустена; со толку траги небаре намерно оставени за да ги пронаоѓаат дојдените оддалеку мали романтични девојчиња… – Тоа јас ли ти личам на мало романтично девојче? – го праша Џеси сосема збунето. – Па така ми заличи кога те гледав качена на терасата. Во сето она сонце!.. – Ох, на терасата! – образите на Џеси за миг како да станаа уште поцрвени, ако тоа воопшто беше можно, но наеднаш го погледна некако неубаво и сосема го промени својот тон. – А, така, значи, ти крстосуваш низ островов и бркаш мали романтични девојчиња! А јас се чудев… Андреја се почувствува непријатно, но му изгледаше апсурдно да се расправа или, што беше уште понепотребно, да се извинува, па помирливо ѝ одговори: – Па, во случајов, некој и така би можел да рече… Џеси молчеше, небаре незадоволна дали од него или од себеси. Во меѓувреме веќе беа навлезени во самиот град. Во близината на пристаништето Џеси лесно му ја допре надлактицата, покажувајќи со тоа дека може да ја симне и, веќе дополовина излезена од колата, кусо му се заблагодари за возењето. Андреја како да се сепна и, велејќи: – Ми беше задоволство, – неочекувано ѝ довикна: – Онаа куќа, знаеш, беше навистина возбудлива! Џеси му мавна со раката и бргу исчезна во една од тесните улички. Андреја длабоко воздивна, со олеснување, би се рекло, макар што навистина и не очекуваше некакви неволји со автостоперката. Веднаш заборавајќи ја, се искачи по кривулестиот пат покрај морето до големото паркиралиште на еспланадата, веќе одомаќено ја остави својата „дијана“ и тргна накај колонадата. Сонцето сè уште беше високо, луѓето беа по плажите, згодните продавачки стоеја пред своите бутици и си дофрлуваа по некоја шега една на друга. Под колонадите зјаеја празни кафеата и рестораните. Андреја си одбра удобен агол од којшто можеше да го посматра сонцето како запаѓа зад гувернерската палата и, покрај вообичаеното кафе и – што да не – и коњак, почна да се плетка со своето луле и кутичињата тутун, со запалката и направата за чистење и набивање, кои ги беше купил дополнително кај истиот продавач. Седеше, пувкаше на лулето и потпивнуваше во скржави голтки. Околу една масичка пред него, како мало јато, наидоа и испоседнаа група постари Англичанки, развревени како птици што се берат на некоја карпа на зајдисонце. Нивните пискливи гласчиња, артукулирани со умисла нежно и младешки, беа сосема во расчекор со нивните грдомазни фигури облечени во некои старомодни бесформени облеки. „Време за чај“, си рече Андреја и се потсети на Џеси на терасата. Таа изгледаше толку неверојатно убава во златниот ореол, во кој сонцето ја претвораше нејзината разбушавена лисеста коса. „Лејди „Еј“ нè повикува на чај!“ И Андреја, замислувајќи се сега како некој Англичанец од старите добри колонијални времиња, седејќи удобно завален, со прекрстени нозе, и пувкајќи отмено, почна да ги разгледува лицата на Англичанките до него, кои навистина пиеја чај. „Која ли од нив би можела да биде таа „Лејди „Еј“, таа нестрплива и мрморлива тетка на Џеси, дојдена од Индија да си ја помине староста на овој убав остров?“ И, навистина, што да не? Па секоја од овие тука би можела да биде господарката на онаа куќа! Што ако се патеките таму прекриени со дебели слоеви суви лисја, прозорците искршени, а од приборот за чај се останати само бедни искршоци од англиски порцелан со сини шари! Па тие и сега се тука, на островов, само за да душкаат по своите некогашни траги, верни на своите стари сеќавања и навики. А што друго, впрочем, бара тука и таа Џеси, дојдена дури од Австралија! А и што, најпосле, прави самиот тој? – се замисли наеднаш Андреја. 2. „Немој така, Борја…“ – се проби во него низ жилките, низ дамарите одамна запретан, но не и заборавен глас. Над татко му, седнат на стол, некако неприродно косо иставен од масата, со лице скриено во дланките, се надвиваше мек разлелеан облак, во кој заблеснуваше ту темното злато на косата, меко прибрана на тилот, ту длабокото, во секој миг подготвено да се разлее, зеленило на очите, ту млечната белина на разголените раце и длабокото деколте на празничниот фустан. „Соземи се, Борја, немој така“ – молбено но и верувајќи во силата на своите зборови, на својот глас, небаре изрекува некоја вражалска формула, одекнуваше гласот на Лизавета Ивановна, и малиот Андреја, сиот распнат од противречни чувства, нагло расонет, замираше на малата детска кожена софа-играчка, на којашто го беше седнала истата таа, бескрајно внимателна и недосеглива Лизавета Ивановна, и му беше тутнала дебела книга со илустрации в раце. Првпат беше чул некој да му се обраќа така на неговиот татко и во тој звук „Борја“ имаше нешто толку ново и привлечно, што во Андреја наеднаш пламна силна желба тој да му беше упатен нему. Му завидуваше на татка си и, со вивнато лице и очи од коишто само што не бликнале солзи, се чудеше зошто тој, неговиот татко, и натаму грчовито ги притиска дланките преку лицето и не се помрднува од местото. О, Андреја толку сакаше татко му наеднаш да ги симне рацете и да си го сврти лицето преобразено од восхит и обожавање кон тоа маѓосно суштество, што стои над него и толку нежно му ги упатува своите смирувачки и молбени зборови. И сите тогаш да продолжат да бидат среќни и радосни, што е всушност и најголемата желба на таа чудесна Лизавета Ивановна. Но колку чудовишно неблагодарен се покажа татко му. Тој, навистина, се помрдна, стана од столот, ги симна рацете, но лицето како да не го откри со тоа. Наведнато и збунето, тоа не одаваше никаква надеж за чудесната преобразба што толку силно ја посакуваше Андреја. Правејќи движења со рацете небаре се ослободува, небаре си пробива пат меѓу невидливите, но повремено светликави нишки, со кои го обвиткуваше Лизавета Ивановна, тој промрмори, одвај чујно, неубедливо: „Ништо, ништо, Лизањка, не вознемирувај се. Сè ќе биде добро“ – и излезе во претсобјето, каде што веднаш дотрча и Елена, повлекувајќи го Андреја за рака. Со отсечни но лошо пресметани движења Борис им помогна некако да си ги облечат палтата и молкум, поздравувајќи се само со кимнување на главата, зашто зборови не би можел да изрече без липот, ја оставија Лизавета Ивановна во рамката од нејзината врата, со подигнати раце, небаре за благослов, сета нестварна, поради силната светлина што ѝ избиваше од зад грб. Ваква, сета во тој светол ореол, нематеријална, од таа чудесна и противречна празнична вечер, ја беше запаметил Андреја засекогаш и нешто од тоа беше задржано во нејзиниот лик дури и кога ја среќаваше подоцна, останата сама и бедна, и веќе никогаш толку весела. Памети како по таа вечер уште долго не можеше да му прости на татка си што толку несфатливо се оглушил на зборовите на Лизавета Ивановна, а особено на она треперливо нешто мачјо, што таа го имаше во гласот додека изговараше „Борја“. За чудо, инаку толку приврзан на својата мајка, од оваа слика тој сосема непромислено и дури нечувствително го иставаше настрана нејзиното лице, згрчено од болка и понижување, а на татка си не можеше да му ја прости само навредата што, со своето неодѕивање на нејзините молби, ѝ ја нанесуваше на Лизавета Ивановна. Тој беше уште малечко момче и не беше во прашање самата Лизавета Ивановна. Не, тоа беше она вчудовидувачко нешто што се ширеше околу неа, онаа милозливост и во исто време цврстина во гласот, благост во движењата но и сигурност дека го прави токму она што треба. А ним толку им беше потребно макар малку сигурност во тоа време! Му останаа само сосема матни слики од времето кога, по долги наговарања и расправи, се беа решиле да ја напуштат дедовата куќа во Битола и да се преселат во Скопје. Дедо му подбивно и со презир, како со понизок слуга, почнал да се однесува кон татко му, а вујковците веќе не ја скривале својата злоба. Борис беше туѓинец, далечен и несфатлив за нивното семејство. Ги изневерил преголемите очекувања за своите способности; со својата работа, која, мора да се признае, и не ја извршувал со голема волја, одвај да ги покривал трошоците за издржување на својата жена и дете. По долг и тегобен период на несогласувања, расправии и долги мачни молчења, некој инженер Русин му беше нашол ниско чиновничко место на Железничката станица во Скопје, а некоја госпоѓа Русинка, за која секогаш се зборувало со голем почит, им нашла сместување во нова но скромна приземна куќичка во близина на самата станица, во улицата што водеше накај „Зеленото пазарче“. Андреја веќе добро ги паметеше светлите зимски денови во дворчето прекриено со снег пред нивната куќа и збунетите и ретко кога весели ликови на мајка си и татка си. Тука сè почести и подолготрајни стануваа отсуствувањата на татко му од дома. Сè почесто Елена, откако ќе го сместеше синот в кревет во соседната и единствена друга соба во куќата, остануваше онака сосема облечена и исправена да седи покрај непримерено за таа куќа скапоцената трпезариска маса, што ја беше донела, со уште неколку парчиња одбран мебел, од Битола, како мираз. Таа не се помрднуваше дури ни тогаш кога мажот се враќаше дома, ни кога виновно ќе седнеше покрај неа прегрнувајќи ја молкум, очекувајќи таа најпосле нешто да каже. Андреја се сеќаваше на наслушнатите мрморења во половина глас – „за да не се разбуди детето“ – за наскоро да почнат да се искубуваат зборовите од под контрола и да звучат сè појасно и попатетично: „…е па доста, не лути ми се повеќе мила моја, девојченце мое. Прости ми, извини, те молам!..“– завршуваше речиси со липот овој воведен дел. А потоа, кога не уследуваше никаков одглас, ќе продолжеше со мал прекор: „Ти велев јас тебе дека сум несреќен, пропаднат човек, дека ќе те уништам и тебе, малечка моја. А ти не ми веруваше, сакаше да ме спасуваш, мислеше дека е доволно само да имаш љубов!..“ И тогаш доаѓаше она очајничко, ужасно, кое Андреја воопшто не сакаше да го чуе, но кое, и натаму полугласно, пробиваше дури и преку перницата со која тој ги прекриваше ушите. „…А што ќе спасуваш? што останало во мене за спасување… можеш ли нешто да најдеш? Ајде! Разурнат сум јас сосема… празно е во мене, еве, гледај, нема во мене веќе ништо!“– И се слушаше придушено тупање во градите. И Андреја се обидуваше да се нурне што подлабоко во постелата, да пропадне, да не слуша, да ја избрише од пред очи онаа глетка, што ја беше наѕирнал еднаш застанат покрај подотворената врата: таткото паднат на колена со главата во скутот на мама. А таа исплашена, изгубена, трогната до длабочината на душата, но тажно, тажно и залудно се обидува да го теши: „Не, не е точно, не си ти празен човек!.. Господе!.. Па ти си толку… Ти си толку умен… толку убав, мил мој… Ти си способен, способен си за сè… Ти си способен за среќа… Само да сакаш… само малкуцка да сакаш…“ И на Андреја ужасно, ужасно му се грчеше срцето, до болка! Зошто не сака?! Па тоа е толку просто: само да сака! И, како да насетуваше некакво објаснување во натамошните зборови на мајка му, кои сега содржеа веќе ужасен прекор: „Само што тебе ништо не те интересира. Само одиш онаму… Ве собира таа… таа певица, таа светска дама! И тоа ти е најважно во животот. А што правиш таму?! Тие само ти даваат да пиеш и те прават уште понесреќен!..“ Тогаш Борис ќе почнеше да ја смирува, веќе сосема нечујно да ѝ шепоти галејќи ја, од што малиот Андреја, со срце сосема замрено да не го откријат некако дека не спие, можеше да распознае само одделни зборови: „О, колку грешиш… не сакаш да разбереш… мила, малечка, единствена моја… Па ти и не знаеш каков човек е таа Лизавета Ивановна… И сите тие, какви луѓе се сите тие… Зар и ти, како татко ти, како твоите браќа, како сите… ги мразиш без да посакаш да ги запознаеш, да ги разбереш?! О, кога би сакала еднаш и ти да дојдеш со мене… и малечкиот…Тие толку ве сакаат, јас постојано им раскажувам за вас… за мојата семејна среќа!“ Тоа нежно, молбено шушкаво убедување, небаре упатено и нему, го смируваше Андреја, го успиваше, без тој конечно да дознае дали Елена се согласила, на крајот, да појде и да ги запознае тие толку добри луѓе… Но еднаш, на свое големо чудење, Андреја ги беше чул овие зборови од татка си изговорени гласно, без страв од тоа дека може да ги чуе и синот, со смирен, сосема нормален глас, среде бел ден, пред самиот крај на ручекот. Денот беше зимски но светол, со чисто небо на кое, небаре изрежани од хартија, се оцртуваа розикаво-бели облачиња и тоа како да ги беше развеало сите тешки, наталожени чувства. Елена ги прибираше садовите од празничниот ручек и Андреја не можеше да прочита на нејзиното лице ни трага од несогласување или некој сомнеж, кога Борис, по она вообичаеното и задолжително на крајот на ручекот „Благодарам, мила“, со малку свечен тон ѝ рече: „Па, Леночка, вечерва одиме таму. Ќе го земеме и Андрјуша со нас. Тој е специјално поканет „на елка“, ќе има и подароци…“ Андреја истрпна, но немаше сомнение дека сето тоа беше изговорено јавно за и тој да го чуе и дека тој сега не е прислушнувач што не смее да биде откриен по никоја цена. И небаре со цел да ги развее токму ваквите сомнежи на синот, Борис стана откај масата и му ја разбушави шеговито русата коса: „Ќе одиме ли на гости, Андрјуша, вечерва, а?“ Андреја беше страшно збунет; во исто време некако посрамен, не можејќи да се ослободи од сите оние вечерни наслушнати тајни, и со растреперено срце од радост: ете, конечно, сè ќе се разјасни и тате нема да биде толку несреќен, а ни мама. Тој сурово ги гмечеше во своите испотени дланки златцата од чоколадни бонбони, што пред тоа толку внимателно ги мазнеше. А Борис нежно го крена синот на рамена, прокаска со него низ собата, а потоа застана покрај прозорецот замислено, заборавајќи на својот веќе поизраснат син во таа глупава положба. За тоа време и Елена, во длабочината на собата, која веќе беше во сенка поради рано настапувачкиот примрак, стоеше исто така нема и неподвижна покрај не сосема раскренатата маса. Дури подоцна кога, облечена во најновиот фустан што во голема картонска кутија ѝ го беше пратил татко ѝ за празникот, ја виткаше косата со вжештениот колмајс пред огледалото, Андреја го виде во одразот нејзиното лице како среќно, речиси детски, се насмевнува, сета заруменета од задоволство, додека мажот ѝ нежно облетува околу неа, восхитен. „Колку си убава, мила Елен“ – ѝ се восхитуваше тој на француски, блескајќи со златните копчиња на манжетните од снежно-белата кошула, при постојаната и неумерена гестикулација на рацете, и… „малењкаја маја, беднењкаја…“ продолжуваше полугласно на руски. Веќе облечени во палта и завиткани во меки шалови, Борис ги остави да почекаат во претсобјето, додека да отрча до железничката станица да земе пајтон. Савченкови не живееја далеку; веднаш на почетокот на „Булеварот“, кај „Чесните сестри“, во отмената четврт Буњаковец, но Борис инсистираше да одат со пајтон. Така било подостојно. Со изненадувачка грижливост тој ги смести жената и синот во меките седишта, како да се нешто ретко и драгоцено, а самиот седна задоволно на тесната клупа отспротива. Притоа не престануваше да им зборува со живнат глас, небаре брзајќи да изрази нешто што одамна му се беше насобрало, но од устата му излегуваа само неповрзани зборови, смешни, напати срамно патетични. Андреја трепереше од студеникавиот воздух и задоволство во меката, малку грчовита прегратка на својата мајка. Кога пристигнаа, татко му како младо момче скокна од пајтонот, театрално ѝ ја подаде раката на жена си, како на кралица, да слезе, го фати под пазувите синот, го крена високо над глава и, откако го постави со ножињата на снегот како да е кукла, му плати на пајтонџијата. Домаќините го беа чуле коњското тупотење и, кога тропна дворската портичка и тие почнаа да се искачуваат по белите мермерни скали од високото приземје, Глеб Алексеич веќе ги чекаше горе со широка насмевка. Весели сини искрички светкаа од подмрзнатиот снег под месечината и од неговите очи. Откако Борис му ја претстави жената си, тој, првин, како светски господин, длабоко се поклони, ѝ ја бакна со почит раката, а потоа – топло ја гушна. Речиси го задуши во својот преграб Андрјуша, а потоа долго го гушкаше Борис и татковски го тупкаше по грбот. Ослободен најпосле во претсобјето од прегработ на толку душевниот средовечен господин, и од бундичката и капата од зајачко крзно што го правеа по малку несмасен, благо поттурнуван одзади од родителите, Андреја се најде во силно осветлена соба исполнета со непознати лица. И започнаа одново извици на добредојде и одушевување, и го понесоа малиот Андрјуша во нови раце, преграби, бакнежи, галења. „Браво, браво. Ета значит наш дарагој Андреј Барисич… Очењ пријатно, очењ пријатно… маладец, какој маладец!..“ Се слушаше од сите страни, небаре Андреја навистина ги заслужил лично со нешто сите тие пофалби. Дури откако се најде на столот што беше поподигнат со специјално наместени за него двата тома дебели книги, Андрјуша со ужас забележа дека родителите му се некаде далеку од него; Елена, и таа по малку збунета, седеше меѓу домаќинот и некој помлад господин со дебели очила, а Борис меѓу две госпоѓи со високо кренати фризури и полни со блескав накит, од кои едната непрестајно се наведнуваше и му зборуваше нешто. До Андреја допре и известувањето, којзнае од кого изречено мошне шеговито и кое беше поздравено со општа весела смеа, дека тој вечерва ја има честа да ѝ биде кавалер на Пеночка. По долгото разгледување на лицата околу масата, тој конечно сфати дека тоа треба да биде младата девојка што токму тогаш седнуваше покрај него: мошне бела и мошне румена, со вистинска капа од ситни светло-руси кадрици што фрлаа златни искри на сите страни, додека таа неуморно се кикотеше и ја тресеше главата. Заѕвонија кристалните чаши, се изречуваа здравици, гласовите стануваа побучни и се слеваа во една општа врева, во која ретко што можеше да се долови јасно. Пеночка не го забораваше својот штитеник, и натаму кикотејќи се и блескајќи со очите, со снежно-белите заби, со косата, таа му ја полнеше чинијата со чудни, необични закуски, со комплицирано подготвени јадења и салати. А тој одвај да ставаше нешто в уста, обидувајќи се постојано, преку солзи кои само што не бликнале од очите, да го улови погледот на мама, која како да се губеше во некоја маглина, седејќи од другата страна на масата меѓу непознати луѓе. Откако се увери дека се попусти сите негови напрегања, тој го сврте погледот накај аголот на собата, во кој се вишеше блескаво накитената и со запалени свеќи огромна божиќна елка. Ѕвонеа и светкаа кристалните чаши, здравиците стануваа сè пократки и почести, а сè побучна општата врева, во која одвреме-навреме ќе се издвоеше некој повисок глас или кристално ѕунлива смеа. Некој незабележливо го нави грамофонот и, на првите тактови од свечениот валс, сите одушевено се раздвижија и потпевнувајќи и самите, кавалерите си ги побараа дамите, и сè се заврти, се помеша и пливна во солзите кои наеднаш веќе неспирливо му потекоа на кутриот Андрјуша, оставен така сам да седи покрај големата маса, напуштен и заборавен. Но само за неколку мигови… Грижливото и зачудено лице на домаќинката, прекрасната, обожаваната од сите Лизавета Ивановна, нежно се надви над него, а потоа – тој се најде во нејзините раце, пропаднат во мекоста на нејзините гради, во свилата на нејзината тоалета, во миризливоста, светликавоста на нејзината коса во боја на старо злато, во бескрајната длабочина на нејзините зелени очи, што подејствува врз него толку утешно. Таа неочекувано направи неколку вртоглави, занесни кругови со него во тактот на музиката, при што сите други двојки се поиставија настрана, а кога таа, малку задишана, меко го спушти на земја, сите воодушевено заракоплескаа. Сè уште нежно и грижливо таа за раче го одведе Андрјуша во оној кат на собата каде што беше елката и го смести во мала детска софа, речиси играчка, ставајќи на масичката пред него голема чинија со колачи, зашеќерено овошје, мандарини и ореви. Небаре со волшебно стапче Андреја ја беше заборавил својата навреда, својата напуштеност и очај и ја следеше сега само Лизавета Ивановна со детска зачуденост и крајна благодарност. А таа, во тој смарагдно-зелен облак од свила, од светлина, беше насекаде присутна истовремено. Таа се грижеше за сè и секого: додаваше, дотураше, покануваше, а постојано изгледаше како кралица, за која единствено и е приредена оваа забава. Отсекаде само се слушаше: „Благодарам, Лизавета Ивановна!.. Лизавета Ивановна, милаја!.. Лиза… Лизањка!..“ Зашеметениот Андрјуша не стигна ни да забележи кога целата таа мешаница беше стивнала и гостите, одново испоседнати околу маса, но сега послободно, кој каде, почнаа веќе во хор и настојчиво да ја молат пак Лизавета Ивановна: „Лизавета Ивановна, милаја Лизавета Ивановна, Лизањка…запојте… ну… запојте!..“ Тој и натаму не го одделуваше својот поглед од неа, а таа, сега седната малку понастрана од сите, се исправи, лицето ѝ доби сериозна замисленост и – таа запеа. Таа пееше, сите со восхит ја слушаа и на крајот од секоја арија, воодушевено ракоплескаа и извикуваа: „Изумитељно!.. Прекрасно!.. Обворожитељно!..“ Но кога таа, на големо изненадување на Андреја, ја започна песната која тој речиси отсекогаш ја знаеше од дома, и често и самиот си ја потпевнуваше, иако нејзините зборови не му беа до крај јасни, сите наеднаш како да се пристегнаа, лицата им се издолжија а од очите почна да им истечува речиси материјализирана тага. Прво занемени ја слушаа, а потоа во хор го повторуваа рефренот свечено, од длабочината на душата, како молитва, како заклетва. Андрјуша беше вџашен. Тоа беше онаа песна што татко му во оние, сè поретки мигови на семејна топлина и благост, седнат покрај неа на софата, ѝ ја пееше полугласно на Елена, а таа со смеење се обидуваше да го следи. И она што му се чинеше нејасно и неважно на малиот Андрјуша, сега му се откри; преку овие наеднаш станати толку сериозни и решителни, речиси сурови, лица, како пред огромен бран на некоја стихија што надоаѓа, што се заканува да преплави сè. И очите одново му се наполнија со солзи, а во исто време тој успеа да го фати во толпата погледот на Елена, која не пееше и беше речиси исто така вџашена, како и тој. Но бидејќи мама и натаму остануваше далечна и недосеглива, Андреја, за да не се расплаче одново, почна да ја превртува големата книга со илустрации брзо и нервозно. Меѓу дебелите корици се наоѓаа слики на некои свечености на бродови, со капетанот и офицерите во свечени униформи и со големи еполети и ширити, и морнари построени на палубата – исправени и горди. Имаше и слики на страшни луѓе со обетки во носот, и на Индијанци со големи украси од пердуви, за какви што се зборуваше во „Том Соер“, кој Елена му го читаше во нивните долги и осамени вечери. Но, кога го крена погледот да ја побара одново и да ѝ го покаже Индијанецот, стана наеднаш свесен дека се случува нешто непредвидено, и тоа непоправливо страшно… Пеењето беше стивнато, а луѓето ги беа задржале своите сериозни и тажни лица, додека татко му, Борис Андреич, со некаков необичен грч на лицето, станат во сиот раст и некако издвоен од другите, ги кажуваше сега гласно и испрекинато, небаре се задушува, оние зборови, тајни и забранети, што Андреја ги наслушнуваше во ноќните шепотења на своите родители. До него допираше: „Драги наши домаќини, Лизавета Ивановна, Глеб Алексеич, Пеночка…“ Аха, значи Пеночка им е ќерка, како тоа да беше толку важно во тој момент, си објасни Андрјуша. „…И сите вие мили мои… мои најблиски пријатели… родени мои… Вие, вие и самите гледате… Вечерва се уверивте во тоа колку мила, колку убава жена јас имам… И син… Андрјуша… И колку јас само ги сакам, о, колку ги сакам… Но јас… јас не смеам да ги сакам! Па кажете ми, мили мои пријатели, смеам ли јас да ги сакам, смеам ли јас воопшто некого да сакам, по сè, по сè?!.“ – го извиши тој наеднаш својот глас до страшен залебнувачки липот. Потоа, по една мачна пауза, тој продолжи малку поприбрано но и натаму небаре совладувајќи некој напор што ги надвишува неговите сили: „Извинете, не сакав така… Сакав само да речам колку ми е убаво тука меѓу вас и колку сум ви благодарен што ги прифативте вечерва со толкава љубов мојава сопруга, Леночка и моево синче… Тие ми се сè што имам и јас им должам да бидат среќни. Пријатели мои, помогнете ми! Помогнете ми да им кажам колку ги сакам и колку ми се тие драгоцени… Мојата Елена, и мојот син Андрјуша; се надевам, еднаш тој ќе ме разбере!..“ И кога меѓу лицата скаменети од вчудовиденост и збунетост, од засраменост заради него, се слушнаа неколку извици: „Што ви е, Борис Иванич… Борис… Борис!..“ а Елена сета вцрвенета стана и, пред да може некој да ја задржи, се втурна кон претсобјето. Борис, очајно мрморејќи и натаму, се струполи на најблискиот стол и го нурна лицето во дланките. Неколкумина отрчаа по Елена и ја доведоа благо држејќи ја преку рамената, што ѝ протреперуваа од немото липање поради срамот и понижувањето. Некои се одделија во разни групи низ собата и, иако потресени, како да сакаа да продолжат понатаму, да го избришат она што се случуваше во средината околу татко му. Над него, пак, беше наведната Лизавета Ивановна и му велеше: „Борја… Борја… ње нада…ну што ти…“ 2. Кога се врати во својата соба, Андреја се истушира и така, не бришејќи се сосема, се замота колку што беше можно со неголемата крпа, се испружи да здивне малку во ладовината на постелата и да ги среди впечатоците од денот. Ја рашири картата покрај себе на креветот и посегна по водичот. Палео-ка-стрица. Тоа место, што му се виде толку убаво денеска и кое му ја врати живоста на сосема омлитавеното тело а и духот од долготрајната омарнина! Дури подоцна стана свесен дека тоа, можеби, и не била заслуга на самото место Палеокастрица, туку мигот кога тој стигнал таму се поклопил со пробивот на свеж ветар од север што со еден замав ја беше развеал сета влага која неколку дена тежеше врз целиот остров. Сепак, ѝ беше благодарен некако токму на Палеокастрица за чувството на убавина и пријатност што сè уште протечуваше низ сите дамари на неговото тело. Покрај неопходните информации за природните убавини и хотелите со над три ѕвездички и сосема ексклузивни вили за издавање, во својот Блу Гајд тој прочита дека, иако нема некакви материјални остатоци, се претпоставува оти во едно од помалите длабоки заливчиња кај Палеокастрица бил исфрлен Одисеј, откако разбеснетото море му го уништило бродот. Прекрасната нимфа Калипсо, по седумгодишно ропство, му ја вратила слободата и тој конечно запловил накај својата Итака… Но моќниот Посејдон навредата сè уште не му ја беше простил, па така се нашол тој на островот на Феачкиот народ: Потем кралевната исфрли топка на слугинка своја;/ но не ја погоди неа, а падна во длабоки вирој;/ тие извикаа гласно. – Се разбуди дивен Одисеј;/ седна мислејќи се вака во своето срце и душа…“ Ги проскандира Андреја стиховите врежани засекогаш во неговиот ум, што со трогнат и горд глас им ги беше читала, а ги тераше и нив да ги читаат и да ги учат наизуст, незаборавната професорка по грчки и латински јазик во гимназија. Нејзиниот маж, почитуваниот професор на класична филологија, штотуку ги беше препеал на македонски јазик и таа уште само во ракопис, уште само одбрани одломки, им ги носеше на часовите. „…така Одисеј си мислел, сред убаволесници моми/ да се позамеша макар и гол, зар го терала нужда./ Ним им се стори пак страшен, од сланата огрубен вода,/ та се на разни распрснаа страни низ брегот остар;/ остана ќерката само н’Алкиној, Атена зар нејзе/ смелост ѝ в срцено стави и страв ѝ од снагата зеде…“ задоволно се забавуваше Андреј од замислената глетка, среќен што сè уште паметењето толку добро го служи. Иако се чувствуваше толку пријатно опуштен, а постелата несовладливо го привлекуваше на дремка, тој сепак скокна, ја навлече маицата, фармерките и сандалите, во малата торбичка со тутун и луле го прибра сега и дебелиот водич, решен веќе никогаш од него да не се дели, па се стрча по скалите долу небаре носен од ветар. Одамна не беше почувствувал таков изненаден наплив на енергија во своите мускулни ткива; таква готовност за акција, за дејство. Протрча покрај зачудениот поглед на рецепционерот, излезе од хотелот и веќе на самиот почеток на колонадата сопра. Што сега? Мораше да стапи во акција, да оди, да бара! Но каде? Но кого? Па да, се разбира, требаше да го пронајде Стипе! Тој човек, сепак, би морал нешто да знае, да има некаква трага! Веќе во сосема згуснатиот примрак, не попуштајќи пред примамливоста на блескотно осветлените кафеа и ресторани, Андреја се упати по најкусиот пат накај пристаништето долу. За „Лудиот Морнар“ сепак беше сè уште рано. А и сакаше намерно да остави повеќе време за можноста Стипе да биде веќе таму; како првиот пат – пријателски раскикотен, совладуван од задув и готов да пружи помош. Го забави чекорот и почна да ги разгледува со внимание малите кафеанчиња, ресторани „Фаст Фуд“ полни со младеж. Тогаш во главата му блесна среќна мисла: „Џеси! Па можам да ја побарам неа! Таа сега мора да биде некаде тука“. И го засили вниманието загледувајќи ги растрчаните келнерки. Ја измина така речиси целата низа, сомневајќи се веќе дека ѝ го заборавил ликот и дека веќе никогаш нема да ја сретне. Но не, зар е тоа можно – тој чист проѕирен поглед на сините очи и… тие малку нездраво црвени образи! – со добродушен насмев го ублажи прикриениот подбив, па реши да помине уште еднаш. И навистина, на самиот пристаништен плоштад, во кафуле каде што владееше сосема олабавена атмосфера, ја забележа неа како се кикоти служејќи ту една, ту друга маса, но беше наполно јасно дека сите, сосе неа, прават едно мошне еднородно, уиграно друштво. Андреја се приближи со чекор на двоумење, но не остана незабележан: сите го погледнаа со еден површен поглед и ги продолжија своите живи муабети. Само кај Џеси, откако го препозна, во еден миг на лицето ѝ се сменија неколку изрази: препознавање, незадоволство, натегната учтивост. И, откако реши да го задржи тој последен израз, дискретно му пријде, му посочи едно слободно место, сосема скраја, и сè уште немо, со прашален израз, ја почека нарачката. Наместо нарачка Андреја малку збунето рече: – Здраво Џеси! Сепак те пронајдов, гледаш?.. – Зар си ме барал? – го запраша Џеси. – Па не баш… – ѝ одговори Андреја искрено но сепак несигурно. Не сакаше ни да ја навреди, но ни да ѝ дава некоја посебна надеж. И, откако поразмисли малку, сосема спротивно од она што требаше, ѝ рече: – Сакаш ли заедно да вечераме? Џеси не го очекуваше тоа. Обѕрнувајќи се наоколу, небаре со страв некој да не го слушнал, му одговори сосема тивко, но строго: – Што и да мислиш, но треба да знаеш – јас не сум од оние што излегуваат со постари луѓе. Андреја остана вџашен. Па тоа и навистина можело така да се протолкува! Лут на себеси и искрено засрамен тој се обиде да го поправи впечатокот: – Но не, Џеси, јас не мислев така! Извини, те молам… – А како си мислел? – Го праша Џеси мирно. – Па онака, пријателски… Знаеш, јас тука не познавам никого и… – се заплетка Андреја, не знаејќи понатаму што да рече. Само лицето му пламна сосема неочекувано за неговата возраст. – Добро, – рече Џеси по кусо размислување. – Порачај нешто за пиење… Јас работам до единаесет, а после… Во случај ако сакаш да ме чекаш… – Ќе те чекам… И онака немам што да правам. – Се согласи тој сосема неочекувано и за себе. – Твојата порачка? – праша сосема службено Џеси. – Џин-тоник. И со тоа заврши нивниот разговор. Андреја го доби својот џин-тоник, студен, во висока испотена чаша. А Џеси продолжи да трча од една маса до друга, да се уфрла во разговор што очигледно беше општ и траеше по цела вечер, да се кикоти и срдечно да се гушка со оние што заминуваа или придоаѓаа после. Одвреме-навреме таа кон Андреја фрлаше краток и малку јадосан поглед, како сè уште да не знаеше што да прави со него. Андреја пак дисциплинирано се беше подготвил да чека, па си го раствори пред себе водичот „Блу Гајд“, иако светлината не беше доволна за навистина да може да го чита ситно испишаниот текст. Се подвоуми малку посегнувајќи по својата торбичка, но не се реши да си запали луле, плашејќи се неговата несмасност да не биде уочена од овие младичи и девојки околу него. Потоа го привлече интересна мисла: штом Џеси му кажа да ја чека, тоа значи… Па да, тоа значи дека не ја чека никој друг ни овде, ни на некое друго место! Дали тоа беше среќна околност? Се подисплаши малку. Но не, па тоа не го обврзува него со ништо. Ќе прошетаат, ќе си поразговараат малку… А после, па да, тој треба да го побара Стипе! Расеано справувајќи се со ваквите сомнежливи мисли, без да прекине внимателно да ја следи, тој сепак заклучи дека Џеси и не е толку сама. Секој кому му приоѓаше толку весело и присно можеше да биде еден… Но, вечерва, којзнае зошто, таа му рече да чека, значи… „Па тоа не значи ништо освен дека е слободна оваа вечер!“ Па потоа, откако поразмисли, малку натегајќи се, донесе изненадувачки поволен и смирувачки заклучок: „Едно е очигледно: таа е една пријатна и мошне мила девојка“. Во меѓувреме сè почесто цели групи стануваа од масите, се гушкаа и бакнуваа со другите што остануваа уште малку, се поздравуваа, ја гушкаа топло Џеси. Како да ја покануваа со нив, но тоа не беше сосема јасно. Друштвото како да се селеше на некое друго место. Кафулето се празнеше. Сепак, Џеси сè уште резервирано му пријде, побара да наплати и дискретно му рече: – Тргни онаму до аголот сам, а јас ќе ти се придружам веднаш. Андреја послушно стана и небаре незаинтересирано тргна нога пред нога, до најблискиот агол. Речиси веднаш по него, тивко како сенка, како мачка, го настигна Џеси. Пак со онаа гримаса, малку подбивна, малку зла, небаре за да си ја совлада, всушност, својата несигурност, таа му рече: – Па така, се изначекавте господине, а сега? Андреја брзо помисли: „И што, навистина, сега?“ Но бргу се снајде: – Па, страшно сум гладен, а ти? – И јас би каснала нешто. Но… за вечера каква што си замислуваш веројатно, се плашам, малку е доцна. Да јадеме нешто од нога… – му сугерира Џеси, покажувајќи со тоа и желба да го намали значењето на оваа средба. Андреја го изненади прво ваквиот предлог, но, откако поразмисли малку, му се виде умен. Па нели треба да намине кај „Лудиот Морнар“! А, зошто да не, може и со Џеси. Затоа се согласи премногу лесно, дури и за вкусот на Џеси: – Добро, вечерва нека биде така, а утре… – се исплаши и се поправи веднаш: – или некој друг ден може и поинаку… – Се заплетка сосем. Но Џеси како да не го забележа тоа, го повлече присно за рака: – Еве овде, овие грчки хамбургери се големи и сочни! – Бифтеки, ги викаат овде, – ја поправи Андреја како добар зналец. – И јас повеќе ги ценам нив од оние на Мекдоналдс. – Заклучи на крајот. Со поглед на заедничко разбирање застанаа во редот и набргу држаа в раце големи врели пакети: расечени земички од кои се ширеше занесен мирис на месо, кромид, оригано и којзнае на што сè уште! – Биф-те-ки! – изговори со тешкотија но весело Џеси, подготвувајќи се да ги зарие ситните бели запчиња во врелата маса. Андреја, веќе џвакајќи и доведувајќи се во опасност вкусниот залак да му прсне од уста, со предизвик рече: – Плескавица! – Што? – праша Џеси, раскикотувајќи се со исто така полна уста. – Пле-ска-вица! – Изговори Андреја и самиот прснувајќи во опасна смеа. – Пле-… како, што ти значи тоа? – Плескавица, – тој успеа конечно да изговори јасно, откако среќно го проголта и последниот залак, – така се вика кај нас. – А така, ги има, значи и кај вас? Па да, вие не сте далеку од Грција. – Си објасни Џеси. – Не, тоа се сосема наши… сакам да кажам дека не се грчки. Грчките се бифтеки, а нашите се: плескавици! – и плесна со двете дланки, туткајќи ја во топче мрсната хартија од алчно изедениот сендвич. – Ах, – му одговори Џеси но и натаму ништо не ѝ беше јасно. Андреја почна да плеска а, откако дојаде, му се придружи и Џеси. Таа рече: – Браво, браво, навистина беше убаво! – Не, – ѝ објасни Андреја: – плескавица – зашто се плеска; вака: плес, плес!.. – Ах, – почна да сфаќа Џеси. – Значи кај нас тоа би се викало „флеп-флеп“! – И се раскикоти заразно, бришејќи си ги со дланка измастените усни. Чувството на пријатна ситост како да воспостави некаква природност и леснина во нивниот однос. Андреја ја фати пријателски за рака и таа не ја тргна. Одеа така раскикотени и двајцата накај „Лудиот Морнар“. Во непосредната близина на барот, меѓу веќе разретчените минувачи, сосема неочекувано во пресрет им се појави Стипе. – Ах, ти си тоа! – извика тој изненадено препознавајќи го и застанувајќи пред нив. – Па каде си, чоче, те нема со денови, ас ти госпе… – ги сопра тој зборовите што веќе навираа зашто го беше зачудила неочекуваната глетка. Андреја стоеше како фатен на дело сè уште држејќи ја Џеси за рака. – Ах, да, сè ми е јасно. Ти не си губел време… – се поднасмевна тој или направи подбивна гримаса со својата широка подвижна уста и ги опфати и двајцата со значаен поглед. – Ох, не, не е ти како што мислиш… – Андреја почувствува потреба да се оправдува, но веднаш сфати дека е глупо па, на англиски, рече: – Ова е Стипе, то ест Стив, а ова е Џеси. Овие млако се поздравија и чекаа што понатаму? Молкум. Андреја сфати дека нему му е сега редот и дека и на двајцата треба нешто да им појасни, па веќе наполно прибран, ѝ укажа предност на дамата. – Тоа е човекот, знаеш, кого вечерва требаше да го најдам… Но оваа негова љубезност Џеси како да не ја сфати како што треба. Во очите ѝ се појави за миг неубав блесок, но бргу таа си го поврати рамнодушниот израз. На помош му се вмеша и Стипе, небаре зборовите му биле упатени и нему: – А ча, – рече тој на хрватски, па веднаш се префрли на англиски: – си ме барал? И стариот шанкер ми рече, но оттогаш минаа неколку дена. Па, си успеал ли да дознаеш нешто? – Ох, имам да ти зборувам многу… – Е-е! Долга приказна велиш, – рече на хрватски и се подзамисли малку. Потоа, како да најде решение, им предложи на англиски со ненадеен ентузијазам: – Па ајде, зошто да не дојдете кај мене! Јас сум тука, близу. – И потоа пак обрнувајќи му се само на Андреја, на хрватски му објасни: – Треба да ми дојде некој, знаеш… Ох, колку тоа ми тежи, ас ти госпе! Но ако, дојди и ти, не е лошо да видиш. Андреја и Џеси се подиставија малку еден од друг и послушно тргнаа по овој необичен човек. Тој, пак, ту префрлувајќи ги срдечно своите подвижни раце преку нивните рамена и извикувајќи го пријателски она негово „Е-е“, ту испреварувајќи ги, и чекорејќи напред, небаре ги заборавил сосем, ги доведе најпосле до тесна висока куќа речиси висната над самото море. Се искачија по стрми чкрипави дрвени скали сè до најгорниот кат. Тогаш Стипе отклучи некаква неголема врата и со широк гест ги покани да влезат. Се покажа дека тоа е еден неочекувано широк простор, некој вид тераса или таван, не многу вешто адаптиран за живот. Џеси влезе и сè уште молкум мирно разгледуваше, но Андреја беше навистина вџашен. На секој ѕид, до последен простор, закачени, потпрени исправено едно на друго, легнати на подот, имаше голем број платна. Тој стоеше и гледаше и не можеше ништо да каже. На секое платно имаше само море и море! Во разни нијанси на сината боја. На нив немаше ништо друго: само море, бранови, пена. Понекаде само, многу ретко, речиси како превид, како грешка на творецот – по некоја изгниена штичка, по некое делче од нешто, како нејасен спомен на некој стар бродолом. И сето тоа беше насликано мошне убаво, вешто и не без вистинска дарба! Андреја барем имаше око за тоа. Му требаше доста време да се соземе и да рече: – Кај кого тоа си нè довел, човеку, чие е сево ова? – Па кај мене, бем ти бога! Па сево ова е мое! – воодушевено извикуваше Стипе ширејќи ги рацете, претрчувајќи од еден агол до друг, не смирувајќи се ниту за миг. И пак на Андреја му заличи на некој голем инсект со крила, на кого само ограничениот простор не му дава да летне. „Колку ли маски има овој човек?“ се запраша во себе тој, потсетувајќи се на првата средба и на целата негова приказна, за којашто мислеше дека е конечна. – А, што велиш? – се клештеше во него чудно подвижното лице, воодушевено светкаа сините очи, белите пасма коса беа исправени како жица. – Па кажи нешто, знам дека се разбираш во ова! Андреја смогна само, сосема неумесно, да го праша: – А она со бротчето што е, со туристите на Видо? – Ма остај го тоа, тоа е сосема друга приказна! Кажи ми, ти се допаѓа ли нешто од ова? – Ти, значи, си сликар?! – тивко проговори Андреја небаре само за себе. Сега му се разјаснуваше нешто: од самиот почеток Стипе му изгледаше некако познат. Па да: – Ми личиш на еден наш познат сликар… – проговори тој гласно, но небаре само за себе. А потоа го праша: – Го сликаш ли само ова? – Да-а. А тој, твој познајник, – го запраша Стипе сомнежливо: – и тој ли слика море? – А не, не, тој слика врати, бели манастирски врати… – одговори Андреја речиси несвесно и сфати дека ова е сосема бесмислено, и дека нема никаква врска, и дека овој човек овде нестрпливо чека да му се каже нешто за неговите слики. Но не можеше да се совлада да не праша: – Само море ли сликаш и зошто? – А што би сликал друго, ас ти госпе! Па мене ми остана уште само тоа – морето! – Наеднаш патетично заврши овој. – Откако го напуштив мојот роден Хвар, мојата Јелса со оној на сонце добро испечен камен, со оние лилави полиња лаванда – милина једна – што ми остана друго? Морето и само морето. Тоа е барем насекаде исто. – А небото? – го праша Андреја, небаре токму тоа е толку важно. – А не, гледаш, небото не е насекаде исто! Па замисли го само небото над Јелса! Како може да е насекаде исто, па и тоа таму е лила, бем ти бога! Ако не сосем, тогаш барем малку, во квечерините и во раните утрински мугри… таква боја никаде на друго место не ќе видиш! – И пак го внесе во него збунувачкото, исклештено лице. За да се оттргне некако и да го поправи впечатокот од своите глупави прашања, Андреја тргна од слика до слика и ги разгледуваше со зналечки поглед. Тоа го смири и Стипе и тој домаќински се сети да ги понуди со пијалак. Однекаде извлече шише со старо виски, налеа во чаши. Џеси ја зеде и чашата на Андреја и му пријде да му ја подаде. На тој начин и таа како да се вклучи во целата глетка и атмосферата видливо стана полесна и попријатна. – Па ти си бил вистинска сликарчина, морнару! – му ја протресе срдечно Андреја надлактицата на Стипе. – Кај си го научил сето тоа и од кога работиш вака? – Ах долга приказна е тоа. Да не ти кажувам сега. Друг пат, друг пат ќе разговараме за тоа… – Блескајќи сиот од очигледниот впечаток што го предизвикал кај своите гости, повторуваше Стипе и со рака ги покануваше да седнат. Но самиот не седна и не се смири, како што би можело да се очекува. Стоеше пред нив со чаша в рака преместувајќи ја тежината од нога на нога и непрестајно погледнуваше на часовникот на својата десна рака. Со очигледно поделено внимание, но трудејќи се да биде учтив тој рече: – Па ајде Андреја, кажувај, до каде си ти со твојата работа? Андреја посака прво да му изнесува сè редум но навремено се сепна: па што тоа всушност би можел да му каже – за своите недоумици околу епизодата со чамецот и Малечкиот и Големиот на плажата ли, што очигледно било сон; со црнокосиот момчак ли, кој толку упорно му се привидува на разни места; со Стариот Бармен ли, на крајот, кој така и не успеа да го најде? Сепак се сети: писменцето, да! И рече: – Како што ми напиша во твоето писменце, знаеш, јас појдов уште утредента во Ахилеон… На ова Стипе го погледна доста изненадено, но учтиво продолжи да слуша. – Но не најдов никаква трага, знаеш, освен портретот. – Продолжи да му излага Андреја. На ова Стипе не можеше да се воздржи, иако, беше јасно, вниманието сè повеќе му беше зафатено со нешто друго, па го праша: – Каков портрет сега?! – На рускиот цар! – му одговори Андреја кратко. Но потоа сфати дека треба да му дообјасни па рече: – Онаму, каде што го барав всушност Стариот Бармен, во Ахилеон. – Аха! – Расеано рече Стипе. – И, го најде ли? – Не, тоа не ти било толку просто, знаеш, стариот човек… Во тоа време се слушнаа тешки чекори по дрвените скали. Стипе сиот се начули и просто со рака го запре Андреја, прекинувајќи го полугласно: – Еве го, доаѓа!.. – Богатиот купувач?.. – го праша Андреја исто речиси со шепот. – Па, така нешто… би можело да се каже… – како да не му беше лесно на Стипе да објасни кој е очекуваниот гостин. – Па тогаш… – несигурно рече Андреја, станувајќи да си оди. – Тоа со стариот човек, знаеш, и не беше некоја трага… Обиди се сам, наоколу, распрашај се тука и таму… мораш да најдеш нешто… – му велеше набрзина Стипе веќе сосема свртен кон надворешната врата и стегајќи им ги премногу срдечно рацете на Андреја и на Џеси, небаре со желба така да го надомести нагло загубеното внимание кон нив. Слегувајќи по тесната скала тие не можеа да ја избегнат средбата со човекот што се качуваше и кој толку нервозно беше очекуван од Стипе. Човекот беше висок и крупен. Не дебел, но сиот некако набиен, непријатно мазен, со глава и врат што се слеваа во едно. – Уф, каков тип! – со згрозеност проговори Џеси, откако се беа оддалечиле доволно за да не може да ги слушне. И тоа ѝ беше всушност првото отворање уста откако го беа сретнале Стипе. Но сега веќе таа не смогна сили да молчи. Премногу загатки, премногу прашања се беа натрупале за кратко време. А тоа што Андреја ја повел со себе и на тој начин очигледно ја вклучил во нешто, ѝ даде некакво право. Таа се подистави малку настрана не запирајќи го одот и го изгледа Андреја со долг испитувачки поглед, а потоа, плеснувајќи со рацете, малку комично рече: – Ах, на која тоа тајна заговорничка група ѝ припаѓате вие? Тој симпатичен сликар! Па оној очигледно бодигард на некоја крупна ѕверка! А потоа – ти?! Чудна дружина, нема што да се рече!.. – и прсна во својата скокотлива, писклива смеа, којашто ѝ доаѓаше на помош секогаш кога не знаеше што да прави, како што веќе беше стигнал да забележи Андреја. Андреја чекаше таа да сопре па потоа да ѝ објасни по нешто, но таа, сè уште низ смеа, го впери показалецот во него и викаше: – Ти… ти… ох, не можам!.. ти си всушност најопасниот од сите! Со тоа твое умно пристојно лице присобираш наивни девојки наоколу. Ха-ха! Кажи, што треба да бидам јас, за што ли ме готвиш?! – За двоен шпион, се разбира… – се насмеа и Андреја расположен од нејзината подготвеност сè да претвори во шега. – Но сепак, – Џеси конечно доби сериозен израз: – ти не си дошол тука заради туризам, нели?! Ти како да бараш нешто… – Па, – ѝ одговори сериозно и Андреја: – Јас, навистина, имам своја цел тука, но не, не е она што ти би можела да мислиш… – се збуни Андреја, зашто не знаеше од каде да почне. – Мислам, нема тука никаква тајна… – Но… оној сликар на море ти е сонародник, нели? Зборувавте и на вашиот јазик… – по малку строго го потсетуваше Џеси. – Да, да, но и јас го имам видено досега само еднаш и тоа тука, во „Крејзи Сејлор“! Чуден тип, навистина. Разговаравме малку и тој ми рече дека би можел да ми помогне околу мојот проблем… – неубедливо ѝ одговараше Андреја. – А кој е твојот проблем, ако не е тајна? – кратко го пресече Џеси. – Па, знаеш… јас дојдов тука со намера да побарам некакви траги за мојот татко… – А што е со твојот татко, си го загубил? Жалам… но како: сообраќајна несреќа, бродолом, како? – Не, не, тој исчезнал веднаш по војната, па… – Чекај, чекај, по која тоа војна? – се вџаши Џеси. – Па по Втората, светска се разбира… – Ох, па во кој век било тоа?! – пак прсна во смеа Џеси. – И ти, и ти… сега си забележал дека го нема?! – Ох, немој така, Џеси, – малку навредено рече Андреја. – Јас тогаш бев само дете, а после… Па, како да ти објаснам, едноставно на него не смеев ни да мислам!.. Знаеш како беше: препород, изградба, ново општество… а татко ми не се вклопуваше никако во тоа, дури ни како спомен… Се гледаше дека Џеси вложува голем напор да го разбере, но… особено последниве зборови!.. Андреја сфати дека треба да биде поисцрпен па почна да ѝ објаснува сè од почеток: – Татко ми беше Русин, знаеш, од оние Бели. Бил офицер, кадет, се борел за царот. Граѓанска војна. Контрареволуција… – изговори Андреја и самиот се вџаши. Тој збор, тој строго забранет, тој ужасен збор што никогаш не го беше изговорил досега ни во своите мисли! Подзапре, се збуни, се вцрви, му се пресече здивот! Но не се случи ништо. Тој и натаму стоеше цврсто на своите нозе, не го снајде никаква казна. Само Џеси го слушаше мирно со малку ококорени очи. Тогаш, соземајќи се, Андреја продолжи наеднаш како научена лекција: – Откако пропадна контрареволуцијата, знаеш, тој мораше да бега. Избегале многу, со бродови, преку Црното Море. А потоа… талкале низ светот… И така редум, факт по факт, концизно, трудејќи се да биде јасен, Андреја ја упати оваа случајно сретната девојка од Австралија во најдлабоко закопаниот, најтајниот дел од својот живот. Некои работи ги именува за првпат, некои првпат ги изрече гласно. Мораше тоа да го стори зашто таа, девојка од сосема друг свет и сосема друго време, не можеше ништо да сфати од полузбор, за премолченото да се досети сама. Се трудеше да ѝ ги објасни околностите, навиките, обичаите, политичката клима, ја спомна мајка си Елена, Марина… Џеси чекореше покрај него послушно како дете и со должно внимание го слушаше неговото предавање. Но од сето тоа и натаму како да не сфаќаше многу. Најпосле, откако Андреја заврши, збунет и самиот од вака претставената вистина која сега небаре и за себеси за првпат ја открил, Џеси го погледна топло и со некоја особена благост му рече: – Мора да била убава таа љубовна приказна!.. – Љубовна приказна?.. – ја погледна Андреја не разбирајќи. – Па да, љубовната приказна, нели?! – И продолжи наеднаш по малку во занес: – Па мајка ти и татко ти доживеале една неверојатна, една прекрасна љубов, нели? Претстави си: Божиќна вечер и преубав принц на врата! Зашто татко ти е вистински принц, нели? – речиси констатира со малкунѕа подбив Џеси, но потоа пак со наивен занес го праша: – Како изгледале, убави ли биле? – Кои? – изненадено праша Андреја. – Па твоите родители. – Па да, – одговори Андреја по извесно размислување, не очекувајќи го ваквиот пресврт. Но не без пријатно чувство, дополни: – Мислам дека и двајцата беа многу убави; секој на свој начин но… но јас никогаш не ги гледав така… – Се разбира, – го прекина Џеси и продолжи наеднаш мудро: – децата никогаш не ги гледаат родителите така, ни како привлечни, ни како љубовници, но… има нешто што се чувствува во нивниот однос, што не може да се изрече со зборови, но допира и до самите деца многу јасно, нели?.. – Да, да, како да имаше такво нешто… – потврди Андреја и се задлабочи во мисли. Фрлаше по некој прикриен поглед кон девојката што мирно чекореше покрај него. „Љубовна приказна…“ повторуваше во себе. Тој мајка си Елена ја доживуваше секогаш како страдалничка, како невина жртва. Татка си – како тажен губитник, згора и виновник за многу нешта во нивниот живот. Но за љубов, за страст дека имало меѓу нив, тој никогаш не помислувал. Колку погрешна, колку непростливо погрешна претстава тој, значи, имал! „Љубовна приказна…“ – Е па, – проговори најпосле Џеси, – веќе трет пат поминуваме покрај мојов пансион. Ти благодарам за убавата вечер, – како да се провлече иронична нишка во нејзините учтиви зборови. – Ох, чекај, Џеси! – се сепна Андреја. – Па нема да си заминеш така! Ајде да се најдеме утре… – и, откако поразмисли малку, – да се најдеме дење, да одиме на капење, на ручек! – се одушеви наеднаш тој од својата идеја. – Дење си слободна, нели? – Да, не работам, освен во неделите кога го возам автобусот. Зошто да не, – се согласи Џеси, – и онака ги обиколувам плажите сама. – Значи, договорено? – заклучи Андреја. – Добро. – Одговори Џеси. – Каде ќе се најдеме? – Па ќе дојдам по тебе овде, во десет часот. – О кеј! – рече Џеси и се изгуби во вратата, дрвена, со старински украси и со излупена кафена боја, сосема соодветна на скромната зграда на нејзиниот пансион. Андреја постоја малку замелушен од своите нови сознанија. Кој би рекол? Да. Имаше многу од тие – кој би рекол. Девојкава, на пример. Патува сама, талка низ светот, би се рекло без одредена цел, без предрасуди, без илузии, без романтика, а тука: „Љубовна приказна!“ Таа веднаш го виде она што Андреја педесет години не успеал да го види! И веднаш се запраша: дали некој, дали Марина? Да, дали Марина?!. А дали и Вера?! Можно ли е и Вера да го знаела сето време тоа што нему дури вечерва вака ненадејно му се откри?! Зачекори накај својот хотел и кога виде дека бргу ќе стигне, намерно направи голем лак покрај брегот. Па толку воздржаната, толку дискретна Вера, значи, можела и таа да?.. Сега по малку му се разјаснуваше нејзината не само изненадувачки голема почит, приврзаност и љубов кон неговата мајка, туку, би се рекло, фасцинација, да, фасцинација со нејзината личност. Него секогаш по малку го зачудуваше тоа, но го толкуваше, со добродушна иронија, како женски заговор во куќата, како блискост која ја чувствуваат само жени за жени. И не може да се рече дека не му било мило. Па тој и двете толку ги сакал! Но кога Елена се пензионира, а нивниот Игор порасна толку да не бара некоја особена грижа, сосема необјасниво, неосновано, лудо, таа реши наеднаш да излезе од неговиот живот, да се повлече в манастир, кај игуманија Русинка на Скопска Црна гора! Тоа за Андреја беше таков удар! Не сфаќаше ништо, се чувствуваше толку длабоко повреден! Таа негова толку пожртвувана мајка, целиот свој живот толку исцело посветена нему, значи, скривала нешто во себе, некој дел што го пронесла недопрен, заштитен дури и од својот единствен син, низ целиот свој живот и конечно нашла скришно место – манастир! – каде што ќе може, не плашејќи се дека ќе ја види некој, дека ќе ѝ суди, да го извлече на светлината на денот. Да го разгледува како најголема драгоценост од сите страни, да го гали, да му се восхитува и повторно во себе грижливо да го враќа. „Па ти си толку… Ти си толку умен… толку убав мил мој…Ти си способен за среќа… за сè што сакаш…“ Тоа беа зборовите, очајничкиот шепот, пред кои малиот Андреја, но и големиот, си ги затвораше ушите со перница, сакаше да ги избрише од своето паметење, од кои страдаше. Навикна да ги смета за понижувачки, срамни дури, а тие, ете, кога ќе ги погледне сега во нова светлина, па тие биле толку полни со страст, со безгранично предавање и љубов! И тоа му се открива вака наеднаш, небаре патем, дури денес! А Марина тоа го знаела, секако, отсекогаш. Го знаела и Лизавета Ивановна и сите оние исчезнати и заборавени Русинки, кои толку топло ја прегрнувале Елена, ја викале „голубушка“, ја гледале со почит. Го знаела отсекогаш и Вера… И на Андреја наеднаш му се искачи грутка до самото грло, му се пресече здивот. Та таа никогаш не му има кажано „мил мој…“ со толку жар, со толкаво себеоддавање! А ѝ кажал ли некогаш вакво нешто тој, ѝ шепотел ли така низ солзи, со липот, страсно истурајќи го целиот свој живот пред нејзините нозе: „Малењкаја маја, милаја, единственаја…“?! Се запраша со завист, со самообвинување, но во исто време се проби во него и подбивно ироничен, здраворазумски глас: каква непотребна патетика! Па тој и Вера! Па нивниот живот е сиот толку урамнотежен, толку среден, се развивал по една нагорна линија во секој однос: заемна љубов и почит, кариера, материјална удобност, ситни и мирни задоволства, пријатели, патувања. И нивниот Игор – фала Богу! – има едно толку среќно детство – без потреси, без недоумици, без премолчувања и тајни! Заклучи на крајот не без самозадоволство иако чувствуваше некаде длабоко во себе дека не е сè баш така просто. Којзнае зошто му падна сега на ум еден разговор со Вера; не многу значаен на прв поглед, но, ете, му западнал длабоко во свеста. Штотуку вратена од терен, низ понедостапни сè уште зачувани македонски села, каде што истражуваше материјали за својата теза „Унечки, фути, перничиња и други ситни ткаеници“, таа по вечерата му рече: „Знаеш ли дека тие вешти ткајачки, совршени во секој поглед, на крајот секогаш оставале намерна грешка“. „Намерна грешка? – се беше почудил тогаш Андреја. – Не разбирам, зошто?“ „Мошне просто, – загадочно, но и со извесен триумф во мангупски насмевнатите очи, му одговори Вера со декламаторски тон: – Ништо не смее да биде совршено што е создадено од човечка рака, па ни самиот човек! Совршенството му е дадено само на Бога, нели!“ Се сеќава дека тогаш остана пред неа сосема без збор, и тоа не зашто едно вакво тврдење за него било сосема ново; наидувал, се разбира, и тој на такви нешта низ литература, но никогаш не се судрил со него како факт, како нешто стварно, а сега Вера го изнесе пред него токму така: факт „намерна грешка“. И гледаше притоа некако значително, небаре тука можело да се крие нешто во врска со самиот него, со нив, што ли?! Кога стигна до својата соба и легна в кревет, успеа да ги отфрли подалеку од себеси сите тие сосема непотребни, излишни мисли, кои – каков апсурд – ги предизвикаа тие, можеби сосема незадолжително изречени зборови: „Љубовна приказна“, од девојче толку површно, што бесцелно талка низ светот, и кое одвај да го сфаќа значењето на сето тоа. Со извесно задоволство помисли на утрешниот ден – што ли го чека? – и потона во длабок сон. 3. И сони: Тој и Вера. Сплеткани некако и со рацете и со нозете, речиси едно тело, но тој ја води. Ја воведува во уличката зад кино Вардар, покрај Кранговата палата, веднаш. По нерамната турска калдрма, вака сплеткани, тие доста тешко газат. Но куќата е тука, сосема на дофат. Приземна, жолта, облеана со некоја светлина која како да зрачи од самата неа. Тој знае дека е урната уште во земјотресот, дека ни уличката веќе ја нема, но е многу среќен што е пак тука, што може да ја доведе во неа и Вера. Ја воведува во дворот. Запустени се цветните леи но во еден агол сè уште цветаат хризантеми. Патеката од цемент е прекриена со лисја иако не се забележува во близина некое дрво. На влезната двокрилна врата со изрезбарени орнаменти, кафената боја е избледена и лесно се рони. Има цврста намера пак да се всели тука. Некаде длабоко знае дека двете нејзини соби се малку за нив. Каде ќе биде собата на Игор, тој веќе е големо момче; работната соба, салонот? Но тоа некако не го загрижува многу. Преовладува огромното, незапирливо чувство на среќа, уште посилно ја стега Вера и конечно ја отвора вратата да влезат… Андреја се разбуди од нагло пробиената сончева светлина преку прозорецот што беше заборавил да го затвори со капак, од бучавата што ја креваше нагло навлезеното утро во тесната уличка. Сè уште беше речиси озрачен од својот сон, како во некоја колепка од светлина и благост лежеше во постелата и продолжуваше да го чувствува омајот што протечуваше низ дамарите на целото тело, необјаснивата, сè уште како во сонот, премаленост и слепеност на рацете и нозете. Слепеност, лепливост, да! Андреја срипа и седна в кревет. Гледаше и не веруваше. Полуција! Ох каков срам! „Зар дотука сум стигнал?!“. Се сеќаваше кога на летувањата беа со Игор во иста соба, а тој не ги оставаше ни еден час сами, а Вера, сосема поинаква отколку дома, опуштена, безгрижна, со нешто девојчинско во себе, беше толку пожелна покрај него, па сепак, па сепак, никогаш му се немаше случено тоа… Јадосан, стана, го стутка бесно срамно извалканиот чаршаф, го фрли во бањата в ќоше. Таму ја фрли и крпата со која грижливо се избриша откако се истушира. Со негодување помисли на средбата што му претстоеше со Џеси, но нели беше закажал. Градот и не е толку голем, може да ја сретне и тогаш, што да ѝ каже? 4. По појадокот во хотелот имаше уште толку време да поседи на терасата и да се напие кафе. Цврсто решен да биде цврст, да не ја испушта ситуацијата од раце, се смести во својата „дијана“ и тргна накај пансионот на Џеси. Пак оној стар Андреја, прибран, отпорен на сите сомнежи, предизвици и излишни чувства. Одвај погледнувајќи ја, ја собра Џеси која веќе го чекаше на тротоарот и, по краток поздрав, ја праша: – Накаде сега, имаш ли идеја? За секој случај ја имаше растворено и картата покрај себе. Но Џеси овојпат презеде иницијатива. Ја фрли картата на седиштето назад и, не сакајќи да се наметнува, малку бојазливо му рече: – Да појдеме пак во оној правец?! – Накај Палеокастрица? – со извесна сомнежливост ја праша Андреја и небаре некој товар му беше спаднал. Па и тој одвај чекаше повторно да се врати таму. – Да, но не во гратчето. Знам таму во близина некои посебни места. Андреја се согласи молкум и додаде гас. Уште пред да излезат од градот го фати саканиот правец, а потоа веќе без застој се движеше во долгата колона кон запад. Го престигнуваа брзи коли, брмчеа без престан лесните мотоцикли и веспи, како здодевни муви. Небаре сите тоа утро решиле да го минат денот на тој брег. Ги одминаа последните куќи, сервиси, бензински пумпи, и дури кога од двете страни на патот почнаа да се појавуваат грмушките олеандри, Андреја се сети на „Џесината“ куќа, се поднасмевна, но не рече ништо. Се возеа така молкум уште извесно време, а потоа, пред самиот влез во Палеокастрица, токму на оној крстопат каде што Андреја вчера ја беше собрал Џеси, таа му рече да сврти. Еднаш и уште еднаш. Од тесен пат, но сè уште со некаков асфалт, преминаа на нешто страшно: камења, длабоки дупки меѓу нив, остра стрмнина надолу. Одвај можеше да се распознае кривулестиот пат меѓу стари и глуждести маслинови дрвја. Колата се пореваше, потскокнуваше нагло, со мака поземаше здив, вртоглаво се струполуваше. – Не грижи се, тоа се само пет километри… – го храбреше Џеси Андреја. – Јас тоа пеш го одам. „Лесно е да скокаш од камен на камен како коза!“ си помисли Андреја, но не ѝ рече ништо. Го стегаше воланот со раце и го молеше Бога само неговата „дијана“ да не се распадне на составни делови. Најпосле пред нив долу блесна длабок залив. Водата беше темно-сина, набрчкана од ситни бранчиња колку да се внесе малку живост во мирниот пејзаж. Џеси покажа каде да се паркира: конечно на едно зарамнето место покрај неголема зграда. Додека излегуваа од колата таа му го ловеше погледот, додека нејзините очи палаво се искреа. – Што велиш, а? – таа не можеше да го прикрие својот победнички израз. – Без збор сум, навистина, кој би рекол дека постои вакво место! И наеднаш опфатени со изблик на некаква пенлива радост, се фатија за раце и потрчаа накај белата линија на брегот. Андреја се чудеше на себеси, но се чувствуваше невообичаено добро. А Џеси, пак, небаре опфатена од некаква треска, сè така трчајќи, ја свлече маицата, а потоа шорцот, патиките ги расфрла на брегот, а самата прекутрупа се фрли во преграб на веселите бранови. Андреја се трудеше да ја следи. Но за да се расоблече, да ја остави облеката, торбичката врз валчестите белутраци, со коишто беше прекриена плажата, му беше потребно повеќе време. Кога влезе во длабокото студено море, Џеси веќе му мавташе со едната рака далеку, на излезот од самиот залив. Совладувајќи ја наежавеноста од студот, Андреја заплива накај неа снажно, а кога ја стигна, таа го поведе накај отвореното море, а потоа, пак со загадочен израз, запра да плива, се сврте и му покажа во правец на брегот: од едната страна се гледаше длабокиот залив на Палеокастрица, од другата – уште еден, помал, сиот задушен со зелени дрвја. Извесно време Андреја гледаше восхитено, а потоа предложи: – Да отпливаме накај помалиов залив! – Не, – рече одлучно Џеси. – Веќе се обидов еднаш. Но таму е заградено сè. Тоа е приватен посед. – И потоа, сомневајќи се по малку дали ќе ја разбере, доверливо му соопшти: – Таму била вилата на Дарел, некој англиски писател, знаеш. – Ох, зар е можно?! Лоренс Дарел? Како да не го знам! – се воодушеви Андреја. – Значи тука Дарел седи и го пишува она за Крф… па „Александриски квартет“, си го читала? – ја праша. – Н-не, но за него многу се зборува. Додека бев во Англија, знаеш, бев во разни друштва. Па го споменуваа… – го гледаше малку почудено Џеси и, како да ѝ беше малку незгодно за самата себе, се обиде да ја смени темата. Но Андреја не можеше да си го смири своето воодушевување: – И јас имам одено понекогаш во Англија, но Дарел го имам читано дома. Голем писател е, има дебели книги… – рече правејќи се важен, но веднаш се засрами поради тоа. Та каква смисла имаше да го понижува ова младо и, по сè изгледа, не многу учено дете. И за да го замачка непријатниот впечаток, тој доплива сосема до неа, ја фати во водата за рака и топло ѝ предложи, небаре покрај себе го има Игор: – Ајде да се натпреваруваме до брегот, кој попрв ќе стаса. Мене ми е веќе малку студено внатре. Џеси го прифати тоа без збор и тие запливаа така, еден покрај друг, занесени во своите движења, заборавајќи на предложената трка. Пред самиот брег Џеси малку подзабави, а Андреја истрча и се спружи на топлиот грагор. Со полузамижани очи тој ја посматраше скришум како полека излегува од морето, се наведнува и се брише со крпа. Потоа како ја тресе лисестата коса, изложувајќи ја на сонцето да ја суши. Образите сè уште ѝ беа малку претерано црвени, но на ставата не можеше да ѝ се најде никаква забелешка. Изгледаше трогателно кревко тоа младо тело сето облеано со светлина врз фонот на темносиното море. Наеднаш се виде дека безобличните партали што ги носи го прикриваат всушност најубавото што го има. И се зачуди: зар на девојкава ѝ е навистина сеедно каков впечаток остава врз други?! Но се сети на своите студентки со мрсни неизмиени коси, со широки бесформени палта и тешки груби чевли. Па и неговиот Игор… „Генерациски недоразбирања“, си рече и продолжи да ужива во убавата глетка. Џеси неочекувано грациозно си ја спростре крпата покрај него и легна некако смирено, кротко, небаре насетувајќи ги неговите скриени мисли. Се сушеа на сонце и влегуваа во морето уште неколку пати, но некој разговор не им поаѓаше баш од рака. На крајот, сосема замелушени од силното сонце, разбирајќи се само со поглед, станаа и си ја навреа облеката врз полуисушените костими. Андреја, ставајќи го часовникот на рака и погледнувајќи го, со малку натегната насмевка, рече: – А сега би можеле да појдеме на ручек во Палеокастрица. – Не, не, – рече Џеси. – Денеска ќе ручаме овде, а во Палеокастрица ќе одиме друг пат. И повторно насмевнувајќи се таинствено го поведе накај единствената зграда над таа плажа. По козји, одвај видливи врвици, меѓу стари маслинови стебла, стигнаа тие до самата зграда со една неголема тераса, што го надвиснуваше веќе доста разбрануваното и потемнето море. Прекриена сета со лозница, таа и одблиску одвај можеше да се види. На белиот камен, со којшто беше поплочена, Џеси зачекори прва и истиот миг в пресрет ѝ дојде самиот газда, кој пред тоа стоеше во рамката на вратата очекувајќи ги ретките гости. Им притрча тој услужливо и им ја понуди најубавата маса. Се гледаше дека тој веќе ја познава Џеси. Но, дали зашто ја гледаше денеска во придружба, тој како да ѝ укажуваше посебна почит. А Џеси навистина умееше да се однесува кралски. Со самоуверен задоволен поглед го прифаќаше неговото внимание, го праша за здравје, дали му дошле сношти очекуваните гости од Бари, дали смешното англиско друштво сè уште е тука. Откако ѝ кимкаше на секое прашање со задоволен поглед, очигледно не можејќи да каже ниту збор на англиски, тој со јасни гестови ги покани да влезат в кујна, самите да си одберат од менито за денеска. Џеси го фати Андреја за рака и го поведе во полумрачниот ладникав простор во кој, само за миг, откако очите ќе се свикнат, можеа да видат живописна глетка: разни салати и мезиња, а потем: ракови, ракчиња и октоподи, разни риби и школки. Сето тоа трепереше во своите бои, мирисаше на свежина, на море. – Утрово рибарот свршил добра работа, – рече задоволно Џеси. И потоа, на неупатениот Андреја му дообјасни: – Секоја изутрина рано со својот чамец тој пристигнува тука, му го носи на газдата својот улов. – И свртувајќи се кон газдата кој стрпливо чекаше, покажа со прстот и му рече: – Јастогов прво ќе ни го подготвиш, онака, ти како што знаеш, а после… рибава-лист би можел да ја ставиш на скара. Сето тоа беше доста неочекувано за Андреја – во ваква пустелија таквиот избор на морска храна, а потоа и однесувањето на Џеси: сосема одомаќено, сигурно, заповеднички. Особено го збунија нејзините зборови што му ги упати откога одново ги зазедоа своите места на терасата: – Што велиш, а? – и, не давајќи му време да одговори или да ги поставува прашањата, кои незапирливо му навираа, – таа со светнати очи, со свесно потсилена живост, продолжи: – Ох, да знаеш само какво задоволство е наутро, додека појадуваш овде, да гледаш како рибарот ја носи сета таа раскош во кошница од праќе! А газдата, тогаш, му ја зема од раце и им приоѓа на секој од гостите и ги прашува што да им приготви за ручек, за вечера?! – Но чекај, – ја прекина Андреја. – Што тоа зборуваш, какви гости? Па овде е толку празно, а потоа… ти, како стигнуваш ти да бидеш од изутрината?.. – Па онака, понекогаш, ми се случува тука да преспијам. Газдата има горе неколку мошне удобни соби и… – побрза да му одговори таа – мошне на место – прво на второто прашање, зашто беше очигледно дека и Андреја тоа најмногу го интересира. А потоа продолжи сосема мирно: – Но ова само ти се чини како едно затскриено место, навидум празно, но… – како да се премислуваше дали да го каже и тоа, – за него доста се знае. Го знаат, се разбира, вистинските зналци. И бидејќи Андреја и натаму само прашално ја гледаше не проговарајќи ништо, таа продолжи внесувајќи се сè повеќе во својата приказна. – Местово редовно го посетуваат во викендите Италијанци од Бари. Се префрлуваат со ферибот или со свои јахти. Ох, колку е бучно и весело кога се тие тука! А доаѓаат и Англичани од околните вили. Доаѓа и по некоја двојка што бара вака, помирно место… – додаде таа, но се пресече самата и не доврши. – Но ти, но ти… – проговори Андреја со малку непријатен сомнеж. – Па ете така, ништо, наидувам понекогаш и јас… понекогаш преспивам, понекогаш само си го минувам денот. Да знаеш, тука воопшто не е скапо… – Значи вчера, кога те примив во кола, ти си одеше оттука. Си ја минала ноќта и после?… – Да, бев останала да се искапам, па потоа ручав… – Сама си ја минала ноќта?.. – му се испушти на Андреја прашање што содржеше една зла сомнежливост, но тој веднаш и зажали за тоа. Зашто – со какво право? Во тоа го увери и нетрпеливата реакција на Џеси што се ограничи само на гест и гримаса, но за среќа, јастогот веќе пристигнуваше на маса помпезно како победнички трофеј; лачено-црвената корупка, главата со ококорени очи, штипките, сето тоа богато украсено со гранчиња магдонос, со свежо исечени резанки лимон и со којзнае што уште, претставуваа глетка што го поткренуваше расположението нагло, наметнуваше замижување пред сè она што би можело да ја помати миговната радост. На Андреја му преостана уште должноста да одбере едно од неколкуте понудени добри вина и гозбата почна со соодветен разговор, лесен, искрест. Така и го завршија ручекот расположени, малку занесени од лесното бело вино. На терасата се пополнија уште неколку маси, но Андреја не ги ни забележа од какви луѓе. Погледот не го одделуваше од насмеаното лице на Џеси, од кревките, речиси детски, раменца и изненадувачки полните гради што се тресеа над масата од нејзината непрестајна смеа. Зад неа заливот стануваше сè помодар наспроти блескавото речиси бело небо, а брановите почнуваа да се закитуваат со кикиришки од пена. Беше тоа миг во кој времето како да сопре. Или, можеше да сопре. Сосе тие растреперени, страшно вознемирувачки гради на одвај познатата, или сосема непозната девојка, што ја имаше способноста од миг во миг да си го менува ликот; сосе сонцето и жегалците скриени во маслините, кои блескавата светлина како да ја преточуваа во звук исто така пробивен и сеприсутен; сосе тој човек што седеше наспроти девојката и кој истовремено беше и оној добро познатиот Андреја, средовечен професор по архитектура, и мало момче копнежливо и ранливо, подисплашено и со еден огромен восхит, во исто време, загледано во светот околу себе; и оној средовечен странец што се обидува да пувка на луле на терасата од Ахилеон, под мермерниот Ахил; а можеби и самиот Ахил, или, пак, царот; оној цар со страдалнички сепронижувачки поглед. Сè се раздвојуваше и се слеваше истовремено. Сè можеше да биде и не мораше. Сè беше тука, а времето го немаше. Со сето она што тоа го таложеше: сомнежите, вините, одговорностите. Ги немаше сеќавањата, сеништата, длабоко вознемирувачките и глупави сонови! На од Андреја незабележан знак на Џеси, се појави газдата. – Ја делиме сметката. – Допре до него категоричниот глас на Џеси. Дури тогаш Андреја посегна по својот паричник, се обиде да протестира, да ја убедува да биде негова гостинка, но Џеси беше непопустлива. – Но моја беше поканата, паметиш? – се досети Андреја. – Можеби друг пат, но денеска не. – Категорично му одговори Џеси. Упатувајќи му притоа поглед кој содржеше повеќе нешта – некој прекор ли, поука, одговор можеби на прашање што не беше изречено докрај. Но на Андреја не му се виде нужно да се задлабочува во тоа. Дотолку повеќе што ни Џеси не настојуваше на некоја поголема јасност. Само за миг меѓу нив како да пролета нешто, и толку. Тие станаа и, држејќи се за раце, тргнаа накај колата во најубава слога. Андреја сепак почувствува дека нешто ѝ должи. – Сам ова место навистина не би го открил никогаш. Многу сум ти благодарен за овој прекрасен ден, Џеси. – Ох, ми беше задоволство! – Одговори Џеси со ист тон. И на двајцата им стана смешно. Во наплив на некакво чувство Андреја ја префрли раката преку нејзините рамената и ја стегна присно, но исто така бргу ја пушти и тие малку замолчени седнаа во колата. Возењето назад по беспатицата и не им се виде толку страшно. Побргу отколку што мислеа излегоа на асфалтот и на крстопатот пак имаа проблем да се вклучат во густата врволица на главниот пат. – Небаре изминал цел век, а тоа беше уште вчера! –Рече Андреја малку патетично, неочекувано ни за самиот себе. – Да-а. – Се согласи Џеси, подражавајќи, и со тоа карикирајќи го со весела палавост. И двајцата мислеа на исто. На своето кусо и сосема незадолжително познанство. А сега што? Па и сега ништо. Продолжи да мисли Андреја, но сфати дека молкот може да стане тегобен па побрза да предложи: – Да свртиме накај Палеокастрица? Има уште многу време до вечер. Да се напиеме кафе… – и гледајќи го мангупски насмевнатото лице покрај себе доврши: – или некој добар сладолед, можеби? Но Џеси, завалена како задоволно дете во седиштето, ги крена рамената и малку мрзеливо рече: – Подобро не-е. Друг пат, можеби. Се разбира, ако не ти е многу до тоа? – А не, може и друг пат. Но те држам за збор! – ѝ одговори Андреја помирливо. Се вклучија во главниот пат и тргнаа накај градот. Андреја сè уште не можеше да се справи со извесно чувство дека е нејзин должник. Па затоа, кај онаа стара црвеникава куќа, на влезот од градот, тој го одзеде гасот и великодушно, насмевнувајќи се благо, како на мало дете, ѝ се обрати на Џеси: – Да излеземе? Џеси се насмевна со разбирање, но и натаму небаре колку да го задоволи него, кимна со главата, а кога тој се паркира, истрча од колата прва и пак, како и вчера, подзастануваше и го канеше со поглед. – Да побрзаме кај таа твоја тетка, лејди „Еј“, можеби ќе нè послужи со добри колачиња со чајот?! – ѝ довикна Андреја, потрчувајќи и тој да ја стигне. Но Џеси, иако исчезна зад куќата, не се појави, како што очекуваше тој, на со сонце силно озрачената тераса. Кога, пак, и тој навлезе во задниот дел со цел да ја следи, налета наеднаш токму на неа, притаена на тревникот покрај самиот ѕид. Зазбивтан од брзиот од, од неочекуваноста да ја најде тука, застана и тој, сиот вивнат, со силно биење во градите или во дамарите, не е важно… Ја зграпчи во преграб, со едната рака грубо ја фати одзади за лисестата, замрсена коса, ја притисна силно на рапавиот ѕид со целото тело. Почна да ја бакнува грчовито, силно, не наоѓајќи ја веднаш нејзината уста. Беше несмасен, насилен, како неискусен момчак. Но таа ги смири, ги поведе вешто неговите раце низ својата снага. Лизгајќи се полека надолу во чистата трева го повлече со себе и него меко да паднат. Се раствори под него сосема како голема школка и тој веќе не беше свесен го вшмукува ли таа или тој пропаѓа самиот во податливото тело. Го опфати смртен ужас и безгранична, дотогаш незнајна сладост, во исто време. Блесок на молња и удар на гром, а потоа како отфрлени, раздвоени секој на своја страна, нивните тела останаа да лежат на тревата без сеќавање, без благодарност, без нежност. Дали тоа беше казна или благослов Божји?! – Андреја не знаеше што да си каже. Но беше начисто, сосема начисто дека тоа не смееше да се случи! Не гледајќи накај неа, небаре е сосема сам, стана, си ја спастри облеката, си ја истресе од тревки разбушавената коса. И постоја уште малку гледајќи вземи, за да ѝ даде време на Џеси и таа да се среди. Во колата влегоа молкум, одбегнувајќи да се погледнат в лице. А кога стигнаа во градот, кај пристаништето Џеси го сопра со благ допир на рака и, излегувајќи од колата, му се внесе в лице и со натегната насмевка му рече: – Немај гајле, татенце, не се случи ништо страшно! 6. Неколку дена Андреја талкаше по плажите и низ градот одбегнувајќи можна средба со Џеси, та дури и со Стипе. Престана да се потсетува, да изигрува некого, да сонува сништа. Престана да пувка на луле, да пие узо со мезе, да ужива во храна, во нови глетки. Сè поретко се качуваше во својата кола, небаре и од неа требаше да се срами. Си го стеснуваше кругот каде што можеше да се движи, но и тоа го правеше механички, преку волја. Пиеше под колонадата сок или кафе со отсутен поглед и сосема испразнета глава. Во неа не се задржуваше, не наоѓаше место ни Вера, ни Марина, ни мајка му Елена, ни татко му Борис. Сега, по своја вина, тој беше оддалечен од нив цели светлински години, би се рекло. Не можеше, не смееше да се сети ни на својот син Игор. Тажеше над осаменоста во којашто така непромислено сам се беше ставил. Душата му виеше тивко. На крајот сепак присобра сили за да може да ја погледне стварноста со потрезни очи. Па тој тука имаше задача, нели? Поразмисли дали пак да се сврти накај „Ахилеон“, да направи уште еден обид да го пронајде стариот човек. Се сети на „Ахилеон“ со извесна нежност. Небаре минале години откако тој седел таму на големата тераса. Толку заштитен, невин и чист си изгледаше на себеси со своите тогашни мисли. Толку неговиот свет сè уште беше цврст, работите сè уште стоеја на своето место! Но што толку драматично му се случило после? „Не се случило ништо страшно“, му беше рекла и самата Џеси. Требаше да го прифати тоа и повторно да си го воспостави редот. Значи, „Ахилеон“, да, може да се прошета до „Ахилеон“. Но пак ли да го бара тој фантомски Стар Бармен, за кој, всушност никој не знае ништо? Па ете, и Стипе тоа му го рече, на разделба онаа вечер. Па да, Стипе! Најпрво кај него треба да појде. Во италијанскиот ресторан вечераше некакви шпагети, долго го пиеше полулитарскиот караф црвено вино. Се реши дури и да запали луле, за времето побргу да му мине. Забележа дека се беше здобил со солидна вештина во палењето луле но, додека си пувкаше така од скапиот тутун, го погоди наеднаш и успеа да го заинтригира една нова мисла: па додека пувкаш на луле, наоколу се шири прекрасна миризба, но што имаш ти самиот од тоа? Вистинските добитници всушност се оние што седат во твојата близина. Се насмевна од ова сознание, погледна со благонаклонетост околу себе; за првпат по долго време како да почна да ги забележува луѓето, да ги распознава лицата – толку различни, а сепак на ист начин безгрижни, разџагорени, расположени… Во него како да се отпушти некоја жичка и тој наеднаш сфати дека пак нешто му се враќа, дека тој е пак оној што умее сам на себе по нешто да си зборне, да си направи по некоја досетка. И, забележувајќи со задоволство дека лека-полека во него пак се воспоставува рамнотежата, која тој, на некој начин, си ја беше усвоил како главен животен принцип, плати и стана, и тргна накај оној трошен светилник на Стипе со сигурен чекор. Ноќта беше сè уште врела, но во воздухот немаше омарнина, влага. Откај морето повремено дувнуваше ветрец, се слушаше вообичаениот плискот на водата во големите карпи под старата тврдина. Доста лесно се искачи по чкрипавите скали. Низ процепот меѓу ветвата врата и прагот се гледаше светла лента, а однатре се слушаше разговор, доста гласен. Андреја си помисли дека имал среќа, штом така веднаш го нашол Стипе дома. Без да се двоуми ни малку, тој тропна и ја притисна разлабавената квака. Вратата истовремено ширум ја отвори некој и од другата страна и тој наеднаш се најде среде необично друштво. Во еден кат доста комотно седеше Џеси, покрај неа беше завален Стипе со рака префрлена преки нејзините плеќи. И двајцата држеа чаши со виски во раце, во замрзнат насмев им се клештеа вцрвенетите лица. Гледајќи го Андреја така вџашен од неочекуваната глетка, тие и двајцата прснаа во незапирлива смеа. Пискавиот кикот на Џеси, оној веќе толку познат, и стравотната смеа на Стипе, со чкрипењето, кашлањето и задув, Андреја не знаеше како да ги протолкува – дали тоа беше радост упатена нему за добредојде или, пак, можеби заштитна маска? Но набргу Стипе стана и со силен пријателски преграб го избриша неубавиот сомнеж. На лицето на Џеси исто така се појави неприкриена радост, но таа се воздржа, не му потрча в пресрет. Откако се ослободи од опасната срдечност на Стипе што му го беше прекинала здивот, Андреја успеа да го забележи и третиот гостин. Тој беше оној кој всушност му ја беше отворил одвај допрената врата. Но, и натаму стоејќи покрај неа, за разлика од домаќинот и Џеси, овој не се потруди дури ни да му упати учтив поздрав. Туку напротив, со својот молк и заземената поза сосема отстрана, тој како да сакаше да го подвлече своето неприпаѓање на ова друштво. И додека Стипе, поземајќи здив, успеа да проговори испрекинато но искрено: – Па кај си ти, брате, каде се губиш?! Третата личност – масивниот набиен човек, без врат, со непријатно светнато лице, зашто тоа беше тој, посетителот на Стипе од минатиот пат – немо и со непријатен поглед нервозно мавна со рака – нејасно дали за поздрав или… – тргна да си оди не затворајќи ја вратата зад себе. Стипе нагло се оттргна од Андреја и потрча по него настигнувајќи го веќе на дрвените скали. Андреја остана така среде просторијата простум загледувајќи ги сега уште еднаш тие огромни платна со најразлични глетки на море. Во Џеси не се осмелуваше да гледа, ниту пак да ѝ проговори нешто. Таа исто така остануваше нема, но го гледаше упорно со заинтересиран поглед. Кога стана неподносливо ова уште да трае, за среќа, во ширум растворената врата се појави Стипе и, со задоволен израз, небаре свршил нешто добро, внимателно ја затвори вратата, а потоа се сврте кон своите гости. – Е па така, значи, тука си, и тоа е добро! – му се обрна тој на Андреја, на хрватски јазик, триејќи ги задоволно рацете. А потоа, очигледно намерно скршнувајќи од главната тема, продолжи на англиски: – Девојчево веќе изгуби секаква надеж дека ќе те пронајде, помисли дека, можеби, си заминал дома… Прескокнувајќи ја неговата последна забелешка и очигледно правилно толкувајќи го тоа добро расположение на Стипе, Андреја го праша на српски: – Твојов посетител изгледа ти дал добра пара за сликиве, штом си толку весел?! При спомнувањето на посетителот, на подвижното лице на Стипе наеднаш се појави мрачен, јадосан израз. Дури со извесна гадлива гримаса тој рече: – Не спомнувај ми го сега, ас ти госпе! Среќен сум, всушност, што извесно време нема да го видам овде. Испловува утре изутрина, рано… – Тој да не е морнар? – зачудено го праша Андреја, не разбирајќи ништо. – Ма не, протува једна! По горни палуби и по луксузни јахти тој повеќе сака со виоско друштво да се меша. Не можам сега за тоа да ти зборам… – и со видлив напор истерувајќи го црниот облак од своето чело, со своето вообичаено клештење, што требаше да претставува весела насмевка, тој со широк гест го покани Андреја да седне покрај Џеси, а потоа бргу му тутна в рака чаша со виски. – Ма ајде, развесели се малку, гледаш девојчево само што не заплакало! Гледајќи сега отворено во неа, во тоа девојче стуткано во аголот кое навистина изгледаше по малку тажно, со извесна нежност, со топлина која му се јави којзнае од каде, Андреја рече: – Како си, Џеси, мило ми е што те гледам. – Благодарам, добро. – Му одговори Џеси небаре навредено но продолжи исто така речиси нежно: – Каде си ти, те немаше нигде… Одев дури и во Палеокастрица, талкав низ местото, ги обиколував плажите… И еве најпосле се сетив да те побарам тука. – Е-е, е-е, така ти е тоа, така, – дискретно се вмешуваше Стипе за да ги потврди нејзините зборови. – Девојчево видело светло кај мене, одејќи по работата дома, па си помислило да не си и ти тука. А всушност, тука беше типон и, сполај му на Бога, што намина таа, а потоа и ти, па така јас се ослободив од него. Тој не ги сака многу непознатите лица, знаеш… – сосема ненадејно забележа Стипе. Андреја не знаеше што да мисли, што да каже, но разговорот си потече сам некако околу ова и она, без да навлегува во нејасни или непријатни води. Од испиеното виски меѓу нив завладеа извесна живост, но сè беше пристојно, ништо надвор од редот. Поседеа така олабавени, во пријатна атмосфера речиси сè до мугри, а потоа Џеси стана, Андреја исто така. Се испрегрнаа со домаќинот топло, како стари пријатели, ветија пак да се видат во најскоро време и си заминаа низ чкрипавите скали долу. Додека ја придружуваше до нејзиниот пансион, Џеси, небаре меѓу нив не се случило ништо, побрза, со доста загрижен тон, да му соопшти на Андреја: – Оној посетителон, знаеш, ми изгледа мошне чуден. Непријатен, всушност; некој опасен тип! Андреја ја погледна вчудоневидено, зашто беше сосема заборавил на типот, но нешто во тонот на Џеси го натера внимателно да се вслуша. – Додека се качував по скалите, – продолжуваше таа, – доста тивко, зашто ги носам мекиве еспадрили, – ја крена едната нога за тој да се убеди лично, – однатре допираа мошне вжештени гласови. Расправија, некакви тешки убедувања, со закани дури! Јас помислив во еден миг дури и да се вратам од пред самата врата. Но, се премислив и тропнав. Знаеш, јас сум доста храбра. – Небаре оправдувајќи се, се поднасмевна Џеси и го погледна Андреја. Но продолжи не дозволувајќи му да ја прекине, покажувајќи со тоа колку големо значење му дава на тоа. – Кога тропнав, значи, гласовите наеднаш молкнаа и, по извесно време, вратата се подотвори само малку. Се подаде таа бушава глава на Стив и, кога ме виде, се случија во еден миг, но мошне јасно, повеќе промени на неговото лице. Прво беше збунет, па јадосан, па лут, и наеднаш како да го озрачи некаква среќа. „Влези, влези“ – ми рече со најсреќен насмев, небаре му дошол некој што одвај го чекал. Ме вовлече речиси со сила, ме седна на кауч, ми додаде пијалак без да ме праша. Почна да ми кажува шеги, да се смее… Притоа како да заборавил сосема на својот посетител со кого, очигледно, пред малку толку бучно се расправал. А овој, стоеше среде соба сосема вџашен, со гневен, незадоволен поглед. И, што мислиш, што се случи после? – Џеси се обиде да биде уште помистериозна. – Па, се слушнаа чекори и на вратата пак затропа некој. Тој ја повлече вратата и – ти беше тоа! За оној грд морон ова како да беше превршило секаква мера и тој, откако и тебе Стив онака топло те гушна, сфати дека е најзгодно да збрише! Во секој случај, има тука нешто, не знам ни самата, но чинам дека ни на нашиов пријател Стив не му е многу мил тој човек. – Заклучи таа и побрза да додаде за поголема убедливост: – Го знам, го насетувам тоа: ваквите луѓе само едно можат да значат – неволја! Наеднаш жестоко пресече таа, а на Андреја му се виде толку претерано, детски наивно, што му извлече една добродушна насмевка, иако целиот нејзин извештај пред тоа го слушаше со голем интерес и, општоземено, ѝ беше многу благодарен што сето внимание при оваа средба таа вешто, и толку убедливо, го префрлила на еден неутрален терен. Стив и неговиот посетител, навистина крајно непријатен – во тоа Андреја наполно се согласуваше со Џеси – всушност, немаа никаква врска со нив двајцата, со оваа средба од којашто Андреја толку се плашеше. Но ете, за среќа, сè мина сосема мазно и стана јасно дека меѓу нив сега може да се воспостави некој мирен и природен однос. Пред пансионот на Џеси се поздравија кратко: „Се гледаме!“, иако ниеден од нив не прецизира ни кога, ни каде. 7. Следната изутрина, откако стана доцна и појадуваше долго, Андреја се упати со кола до пансионот на Џеси. Не се надеваше дека ќе ја најде сè уште неизлезена, но мислеше дека сепак треба да проба. Тропна на онаа старинска врата со излупена кафена боја и почека без многу надеж. Но жената што му отвори му потврди дека Џеси е во својата соба, а самата Џеси, откако слушна дека некој ја бара, излета сосема подготвена со торба за плажа, небаре го чекала токму него. Весело му мавна стрчувајќи се по скалите долу, го фати за рака и тргнаа накај неговата кола. Џеси беше некако сета светната тоа утро; жолтата маица ја истакнуваше исонченоста на нејзините рамена, а и образите, во меѓувреме, ѝ беа добиле природна, златесто исончана боја, што Андреја сношти не стигна да го констатира. Широкото здолниште со индиски шари ѝ придаваше женственост, но некако ненаметлива, скромна. Свесна за впечатокот што го остава врз него, таа му упатуваше кратки љубопитни погледи. Но и покрај тоа, сè беше некако невино, пријателски и ведро, и Андреја можеше слободно да здивне и да ја гледа в очи, да ѝ ја стисне раката задоволно пред да ѝ рече: – Па ете, помислив дека ќе биде добро да појдеме заедно на некоја плажа. – И небаре случајно ја погледна картата, на која веќе ја имаше подготвено денешната маршрута. – Што мислиш да појдеме денес на север. Додека појадував во мојот хотел, слушнав за некоја си прекрасна плажа Нисаки. Една бучна група Германци од мојот хотел се беа упатиле со минибус токму таму. – Ах, да… – проговори неодредено Џеси, без големо воодушевување. – Нисаки, знам! Па… малку е снобовски, знаеш… Но зошто да не. Не е лошо… – Си била таму?.. – не покажувајќи преголема заинтересираност ја праша Андреја. – Не, имам чуено… Но, нема врска.. – небрежно промрмори Џеси. На Андреја му беше важно да не оди по патот на запад, да не минува покрај онаа куќа… А, конечно, треба да го запознае и целиот остров, нели? Брегот беше широк со големи песочни плажи, покрај низа бели скапи хотели. Имаше доста народ, скијачи на вода што креваа многу врева, жени во проѕирни наметки од памучен муслин, во живи бои. Џеси ги гледаше подбивно со полузамижани очи, се капеше неволно, колку да се рече, покажуваше дека ја нервира ситниот песок. Образите ѝ беа вивнале пак во нездрава боја на вино. Разговараа малку, со сосема кратки фрази. Сè се одвиваше тука како божемски, како за показ. Дури откако беше веќе крајно време за ручек, Џеси пак ја презеде иницијативата во свои раце. – Тука е многу скапо, – му рече таа. – Да појдеме малку понасевер, има таму едно мало рибарско село. Иако не му се влегуваше сега во кола, по најголема жега, Андреја го прифати нејзиниот предлог. Се покажа дека Џеси имала право, зашто патот, иако кривулест и стрм, водеше низ борова шума и, бидејќи беше на крајната источна страна, веќе имаше длабоки, убави сенки. Андреја уживаше во неочекуваниот планински предел, но и морето длабоко долу претставуваше невидено убава глетка. Овде како да немаше многу туризам и малото рибарско село Калами изгледаше како да е на крајот на светот. Тука и двајцата се почувствуваа како да се на свој терен. Живнаа, потече разговор меѓу нив природен, лесен. Андреја се правеше мудар, го читаше водичот, покажуваше на карта, додека скромниот крчмар им печеше риба на скара. Џеси се смееше слатко, благо се подбиваше со него, ги ширеше своите сини како синоличка очи, небаре на сè се чуди. А тој ѝ го објаснуваше значењето на називот Пантократор, на врвот што се вишеше над нив, додека потпивнуваа од некое добро разладено ефтино домашно вино. Се обидуваше да ѝ објаснува нешто околу градбата на православните цркви. Со широк гест на рака и со нескриена возбуда ѝ го покажуваше албанскиот брег отспротива, што толку добро се гледа, небаре сето тоа можеше нејзе нешто да ѝ значи. А кога веќе пред нив порасна еден вистински куп од рибини коски и глави, и кога, наместо вино, сркаа од малите филџани пресладено грчко кафе, Андреја ѝ раскажуваше на Џеси за стариот веселник Одисеј, кој на пат за накај дома морал на Крф да запре. Му беше многу криво што не можеше да ѝ ги кажува нему толку омилените хексаметри, но на англиски тој не знаеше тоа да го прави, па, наеднаш почна Џеси да ја вика Џесика, објаснувајќи дека така помило звучи и дека по малку на името Навсика му личи. А која пак била Навсика на Џесика и не ѝ било баш толку јасно, иако Андреја упорно ја тераше да се потсети на средната школа. Со мангупско смеење и искри во очите таа најпосле му рече: – Па пушти ме, не е важно која била таа – божица или мивка, сеедно! Мора да сум го преспала часот кога учевме за неа; ми се случуваше тоа повеќе пати! Андреја се насмеја на оваа искрена шега и девојкава му се виде уште посимпатична и подрага. Се прошетаа по пристаништето за малите рибарски чамци, поседоа на кејот со нозете спуштени над море. Беше интимно и мирно во малиот залив со длабока модра вода, а неголемата тврдина подигната на ‘ртот Кулури сосема ја заокружуваше убавата глетка. Повремениот молк, испрекинуван со по некоја досетка и заразна смеа, и на двајцата им изгледаа толку незадолжителни и природни, што на крајот, кога веќе влегуваа во кола, Џеси му се внесе на Андреја в лице и со насмев му рече: – Ти си навистина едно забавно старо момче, знаеш? Андреја ова го насмеа слатко и ваквото расположение им потраја низ целиот пат, сè до градот. Пред пансионот на Џеси, излегувајќи, таа, не баш збунето, но некако бојазливо, му рече: – Сакаш да се качиш горе? Иако во понудата немаше ништо наметливо, ниту пак неочекувано срамно, Андреја сепак малку се штрекна, како да поразмисли и рече: – Сега имам некоја работа, Џеси, извини. – Но побрза да се осигури: – Се гледаме утре?! Џеси ги крена рамената со помирлив израз и не рече ништо, а Андреја остана уште малку да го следи нејзиниот од; вниманието, којзнае зошто, му го беше задржало движењето на лопатките на голиот грб. Забележа дека тие не се сосема симетрични и таа мала неправилност наеднаш длабоко го трогна. Уфрли во брзина и додаде гас небаре преку волја, но беше задоволен од себеси што издржа да не потрча по неа, иако се чувсвуваше малку празен. И утре, и другиден, и трет, Андреја доаѓаше по Џеси. Го шетаа островот, се капеа во длабоки модри заливи, скокаа и се кикотеа пресретнувајќи ги високите распенавени бранови на долгите песочни плажи. Ручаа во мали таверни на осамени места покрај море. Се чувствуваа олеснето и со мали вртоглавици од ефтините домашни вина. Се враќаа во доцни попладниња и тој, како да е тоа најприродно, се качуваше во нејзината соба. Ни посебна возбуда, ни чувство на збунетост, на вина, не го вознемируваа веќе. Во квечерините, кога седеше сам на еспланадата, веднаш покрај својот хотел, Андреја пувкаше на лулето веќе сосема свикнато, ги посматраше со некаков спокој во себе луѓето наоколу. Се трудеше да не си поставува прашања, да не се преиспитува. Сè како да беше токму како што и очекувал. Понекогаш, кога ќе му се стореше вечерта премногу долга, се симнуваше долу, кај локалот на Џеси, но веќе никогаш не седнуваше таму. Ја чекаше кај најблискиот агол да ѝ заврши работното време. Таа му се придружуваше секогаш небаре малку изненадена, но како да немаше ништо против. Одеа на пијалак кај „Лудиот морнар“. Понекогаш и Стипе ќе го пронајдеа таму; понекогаш изгледаше небаре и тој токму нив ги чека. Џеси, при тие неколку средби, многу се зближи со Стипе. Андреја, иако малку зачуден, не скриваше дека му е драго да ги гледа како тој, не толку стар колку изабен од ветришта и непогоди низ кои што минал, и таа, ни дете а сè уште ни жена, но која видела доста низ светот, се палават како споулавени деца. Беше јасно дека Џеси и во друштвото на Андреја не се чувствува лошо, но со него, сепак, повремено како да води сметка да не се открие докрај, да не го изневери неговиот впечаток за неа. Спрема Андреја, всушност, по малку се однесуваше така и Стипе. Ќе се отвори за миг, па ќе навлече пак некоја маска. Ќе искаже по некој отворен, искрено треперлив збор, и веднаш сето тоа ќе го претвори во фарса. А тие двајцата, пак, како да беа донесени од ист бран морска пена. Се кикотеа, гестикулираа, косите како да им се развеваа сами од себе. И на Андреја му се допаѓаше што отстрана може да ужива во нивната толку спонтана радост. Овие средби често завршуваа со долги ноќни прошетки покрај морето. Понекогаш Стипе ги оставаше порано, наеднаш, со некој загрижен израз, загатнувајќи дека има важна средба. Андреја ја испраќаше Џеси до пансионот, но никогаш не се качуваше кај неа ноќе. Самите како да си беа поставиле извесни норми и тоа им беше многу драгоцено во нивниот однос. НАВСИКА 1. Тој ден беше недела и Џеси возеше. Андреја стана доцна. Градот веќе беше испразнет и на еспланадата седеа само неколку постари домаќини со поднадуени лица и стомаци, во бела празнична облека. Неколку масички подалеку седнаа група русокоси девојки, појавени којзнае од каде. Тие, не чекајќи ја порачката, веднаш ја прекрија масичката со штотуку купените разгледници и, со извици на воодушевување и смеа, почнаа да ги пополнуваат. Откако беа послужени со сладолед, тие алчно ја лапаа студената маса со малите лажички, слатко си ги оближуваа усните, а потоа со своите јазичиња, розови и свежи, ги лижеа поштенските марки. И продолжуваа да се кикотат. Ни во една од нив Андреја не наоѓаше некоја посебна сличност, но сите заедно, пак, толку силно го потсетуваа на Џеси, што во еден миг почувствува небаре нешто го каснало директно в срце. Но навремено го спречи, не дозволи да се прошири овој стрепет, туку своето внимание го насочи и на нешто друго што го вознемируваше исто така. Разгледници, да. Тоа го нервираше. Па тој не испратил сè уште ни една разгледница дома! Уште кога беше пристигнал, по телефон ѝ се јави на Вера, и толку. Го допи своето кафе и, веќе сосема изнервиран, сфати дека не знае како да го мине денот. Му се радуваше на тој прв, сосема слободен ден, а сега се исплаши од неговата должина. Можно ли е веќе толку да се приврзал кон Џеси? Па тој постојано повторуваше во себе дека му е сеедно, дека не му е неопходно нејзиното друштво. Но ете сега, толку бргу, значи, без неа не можеше ни да си замисли што да прави на овој остров! И, без да размислува, забрзано стана и поита надолу. Не кон својата кола, туку пеш кон главниот плоштад, каде што е почетната станица на автобусите. Наеднаш му се виде многу важно, неопходно, да ја фати турата на Џеси и во себе почна да вража: ако навистина успее во тоа, ох, тогаш тоа ќе значи – среќа! ако пак не… – не, не знаеше што ќе биде тогаш. Да, или, не дај боже, не… повторуваше како средношколец и така ги одминуваше несетено празните улички од каде што веќе се ширеа миризби на неделен ручек, потпечени, остри: мусака, полнети пиперки, бамји. Исто како во детството кога на пладневен припек го праќаа до ресторанот на „Бристол“ да купи разладено пиво. А исто ваквите тешки и надразливи миризби се ширеа од маалските фурни на вжештеното летно Скопје. Зафатен со спомениве за кои во овој миг се беше фатил како за сламка, само да не мисли на главното, на главното… тој се најде на широкиот плоштад и наеднаш некое колебање малку му го сплетка одот. Па што и ако го фати токму автобусот на Џеси. Дали е во ред толку да ја брка, дури и тој единствен ден кога таа вози? Но сега му изгледаше сосема невозможно да се откаже од својот наум – да се качи на автобус, и да се вози со неа му се стори како нешто единствено можно. Затоа продолжи уште побрзо, речиси со затрчан чекор. Го здогледа автобусот откај север, то ест, од каде што ја очекуваше неа; си го замисли нејзиното вчудоневидено лице кога ќе го види и се насмеа во себе слатко. Автобусот стигна, но, покрај воланот не беше Џеси. Андреја го разгледуваше внимателно возачот со руси парталави коси, облечен во некои дрочни бои, небаре му е толку важно да го запамети ликот, и не го забележа вториот автобус кога стигна од истиот правец. Тој се паркира паралелно со овој и Андреја, преку удвоените стакла, на првиот и на вториот автобус, го препозна малку искривоколчениот лик на Џеси како весело му мавта. Тој потрча кон неа но, сè уште со загрижено лице, како да не стигнал да домисли нешто. – Побрзај ако си за качување, ние тргнуваме први! – му довикна Џеси, кога тој се појави кај предната врата. Андреја се загрижи за билетот, но Џеси, и натаму мошне развеселена, му рече дека го чести една тура. Прими уште една мала група млади туристи со изглед на задоцнети хипици и, бучно турирајќи, тргна. Андреја седна не сосема напред; правилото: „не разговарај со возачот“, секако, го имаше предвид. Се осами и се задлабочи во мисли. Се помачи малку да ја дофати изгубената нишка. Па да, оној другион возач! Таков сурат не се заборава лесно. Го има видено, се разбира, пак некако во врска со Џеси. Се сети дека тоа можело да биде онаа вечер во барот каде што работи таа. Додека ја чекаше, Андреја имаше доста време да ги проучува сите гости. А овој и тогаш му се виде премногу фамилијарен, со сите, но најмногу токму со Џеси. Сега, пак, тие заедно возат во ист правец! Некаков чуден гнев му ги вжари образите, му го набрчка инаку мирното чело. Повте да стане, да стори нешто одлучно, грубо, да ја сопре, да ја извлече од тој проклет автобус за рака, да ѝ забрани да вози. Но остана на седиштето сосема скаменет, мирен. Зар може да се постапува така. Каква врска има тој со сето тоа и какво право да се меша во животот на оваа девојка. Но, најмногу заради себе; тој не смееше да ѝ дозволи на љубомората да заземе ни најмало место во оваа, сосема случајна, но, мора да признае, и сè појака врска! И така се присили да не мисли веќе на тоа. Протечуваа нови, уште непознати, глетки. Се одеше кон северо-запад, преку планинскиот преслап, кон широките песочни плажи на север. Автобусот го престигнуваа бучни мотоцикли, веспи и малечки, брзи италијански коли. Џеси возеше зналечки, вешто по таа тесна, речиси селска, асфалтна лента. Застануваше во некои мали населби на вили или пред осамени селски куќарки, варосани бело со светло-сини прозорци и врати. Не слегуваше речиси никој, се качуваше по некој залутан странец што брзаше да стигне до некоја плажа. Андреја како да заборави сосем на Џеси и, кога зачкрипаа сопирачките, а нејзиниот некако зарипнат, небаре за првпат чуен, глас објави: – Последна станица, Сидари! – тој послушно стана и побрза кон излезот, стрпливо чекорејќи по неколкуте капачи што се беа упатиле токму на таа надалеку позната плажа. Притоа тој дури не ја ни погледна Џеси, па таа, со зачуден израз, му довикна мавнувајќи со рака: – Убаво да си поминеш! – и кога тој, небаре фатен во некоја грешка, подзастана и се сврте кон неа со виновен насмев, Џеси, малку загрижено, му го рече уште и тоа: – Последната тура ми е во девет; немој да задоцниш, помни! Значи, на истово место. Андреја помисли дека, можеби, би требало да ѝ се понуди да остане со неа во автобусот целиот ден, но со згрозеност ја отфрли оваа мисла, а и Џеси веќе, како стара познајничка, пријателски се расправаше со помош на раце, со смеа, со неколкуте месни жители, што се качуваа за да го поминат празничниот ден во градот, како да беше сосема заборавила на него. Па така, без да почека дури ни да тргне автобусот, Андреја, првин полека, небаре сè уште се двоуми, почна да се оддалечува. Патот кон плажата „Сидари“ беше јасно означен, но тој не тргна по него. Се подискачи малку на ридот и се обѕрна наоколу. Неколку километри долгата плажа блескаше на сонцето со својот ситен песок. Од местото каде што стоеше, патот кон неа водеше низ густи и високи трски. Невидлива рекичка очигледно се цедела низ песокот директно во морето. Над едно мало заливче малку потаму тој виде неколку селски куќи. Се упати натаму ни самиот не знаејќи зошто. Еден дел мораше да мине по автомобилскиот пат, а потоа продолжи да оди меѓу стари маслиници, каде што нозете му пропаѓаа во сува и мека раскопана црвеникава земја. Поминуваше покрај осамени куќарки со мали зеленчукови бавчи и со бујно расцветани медитерански ползавици во виолетова и пурпурна боја. Без некоја видлива подготовка маслиновите дрвја наеднаш престанаа, а црвеникавата земја под неговите нозе, пак, беше заменета со ситниот песок на мало рибарско пристаниште. Како и обично, тоа беше истовремено и централниот плоштад на тоа место. Од наеднаш засилениот ветар морето доби темно модра боја, а чуновите, неповлечени навреме, почнаа силно да удираат во брегот од песок. Сонцето од тоа како да блесна уште позаслепувачки, па Андреја панично побара засолн. Веднаш тука се вишеше несмасна двокатница со незавршен покрив, со „соби за издавање“ и супермаркет во приземјето. На неа се надоврзуваше „Таверна“ со „свежа риба“, со „скара“ под импровизиран покрив од трски и со пластични маси и столови. Муви и оси се лепеа по нивните рабови, каде што заостанале, веројатно, сладосни траги од гозби. „Не“ – си рече Андреја, – „само не овде!“– и панично го пребара местото со поглед. Од другата страна имаше низа стари куќи и, во самото дно на заливчето, под висока карпа што стрмно се креваше и над морето и над куќите, во сенка на винова лоза стоеја две-три масички од поцрнето дрво, а на незгодните столови со седишта од рогозина седеа старци. Требаше да се мине целиот тој простор од едниот до другиот крај изложен на сонцето, но Андреја присобра храброст и решително зачекори. Додека се приближуваше, старците како да му се насмевнуваа одобрувачки, но кога веќе сосема им се приближи, забележа дека тие, со своите водникави очи, гледаат сосема незаинтересирано, празно. А сепак, имаше непогрешливо чувство дека тие некако го демнат. Ова малку го збуни, но помисли дека тоа е можеби дел од нивна вообичаена игра или, пак, е оној чудесен такт што го имаат простите луѓе, игнорирајќи го, правејќи се дека не го гледаат, за да не му пречат, да не му се наметнуваат на гостинот-странец, а сепак горат од љубопитност да го разгледаат добро. Андреја си одбра едно сосема засолнето место, од каде што можеше да го набљудува морето, и седна. Беше многу жеден. Старците пиеја кафе од мали бели цилиндрични филџани како фасонки; покрај нив стоеја и високи тесни чаши со збајатена вода околу кои летаа муви. На момчето што му притрча веднаш и почна да ја брише голата маса со навлажнет сунгер, Андреја му рече: – Едно карафче бело! И добро што го одбра тоа. Виното беше ладно и питко. Морето добиваше сè појака индиго боја; брановите се обрабуваа со бела пена и, со небото и сонцето, денот како да иташе кон пладнето да ги достигне најголемите крајности, да се очисти од сите можни премини и несовршености. Од ветрот и воздухот стана резок и пенлив. Сето тоа го зафати и го понесе и Андреја; чувство на задоволство му се разлеа низ целото тело, наеднаш сфати дека е добро што се нашол токму на ова место. Го пиеше веќе и второто полулитарско карафче вино и размислуваше што би можел да добие тука за ручек. Местово, очигледно, не ветуваше многу, но парче бело сирење прелеано со густо маслиново масло и две-три маслинки одгоре би било, веројатно, сосема можно за почеток. Потоа, со уште малку разладено вино, каламари на жар добро би легнале како мезе. Вживувајќи се сè повеќе во обедот што му се конкретизираше на овој начин, Андреја во мислите се сети на оние миризби на домашни јадења што избиваа од куќите во градот. Почувствува извесна носталгија по летниот неделен ручек – ѓувеч печен на фурна и лубеница на крајот – со кој мајка му Елена го гоштеваше во повоеното детство. „Полнети црвени домати би морале да имаат и овде“, си помисли тој со многу надеж и почна да го бара со поглед момчето што служи. Момчето не се појавуваше. Старците седеа неподвижно со празни погледи вперени кон морето. „Слепи старци загледани во некоја длабочина“ – мрзеливо есеизираше Андреја. Но, постепено почна да го напушта првичниот занес, стануваше сè понервозен, зашто чувствуваше небаре нешто необично се случува околу него. То ест, сосема напротив, не се случуваше ништо, не се појавуваше никој, тој небаре намерно беше оставен сам за да се види, да се покаже што ќе прави понатаму, како ќе се однесува. Точно тоа: небаре некој чека да види, небаре некој го демне… Му се уврте во глава оваа мисла, доби некој речиси опиплив впечаток дека некои мошне заинтересирани погледи го демнат. Се начули, почна со сомнеж да загледува во густото зеленило на малата бавча зад таверната, во темните, наспроти блескавиот ден, речиси црни, стакла на прозорците. Потоа се налути на себеси, на тоа свое веќе нездраво чувство. И за да го истресе од себе, да се ослободи, тој се загледа во брановите, во чамците, во некои далечни капачи. Кога, малку потсмирен, погледна пак кон куќата, момчето мрзеливо стоеше потпирајќи се на рамката од вратата, една жена, покрај чешмата во дворот, лупеше компири и ги ставаше во огромно бело емајлирано тенџере. Старците ги немаше – си заминале на ручек, без тој да ги забележи. Сè беше обично, секојдневно, без некои поинакви скриени значења. Но кај Андреја како да се беше врежала една трага од вознемиреноста од пред малку, како што долго се задржува непријатниот вкус во устата кога ќе се лизне метал. Обидувајќи се да се однесува како ништо да не се случило, Андреја му даде знак на момчето. Му ја издиктира својата однапред детално смислена порачка, но кога момчето послушно, ред по ред, почна му ги донесува јадењата, тие веќе ја немаа претходно очекуваната сладост. И не само јадењата; како да беше нарушена наеднаш онаа величествена спрега на елементите – разбрануваното запенавено море и мирното, упорно блескаво сонце, и чамците што се трескаат во песокот и старците со вкочанети погледи – која на тоа мало плоштатче му ја придаваше онаа одбраност, несекојдневност. Кај Андреја веќе ја немаше онаа исполнетост, задоволство што седи тука, на ова место токму во овој миг и со тоа и самиот учествува во неговата неповторливост. Почна со јанѕа да мисли како ќе го мине времето до девет часот, до последната тура на Џеси. Седеше во напнато исчекување. Но колку и да се трудеше, не забележуваше ништо сомнително: жената во бавчата го доврши лупењето на компирите, со напор го потпра врз големиот стомак тешкото тенџере и го внесе внатре; момчето со влажен сунгер ги пребришуваше масите, растерувајќи ги мувите, кои упорно се враќаа на истите места; отспротива, онаму на другиот крај, бакалинот ги преместуваше гајбите со зеленчуци и овошје повнатре, под тендата, во сенка; морето се смируваше, свежиот ветар исто така; сè повеќе се чувствуваше острата пладневна жега. Андреја не го дојаде ручекот. Побара кафе, зашто не знаеше што да прави, но немаше никаква желба да ја пие таа густа, мошне засладена маса. Се чувствуваше како еден од заринканите чамци што брановите пред малку го беа отфрлиле најдалеку на песокот. Малку требаше да се почувствува очаен. Но наеднаш, тој навистина сети врз себе еден упорен поглед. На свое големо изненадување сфати дека го посматра едно четири-петгодишно русокосо девојче, чие присуство тој не го забележа веднаш, зашто тоа, ту се подаваше, ту повторно исчезнуваше во темнината на внатрешноста од куќата. Осмелувајќи се најпосле, тоа излезе надвор и, чекор по чекор, толку му се приближи, што речиси му се внесе в лице и го зашемети со љубопитниот поглед на своите огромни сиво-сини очи. Андреја стрепери од изненадување, но набргу се созеде и го навлече на лицето оној неприродно сладок израз со каков што возрасните возвраќаат на вниманието на децата. Но девојчето тоа како да не го прелажа. Тоа и натаму го гледаше внимателно, испитувачки. А кога Андреја веќе беше готов да му упати некој од оние неколку зборови што ги знаеше на грчки, девојчето нагло се сврте и како ништо да не било, сето свое внимание ѝ го посвети на некаква своја вообичаена игра со мало кученце, кое исто така се беше појавило којзнае од каде. Иако се почувствува малку непријатно поради ваквото неприфаќање на неговата љубезност, тој мораше да си признае дека во неа и немаше многу искреност, па сега со вистинска заинтересираност и наклоност почна да ја посматра едноставната игра на овие две мали миловидни суштества. Рачињата и ножињата на девојчето, толку нежни, кршливи, покажуваа неочекувана еластичност и сила да се натпреваруваат со трчањето и скоковите на кучето. Неговите кадрици, речиси нематеријални, така озрачени од сонцето, белото не сосема чисто фустанче од памучна ткаенина, движењата, брзи и хармонични, внесуваа една нова, поттикнувачка живост и седењето на Андреја сега му стана поподносливо. Успеа да се олабави, неговото внимание попушти, разиграната бела дамка ту се распливнуваше, ту повторно ги заземаше контурите на девојчето. Дури откако наполно ја снема, откако ја почувствува неподносливата празнина, Андреја се сепна и сфати дека западнал во дремка, можеби и заспал, и девојчето и малото куче дали ги видел насон, не можеше да расчисти сосем. Момчакот и натаму стоеше во рамката од вратата со наполно безволен поглед, очигледно помирен со тоа целиот ден да го служи својот единствен гостин, кој остануваше да седи тука необјасниво долго. Стануваше сè понеподносливо топло. Андреја направи движења како да ќе стане, веќе сакаше да му даде знак на момчето дека сака да плати, кога од темниот правоаголник на вратата повторно се појави белата дамка и, по извесно премислување на прагот, небаре поттурнато од некого невидлив во темнината, повторно истрча девојчето. Овој пат тоа се упати право накај Андреја. Носеше нешто во рака. Притрча, се поткачи на прсти, пак му се внесе в лице со необична сериозност, го плесна на масичката она што го носеше и се оддалечи, за секој случај, на безбедно растојание. Андреја љубопитно го погледна предметот. Го зеде в раце: тоа беше слика – фотографија на жена – во нешто поголем формат од разгледница, пожолтена, со украсно исечкан раб, како што се правело тоа некогаш во старите фотографски студија. Тој ја разгледуваше со внимание но рамнодушно. Тоа беше портрет на млада жена со големи темни очи и коса, очигледно бујна, подигната како дијадема високо над челото. Такви фризури се носеа по војната. Жената беше убава. Строгиот, пронижлив поглед на темните очи го ублажуваше одвај забележлив насмев. Додека Андреја ја разгледуваше фотографијата, девојчето ни за миг не го симнуваше својот широко отворен поглед од него. Фотографијата не му кажуваше ништо, но овој поглед на девојчето, и самото тоа девојче, како да требаше да го потсети, да раздвижи нешто длабоко во него. Но тој се бранеше, не дозволуваше тоа да исплива, да се пробие до свеста. Веднаш се убеди себеси дека повторното појавување на девојчето, носењето на фотографијата е само пријателски гест, ненадејна симпатија, каква што децата ја искажуваат со тоа што го посветуваат туѓинецот во некоја своја тајна или му нудат некоја своја сакана ситница. Наеднаш помисли дека ликот на фотографијата може да биде и на некоја некогаш популарна актерка, но никако не можеше да се сети на која. Сепак, со потцртано внимание ја држеше фотографијата во рака малку подигната пред своите очи и одново му ја упати на девојчето онаа љубезна насмевка. А за да му направи поголема пријатност, го запраша: – Мама?.. мајка ти? Девојчето заниша со главата, истури брзозборно еден изблик на зборови, од кои Андреја не разбра ама баш ништо, му се приближи, грубо ја истргна фотографијата од неговите раце и со налутен поглед се изгуби во внатрешноста на таверната. Овој пат беше јасно дека веќе нема да се појави. Андреја сепак остана извесно време во очекување на некое можеби поконкретно објаснување, но се виде дека е попусто, плати и побрза да си замине. Наспроти она негово долго седење и немање никакви планови за понатаму, ова дојде некако многу избрзано, како да бега, но навистина му беше дојдено преку глава и тоа девојче и тие крајно спротивни чувства што го опфаќаа на тоа место. По малку лут, по малку запрашан, Андреја, брзо чекорејќи, се најде на другиот крај на пристаништето. Неколку високи карпи со остри нерамнини на површината го делеа од сосема мала плажичка со чист, негибнат песок. Внимателно, да не се повреди, ги премина карпите, се соблече. Песокот се растураше меѓу неговите прсти „како ориз“, но беше неподносливо врел. Скокајќи напрсти дотрча до водата, се нурна нагло во благотворната свежина. Заплива прво во стил пеперутка, потоа краул, но бргу се зазбивта и се преврте на грб да се одмори. Кашлаше, шмркаше и ја тресеше главата притоа за да се ослободи од вишокот вода што му беше навлегла во носот, во очите, во ушите. Требаше да им остави извесно време на брановите пријателски да го поземат и тој, некогашниот пливач на вардарските плажи и натпреварувач од првите скопски базени во Аеродром и Сарај, да се слее со нив во бавни движења, полни предавање на нивната волја. Пулсирајќи така, тој забележа дека го носат струи кон гребенот што го затвораше малиот залив од спротивниот крај. Над црните карпи, остро подјадени од брановите, се извишуваше минијатурно бело црквиче. Андреја ги насочи, сè уште благо, своите движења натаму. Црквичето беше свежо варосано, меѓу ниските растенија околу него како да беше внесен извесен ред. Тесна, одвај забележлива врвица водеше некаде нагоре. Тој ја проследи со поглед и сега за првпат ја забележа малата камена куќа со стар ќерамиден покрив, сиот обраснат од лишаи и повит, така што не се одвојуваше многу од каменот на ѕидовите, а сето тоа заедно се слеваше со околните карпи на ‘ртот. Андреја заинтересирано гледајќи ја куќичката отплива до каменестиот брег. Газејќи прво по лизгавиот слој од водни растенија, алги, саси и мил, а потоа меѓу црните подотворени школки на карпата, тој со олеснување скокна врз меката црвеникава земја прекриена со суви борови иглички. Црквичето беше од оние заветни, што често се креваат на некоја карпа на брегот, а и меѓу боровите шумички внатре, така што не мораше да биде во никаква врска со малата камена куќа. Лицето на таа куќа, пак, иако најмногу изложено на непогодите откај морето, беше цврсто, речиси негибнато, освен што непријатно зјаеше црната дупка на влезот, со врата соборена веднаш тука, кај прагот; но од другите страни претставуваше вистинска руина. Една голема смоква од едната страна се беше толку разраснала, што ги провираше своите гранки низ празните отвори на прозорците длабоко внатре. Тревки и покрупни растенија ги беа прекриле речиси наполно изгниените штици на подот. Требаше да се совлада една голема гроза за да се згази на нив и тоа со боса нога. Една штица опасно крцна, друга се заниша под неговата тежина. Андреја повнатре и не влезе; застана само на чекор од прагот и, откако очите му се свикнаа на полумракот, тој целата внатрешност можеше да ја опфати со еден поглед. Единствената просторија не беше голема, но очигледно претставувала некогаш пријатен засолн. Во делот каде што смоквата и другите растенија се беа пробиле најмногу, имаше, всушност, убаво огниште изѕидано од истиот камен, на чија, којзнае по каква случајност, зачувана горна зарамнета плоча, стоеше сè уште, небаре за миг оставен тука, без рачка и сиот испукан, керамички филџан со сини шари. Андреја прво го збуни, а потоа го израдува многу овој детаљ; па тука се пиело чај! Погледна во својот рачен часовник отпорен на вода: пет часот! „Време за чај“, би рекла сега Џеси. И во овој амбиент полн со бедни искршоци од покуќнина и прелажна светлина, тој наеднаш како да почувствува топлина, присутност на жена. Зажали што Џеси не е сега тука со него. Би било забавно, би се шегувале на сметка на нејзината тетка. Но, зошто пак нејзина тетка? Па таа нели ја има онаа голема црвена куќа! Оваа куќарка сега е негова. „Следниот пат ќе ја доведам Џеси тука, ќе ѝ ја покажам „мојава“ куќа“ – цврсто одлучи Андреја и небаре со тоа заврши оваа мала игра. Повторно сериозен, со веќе наполно привикнато око, тој почна внимателно да ги разгледува другите предмети. Во близината на прозорскиот отвор, исто така одвај провирајќи се од бујното зеленило, се препознаваа остатоци од една голема фотелја од бамбус. Покрај самата врата, во еден темен агол на ѕидот беше зачуван мал малтерисан дел, а на него сè уште висеше закована, сосема зачувана, закачалка, исто така од бамбус. Речиси насреде одајата, веројатно токму под местото каде што некогаш висел, лежеше, како опасна стапица, некогаш убав, старински метален канделабар, но во крајно бедна состојба сега. Андреја малку се наежави. Имаше тука нешто што воопшто не соодветствуваше едно на друго. Како стигнале во беднава рибарска колиба, па макар и од камен, овие предмети од некој друг, сосема поинаков бит и навик? Оваа загатка наеднаш го загрижи, но во исто време се проби и свеста за сосема реалната опасност од пајаци, стаорци или некоја змија, што исто така можеа да си го имаат своето засолниште тука. Го опфати со последен, веќе начулен поглед целиот внатрешен простор и со еден скок се најде пред влезот, каде што го заслепи сè уште силното сонце. Откако повторно привикна на светлината на денот, тој со задоволство виде дека малата чистинка пред влезот во таа куќа е убаво зарамнета и расчистена од високата трева и троскот. Се обиде да го побара продолжението на врвицата по којашто беше дошол, но таа завршуваше тука. Некој, значи, доаѓа сепак на ова запустено место! Но како? „Од кај море, како и јас што дојдов?“ – се заинтересира Андреја, но веднаш се јави и прашањето: а зошто? Андреја погледна внимателно под соборената врата, ја исчисти малку, но речиси немаше од што и седна на таа мала рамнинка и, пред спростреното море под него, се задлабочи во чудни и незавршени мисли. Или, најпосле би се рекло, не мислеше ништо и се чувствуваше како да е наеднаш далеку од сè, на крајот на светот. Но сонцето веќе видливо се искосуваше кон запад и тој наеднаш се штрекна. Па последниот автобус во девет треба да го чека некаде онаму долу! Се стрча и скокна во море, заплива бргу кон местото каде што си ја беше оставил облеката и сандалите. Излезе од водата, се избриша, се облече и дури тогаш го погледна часовникот. Беше тукушто минало осум. Ако успее да го пронајде покусиот пат, ќе стигне точно навреме. Газеше невнимателно, дозволувајќи да му се полнат сандалите со песок. Навлезе во маслиниците, одеше малку потамина, потоа се сети: треба да оди токму на спротивната страна од малото рибарско место во коешто го беше поминал денот. Ах, тоа мало девојче, таа фотографија! Што ли требаше да значи сето тоа? Но успеа бргу да заборави на нив. Брзаше да излезе на асфалтната лента, а оттаму веќе лесно ќе се снајде. И навистина се покажа дека имаше право. Стигна неочекувано бргу на одреденото место. Со олеснување здивна. Автобусот уште не беше стигнал. Го чекаа тука уште неколкумина луѓе. Покрај Андреја стоеше еден од него малку помлад човек и го гледаше со не сосема прикриен интерес. – Не стигнал уште басот? – му се обрна Андреја на англиски за да го пресече некако тој натрапнички поглед. Овој, зјапајќи и натаму, ја подигна раката со часовникот и рече: – Стигнува во девет, понекогаш малку и доцни, но ништо страшно. Андреја исто така ја поткрена својата рака, но не виде колку е часот, ја спушти и, израдуван дека човеков разбира англиски, наеднаш се сети да го праша: – Вие сте одовде, од ова место? – Одовде потекнувам, но сега живеам во градот, – му одговори овој, очигледно, сосема расположен за разговор. – Во градот имам изградено нова куќа… со убави станови за издавање, знаете, сосема комфортни, покрај самото море… – додаде небаре во него гледа заинтересирано лице. – Аха, убаво, – студено му одговори Андреја, покажувајќи желба да ги обесхрабри натамошните понуди. Но човекот не се предаваше толку лесно. Очигледно сакаше да го пополни со разговор преостанатото време. – Прво пловев на ферибот, тука блиску, до Игуменица, но со тоа не се заработува многу. – Продолжуваше тој да му се доверува на овој странец. – Затоа решив да појдам во Германија како гастарбајтер. Се покажа тоа како вистинско решение. За десетина години си заработив доста… Андреја веќе не го слушаше внимателно, неговата приказна не му беше интересна. Но, наеднаш нешто му блесна во свеста. Спомнувањето на Германија му даде идеја и тој го прекина човекот со прашање од своја страна: – Така, одовде, значи, сите прават така? Но човекот, наеднаш прекинат во својот тек на говор, како да не разбра што сака да каже. – Како? – изненадено праша. – Па така, сите одат во Германија да заработат некоја пара. А оттаму… – со посебна љубопитност продолжи Андреја, – си носат жена и по некое русокосо дете?… – А не, не е така, – категорично одговори овој. – Можеби на други места, но овде сите некако сакаат да си останат дома. Јас единствен… – Единствен, и си донесовте Германка жена?.. – Не, не, жената ми е од островов. Од градот е, Гркинка чиста. Другите… не знам. Но ние не се мешаме многу… Пристигна автобусот. Џеси го побара малку загрижено. Кога го виде, се смири, му мавна и го сврте вниманието кон неколкутемина што слегнуваа. Потоа, со веќе празен автобус направи полукруг и застана пред нив. Ова, нормално, предизвика прекид во разговорот, за кој Андреја наеднаш стануваше сè позаинтересиран. Затоа тој бегло се поздрави со Џеси и, кога се качија во автобусот, успеа да седне покрај својот соговорник од пред малку. На овој тоа му се виде сосема нормално – со муабет побргу ќе се стигне. Тој веќе се подготвуваше да започне нешто друго, но Андреја, којзнае зошто, инсистираше на прекинатата тема. – Велите дека никој од вашево место досега не донесол некоја странкиња? – Не, кај нас сè уште се нема случено тоа. – А она… јас видов таму… Мислам на едно мало девојче со руси коси? – Андреја конечно успеа да го постави прашањето што некако посебно го возбудуваше. – Ах, мислите на мало русо девојче? Тоа е сосема нешто друго. – Одговори неговиот соговорник наеднаш живнат, небаре израдуван што сега ја има вистинската приказна. – Сигурно сте го виделе девојчето од ќерката на Навсика! – Навсика?! – Нагло му излета на Андреја. – Па да, Навсика е всушност неговата баба. Тоа е жена од нашето село… – Но девојчето, толку русо, малку е необично, нели?.. – Беше нестрплив Андреја. – Можеби е на својот татко? – А не, и татко му е овдешен. Што се однесува до тоа, тие се чисти Грци. – Побрза да расчисти тој, малку нервозен што не му се дозволува да ја раскаже конечно започнатата приказна. – Детето е, како да речам, плукнат дедо… то ест, не дедо… туку, тоа е она што сакам да ви го кажам… – и човекот малку збунето го изгледа Андреја со внимателен поглед. – Ете, кога ве видов преѓе, иако тогаш бев мал, но ми се стори… но не, ми се привиде, секако… Полно е на светов слични луѓе… Ете, јас еднаш… Андреја панично се исплаши од овој повторен обид да се скршне од темата и, небаре од тоа му зависи животот, со молбено настојување се обиде да го врати на преѓешната нишка: – Но, девојчето… велите?.. – Ах, како што реков, тоа е една стара приказна. Таа Навсика, паметам, ја сметаа за најубава девојка кај нас. Но и најсвоеглава – наумничава, тврдоглава. Кога таа ќе наумела нешто… Па ете, така, кога оној Русин почнал да доаѓа кај куќарката и да седи таму загледан во морето, таа веднаш седнувала во чамец и одела во малиот залив… – Русин! Каков Русин?! – сосема залетнато извика Андреја. Раскажувачот малку како да го вознемири неочекувано силната реакција на овој странец, но, откако уште еднаш внимателно го изгледа, сепак спокојно продолжи: – Русинот од кај Госпоѓата во големата куќа… градинар ли, веќе не знам, што ли ѝ беше. Ви велам, јас бев мало момче и не ме интересираше многу… но приказнава остана да се раскажува и после… Сум го видел и јас два-три пати, но не го паметам многу. Стар човек беше… – и, гледајќи во Андреја малку се стресе, се насмевна и како да се извинува рече: – Беше, всушност, малку постар од вас, но јас бев дете, а и таа… Навсика, и таа беше многу млада, но ете… Андреја го слушаше со ококорени очи, наеднаш му навираа безброј прашања, но и, поучен од пред малку, ужасно се плашеше да не му стане сомнителен на овој човек ако премногу инсистира. Па затоа се воздржуваше колку што можеше. А овој сега, држејќи се цврсто за фактите што, очигледно, му беа добро познати на целото село, продолжуваше мирно: – …ѝ го привлекол вниманието тој Русин значи и, кога таа, веќе не криејќи се многу, почнала да излегува од чамецот и да седнува пред малата куќичка покрај него, тој, изгледа, сосема престанал да се враќа во големата куќа. – Аха, таа мала куќичка над заливот, – внимателно го прекина Андреја, небаре тоа можеше да биде почетната нишка за којашто би можел да се фати без да предизвика сомнеж, – денеска јас бев таму, пливав, па ја видов… се искачив до неа… оттаму навистина се отвора чудесен поглед… Чија е таа куќа? – Па на Госпоѓата, се разбира… Тој нејзин службеник беше! – А таа… госпоѓа?.. – Ох, тоа е Големата дама. Велат дека и таа била Русинка, но не сум сигурен; таа е постојано со Англичани и други странци, а овде ја викаат Големата лејди. – Таа е уште жива, сè уште живее тука? – го праша Андреја истрпнато. – Да, да, многу е стара, но знаете, – му поднамигна тој на Андреја, – за тие богати луѓе годините немаат голема важност. Таа секогаш е во некое движење, патува, ѝ доаѓаат гости, приредува забави… Блазе им… Многу е богата, велат. – А каде, каде е таа нејзина куќа? – Повторно беше нестрплив Андреја. – Па ене на ридон, што е над Сидари, пред малку поминавме покрај влезот… – покажа човекот со рака наназад, каде што веќе сонцето сосема беше на залез. И, со извесна гордост пред овој странец, тој почна, очигледно претерувајќи, да ја фали: – Ох, тоа е една голема куќа, вистински дворец, но оддалеку не се гледа многу зашто зеленилото речиси ја покрива целата. Но, кога друг пат ќе доаѓате во Сидари, гледајте ја портата, и таа е доволна да сфатите каков господски имот е тоа! Замолча наеднаш, небаре сфатил дека се оддалечил од првобитната тема. На Андреја исто, иако и овој податок му беше многу важен, му се стори дека е неопходно да дознае уште нешто од овој човек, пред да стигнат до градот. Со одвај прикриено треперење на гласот, тој како да го поттурна благо: – Добро, а Навсика… а тој нејзин Русин?.. – Да, да, па токму нивната приказна сакав да ви ја раскажам. Интересна е, а и толку обична, всушност – убава девојка и тој странец… Меѓу таа Навсика, разбирате ли, млада и преубава, како самовила, и тој… постар Русин, се воспоставила некаква чудна врска. Љубов ли била тоа, не знам, јас бев мало дете. Но селаните многу зборуваа за тоа. Со прекор, се разбира, но некако без вистинска омраза. Навсика ја жалат сите, но и ја почитуваат многу. Знаете, таа младешка врска ѝ беше единствената грешка, оттогаш таа живее сосема честит и угледен живот. И… да се направи сето тоа, и после да се остане во истото село, достоинствено да се изгледа ќерка без татко, за тоа требаше голема храброст. Фала му на Господа, ете, и нејзината ќерка убаво се вдоми, си има маж и дете… Само… – Само, што? – не издржа Андреја да не праша. – Само што изгледа дека таа, Навсика значи, не го заборавила никогаш минатото сосем. Живее повлечено, речиси не излегува од својата куќа, но, кога е морето мирно а залезите долги, често со чамец сама оди во малиот залив, се качува и долго седи пред камената куќа. Се потсетува ли на својата младост, дали својот Русин го жали?.. – А, таа се омажила, значи, после, имала и други деца?.. – Не, не се омажила никогаш. Друг маж немало во нејзиниот живот. Од таа врска со стариот Русин ѝ останала само нејзината ќерка. – А што е… со Русинот, – од силен внатрешен вриеж, Андреја одвај успеа да ги изговори овие зборови. – Што се случило со него… дали умрел? – Не, тој си заминал дома. – Дома?! – Да, тој никогаш и не криел дека сака да си оди. Ни Навсика никогаш тој не ја лажел. Таа знаела, но ете… љубов… Но, – побрза наеднаш да објасни тој, гледајќи ја големата вчудоневиденост на Андреја: – колку и да му било тешко, тој не ќе заминел, секако, ако знаел дека Навсика очекува негово дете. Не верувам, велат дека бил многу честит човек. Но таа го криела тоа од него, а и врската нивна не била долга… – Ох, така, – проговори Андреја, и натаму трудејќи се со сите сили да се совлада себеси. – А каде… каде заминал тој? – Па дома, во својата татковина, чинам. Секој го сака тоа на крајот. Андреја одвај да беше забележал дека веќе извесно време се возат низ градот. На негова голема жалост автобусот сопре на пристанишниот плоштад. Се двоумеше дали да побрза уште нешто важно да праша, но никако не му текнуваше што би требало да биде тоа, па така, му ја дофати раката на својот сопатник речиси со сила, му ја стегна цврсто и со трогнат глас му изрази благодарност, на што овој, од длабока почуденост, остана неподвижен неколку мига. Притоа Џеси си го напушти своето возачко место и, гледајќи го Андреја како сè уште стои среде испразнетиот автобус, небаре не знае накаде да тргне, му пријде, му ја префрли својата рака преку рамо и лесно го бакна во образ. – Конечно заврши и тоа, ќе одиме сега?! – му се обрна таа, но Андреја како да беше далеку од неа на илјада милји. Благо го поттурна накај излезот и, откако слегоа долу, обидувајќи се да сврти на шега, таа премина со својата дланка пред неговите очи и веќе со загриженост го праша: – Што ти се случило, Ендрју, да не те маѓепсала некоја сирена таму на брегот? Андреја конечно успеа да ги надвладее своите мисли и се сврте кон Џеси со неочекувана пресретливост, што одвај ја прикриваше горчината во гласот: – Ох, само да знаеш колку имаш право! Но ајде сега да се погрижиме за тоа што ќе правиме оваа вечер. Како прво, морам да ти признам дека сум многу гладен, – и, потсетувајќи се на успехот од првата нивна заедничка вечер, ѝ предложи да појдат до ресторанчето за брза храна. – Што мислиш за едни сочни бифтеки?.. – Пле…ска…вѝ ца! – Извика воодушевено Џеси, благодарна што тој така наеднаш ѝ се врати. А тој ја потфати за половината, при што му се виде толку лесно нејзиното тело, та ја поткрена и ја сврте речиси цел круг во воздух, на голема зачуденост на минувачите покрај нив. Побрзаа кон ресторанот. Сè уште немаше никој, па брзо ја добија в раце топлата храна. Џеси се кикотеше; прстите им се лепеа во мрсната хартија и истурен кечап. Извесно време беа наполно зафатени со тоа. Андреја побрзо заврши и имаше мака да ги избрише рацете, устата, вадеше хартиени шамичиња од торбата, ѝ додаде и на Џеси. А потоа? Не се повтори магијата од онаа вечер. Заедно со гладот и воодушевувањето спласна. Ги погледна луѓето наоколу, ја погледна Џеси, сите му се видоа некако далечни, смалени, како преку превртен двоглед. Се почувствува како да е исфрлен од силен бран на брегот, ошумоглавен и сосема сам. Што да прави сега? Му се вратија пак преѓешните мисли. Но не! Тоа не беа мисли… Сето она што се случуваше во неговата глава беше премногу несредено, безоблично за макар благо да потсетува на мисла. Се обѕирна наоколу. Светлината стануваше сè потемно сива. Светилките се палеа мошне бавно. Се почувствува беспомошен, збунет, на место што наеднаш му стана сосема туѓо, и тогаш сфати дека ужасно страда. Ја побара Џеси со десната рака, ѝ ја префрли преку кревкото рамо, ја стегна. Но тоа не помогна многу, тој и натаму беше сосема далеку негде. Израз на болка му го искривуваше целото лице. – Тебе, сепак денеска ти се има случено нешто?! – веќе сосема убедено констатира Џеси. – Да не си добил некоја лоша вест од дома? Уште претпладнето како да забележав нешто. Да не се чувствуваш болен? – Претпладнето?! Не… не, ништо од тоа, но… – но му се стегнаа вилиците, му снема плунка во устата, кога сакаше да изговори гласно, за првпат да го вообличи во зборови сето она што тој ден му го беше открил. Подзапре малку, па потоа како да најде решение: – Дојди Џеси со мене, нели немаш против? На Џеси веднаш ѝ беше јасно дека се случува нешто важно, па се откажа веднаш од тоа да намине прво во својата соба, да се истушира, да облече нешто свежо. Послушно се стисна до неговото рамо и тргнаа како заговорници, молкум. Андреја ја проведе низ тесните улички право накај горниот дел од градот и тие бргу се најдоа на големата еспланада. Како тивки сенки се провлекоа низ шетачите што семејно, со деца, беа излегле да ја минат неделната вечер. За среќа, во кафèто каде што обично Андреја ги минуваше оние саати пред крајот на денот откако ќе се разделеше од Џеси, пронајдоа една слободна маса. Седнаа сè уште молкум. Андреја гледаше во нејзиното загрижено лице. Не, тоа воопшто не беше убаво сега. Некако згрчено, стармало, со ококорени очи, „како на краба што приквечер демне на некоја карпа“, му пролета в глава. Ја гледаше извесно време така, а потоа наеднаш му се истури сè небаре преку пробиена брана. Барајќи од неа со поглед сочувство, разбирање, помош, со длабоко навреден, очаен глас, безмалку со липот, ѝ раскажуваше сè: за камената колипка прво, за зачуваниот филџан, за тоа дека веднаш помислил да ја доведе неа таму, и за својот паничен страв од глувци и змии; за човекот од кого подоцна дознал дека тие не сакале странци и за чудното однесување на старците во рибарското селце; за лошата храна таму; потоа раскажа за малото девојче со проѕирна, светла коса, за нејзиното куче, при што на фотографијата како да беше заборавил сосем; за старата госпоѓа за којашто дознал од истиот човек и за својата решеност да ја побара уште утре; потоа, од целава оваа збрка малку поосмислено се пробија контури на приказната за Навсика и стариот Русин. Со текот и неочекуваниот развој на неговото раскажување, лицето на Џеси се менуваше стапка по стапка. Прво загрижено, вознемирено, па збунето, тоа стануваше сè посмирено за, на крајот, да блесне од разбирање и со малку ироничен насмев. – Па, уште една љубовна приказна, значи! – некако победнички му рече таа. – Ах, колку би сакала да го запознам јас тој твој татко!.. – заврши Џеси со својот карактеристичен кикот. Андреја се вџаши, пак ја изгуби моќта на говор; со вистинска омраза го гледаше тоа вцрвенето, исклештено лице во двосмислена насмевка. – Јас не го сфаќам тоа така… – одвај смогна сили да ѝ каже. Исплашена од овој негов сегашен израз, Џеси веднаш се прибра, стана повторно загрижена, нежна. – Мислев… па ништо страшно, впрочем… – и наеднаш како да ѝ се роди спасоносна мисла: – Па дали си сигурен дека тоа бил твојот татко… го праша ли човекот за неговото име? Андреја го изненади оваа можност, тоа дека Џеси има наполно право: тој навистина не го праша човекот за името на тој Русин, ниту пак за името на госпоѓата – „старата лејди“ како што ја нарече; најпосле, ниту на таа ќерка на Навсика… При потсетувањето на неа тој пак доби болна гримаса. Откако малку се прибра, се обиде да се фати за тукушто понудената нишка: – Не, не го прашав… Не знам зошто… Бев толку збунет, потресен, знаеш… и сигурен некако… Но, како што велиш, можело да има и други Руси… Но целата онаа замислена или стварна игра со набљудувањето во онаа таверна, со дрското мало девојче, со фотографијата најпосле?! Беше сигурен дека таму некој го познал, се препознал, всушност… па да, се препознал… Се случуваат и такви нешта. – Но сепак ќе појдеме уште утре да ја побараме таа госпоѓа во нејзината куќа. – Одлучи Андреја цврсто. – А зошто не во малото село, да ја побараш таа Навсика или… нејзината ќерка?.. – но кога виде колку тој тоа болно го прима, Џесика престана да инсистира. Договорот падна и како да немаше веќе што да се прави. Џесика стана, веќе сакаше да си тргне надолу, дома, но Андреја се почувствува како пред бездна: зар да остане сам до утре? Не, за тоа тој немаше сили. Панично ја фати Џеси за рака: – Не оди си, Џеси, – ја замоли тивко, небаре дете кое се плаши дека ќе го остават само. Срцето на Џеси ѝ се преплави со ненадејна нежност. – Само за половина час, да се преслечам, малку да се средам. Сета сум потна од целиот ден поминат во тој ѓаволски автобус. Ако сакаш, почекај ме тука, јас веднаш ќе се вратам. – Не, не оди Џеси, те молам! Ќе појдеме заедно до мојот хотел, ене го каде е, близу! Џеси попушти молкум. Станаа и, држејќи се за раце, се замешаа меѓу сè уште густите редови на шетачите, но толкав очај изразуваше оваа необична двојка, што сите редум се поттргнуваа настрана за тие полесно да минат. Кога влегоа во неговиот хотел, Андреја не ја испушташе грчовито раката на Џеси, та изгледаше по малку како да ја влече со сила. Но полузадреманиот портир се преправаше или навистина не забележа ништо. Внатре, во тесната соба, откако се истушираа, се испружија со недоисушени тела, голи на тесниот кревет. Се гушкаа пријателски, нежно; Џеси му ја нишаше главата во скут, како мајка, додека Андреја како да протреперуваше одвреме-навреме од притаен липот. Ни самиот не знаеше зошто, но се чувствуваше длабоко повреден и тажен. Ноќта беше необично врела. Телата им се лепеа од потта. Стануваа неколку пати, се тушираа, водеа љубов, разговараа многу малку. Најпосле ги совлада сонот; ја спушти тој својата завеса блага врз сите недоумици и очаи што им ги беше приредил денот. 2. – Вилата не се издава! Им довикуваше сè уште оддалеку еден стар човек, што се појави на патеката идејќи некаде од зад куќата, кога тие, по долго ѕвонење и тропање на големата порта, изненадени прво што таа попушти пред нивниот благ притисок, се беа провлекле внатре за потоа бојазливо да зачекорат по патеката. Очигледно јадосан што заборавил да ја закатинари вратата, со јасна намера да ги набрка по колку што е можно покуса постапка, човекот, во сосема дооден, избледнет од секаква боја, работнички комбинезон на гола поцрнета кожа и со голема сламена шапка на главата, заканувачки им одеше в пресрет, мавтајќи со огромни градинарски ножици во едната рака. – Вилата не се издава, – студено повтори тој приоѓајќи им сосема близу и проценувајќи ги во меѓувреме со итрите разиграни очи, скриени во сенката на својата шапка. Но неговото однесување постепено како да се менуваше, гледајќи ја пред себе оваа необична двојка: млада девојка, не многу уредна и со дрзок поглед, и средовечен човек, сосема пристоен, иако со девојката фатен за рака; беше видливо дека ни на двајцата воопшто не им оставаше впечаток податокот дека вилата не се издава. Старецот наеднаш се начули, стана претпазлив и не го симнуваше погледот од господинот пред него. Пелтечејќи на некаков англиски, тој, обрнувајќи му се сега исклучиво нему, проговори: – Но… што барате вие… – и, сè повеќе несигурен, небаре гледа некое сениште, продолжи: – Но… госпоѓата не е тука… нема скоро ни да биде… по една недела, можеби, наминете… Сега му беше ред на Андреја да биде збунет: по толку непријателскиот пресрет, поради што веќе беше готов да ја повлече Џеси и да си заминат што побргу одовде, сега му стануваше сè понесфатлива промената на однесувањето на човеков. А тој мрмореше, небаре за себе, нешто сè понеразбирливо: – Но не… тоа не е можно… толку години… – и потоа, како да се созел изговори јасно: – Не, тоа не е можно. – Што не е можно? – праша Андреја учтиво. Но човекот не одговори на прашањето, туку го гледаше збунето, небаре фатен во некое недолично дело. Андреја се обидуваше да сфати, а Џеси си ја префрлуваше тежината од нога на нога, стоејќи малку понастрана, како да се забавува за своја сметка. Со новиот ден таа како да ги согледа работите поинаку. Она од вчера, во кое така сосема неочекувано беше емотивно вовлечена и самата, ѝ се стори малку претерано и по малку смешно. Андреја исто така како да се беше повратил. Беше оној стариот, или барем изгледаше така, прибран, достоинствен, учтив. – Но ние не бараме сместување… ние само… – ни Андреја не беше сосема јасен. Ова како да му помогна на стариот да се прибере. Од наеднаш појавената учтивост, тој не сакаше да го прекинува Андреја, но почна јасно да ја покажува намерата веднаш да го заврши разговорот. Тогаш Џеси, исплашена дека главното ќе се пропушти да се каже, смело се замеша: – Но, чекајте! Господинов овде, знаете… – и со двете раце покажа накај Андреја, – дојде на Крф, сосема оддалеку, знаете, само да го побара… – тука таа се прекина, би било премногу лудо вака наеднаш да се рече „таткото“, па, по мала пауза изговори : за да ја праша Старата Лејди… нему тоа му е многу важно! – И сега веќе сосема бесмислено, додаде: – Тој дојде од Југославија, знаете! Овие зборови сосема неочекувано предизвикаа огромен ефект. Стариот човек ги изгледа повторно мошне заинтересирано и стана уште попретпазлив. Додека Андреја, охрабрен од очигледната подготвеност на човекот да го сослуша, почна да излага: – Точно, многу ми е важно да ја видам Старата Госпоѓа. Јас не ја познавам, но овде, во селото, ми имаат кажано дека таа познавала еден Русин… некогаш одамна, по војната… Старецот му одговори учтиво, но сè уште со голема резерва: – Таа познавала и познава сè уште многу Руси, драг господине. Таа и самата е Русинка, ако сакате да знаете, или, можеби знаете… – Последниве зборови ги изговори тој на руски, заинтересеран многу за ефектот што ќе го предизвика со тоа. Андреја се штрекна, за првпат во животот зажали што не го знае рускиот доволно добро, но во моментов му беше многу поважно тоа што човекот на тој начин како да го обнадежи, како да му подаде рака. И затоа тој продолжи на англиски, но покажувајќи дека одлично го разбрал: – Знаете, дојдов на островов по толку години да се распрашам, да разберам нешто за еден Русин… всушност, за мојот татко… Борис Андреевич Кузнецки… Се прекинуваше Андреја не толку што самиот беше возбуден, колку гледајќи го својот соговорник, на чиешто лице се случуваа цела низа сосема неочекувани промени: очите му замижуркаа, мускулите почнаа да се грчат, од збунетост тој се обиде погледот од под шапката уште повеќе да си го скрие, а потоа се отвори, се распливна за миг сиот во еден широк добродушен насмев. Гонет од ненадеен импулс му се приближи на Андреја небаре со намера да го стегне во преграб, но навреме се совлада и само со рака му ја стегна надлактицата пријателски, но тоа испадна некако грчовито, силно. Зборовите што ги изговори сè уште како да беа во извесен расчекор со неговите движења и поглед: – Ох, така ли!.. Но мене ми е многу жал; госпоѓата… таа не е тука. – Па ништо, ќе ја почекам, а можам да дојдам и утре… – си даде уште една можност Андреја, со потцртана молбеност во гласот. – Не можете да ја почекате Госпоѓата зашто таа не е тука. Но… дојдете, дојдете… Таа е замината на крстарење со јахта. Со многу пријатели, знаете, од цела Европа… крстарат така којзнае каде, и можат да се појават и тука, но само по пет-шест, а можеби и повеќе денови… – го кажуваше сето ова градинарот, не испуштајќи ја надлактицата на Андреја и поведувајќи го бавно по долгата патека навнатре, обѕирнувајќи се, притоа, кон Џеси, небаре да ѝ даде знак да ги следи. Одеа така како некои познајници што одамна се немале видено, сè до една мала куќичка која личеше како да е за градинарски алат. Покрај една голема дрвена селска маса, прекриена со старовремска мушама во цветни шари, тој ги покани да седнат на двете дрвени клупи. Тие седнаа малку зачудени и очекуваа што натаму ќе следи. Човекот исто така седна наспроти нив и триејќи си ги дланките рече: – Так-так, значит…так… – враќајќи се пак на руски. Ги триеше дланките и натаму и како да не знаеше што натаму да… Но, наеднаш како да се сети. Бргу стана, исчезна зад малата куќичка, се појави со неколку чаши на ефтин подавалник, ги стави пред нив. Од стар, сиот исчукан и облепен со шарени налепници доста валкан ладилник, што стоеше тука под стреата, извади добро разладени три шишиња газоза, вешто ги отвори и им ги наполни чашите со искреста, безбојна течност. – Еве, – рече тој небаре е крив за нешто, – добро што се сетив. Малку да се освежиме, толку е врел денов, – употребувајќи го англискиот, со некоја чудна синтакса. Додека тој беше отсутен, а и сега, Андреја само ги ширеше очите, но беше јасно дека одвај да забележува нешто. Џеси, пак, воодушевено ја прифати љубезноста на домаќинот и полугласно ронеше некои изрази на благодарност, кои, очигледно, не стигнуваа до ушите на никој. Тогаш старецот, сè уште не седнувајќи, и вистински загрижен дека можеби претерал во нешто, му се обрна на Андреја пријателски но и со извесна официјалност: – Па, така, значи, така… Знаете што, Госпоѓата треба да ми се јави деновиве. Ми се јавува таа така на два-три дена, за да се распраша за вилата, да ми даде упатства… Па, наминете за некој ден, се разбира, ако сè уште бидете тука… Јас ќе ја прашам, но… На Андреја не му се заминуваше така откако беше речиси уверен дека човеков нешто како да знае, но од целиот став на старецот се гледаше дека не е подготвен да зборува понатаму, барем не денеска, не додека поразмисли малку или, можеби… Старата Госпоѓа, се разбира, сепак таа е тука клучна врска. Андреја, сè уште доста збунет, зашто не знаеше како да постапи, покорно рече: – Да, добро, ќе дојдеме по два-три дена… Секако… – Дојдете, дојдете… – го наговараше старецот со наеднаш светнати очи, топејќи се од љубезност и како да имаше во тоа и уште нешто, сочувствено, топло. Додека ги оставаа испразнетите чаши на мушамата и забрзано си стануваа да си одат, старецот се распраша дали се сместени некаде тука, во околината на Сидари. Кога дозна дека се во градот, небаре со жалење заниша со главата, но тие го смирија велејќи дека имаат свој превоз и дека и онака шетаат низ островов повезден. Веќе во колата, откако срдечно се испоздравија со стариот човек, Андреја сфати дека е чепнато нешто многу важно, дека одгатката како да се покажала за миг, но овој чуден човек со својата широка дланка пак како да ја покрил. Се чудеше зошто тоа мораше да биде така и своето незадоволство не можеше да го скрие од испитувачкиот поглед на Џеси. Таа молчеше извесно време, а потоа реши дека мора да го охрабри некако, да му даде надеж: – Што си се сневеселил така, па ова е супер! – Како?!. Па каква е тоа мистерија?! Тој очигледно нешто знае, гледаш, името на татко ми како да му остави некој впечаток, а потоа ништо… – Ја гледаше тој Џеси со жален израз како навредено дете. – Па во тоа е работата, сфаќаш, наредено му е да не разговара со странци. Тој како да се издаде во првиот миг, а потоа се сети: без дозвола на својата господарка тој ништо не смее да каже. Но, нели, сети се, тој нè покани, тој настојуваше дури да дојдеме уште еднаш. Значи следниот пат тој ќе може нешто да ти каже. – И, по една очигледно пресметана пауза, со загадочен насмев, таа му рече: – Просто се чудам колку си среќен. Јас веќе мислев дека она, со твојот татко, е наполно пропадната идеја, а ете! Кој би рекол, онака без ништо, да ја најдеш вистинската трага! Нејзиниве зборови навистина дејствуваа благотворно, зашто во голема мера се совпаднаа и со личните насетувања на Андреја, па тој го гледаше тоа вивнато од возбуда лице на Џеси со длабока нежност. Колку, всушност, таа му се најде. Колку стрпливост и разбирање се криело во тоа младо суштество, кое му изгледаше толку различно и со векови далечно од него. Затоа наместо одговор тој ја прегрна со десната рака, ја доближи и со бакнеж полн благодарност ѝ ја затвори устата што беше подготвена да зборува уште нешто. И двајцата, задоволни така еден од друг, се возеа подолго време низ планинскиот пејзаж, не чувствувајќи потреба било што да си кажат. Веќе го минаа превалецот и почнаа да се спуштаат на јужната страна, кога пред нив се отворија два можни правца: кон градот, на исток, – но што ќе прават сега таму на пладневна жега? – и на запад, накај Палеокастрица. За Палеокастрица, се разбира, се определија и двајцата. Конечно Андреја реши дека е време да ја чести Џеси со дамна ветениот ручек. Одбраа едно мошне засенчено место покрај самото море и, додека седнуваа, погледот им го беше прекрил за миг пријатен мрак, толку неподносливо јака беше пладневната светлина надвор. Брановите плескаа игриво во самиот бетонски ѕид на терасата со маси, ги прелеваа црните гроздови на острите школки залепени на него овде и онде, им додаваа уште и уште повеќе блескот; – дали еднаш веќе седел тука, првиот пат кога беше дошол? – во секој случај го зафати како и тогаш изненадувачка бодрост, се растури низ целото тело искреста, засркнувачка радост. Посака веднаш, без одлагање, да ја сподели со Џеси, но не знаеше на кој начин, па, од наплив на чувства, на очите му навреа ненадејни солзи. Се засрами, почна да ги трие очите со шамиче, да ги трие и очилата со затемнети стакла, жалејќи се на прејакото сонце. Потоа некако сè се среди; пристигна узото во тесни високи чаши, одбраното мезе, а после и богат ручек достоен за тоа место. Андреја и натаму со благонаклоно чудење ја гледаше Џеси. Таа скитничка, напати и вулгарна со својата безочна младост, умееше да се преобрази без мака во вистинска дама. Го беше забележал тоа уште и други пати; таа умееше да оцени храна и уште повеќе вино, да се однесува достојно, да биде благородна, фина. – Местово е навистина кралско, – ја остави салфетката Џеси, и со мошне елегантно движење на рака ја подигна својата чаша. – За кралица ништо подолу од кралско не смее да биде! – со не толку иронија колку патетична игра изговори Андреја наздравувајќи ѝ од своја страна. И двајцата се изнасмејаа весело, небаре на добра шега. Но Андреја, и натаму чувствувајќи се како нејзин должник, посака да ѝ возврати, да ѝ надомести уште нешто: – Толку ти имам изнакажано за себе, за целиот свој живот, а за тебе, кутрата, јас не знам речиси ништо. Но не, тоа не значи дека сум толку преокупиран со себе, а ти не ме интересираш воопшто. Напротив, но… некако, толку си млада; небаре штотуку родена… за јас да те гледам тука и сега, со сите тие твои многубројни, уште недоволно зацврстени лица… – Тука и сега, добро рече… – некако тврдо го прекина Џеси. – Тука и сега, – повтори замислено, но не ја заврши својата мисла. Андреја, како праведно обвинет, си ја наведна главата, но Џеси пак омекна, се отвори, му рече дека никогаш досега не се чувствувала така, како со него. Дека ѝ открил нешта што не ги знаела, но и оние што ѝ биле блиски, а кои сега ги гледа во поинаква светлина. Почна да раскажува за своето детство поминато на големиот имот, за стадата овци и неброен добиток на нејзиниот татко. За шталите со благородни грла, за нејзиниот љубимец Вранец. За трпезата што собирала многубројна челад, и која секој ден го правела како да е празник. За одбраните школи. За тоа дека се веќе депонирани средства за нејзиниот колеџ… Андреја, сиот вџашен, се обидуваше да ја прекине неколку пати: – Но зошто, но како, Џеси?.. – Како зошто, што тоа не ти е јасно? – го запраша на крајот малку победнички Џеси. Потоа, со мал ироничен насмев, му рече дека и нејзиното семејство е старо и моќно, иако можеби не толку благородно како она на неговиот татко. А дека и таа, еден ден можеби, ќе стане некоја угледна личност како него. Но дека денес да се говори за тоа е премногу рано, засега таа е само една модерна девојка, како и сите други, и, како што рече и тој, со недооформено лице. – А сега би можеле да појдеме на некоја плажа. – Рече Џеси сосема на место, зашто им беше преостанало уште едно големо парче од денот. Андреја ја прегрна топло и не ги испушташе нејзините рамена, кои му се видоа особено кревки и нежни под неговата рака; така стигнаа до пред самата кола. Од Палеокастрица се упатија на југ, но Андреја свесно како да ја превиде онаа преубава плажа на којашто го беше одвела Џеси првиот пат кога беа дошле. Продолжија подолу, од каде што започнуваа долгите плажи со ситен песок, што преминуваа една во друга сè до крајниот југ на тој остров. Џеси не покажа со ништо дека е изненадена, и таа како да сфаќаше дека овој ден треба да биде поинаков, да се разликува од сите други. Свртија кај првиот приод, ја заринкаа колата во песок обрастен со ретка трева и со по некоја сосема осамена грмушка. Потрчаа кон водата, запливаа, секој за своја сметка. Андреја брзо почувствува замор и, доволно разладен, завиткан во крпата, си побара засолн под едната од тие грмушки, што даваше доволно сенка. Удобно се вкопа, се смести и истиот миг како да западна во блажена дремка. Џеси пливаше некаде таму, некои деца шетаа по работ барајќи камчиња или школки, по некоја мајка ќе викнеше нешто на грчки. „Зошто на грчки, па денеска не е недела?..“ успеа да ја задржи во себе уште оваа мисла, а потоа му стана сосема сеедно, се распливна сè – и меките стапки низ песок, и плискотот на сонце и вода и повремениот, придушен џагор. Морало да мине повеќе време, штом сонцето стигнало да се искоси толку, та сосема да му ја одземе сенката во којашто тој беше нашол засолн. Дали тој удар на сонце или, пак, веселите пискливи гласови, што можеа да ги испуштаат и јато галеби, но секако упорно повторуваниот удар на топка, го извадија Андреја сосема од пријатната дремка. Прво си ја сврте главата во насока на звуците, се начули, та дури после, сè уште небаре премислувајќи се, ги отвори очите. На дваесеттина стапки од него, на зарамнетиот песок, весел, разврескан круг од девојки си додаваа топка. Голема шарена топка полетуваше горе, настануваше молк, а потоа извици на радост и восхит го проследуваа нејзиното фаќање во нечии раце. И така тоа се повторуваше во бескрај. Срцето му стрепери на Андреја од преубавата глетка. Се обѕрна наоколу, но веќе знаеше, пред и да види, дека и Џеси е таму, меѓу нив. И уште повеќе, нејзиниот глас, сиот растреперен од некоја посебна возбуда, беше најмногу чуен. Посака да стане, да им се приближи, но се загрижи токму навреме. На плажата беа само тие девојки, сосема млади, а си беа заминале сите други. На што ли ќе им заличи пак тој, вака замелушен, несмасен, сиот извалкан во песок. И срамежливо си го покри голото тело, колку што можеше со недоволната крпа. Играта со топка продолжуваше со правилен ритам, а Андреја се чувствуваше како фатен во стапица, наеднаш сиот згрчен. Но не остана така долго. Се реши. Скокна на нозе, и сè уште подвиткан малку, небаре да не паѓа в очи, си ја прибра облеката и се затскри од другата страна на грмушката, под којашто беше дремал толку слатко. Внимателно си го истресе песокот од целото тело, особено му се посвети на тоа ни ронче да не се задржи меѓу ножните прсти. Си ги навре панталоните, маицата, ја расчешла во пасма слепената коса. Потоа сосема ноншалантно, со торбата преку рамо, излезе од зад зелениот засолн. Не знаеше, мирта ли беше тоа, но имаше убави зелени ливчиња како премачкани восок. Само што тргна, кога пред себе ја виде Џеси како му доаѓа в пресрет. Девојките, пак, се оддалечуваа на другата страна; одвај се гледаа веќе како силуети на долгата плажа. Занесен со својата тоалета, тој не го беше забележал крајот на нивната весела игра. Сега како да беше малку разочаран, но успеа тоа вешто да го скрие, се насмевна, ја прегрна Џеси; го возбуди нејзиното од играта зовриено тело, наспроти ладникавата влажност на уште недосушениот костим. Почна да ја бакнува страсно, но таа, трудејќи се да не го навреди, се извлече од неговата прегратка благо, небаре скорешното дружење со девојките ја обврзуваше на извесна чедност. Андреја не настојуваше исто, ни нему не му беше многу до тоа повторно да се расправа со здодевниот песок, па така, почека таа да се облече и тргнаа заедно кон својата кола. Се вратија во градот и, пред пансионот на Џеси, Андреја не излезе од колата, туку се договорија дека ќе ја чека во единаесет на вообичаеното место. Очигледно и на двајцата им требаше да бидат малку сами со себе, да си го вратат вообичаениот однос, да се приберат од прекумерни чувства. Прекумерни беа од страна на Андреја, се разбира, но сега и нему сето тоа му изгледаше веќе како да му се случило на некој друг или пак дека било многу дамна. Благотворната дистанца се воспостави доволно цврсто за да може, на својот вообичаен, рационален начин, да се справи со сите нови моменти, со прашања на кои сè уште одговор требаше да им се даде. Во меѓувреме седна на кафе на вообичаеното место, го запали лулето, си порача и една метакса. Потоа во хотелот долго се тушираше и си го посматраше своето тело, не препознавајќи го сосем; и кон него како да се здоби со некоја дистанца. Лежеше долго на креветот сè уште по малку влажен, завиткан само во чаршав, додека мракот се згуснуваше во неговата соба. Не размислуваше ништо, или, поточно ништо во врска со себе. Раскинати, некако осамостоени една од друга, мисли и слики му се меткаа низ глава: бескрајни голи пејзажи и залези со наполно нестварна пурпурна боја. Дали на некој филм некогаш ги беше видел; многу одамна кога колорот беше сè уште сосема неусовршен? Девојка на црн вранец – ново, сосема неочекувано лице на Џеси – јури на хоризонтот. Неброени стада овци; убави дрвени штали со благородни коњи; куќа со тераси и многу помошни згради; повозрасен маж со густа лисеста брада и полудив изглед седи на почесното место покрај празничната маса… Го забавуваа овие глетки, се обидуваше во нив сега да ја вклопи самата вистинска Џеси. Зошто ли толку му беше полесно да ја смести во приказната со англиската тетка и чајот во пет во црвената куќа на излезот од градот? Дали зашто и целата авантура со неа требаше да остане на рамништето на таа безбедна, и од двајцата прифатена, игра? Желбата за враќање дома се јави остро и речиси неподносливо болно, но и се повлече бргу, како што се случува кога здравото тело ќе го пробие мигновен бодеж. Веќе беше сигурен дека и тоа бргу ќе дојде, само да ги мине некако уште тие два-три дена за да може да го посети старецот, а после… Излезе од хотелот сосема доцна. Ја пропушти вечерата мислејќи дека нешто ќе касне патем со Џеси. Се упати низ тесните улички на градот, трудејќи се да ја погоди маршрутата од својата прва вечер. Заталка малку, барајќи го оној мал затворен плоштад, што му се беше допаднал толку. Но никако не можеше да го најде. Уличките, неочекуваните свиоци, излези, глетки кои тогаш го забавуваа, исто така, како да осиромашуваа нагло, како да губеа од оние значења што во нив ги наоѓаше тогаш. Вниманието сега му беше расеано низ некои други простори, но очигледно рамнодушен и кон нив, не се ни обидуваше да ги дефинира. Конечно сосема се спушти и се најде зад кафèто на Џеси. Беше задоцнил и таа веќе го чекаше на вообичаениот агол. Приоѓајќи ѝ , го гледаше малку зачудено тоа девојче со збунето, загрижено лице. Но не почувствува дури ни грижа на совест што ја натерал да чека. И пријде пријателски, ѝ ја префрли раката преку рамо, овојпат без вообичаената топлина во гестот, чисто како механички навик. Тргнаа и самите без да знаат накаде, но патот како и обично ги одведе пред „Лудиот Морнар“. Цело време Џеси молчеше, но беше јасно дека нешто ја мачи, дека сака нешто да каже, но и дека однапред знае дека е необично и лудо. На крајот, пред да стигнат до самиот бар, таа се реши, застана и го запра и него со рака. – Знаеш, – невообичаено бојазливо му се обрна таа, – јас носам некои тревелерс чекови, кои се обидував да не ги трошам. Имам и некоја заштеда мала, од она што сум го работела овде и онде. Па… би можеле да појдеме до Атина, за да добиеш виза… Татко ми сигурно не би имал ништо против да ни помогне за прво време… – И, со сосема веќе истенчен глас, кој стигна до болен шепот, додаде на крајот: – Се разбира, се разбира, само во случај… – Што… што си смислила, пак, сега… кутрата моја, драга Џеси?! – рече Андреја испрекинато, со паузи, небаре барајќи некаква можност да се соземе, да поземе здив, истрпнат од неочекуваниот пресврт. Но најпосле, откако со натчовечки напор ја поврати контролата врз самиот себе, но и натаму искрено трогнат ѝ рече: – О, не, не, толкава жртва не очекував од тебе, девојче мое мало! Па цел живот е уште пред тебе, зар да се врзуваш за старец, а згора, јас…јас морам да се вратам, зарем не ти е јасно?! Како што се враќаат, впрочем, сите! – Зар се враќаат? – некако таинствено запраша Џеси. И како да сакаше уште нешто да каже, што и за двајцата можеше да биде мошне вознемирувачко, но во тој миг, незабележано приоѓајќи од мракот, и двајцата ги прегрна Стипе, расклештен и со развиорени коси. – А тука ве чекав!.. – извика тој срдечно и ја избакна Џеси и во двата образа. Таа исто така речиси вресна од радост. За сите оваа средба, иако не сосема неочекувана, им дојде како мошне среќна разврска. Стипе, како вешт кормилар, и натаму со рацете префрлени преку нивните плеќи, без воопшто и да ги праша, почна да ги води ту малку надесно, ту налево, одбегнувајќи ги судирите и опасните места, право накај тивок и сигурен пристан, на малото затворено плоштатче, коешто Андреја токму таа вечер попусто го беше барал. – Би се обложил дека не сте вечерани, – сосема неочекувано погоди тој, – но и ако сте, не ќе ви пречи малку мезе од морски плодови со најубавото домашно вино. – Самоуверено додаде тој и ги смести да седнат во, како во тој миг што им се виде, најпријатното катче на светот. Потоа им се довери дека веќе одамна сакал да ги доведе тука, но вечерва имал и посебна причина да ги чести. Џеси го праша дали продал скапо некоја слика, а Андреја веднаш помисли, којзнае зошто, на оној негов посетител со непријатно лице. Но Стипе, и натаму расположен, а можеби и со малку претерана срдечност, останувашее таинствен, задржувајќи го како можно секое решение. Сепак на крајот, по пријатно поминато време сè до длабоки ноќни часови, тој се изјасни дека имал и на двајцата да им пренесе една доста пријатна порака. Еден негов пријател, то ест, тие го виделе еднаш кај него дома, сакал да мине заедно со нив една убава вечер, па ги кани деновиве, кога ќе одберат тие, да бидат негови гости. Сакал да ги одведе на некое одбрано место со – веќе се знае – грчка музика, танци, храна и вино… Џеси на ова весело заплеска со рацете и рече дека ќе прифати со голема радост. Андреја, пак, мораше да го совлада првичниот отпор, па прифати и тој, всушност, најмногу да не ѝ го расипува ќефот на Џеси. Сега, по толку ненадејниот нејзин предлог од пред малку, тој уште повеќе се чувствуваше како нејзин должник. Но и натаму беше сомнежлив зашто – зар толку долга предигра му требала на Стипе, ако оваа покана не содржела во себе нешто прикриено и, можеби, не сосема чисто? Небаре преку сила му одговори дека не гледа ништо неприфатливо во тоа, но дека само треба да причекаат два-три дена; тој имал некоја навистина важна работа да заврши. Зачудувачки беше и тоа што Стипе не покажа никаква љубопитност – каква работа би можело да биде тоа? – туку побрза да го изнесе пред нив својот предлог, со кој како и да не им оставаше место за премислување или избор. – Па ете, денеска што сме, понеделник, да се видиме во среда кај „Лудиот Морнар“, па тогаш ќе можеме да го утврдиме точниот термин. – Рече тој некако ненаместо суво, небаре договара службен состанок или, пак, испит. – Би требало да се погрижиме и за соодветна облека, – ги предупреди Стипе. Ја одмери со поглед ставата на Андреја и рече дека ќе може да му позајми бели панталони и некое сако, а самиот тој да се погрижи за кошула и кравата. – На жените секогаш им е полесно да се снајдат, доволно е да префрлат некое шарено крпче преку осонченото тело. – Заклучи Стипе на крајот, пред да се поздрави со нив. Откако останаа сами, Андреја ја придружи Џеси до пансионот речиси молкум. Такви периоди кога немаа потреба или не знаеја што да си кажат, меѓу нив не беа ретки, но сега и двајцата беа свесни дека денот им донесе неколку теми, кои нараснаа наеднаш како ѕид, преку кој во тој миг не се решаваше да прескокне ни тој, ни таа. Се поздравија кратко пред старинската врата, а потоа, нога пред нога, бавно, Андреја тргна по заобиколниот пат, покрај море. Беше премногу доцен час за месечина или за каква била светлина, и ѕвездите како да ја беа изгубиле својата сила потонати во згуснатото црно небо. Невидливо беше и морето, само повремен плискот потсетуваше дека и тоа е тука. Небаре заздравувајќи од некој шок, од некоја силна болка, Андреја не сакаше да биде збунет, не допушташе никаква вознемирувачка мисла. Ни трогателната во својата суштина, но со ништо не обврзувачка понуда на Џеси, ни поканата што им ја беше пренесол Стипе од оној ни малку симпатичен човек, не ја добија овојпат својата шанса. Одеше и длабоко го вдишуваше спасоносно свежиот воздух, тој непогрешлив гласник на блиската зора. Утредента се разбуди со истата тапост. Постојано со чувство сè како да му се случува на некој друг, тој го мина денот со Џеси на веќе вообичаен начин. Долго седеа на некоја не многу занимлива плажа, потоа се разделија без да договорат средба за вечер. И не се сретнаа. Андреја остана долго посматрајќи го залезот во своето кафè на еспланадата. Помисли дека, ете, сè уште не стигнал да ја посети тврдината, ни гувернеровата палата, ни музејот, а ни Ахилеон барем уште еднаш. Си рече дека тоа сè уште може да го стори, но желбата во него беше сосема млака. Потоа на прв план исплива девојката со топка на крајморскиот песок, и онаа што јава на коњ низ непознати австралиски простори – тие сосема нови, толку ненадејно неодамна појавени ликови на Џеси – па и наеднаш појавената можност за некаков нов живот, но Андреја, не дозволи тоа да му се приближи, да го засегне ни малку. Своите размисли ги зачини со малку иронија, малку хумор, како за приказна за него мошне далечна и стара. Всушност, тоа беше само миг, како пеперутка што ќе ти го прелета твојот скратен видик, додека лежиш несмасно испружен на песок; такво беше чувството што го обзеде кога ја виде Џеси меѓу девојките на плажа. Но сега, иако и натаму по малку збунет во однос на неа, знаеше дека таа ја нема таа моќ за неговите патишта да ги смени. Сосема разумно заклучи дека овие уште неколку дена ќе биде внимателен, може и нежен, но на секој начин ќе мора да ѝ објасни дека тој дошол со задача тука, не по своја желба, и дека ќе мора да се врати во својот живот, во којшто толку вложил. Па тој од неа тоа никогаш и не го криел… и, зар му нема речено и самата таа: „Немај гајле, татенце. Не се случило ништо страшно“?! А вечерата? Па ќе појдат, што има лошо тука?.. За самата вечера и, особено за човекот што ги кани, во тој момент воопшто не сакаше да мисли… Следните два дена минаа вообичаено – плажа и ручек – само што Андреја не се качуваше веќе на враќање кај Џеси. И воопшто, физичките допири меѓу нив се намалија сосема, беа случајни, ретки, но, наспроти тоа, разговорите како да им станаа посрдечни, со големо разбирање, нежни. Џеси се трудеше со сите сили да му ги подгрее надежите на Андреја дека конечно ќе ги најде сите одговори во врска со неговиот татко, а Андреја, пак, сè повеќе го поврзуваше нејзиниот лик со она кревко девојче од австралиската фарма. По долго исцрпувачко играње со големите бранови на песокливата плажа, ошумоглавени од плискотот и силното сонце, кикотејќи се и непрестајно држејќи се за раце, дури и на песокот, на кој не постоеше опасноста од разбеснетото море, Џеси предложи наеднаш да се искачат на ридот над нив, до манастирот за којшто беше чула да се говори в автобус, за време на неделните тури. Се искачија со колата до врвот на ридот. Заслепувачки бела црквичка со манастирската зграда доминираа над околината и над самото море. Џеси и Андреја останаа долго да седат врз исто така бело варосаниот ѕид што обрабуваше една градина, не толку голема, колку набиена со зеленило и со вистинска експлозија на бои од гераниумите и од којзнае уште кои цвеќиња и билки. Џеси во шорцот и со голи рамена во црквата немаше пристап, и Андреја остана со неа, не чувствувајќи дека си скусил нешто, зашто и надвор, а можеби, токму и надвор, сосе зеленилото, и небото, и морето таму долу, и свежиот ветар, сето тоа претставуваше сосема посебен, издвоен простор со блажен сеприсутен спокој. Прочистени, како измиени, дури откако сонцето се искоси сосем, се спуштија до селото под манастирот, сè уште доста високо над морето. На задолжителната дури и за најмало место грчка агора – мало плоштатче сосема празно во ова време – седнаа за можеби уште малку да го продолжат чувството на тој речиси физички допрен миг на сегдеприсутност и вечност, што го вкусија покрај белата црква, да го одложат колку што е можно преминот кон грубата стварност. Сонцето како да запре за миг, небаре во двоумење дали да го допре хоризонтот, но веќе ја беше сменило својата боја во доста затемнет пурпур. Жегалците се смируваа нагло во раширените гранки на стариот бор над нив, а момчакот што ги беше послужил со лимонада пред малку, донесе касетофон и го стави на една подалечна маса. Не го забележуваа прво, а после, откако познатата мелодија на сиртаки им го привлече вниманието што лутало којзнае на која страна, и двајцата вџашено се втренчија и замреа така. Момчето како да не беше заборавило само на нив; тоа од сè околу себе како да се беше исклучило на магичен начин. Ги правеше движењата на познатиот танец, но секое од нив – со нога, со рака, со глава – како да не потекнуваше од самиот него, туку самиот тој под некоја виша волја како да беше ставен. Витото, еластично тело сето како да беше зафатено со извршување на некој возвишен обред, воспоставувајќи чудесна врска меѓу некои долни, земни и воздушни, космички сили, во таа доба на денот, кога рамнотежата веќе забележливо се беше занишала во полза на мракот. Андреја и Џеси залебнато го посматраа момчето, секој за себе. Со темната кадрава коса што му го обрабуваше нежното, сè уште детско лице, и телото, кое, поради намалената светлина, изгледаше уште потемно и уште посилно ги исцртуваше своите совршени контури, тоа претставуваше навистина една ретка глетка. Андреја прво се потсети на бронзениот сатир од Стоби, од под чиешто маѓосно дејство долго не можеше да се ослободи тој со еден свој пријател сликар, во раната младост. А потоа му се препушти на уживањето сосем и, некаде во длабочината на свеста, му се роди, прво несигурно, плашливо, небаре го испитува тлото, а потем, сосема го овладеа едно чувство, кое наеднаш му ја разоткри тајната на онаа магија што го беше опфатила Ашенбах спрема Таџо. Џеси, пак, и таа гледаше во момчето, но сè почесто фрлаше по некој поглед и накај него. И тие погледи не беа добри. Во неа како да се случуваше нешто, како да зовриваше нешто насобрано веќе неколку дена, но сè уште не се пробиваше надвор. Таа успеваше да го совладува изненадувачки вешто, со оглед на младоста и претпоставуваниот недостиг на самоконтрола. На крајот, гледајќи сега само во него и уживајќи однапред во дејството на своите зборови, таа, небаре небрежно, рече: – Нема што, вредно си работи, се гледа дека доста вежба… – и, кога Андреја, сосема зачуден ѝ упати прашален поглед, таа продолжи не сопирајќи го веќе своето непријателско чувство: – Па вежба за вечер, зар не ти е јасно? Вечерва ќе си ги излага тие свои кревки меса во некоја подобра таверна, откако ќе ги испослужи сите гости со печено јагне. Зар не си знаел? Бледоликите госпоѓи во извесни години имаат голем апетит за вакво нешто, а и… господата исто така, – додаде таа значајно на крајот. Андреја беше индигниран, всушност страшно лут што таа така, бесмислено грубо, се дрзна да ја прекине чудесната визија. И тој самиот ја знаеше вистината не полошо од неа, но во тој миг и на тоа место се беа нашле сите тие елементи во таков скапоцен спој, во таква спрега, што како амалгам, не оставаа место за никаква валкана мисла. И затоа нејзиното лесноумно разобличување тој го сфати како сквернавење на нешто што како милост им беше дадено одгоре, а тие се покажале, ете, недостојни да ја примат. Но некаде на периферијата на свеста тој сепак насетуваше дека Џеси, и самата можеби свесна за сето тоа, страдајќи веројатно, ја исползувала оваа можност за што подлабоко да го повреди него, да му нанесе удар за кој се подготвувала подолго време. – Да си одиме, – рече Андреја речиси грубо. Во колата Џеси молчеше, но не покажуваше знаци дека се кае. Го немаше она нејзино збунето кикотење, ниту пак безочни сè уште тинејџерски забелешки, кон кои што прибегнуваше кога не знаеше како да се постави спрема него. Сега го гледаше само по малку испитувачки и со блесок на победнички подбив, како зрела, искусна жена. Кога застанаа пред нејзиниот пансион таа го допре за надлактицата и малку наместено нежно го праша: – Ќе се качиш? Андреја, без никаква желба да биде со неа, збунето рече: – Не, не, нели е веќе доцна? Одвај имаш време да се пресоблечеш и да стигнеш во своето кафè навреме. – Можам и да не одам на работа денеска, – му одговори таа малку развлечено, давајќи му можност да ја прифати поканата. Но Андреја, веќе додавајќи гас, не водејќи грижа дека со тоа ја одбива јасно, ѝ дофрли низ отворениот прозорец: – Се гледаме после!.. После, тоа беше, се разбира, околу единаесет, се најдоа на темниот агол зад нејзиното кафè. Џеси одново беше дошла прва. – Сепак, не бев на работа вечерва, – му рече кога ѝ се приближи доволно блиску. – Зошто, Џеси, да не ти е нешто лошо? – ја запраша Андреја внесувајќи во тоа повеќе загриженост, отколку што заслужуваше веста. – Онака, бев изморена, а и не ми се оди повеќе на она место. – Одговори таа со рамнодушен глас и побрза тоа прашање да го турне настрана. – Треба да се видиме со Стив, да утврдиме за вечерата, нели? – Да, да, се разбира, токму и јас сега мислев на тоа. – И возврати Андреја малку отсутно, сè уште мислејќи на тоа што би требало да значат кај неа овие нови моменти. А тука беше и таа вечера од која не очекуваше многу, но како да немаше доволно сили или волја едноставно да ја откаже. Се задоволуваше само со тоа да ја потиснува, небаре нема некоја стварна врска со него. Како што веќе се случуваше неколку пати, наидоа на Стипе пред самиот бар и не влегоа внатре. Онака заитано, управувајќи се според Стипе, кој поинаку како и да не знаеше да оди, тие се упатија кај него дома. Патем тој, без да праша што решиле тие, им рече да дојдат за да му ги даде на Андреја ветените панталони и да си поприкажат малку со чашка виски. Малку збунето промрмори на крајот дека почнал да ги чувствува како пријатели драги и блиски, и притоа се исклешти жестоко и незадржливо смешно. Џеси прва реагира на тој негов израз и зајде од кикот, незлобен, детски. Андреја го сопре врз него својот зачуден поглед неколку мига, а потоа и тој ѝ се предаде на добродушна смеа. Меѓу сините платна на разбрануваното пенливо море, меѓу кои се беа појавиле и неколку нови, но со задолжително истиот мотив, поседеа во пријатен разговор, шеговит и лесен. Џеси се надмина себеси тресејќи тинејџерски штосови како од ракав. Андреја повеќе молчеше, но се гледаше дека ужива, дека не го вознемируваат некакви скриени мисли. За Стипе тоа не би можело да се каже, зашто, покрај сета расположеност и онаа негова задушувачка смеа, кај него настапуваа прекини кога замолчуваше, се двоумеше, лицето му стануваше сериозно, небаре се готвеше да соопшти нешто, па, премислувајќи се, се засолнуваше зад своите смешни гримаси. Џеси како да го превидуваше тоа, но на Андреја не му се измолкнуваше некоја длабока загриженост што блеснуваше за миг во неговиот поглед. Тој не се сомневаше воопшто во пријателските побуди на овој крајно симпатичен човек, но некоја јанѕа си понесе в гради од оваа, општоземено, пријатна вечер. Се договорија за вечерата утре каде да се најдат, а потоа се поздравија малку пренагласено топло. Андреја ја придружи Џеси до нејзиниот пансион, и небаре патем ѝ соопшти дека утре сам ќе оди во Големата куќа. Така ќе било најдобро, ѝ рече. Сам веројатно ќе можел повеќе да извлече од Градинарот таму. – И така, значи, се гледаме пред вечерата, на договореното место, – заклучи на крајот и ја бакна во подадениот образ. 3. Утредента Андреја, по долго време повторно сам во својата „дијана“, ги совладуваше свиоците на невисокиот, но стрм планински масив на Пантократор. Расчатален медитерански бор ги ширеше своите сенки од двете страни. За чудо, немаше многу коли, ниту луди мотоциклисти на патот. Тој беше сосема подготвен, мирен. Одеше да ја разоткрие можеби докрај приказната, по којашто беше тргнал. Насетувана и оттурнувана некогаш како не негова, туѓа, загубена во некое време нестварно и матно, сега таа му се подаваше од самиот него, однатре. Така и се чувствуваше кога се паркира пред влезот на веќе познатата, раскошна, но небаре изморена од времето, порта, на која се наидуваше сосема ненадејно, од зад остар свијок и, човек, што не ја бара, можеше да ја одмине сосема лесно. Голема и широка, поставена сосема сама, зашто куќата одвај се наѕирнуваше во длабочината на паркот, и не беше забележлива со бегол поглед, таа сама за себе како да стоеше тука, стварна и нестварна во исто време. Не покануваше да се влезе, но и не одбиваше, исто така. Нема, рамнодушна стоеше тука како самото време. Андреја не брзаше да влезе. Минатиот пат кога беа дошле со Џеси, тој беше премногу збунет. Со сè уште несмирена рана од она што го беше дознал на Сидари, дента пред тоа, не знаејќи на што ќе наиде и како ќе биде примен, тој беше готов да побегне, да се откаже сосем. Но сега тој знаеше дека стариот градинар го чека и беше сигурен некако дека му е дозволено, дека му е порачано дури да го воведе онаму каде што бара. Затоа држеше до тоа да не брза сега. Да забележи секој детаљ, да запамети сè добро. Сфати дека моментот е важен. Пред портата се задржа доволно долго за да стане сомнителен за некој посматрач отстрана. Но таков немаше близу. А однатре? Однатре бил забележан очигледно уште веднаш, зашто кога тропна, Градинарот веднаш се најде тука, му отвори со малку растреперени раце, од возбуда ли, која инаку не можеше да се прочита од неговото скаменето лице. Очигледно тој се воздржувал со огромен напор, зашто, откако тргнаа по долгата патека еден покрај друг, кај стариот човек наеднаш како да попушти нешто однатре и тој, под притисок на придушен липот, успеа да ги истисне од себе само следниве зборови: – Господи, Господи... Па истиот сте!.. Како да го гледам сега Борис Андреич лично! Токму вака изгледаше кога стигна кај нас за првпат. И рамената му се затресоа веќе старечки, беспомошно, жално, а лицето тој го скри меѓу своите груби дланки. Андреја беше вџашен од ваквиот пречек. Не знаеше што да рече, како да го утеши старецов што пред него плаче, а мораше и да расчисти нешто со самиот себе и тоа итно, веднаш: дали по патекава чекори тој лично и сега, или, пак, е некоја сенка од минато време, наеднаш појавена тука, или и двете наедно, што веќе претставуваше товар. За стариот човек како сè да му беше јасно, тој во него го гледал татко му Борис Андреич, кој можеби му бил драг во извесна смисла, но не се плаче толку ни по најдраг одамна загубен човек. Очигледно осамениов старец ја видел наеднаш оживеана својата младост и којзнае што уште што го доживувал тогаш. Но старецот брзо се прибра. Со насмеани, сè уште насолзени очи, како две мали езерца скриени меѓу длабоките брчки, тој се извини за моментот на слабост и со манири на светски човек го покани да се качат на големата тераса од куќата, пред којашто веќе беа стигнале. -Повелете, дојдете. Извинете, како рековте, па да, се разбира, Андреј Борисович, нели? Да седнеме овде како луѓе и јас сè ќе ви кажам. Иако го знаеше добро обичајот на обраќањето на руски, Андреја сега за првпат чу некој да му се обрнува така. И пак исплива во него она чувство на двојство, тој ли е или, пак, некој друг сега? Но мораше бргу да свикне зашто старецот, небаре намерно, не престануваше да повторува: – Андреј Борисович седнете си, овде поудобно… Андреј Борисович, одовде кон морето ќе имате најубав поглед… – и веќе, фамилијарно скратувајќи: – Андреј Борисич, што ќе се напиете сега?.. – Ох, что-то освежителное – се обиде да му одговори на руски, но и самиот беше сосема свесен дека е непоправливо тврдо и неправилно, па побрза да рече: – Sorry!.. Јас, знаете, не… – Ништо, ништо, – побрза да го смири овој веќе на англиски. – Извинете вие, јас, ете, не помислив… Па да, се разбира… Па вие сте биле мало дете кога заминал Борис Андреич. – Па да, но не, знаете, кај нас рускиот не беше популарен, а и мајка ми се плашеше… Но, кажете ми сега како можам да ве викам вас, извинете што веднаш не сум ве прашал. – Аркадиј Сергеевич, – изговори старецот со подлабок глас и подисправајќи се, небаре со тоа и самиот се потсети на некое дамнешно достоинство. Но веднаш се накашла и веќе со палава насмевка му поднамигна и рече: – Одамна така никој не ме викал, па ете, и на мене самиот ми е чудно. Сите ме викаат Аркаша, така е поедноставно, нели? – Ни мене никој досега не ме викал Андреј Борисич, па вашево обраќање ме начека малку неподготвен, морам да признам. Но сепак, драго ми е, заради татко ми, знаете. – Со топла благодарност му одговори Андреја и додаде: – Но, сепак, викајте ме Андреја… – Так, так, Андрјуша, значит. – Промрмори Аркадиј Сергеевич, небаре се обидува да си објасни нешто на самиот себе. А потоа, сосема свртувајќи се кон гостинот со истата топла пресретливост, изговори: – Ох, колку сум трогнат, не знаете колку сум трогнат. Ретки се ваквите средби, знаете, а сум ги имал во животот секакви… Но јас сум навистина толку лош домаќин! – Небаре и самиот чувствувајќи ги опасностите од оваа расчувствуваност, тој се прекина себеси, стана забрзано и се изгуби во мракот на некоја внатрешна просторија – во странична, не во самата куќа. Големата куќа стоеше сè уште со поголемиот дел скриена меѓу расчаталените гранки на пинии, со цврсто склопени метални капаци, со затворени врати, недостапна и нема. „Чиниш никој во неа никогаш и не живеел“ си помисли Андреја, искористувајќи го отсуството на својот домаќин за подобро да разгледа сè наоколу. Но Аркадиј Сергеевич, повообичаено Аркаша, не го остави долго да чека. Со истата забрзаност што ја потсилуваше на некој неприроден начин, љубезноста и пресретливоста, тој, на голем подавалник изнесе пред гостинот сè: замаглено од разладеноста неголемо шише со вотка, во старински облик и шари, кристална длабока посатка во која предизвикувачки светкаа скапоцените црнки на рибја икра, портокалов лосос спружен во танки листови на еден помал овал. Уште неколку мали посатки, исто така привлечни за око, го исполнуваа преостанатото место. Целиов подавалник, добро пресметан и одбран, седењето на терасата во господски фотелји од бамбус и самиот поглед врз целиот имот и морето, најпосле, што се ширеше долу, говореа, секој на свој јазик, за одредена цел што требаше да се постигне, но никако не замислена од добродушниот Аркаша. Просто можеше да се проследи телефонскиот налог, издиктиран со заповеднички тон, прецизен и јасен. И наеднаш за присуството на тој трет, навикнат на бесприговорно извршување на неговата волја, станаа свесни и двајцата мажи. Онаа блискост, воспоставена за миг додека одеа по патеката, исчезна сега и Андреја со жал заклучи дека од Аркадиј Сергеевич ќе го дознае само она и толку, колку што му беше дозволила Старата Дама. Аркадиј Сергеевич ги наполни чашките, ја крена својата и наздрави кратко но свечено: за Старата Дама, за местово што било гостољубиво засолниште на вашиот почитуван татко, Борис Андреич, и кое сега, ете, ја овозможува реткава средба. Следејќи го примерот на својот домаќин Андреја ја проголта палежната течност до последна капка и, од ненавикнатост да пие јак алкохол на тој начин, се стресе и се згрчи сиот. Аркаша немо, со знак на рака, му укажа кон мезето, со кое и самиот се беше веќе зафатил доста живо. – Закусивајте, закусивајте!.. – успеа најпосле да проговори тој со полна уста. И, брзо преминувајќи на англиски, рече: – Кхе, кхе, морам да признам, татко ви беше подобар во ова! Но инаку, како да речам, ве гледам и многу сте му сличен, во сè: во ликот, во манирите, во младешката става! Кога тој пристигна тука, на ваши сегашни години, приближно, јас бев доста млад човек. Роден сум, знаете, 1913-та, родителите ги бев загубил на Крим на седумгодишна возраст. Ох, што да ви кажувам… за сè, то ест, за животецов што го имам, да, за сè, јас ѝ должам на нејзиното благородство, Зинаида Павловна. – Заврши тој пак на руски. – Но, проштевајте, не сум јас тука важен, се занесов малку, всушност, зборот ми е за пристигнувањето на вашиот татко. – Продолжи тој, откако си ги совлада пак надојдените чувства. – Знаете, тој не беше за првпат тука. Беше доаѓал и пред, разбирате, пред… – како да имаше мака да го пронајде зборот, но наеднаш се сети: – Пред војната, знаете, некаде во триесеттите… Јас не го запаметив тогаш, бев многу млад, а кај Госпоѓата доаѓаа многу… – Тој, значи бил тука и пред?.. – го прекина Андреја, но и тој на истото место како да се сопна. Најпосле најде сили и за самиот себе го рече: – Пред да дојде во Битола, пред дедо ми да го доведе во својата куќа? – Да, да, така некако, пред самото тоа. Барем така ми се има кажано… – Татко ми ви има кажувано за тоа? – се обиде Андреја да прецизира. – Не лично тој, но онака, дознав. Знаете, ние со него немавме некој муабет голем. Иако јас го почитував многу, но сепак, сфатете, тој имаше и години и беше висока, почитувана личност, а јас… што да речам – Аркаша! – Сакате да кажете дека тој имал овде некој достоен статус, работел нешто, бил ценет?.. – Па не баш сосем. Никој што дошол оттаму, не си го повратил статусот веќе… И тоа, не само во однос на други, туку ни во своите очи… Да, да, тоа е битното: во своите очи! Секој од нив како да бил своја сопствена сенка, а самото суштество, душата, како да ја оставил таму. Колку ги имам гледано како талкаат тука, низ куќава, низ паркот, како доаѓаат и заминуваат, по неколку пати… – Луташе внимателно неговиот поглед околу немата куќа и старите стебла, небаре со надеж да фати и нагледно да прикаже макар една од тие сенки. Потоа речиси механички ги наполни чашките пак и немо подигна тост, сигурен дека ќе биде наполно разбран. Андреја послушно ја испи и втората чашка, замезети малку и не се вмешуваше веќе, со надеж дека подоцна лесно ќе ги одбере драгоцените зрна од целата приказна на стариов човек што како песочен часовник започна да тече. – Да, да, ви велам, таква е судбината наша… Освен на Госпоѓата, се разбира. – Си го пресече тој својот носталгичен тон и живнувајќи нагло почна да убедува: – Таа си остана каква што си беше, голема светска дама. И моќна, моќна, верувајте ми. Кој сè не ѝ доаѓа тука, дури и денес! Има таа врски во светот! И затоа… – започна тој небаре колебајќи се малку – кога Борис Андреич, то ест вашиот татко, се појави овде некаде кон крајот на четириесет и петта, или беше веќе четириесет и шеста, не се сеќавам точно, во секој случај беше зима, онаква, какви што се овдешните зими, дожделиви и сиви, таа како да не беше сосема среќна. То ест, неговото доаѓање многу ја трогна, го прими топло, му даде заштита и засолн што толку му беше неопходен, зашто, морам да признам, во тој миг вашиот татко навистина личеше на сосема загубено, беспомошно дете. Проштевајте што тоа морам да ви го кажам… – Се прекина самиот и помолча малку. Андреја се возбудуваше сè повеќе, но не ја искористи паузата, не праша ништо, со надеж дека старецот и онака сè ќе му каже. – Па тоа ми беше зборот, – совладувајќи ја малата збунетост продолжи Аркадиј Сергеич, – го пречека таа добро, го прифати како најмил, но во вечерните часови често доаѓаше меѓу нив до сериозни, немили кавги. Тогаш сè уште не ни доаѓаа гости отстрана, вечерите ги минувавме заедно како семејство, во интимност заостаната уште од недамнешната војна, која ги израмнуваше сите луѓе што се беа нашле на иста страна. Интимноста, всушност, се пренесе сега меѓу татко ви и Зинаида Павловна, а мене тие така, ме прифаќаа, но не ми придаваа некое посебно значење. Па така, се случуваше тоа често кога бев присутен и јас или некаде во близина од каде што можев да чујам: „Како си можел, Борја, кога ќе си помислам само…“, ќе започнеше Зинаида Павловна прво со тажен и малку јадосан тон: „да кренеш рака против својот народ, да се ставиш на страната на тој малоумник, убиец, на тој човечки изрод!“, ќе завршеше со негодување на крајот. Татко ви, во прво време, се обидуваше да се извини, да ѝ објасни, да ја натера да сфати: „Проштевај Зина, но чинам тебе не ти е сосема јасно во каква положба сум се нашол. Па тоа беше мобилизација, ме сфаќаш? Јас, всушност, немав избор. А потоа, па нели тоа беше онаа наша цел, онаа заветна мечта на сите нас… да се уништи тој режим… да се вратиме дома?..“ „Да се вратиме на таков злосторнички начин?!“, веќе сосема избезумено врескаше Зинаида Павловна, „Со помош на тој крвник против чии злосторства се крена целиот цивилизиран свет!.. Ти ќе ми зборуваш за заветна мечта!.. Не, не, таа, таквата мечта не е моја, не… не ме ставај и мене тука и толкутемина доблесни наши што соумееја овојпат да ја одберат вистинската страна, не… не!“ – веќе кркореше од гнев таа. Многу ја разбеснуваше тоа неа. Но и вашиот татко, морам да признам, не ѝ остануваше должен. И кај него во овие пригоди како да попуштаа сите обѕири и тој, не штедејќи се ни себеси ни неа, ни сите оние што некогаш им биле драги, а веќе одамна ги нема, знаеше да ѝ се спротивстави жестоко: „Со крвници велиш, а по што се разликуваат тие од оние наши, тогаш, кога ти, уште толку млада и нежна, а веќе како некоја вистинска муза на одмаздата, засолнета на сигурно, ги насаскуваше нашите „бели орли“ со твојот маж, големиот генерал на чело, да пропаѓаат во крв до гуша од сопствениот народ? А што да речам за оние странски интервенти, кај кои што ти лично беше на толку висока цена? Дали сето тоа беше толку возвишено, чисто, како што верувавме тогаш?!“ Зинаида Павловна занемуваше, трепереше, успеваше да проговори само нервозно и кусо: „Тоа беше друго… сепак тоа беше друго…“ и си заминуваше наполно несреќна, растроена во својата спална. Тешки беа тие вечери и сè почести, морам да признам. Јас останував наполно збунет. Не знаев што да мислам за овие двајца толку очигледно блиски луѓе, а меѓу кои само за миг можеше да се јави и да заклокоти бесно таков поток на пеколна омраза. Но ја разбирав јас сепак и Госпоѓата моја. Та таа за време на војната толку беше вовлечена во отпорот, толку англиски и други агенти скриваше на својот имот. Имаше заслуги големи, дури беше добила и некој орден, а тука, прибира белогардеец што ѝ се приклучил на тогаш многу осудуваната, злосторничка страна. За нејзиниот углед тоа беше сериозна опасност. – На татко ми, значи, ни овде не му било простено многу?.. – забележа Андреја речиси за себе, а лицето му се вкочани од преголема болка. Но старецот си ја продолжи приказната небаре не забележувајќи ништо. Таквите болни кавги престанале постепено сами од себе. Куќата почнале да ја посетуваат угледни гости, стари и новосоздадени пријатели од светот. Борис Андреич, несомнено, им бил дораснат на сите и по своето образование и манири, но неговата положба сепак станувала сè подвосмислена и подложна на често непријатна љубопитност. Прво Госпоѓата го претставувала како ненадејно појавен, којзнае од каде, стар пријател, па како личен секретар и, најпосле, забележувајќи го неговото сè поголемо непријатно чувствување во друштво на нејзините отмени пријатели и гости, што резултирало со отуѓување и сè поретко појавување меѓу нив, таа решила да го преземе и последниот чекор. „Да ставиме конечно крај на твојата двосмислена положба овде. Еве, јас ти ја нудам својата рака и го прифаќам твоето презиме, коешто може само чест да ми стори. Зналците тоа многу добро го знаат, а некои и паметат дека тоа не стои ни малку пониско од презимето на покојниот генерал што го носам. Се разбира, и обајцата не сме во цутот на младост, но сè уште имаме живот пред себе. Размисли добро! Ова е единствена шанса да се вратиш онаму каде што припаѓаш според родот а и достоинствата свои“, му предложила таа сосема неочекувано една вечер кога во куќата немало странци. Борис Андреич од оваа понуда бил наполно вџашен. Не очекувал тој толкава великодушност од Зинаида Павловна. Но уште помалку бил самиот подготвен да ја прифати како милостина, како последна сламка на давеник што веќе го понесле матни немирни води. Не, тој не можел да го прифати тоа. А и не била во прашање само неговата гордост. Та тој имал семејство, син и жена, загубени некаде во некој свој живот, но кои и натаму безгранично ги сакал. И тоа токму така ѝ го кажал на Зинаида Павловна. Но таа само одмавнала со рака: „Остави го тоа. Па знаеш и самиот, како што стојат работите денес, тоа е некој друг свет, друга планета, на којашто треба да престанеш да мислиш. Ни таму, ни оттаму не доаѓа никој. А на што можеш да се надеваш ти? Дури и да успееш да се вратиш на некој начин, што те чека – суд, одговорност? А мислиш ли токму на нив, што ќе им донесе тоа ним? Отворање на старите, нанесување нови рани? Заборави ги, мил мој, и за нив е подобро така“. Борис Андреич бил наполно скршен. И последната негова надеж, претставена на ваков, сосема разумен, реален начин, се претворила во вистински кошмар. Но тој не можел да се откаже од неа, не можел сегашниов свој живот да го прифати како нешто конечно и да ужива во него. – Сосема како да го беше напуштила и последната живост. Вашиот татко сè повеќе се повлекуваше во себе. Ах, чинам никогаш не сум видел поскршен човек од него! – Рече Аркадиј Сергеич со замаглени очи, дали од сеќавањата или од емоциите што тие ги раѓаа и во однос на самиот него. По одбивањето на оваа понуда Борис Андреич сметал дека е недостојно да се појавува во големата куќа. Се повлекол во својата одаја во помошната зграда, престанал да ги облекува господските облеки, црните костуми за вечера и да врзува панделки околу вратот.Така и по својот надворешен изглед тој сè помалку се разликувал од персоналот па и од селаните што доаѓале од блиското село. Кога немало гости, тој шетал низ паркот и, лека-полека, со голема радост прифаќал да му помогне на градинарот да поткастри нешто, на собарката да подигне некој потежок врзоп, да појде со џипот во град за набавка на некоја стока. Почнал да седнува и за по некој оброк на заедничката маса со персоналот, иако Госпоѓата секогаш му праќала храна од својата трпеза во неговата соба. Тоа биле моменти кога се чувствувал полезен и речиси задоволен меѓу тие прости и добродушни луѓе. А имало и уште посветли моменти. Кога Госпоѓата, по некоја случајност, ќе останела сама по два-три дена, обично по својата собарка или по самиот Аркаша, кои и двајцата биле нејзини доверливи луѓе, му испраќала покана на Борис Андреич да ја минат вечерта заедно токму на оваа тераса. Ете до каде стигнале нивните односи, но Борис Андреич, за чудо, ваквите покани ги прифаќал со неочекувана радост. И нему, кутриот, му бил потребен разговор одвреме-навреме со близок човек. А тие двајцата имале што да си кажат. – За таквите пригоди Госпоѓата наредуваше да се послужи вотка и закуска токму ваква, каква што е на масава сега. – Не прекинувајќи го говорот, Аркадиј Сергеич ги наполни чашките уште еднаш, ја крена својата, почека и Андреја да ја крене и во една голтка ја испразни до последна капка. Земајќи си забрзано мезе, тој восхитено рече: – Укропчик, укропчик1*, батјушка, колку божествен мирис! Просто мириса на наше, родное… Сите тие мајчини душички, василики, оригана, веќе ми се дојдени довде! – рече тој малку претерувајќи во гестикулацијата дали од последната нагло испиена вотка, дали од расчувствуваноста, што, во текот на раскажувањето, повремено му излегуваше од под контрола. Во тие ретки вечери, значи, Борис Андреич пак како да се пронаоѓал самиот себе. Станувал говорлив, виспрен, забавен дури. Од половина збор се разбирале тие со Зинаида Павловна, се прекинувале еден другего, се надополнувале со ситни детали за секоја личност, за секој настан од некој дамнешен, само ним знаен живот. Зинаида Павловна вчас станувала палаво, занесно девојче Зиночка, а Борис Андреич, со вжарени очи, се преобразувал во гордо, бестрашно момче-јункер, во исто време подготвено за некаква палавост или за возвишен јуначки подвиг. Пред нивните очи заживувале некогашните шеги, комичните згоди и тие се кикотеле како деца. Потоа се потсетувале на своите домови, не спомнувајќи ги притоа никако загубените блиски, но со длабоки воздишки и миговен молк покажувајќи дека на нив мислат; на стројните високи брези и на целата природа толку незаменливо руска; ги говореле, пак надополнувајќи се меѓу себе, стихови на своите омилени поети. Потоа со веќе издолжени, вкочанети лица замолкнувале и седеле уште долго така за, веќе длабоко во ноќта, да се разотидат немо, со нежен пријателски бакнеж, секој во своето катче. Но и тие вечери станувале сè поретки. Зинаида Павловна се наоѓала во вистински вител од светски живот. А и не само нејзината зафатеност била причина за тоа. Очигледно, отрезнувањето после и за двајцата било премногу болно. Борис Андреич се движел низ имотот со отсутен поглед, со грч на бол што веќе никогаш не се бришел од неговото лице. – Како смртно ранет благороден дивеч, разбирате ли, како величествен елен со наведната глава… – рече Аркаша и веднаш се исплаши и самиот од овие зборови, зашто виде колку страдање му нанесуваат тие на Андреја. Но приказната мораше да тече понатаму, сè уште имаше што да се каже. – Некако во тоа време, Борис Андреич го открил за себе малиот залив што се наоѓа, всушност, под самиот имот. Не, не одел тој таму за да се капе. Иако можеби и тоа го правел. Со некоја необјаснива моќ го привлекувала всушност малата височинка – има таму една колипка од камен – да седи таму. Да седи со часови и да гледа во море. Дали мислел тој тогаш нешто или самата сина шир му ја смирувала душата барем малку? Понекогаш и не се враќал преку ноќ. Преспивал таму сам, склопчан во куќарката, веројатно директно на подот. Тоа не останало незабележано од Зинаида Павловна. Дискретно, без многу врева, – рече Аркадиј Сергеич, – таа мене лично ми нареди од ветошините на таван да одберам еден доста удобен кревет од бамбус, исто таква фотелја, масичка, по некој сад да може и чај да си свари, и да ја подредам куќарката за макар малку да заличи на засолниште на човек. Борис Андреич како да не забележал ништо од тоа, барем не покажа никакво чудење! Само го прифати молкум и почна сè подолго да се осамува во малата куќарка на плажата. Но, што велам, таму тој наскоро, всушност, и престана да биде сам. Младата Навсика, најубавата и најгордата девојка во целото Сидари, седнуваше во чамец и, откако ќе одвеслаше до малиот залив, остануваше долго така со склопени весла. Меѓу неа и осамениот човек пред куќарката на брегот како да се воспостави некаква нема далечинска врска. Потоа таа се осмели и почна да излегува на брегот. Ќе се изјазеше по одвај видливата врвица до него и ќе седнеше исто така гледајќи во море. Не знам колку долго траел овој молк меѓу нив, но, во секој случај, тој бил поделотворен од напати многу искажани зборови. Се воспоставила таа необична блискост меѓу веќе речиси сосема стариот човек, туѓинец што никако не можел да свикне на своето изгнанство, и младата девојка од најблиското село. И таа веќе за никого не беше тајна. Но, наеднаш, без никој да зебележи точно кога и зошто, Навсика продолжи да го посетува заливот и пред куќарката да седи сама. Се разбира, јас, то ест, и Зинаида Павловна, многу добро знаевме што се случи. Борис Андреич ѝ се доверил нејзе, ја замолил дури и да интервенира, да му помогне преку своите многубројни врски, да добие документ и да се качи на бродот што во шеесеттите почна од Одеса да крстосува со туристи по Медитеранот… – Ах, така значи, – не можеше да се воздржи Андреја и со негодување рече: – конечно му се исполнила желбата, тој си заминал дома, дома, среќен! А ние… неговото семејство… мајка ми?!. Тој сосема нè избришал нас од умот! – Не, не, дозволете, Андреј Борисич, не лутете му се на стариот несреќен човек пред да го чуете крајот. Со тоа, со тој свој гест тој мислел токму на вас. Сето тоа тој ѝ го има објаснето на Зинаида Павловна. Па нели, во Југославија тој не можел да се врати а да не ви нанесе зло токму на вас. Таму тој сè уште важел како соборец на Хитлер, како воен злосторник, така да се каже, зашто и таму се беше формирал тој бел руски корпус, нели? А во Русија, по толку време, по сè она што се случи со разобличувањето на култот на личноста, со рехабилитарањето на Сталиновите жртви, и други гревови можеле да се релативизираат, нели? Барем така си мислел Борис Андреич. На Зинаида Павловна тој дури и ѝ кажал дека токму со враќањето во Русија имало надеж да ве повика и вас, со мајка ви, таму, па така семејството повторно да се склопи. Според неговите зборови тоа и била единствената цел на неговото заминување, зашто, ако се работело за него лично, веќе му било сеедно каде ќе ги остави своите веќе доста подостарени коски. Но… знам, знам, – енергично изреагира тој, не дозволувајќи му Андреја да го прекине. – Дозволете да ви го кажам уште ова. По некои мошне посредни патишта Зинаида Павловна дури по неколку години дозна дека не било онака како што се надевал Борис Андреич. Не му било простено никому ништо во таа земја. Како и многу други што се понадевале слично на него, и тој бил испратен прво во некое далечно Централно-азиско место, за после да биде заглавен во Сибир. Натаму веќе за него не сме слушнале ништо. Не верувам дека сè уште е жив, но, во секој случај, тој би се израдувал многу кога би дознал дека не е заборавен од вас, дека сте дошле, дека сте побарале траги од него… Требаше да помине извесно време додека Андреја излезе накрај со напливот на силни и мошне противречни чувства, но на крајот последните зборови на раскажувачот како да претежнаа, па тој, сиот вжарен, со не сосема разјаснета горчина, ги наполни чашките со вотка, ја крена својата и, збунето, ненавикнат на ваквите гестови, рече: – Па… тогаш, нека му е лесна земјата… сибирска! Аркадиј Сергеич молкум ја прифати здравицата, посматрајќи го внимателно својот гостин. И покрај својата добродушност и искрено сочувство, тој сепак беше љубопитен каков впечаток оставило неговото раскажување и ја извршил ли добро задачата што му ја наложила Зинаида Павловна. Ја крена својата чаша и тој, трогнато, со длабока почит рече: – Вечнаја памјат! – ја испразни чашката во еден здив, ја остави на масата некако круто, растворувајќи ја раката како шестар под прав агол, и заборави да замезети овој пат. И на двајцата им беше јасно дека веќе немаат што да си кажат, дека е кажано толку, што кој и да било натамошен збор не ќе има никаква важност. Сепак, Аркадиј Сергеич вршејќи ја доследно улогата на љубезен домаќин, со куртоазна скромност, почувствува потреба да каже: – Тоа беше сè, драг Андреј Борисич, што можев да ви соопштам јас, Госпоѓата, се разбира, би можела и повеќе од тоа. Ако сте уште тука, наминете некој ден, можеби и таа ќе се врати… Андреја со гест на рака покажа дека е сосема доволно, дека му е јасно сè, дека вистината за татка си, што дошол да ја бара, се заокружи, се склопи како школка. – Не, не, не… толку сум ви благодарен, Аркадиј Сергеич, за сè! Па ништо повеќе… – успеа да пропелтечи тој, а потоа, збунето, сепак вети: – Добро, добро, ќе видам, ќе наминам… – заврши тој веќе станувајќи. Аркадиј Сергеич го придружи по патеката, старечки трогнато придржувајќи го лесно за надлактицата. Очите му се насолзија пак и, небаре ловејќи го последниот миг да го каже најбитното што него го мачи, рече на руски: – Счастлив человек, счастлив человек етот Борис Андреич!.. За мене никој, разбирате ли, сосема никој не ќе дојде да праша. Како да не сум ни живеел на светов… – со напор го совлада тој својот липот, ги крена добродушните, старечки очи, го прекрсти Андреја и заврши: – Дозволете да ве благословам, сине! Наш обичај е тоа стар и примете го како од роден татко. Андреја прво истрпна зачуден од одамна заборавениот знак на крст, а потоа и во него попушти нешто и тој го гушна срдечно стариот човек, небаре некој свој близок. Од возбуда немаа сили да ги изговорат зборовите на поздрав и, дури кога Андреја веќе беше сосема излезен на патот, како да го настигна старечко, шушкаво „Прошчај…“; но тоа можеше да биде и само шумолење на ветрот или тивок крцкот на грагор под сопствените нозе. Андреја не се сврте, не погледна назад. Влезе во својата кола и решително, небаре однапред смислено, се упати кон малечкиот залив. Ја остави колата подалеку на патот, плашејќи се од какви и да било средби со луѓето од селото, како да е некаков кривец. Преку маслиници, прнар, пропаѓајќи длабоко со патиките во сува правлива земја, закачувајќи ги фармерките во трње, тој некако ја пронајде невидливата врвица и се спушти до колипката од камен. Седна на расчистената рамнинка пред неа и здивна. Толку нешта требаше да се средат во него, толку чувства и мисли! Но тој седеше со сосема испразнета глава, со зјапнат поглед што не гледаше ништо. И во тој момент токму тоа му требаше и тој се чувствуваше добро така. Најпрвин допре наеднаш панично засилено, сепробивачко, сепроткајувачко ѕунење на жегалците до неговите уши. И кога Андреја успеа со тоа некако да се справи, да ги врати жегалците на нивното место во маслините, во боровите гранки и да распознае по некој крик на галеб, оддалечен ромон на човечки гласови, мирно, ритмично шумолење на бранот што удира во песокот на брегот, тој почна да се вѕира во морето спрострено пред него долу. Овој пат морето беше мирно. Поточно, благи валчести долги бранови поминуваа низ него не нарушувајќи ја неговата мазност. Се сети на кажувањето на морските зналци дека тоа се далечни одеци од некоја силна бура, што беснеела некаде далеку зад хоризонтот. Иако сè уште набиени со енергија, тие само смирување можат да значат. Како и настаните, некогаш бурни и болни, што скротени почнаа конечно ред по ред да се пластат. Во нив насобраната енергија отсега, како добро заокружена скапоцена модро-сина топка – или можеби јајце – што благо боли, ќе ја носи, ќе ја нишка, во својата душа. 5. По некој страничен пат до него допираше свеста дека денот веќе опасно се ближи кон крајот и дека му претстои да изврши уште неколку важни нешта. Па да, вечерата закажана со Стипе… но за Џеси сè уште не беше дошол редот да мисли. Повеќе од половина час му требаше да стигне до својот хотел. Се избричи мазно, се истушира, ги навре белите панталони од Стипе, што сосема добро му легнаа на стројните долги нозе. Со темно-модра кошула од фино платно изгледаше сосема добро и заклучи дека вака нема ни потреба од кравата. Се стрча надолу накај „Лудиот морнар“, каде што се беа договориле да се најдат. Оддалеку ги забележа Стипе и Џеси како два неподвижни стожера во веќе раздвижената толпа. Тие стоеја со нестрпливи лица и, кога конечно им пријде, длабоко воздивнаа а потем го изразија и гласно своето стравување дали ќе дојде. Особено вознемирен беше Стипе кој, воздржувајќи се да не вика, промрмори бесно низ заби: – Ѓе си бре, чоче, ас ти госпе!… Па веќе помисливме дека ти се случило нешто лошо… – но се виде дека тој несразмерен бес не доаѓаше од грижата за неговото здравје; некаков подлабок извор како да постоеше за него. Андреја, откако застана меѓу нив, ги гледаше и двајцата со малку вчудовидена љубопитност и во своја одбрана не кажа ништо. Не го вознемири тоа што не го прашуваат ништо за посетата кај Старата дама. Тој и самиот сфати дека во моментот никако не би можел да им зборува за тоа. И воопшто, се прашуваше во себе, што тоа заедничко би можел сега да има со овие случајно запознаени луѓе? И, како што е вообичаено за површно познанство, тој своето внимание го сосредоточи врз нивниот изменет изглед. Што се однесува до Стипе, тој беше облечен сосема слично на Андреја, само што изгледаше невообичаено измазнет и скротен; овојпат дури и неговата коса. Џеси, пак, беше облечена во некакви лесни, проѕирни ткаенини во разни бои и, општоземено, со својот изглед ги надминуваше сите очекувања. За миг му се стори дека таа му упати длабок прашален поглед, но тоа брзо го пресече Стипе, повлекувајќи ги нестрпливо и двајцата за рака. – Да одиме, и онака веќе доцниме малку!.. Штотуку стигнаа до тротоарот на големиот плоштад, нечујно застана пред нив црна лимузина со затемнети стакла. Се отвори задната врата и им беше понудено да седнат одзади сите тројца. – Ќе се присоберете малку, возењето нема да трае долго, – се слушна не многу љубезен глас од предното седиште, во кој Андреја и Џеси го препознаа познајникот на Стипе. Покрај воланот седеше друг човек, кој не покажа ни намера да изговори дури ни краток поздрав. Седејќи од десниот крај, зашто во колата влезе последен, Андреја, со помош на недоволните улични светла, успеа да го разгледа само возачот, додека домаќинот и натаму остана невидлив длабоко завален во седиштето пред него. Му го гледаше, всушност, дебелиот врат на тоа ново лице и неговите широки плеќи. Повремено ќе блеснеше неговиот полупрофил, но ни тој не го менуваше впечатокот на совршен трупец. Андреја се згрози, се праша има ли нешто човечко во него и наеднаш се загрижи: ќе мора ли да ја мине вечерта и во негово друштво? Почна да го фаќа речиси паничен страв во тој молк и тишина што не можеше да ја наруши ни одвај чујното работење на совршениот мотор. Но овие сомнежи бргу отпаднаа, зашто лимузината скршна од главниот пат, се подискачи на ритче и благо сопре пред силно осветлен влез. Возачот не го изгасна моторот, учтиво почека, и натаму без збор, да излезат од кола четворицата, а тој додаде гас и исчезна некаде во мракот. Тогаш домаќинот, обрнувајќи му се исклучиво на Андреја, кратко проговори: – Па да се запознаеме, јас сум Зденко Кртолиќ. Знам, знам… веќе ми е кажано, чест ми е, господине Кузњецки. На Андреја му остана само да промрмори: – Чест ми е… – и беше задоволен од оваа формула, за да не мора да го каже вообиченото: „мило ми е“. Господин Кртолиќ веќе беше тргнат напред и ним им преостана да побрзаат по него. Кога го настигнаа, тој веќе беше запрен за миг со шефот на салата, то ест, на големата и раскошна градина, со маси доволно оддалечени една од друга, за гостите да се чувствуваат нестеснето, и дискретно осветлена со разнобојни лампиони и свеќи. Тргнаа нечујно газејќи по добро одржуваниот тревник до резервираната маса и ги зазедоа своите места и натаму молкум, со малку зачудени лица. Џеси со неприкриен интерес гледаше наоколу, а Андреја го следеше нејзиниот поглед. Покрај другите маси седеа мажи и жени облечени како во некоја филмска сцена; нивниот разговор се слеваше во тивок, ненаметлив џагор, додека ги послужуваа добро обучени келнери вешто и немо. Сето тоа придонесуваше глетката да биде нестварна, а тие да се прашуваат како се нашле тука. Но ете, домаќинот реши да биде учтив и ги почести своите гости со своето внимание. Сосема површно се распраша како си поминуваат тука, дали морето било пријатно, зашто тој не стигнал да се искапе веќе два-три дена; ѝ даде комплимент на Џеси за нејзиниот вечерашен изглед; со Стипе се опушти малку и му упати нешто повеќе зборови, но не испуштајќи го притоа никако Андреја од својот непријатен, испитувачки поглед. Стигна и аперитивот – добро разладено узо со соодветното мезе: сармички од лозов лист и во мали глинени посатки гравче, и таратор и мелиѕано салата, но и во импозантно количество чаден лосос, школки, гариди. На Џеси ѝ живнаа очите од сосема детска радост. Се расположи малку и Стипе, иако сè уште беше некако необјасниво напнат. Домаќинот несмасно и грубо ги покануваше да пијат и јадат. Во меѓувреме своето внимание го концентрира сосема кон Андреја и, небаре патем, го испрашуваше всушност за сè: за семејството, за општествениот статус, за тоа колку е задоволен со својот стандард, има ли куќа; дали има политичка поддршка или е пак самиот, можеби, политички моќен? Потоа премина на неговите корени, на семејството на мајката, на тоа, што станало со неговиот татко. Прашуваше дали тлеело и колку незадоволството во домот; како го воспитувал синот; одел ли в црква; ги продолжувал ли традициите на своите предци. Потоа наеднаш прашањата секнаа и Кртолиќ се повлече во себе со сосема непробивен израз на лицето. Тоа не кажуваше ништо: дали е задоволен со одговорите на Андреја или пак е бесен од нивното значење или од недоволната јасност. Андреја не можеше да ја согледа целта на ова неприкриено испрашување, беше нервозен, ја совладуваше својата лутина со напор. Длабоко во себе жалеше што се согласил да дојде. Но Џеси и Стипе се беа расположиле од добрата храна и вина, што почнаа да пристигнуваат на нивната маса. Тие џагореа, правеа шеги и Џеси се кикотеше веќе сосема гласно. Музиката, класична и одвај забележлива пред тоа, нагло се смени. На подиумот се искачија свирачи на бузуки и еден млад пејач, во национални костими. Посетителите живнаа наеднаш, на секоја маса почна да се разговара гласно, да се слуша женски кикот. Господин Зденко Кртолиќ како да се сепна, се нафрли алчно, животински на виното, на храната, кои уште до пред малку како да не ги забележуваше сосем. Ги крцкаше со заби штипалките на ракот, ги цицаше гласно, си полнеше чаша по чаша вино и ги празнеше неверојатно брзо. Нервозно ја туткаше белата сервиета, но околу устата упорно му остануваа мрсни траги. Стипе и Џеси го посматраа со интерес извесно време, но набргу момчето што почна да игра сиртаки на подиумот, балетански извежбано, совршено, им го привлече нивниот поглед. Џеси прво го покани Андреја со несовладлива желба за танец, но откако овој категорично ја одби пружајќи ги пред себе како штит и двете дланки, таа му упати молбен поглед на Стипе. Очигледно одвај воздржувајќи се и самиот, овој со радост ѝ излезе в пресрет. Кога оваа необична двојка стана и тргна кон подиумот за танец, го привлече вниманието на сите гости и предизвика по некој охрабрувачки плесок. Но кога заигра Стипе, со своето подвижно, наеднаш хармонично тело, придружен од доста неуки но несовладливо миловидни движења на Џеси, одекна сеопшт аплауз и многу двојки поитаа кон подиумот, небаре да не ја пропуштат и својата шанса. Се сплеткуваа дами од долгите здолништа, трудејќи се да кренат што повисоко нога, се оптегаа елегантните сакоа на грбот на нивните кавалери, кога се обидуваа да клекнат угледувајќи се на момчето што сега слезе меѓу нив и го презеде водството во овој танец. Отсекаде се слушаше смеа, кикот, се довикуваа двосмислени шеги. Некои ги потпевнуваа во занес познатите мелодии на Теодоракис. Андреја седеше покрај маса повлечен во себе и рамнодушно ја посматраше веселата глетка. Зденко Кртолиќ, со сосема загубен интерес спрема својот сосед, исто така посматраше, но со некој опасен, сосема избезумен поглед. Најпосле како да му навре сета крв во лицето и вратот, тој вивна сосем, бучно туркајќи го столот стана, се проби грубо низ разиграната маса, стигна до Џеси, ја грабна за рака и ја повлече надвор од заедничкото оро. Џеси прво истрпна, Андреја успеа да ѝ улови краток исплашен поглед, но наеднаш лицето ѝ се развлече во некаков неприродно широк насмев и таа, покорувајќи му се сосема на новиот партнер, или на свој некој ненадеен порив, почна бесно да се врти, да се крши, не водејќи притоа сметка за чекори, за движења, за ритам. Образите нездраво ѝ се вжарија, се разлета пламената коса, а облеката, која дотогаш изгледаше ненаметливо, складно, се трансформира мошне чудно: сосема одделени парчиња текстил во разни бои, кои во движење се прелеваа една во друга, се лелеаја околу Џеси како разбеснети пипалки на чудовиште морско. „Медуза“ – Андреја си рече, сиот фасциниран, а потоа му падна на ум дека на повеќе места на островов беше наишол на ликот на медуза, а тој така и не се распрашал: да не би под нејзина заштита бил во некое старо време? Најчудно, пак, му беше што во хаотичниот танец на оваа сега новосклопена двојка можеше да се забележи одреден систем или усогласеност што укажуваше на навик. „Да не имаат играно тие и другпат?“, се јави кај Андреја неубав сомнеж: „Ја носел ли типов на вакви или поинакви места?..“ Но, почуден и самиот, тој во себе не најде ни гнев, ни повреденост од оваа мисла. Единствено се стресе од грозоморната глетка и уште посилно почувствува дека немаше што да бара тој тука и дека е грешка што толку лесноумно ја прифатил поканата за оваа несреќна вечер. Во меѓувреме, речиси нечујно му се придружи Стипе, седна на своето место и се повлече во себе, одбегнувајќи да гледа ни во Андреја, ни во веќе сосема споулавената разиграна толпа. Андреја со нескриено незадоволство го гледаше извесно време, а потоа, не наоѓајќи во себе вистинска лутина кон овој човек, што сосема видливо беше потонат во некои свои јадови, реши да го расположи малку. – Види, види… па ти си бил вистински танчер!.. – му рече со пријателски подбив. – Ох, па… онака… – од немајкаде промрмори Стипе и пак се заглиби во молк, не прифаќајќи ја подадената рака. Тогаш и Андреја крена раце од натамошен разговор и, со свест за некоја новонадојдена моќ, со подбивен, зајадлив насмев, почна да ги набљудува танцувачите, а особено онаа, сега веќе сосема гротескна, двојка. Мораше да седи така цела вечност, како што му се стори, додека подиумот, а и ресторанот почна осетно да се празни за на крајот, меѓу последните, да се вратат Џеси и нејзиниот партнер до нивната маса. Таа продолжуваше непристојно да се кикоти во неговиот несмасен преграб, со накриво завалена глава, додека облеката не ѝ се смируваше, туку, небаре сами од себе, слободните краишта-пипалки застрашувачки се вееја околу неа. Пред излезот веќе ги чекаше колата со запален мотор и молчеливиот возач. Андреја со олеснување вдиша длабоко од веќе предутринскиот воздух и седна како и преѓе, последен, скраја. Сè така молкум, го одвезоа прво него до неговиот хотел, иако тој ни на возачот, па ни на Кртолиќ не му го беше кажал ни неговото име ни каде се наоѓа во градот. Но на овој детаљ тој се потсети дури утредента и почна да се чуди, а сега се заблагодари учтиво, но кусо. 6. Андреја ги преспа оние неколку часови од ноќта зачудувачки мирно. Закрепнат и свеж стана релативно рано и се симна на појадок на хотелската тераса. Со лажичка прецизно му ја поткршуваше капата на вареното јајце кога покрај себе почувствува ненадеен вител и во истиот миг, сосема неочекувано, пред него седна Стипе. Тој беше разбушавен повеќе од кога и да било, мускулите на лицето му поигруваа развлекувајќи ја устата ту на една, ту на друга страна – но овој пат беше јасно дека не за насмев – рацете никако не можеше да ги смири. Ја немаше ни онаа задушувачка смеа, ни кашлица, ни ништо од неговиот вообичаен театар. Сега очите му изразуваа вистински немир и уплав. Гледајќи го тоа, Андреја направи напор да ја потисне својата зачуденост и, посветувајќи му се пак на своето јајце, му остави време на пријателот да се смири. – Па, што велиш за сношти?.. – проговори најпосле Стипе со задув, внимателно проучувајќи го изразот на Андреја. – Па… – неодредено одговори Андреја и се насмевна иронично… – Беше доста поучно… и… Но Стипе, веројатно потсмирен од неговата реакција, не му даде да заврши, туку премина, го истури наеднаш она главното заради што вака ненадејно и беше дошол. – Знаеш, морав да те побарам овде, да те најдам сам… Инаку девојкана, знаеш, па… постојано е тука… Знаеш, немам ништо против, но… ова мораме насамо… Не знам какви ти се намерите, но претпоставувам, наскоро ќе си одиш… Па ете, мораме да поразговараме. Сфати го ова многу сериозно… Андреја го слушаше почудено но сè уште спокоен и со извесен подбив. – Многу сериозно, – продолжуваше Стипе. – Човекон, знаеш, па… господин Кртолиќ… – и тој со напор, небаре прескокнува непријатна пречка, го изговори тоа име. – Тој, знаеш, вели дека е дојден мигот. Сега ќе се решаваат многу нешта во светов… – Ох, – со олеснување одмавна со рака Андреја. – Пак таа стара приказна, значи!.. Колку пати ја имам чуено досега, но, да признам, од трета рака. Лично немав никогаш такви контакти и, да ти признам, по малку мислев дека се измислици, знаеш. Тој е, значи, еден од оние, а? Како да знаев! Не ми беше симпатичен воопшто… – Не, не, ти не ме разбираш, – го прекина нестрпливо Стипе. – Ова сега е нешто друго. Сфати – нешто друго. Тој не е пропагатор на некоја си одживеана, губитничка или, ако сакаш, криминална група. Не! Тој, колку несимпатичен и да ни изгледа, работи за голема и моќна служба. Тоа е важно! Тоа треба да го имаш на ум: се подготвуваат крупни нешта!.. Андреја сè уште го слушаше со неверување но конечно го прекина нестрплив да чуе: – Па добро, нека бидат крупни, но кажи ми, каква врска има сето тоа со мене?! – Па… има, – рече Стипе наеднаш загадочно, – има, и тоа како има!.. Тој, Кртолиќ, значи, начул за целта на твоето доаѓање; знаеш – ми се испушти еднаш мене – и тоа многу го заинтересира. Почна да ме распрашува за тебе, за твоето потекло… па, и самиот се распрашал – има тој свои извори – а тука е и една стара дама на островов… И, да ти признам, јас не верував дека татко ти навистина бил од толку значаен, висок род, да знаеш! Ти си, значи, оф, не смеам ни да кажам… А јас си мислев прво дека си само некој симпатичен чудак! – Додворливо му рече Стипе, за да го ублажи некако впечатокот од своите зборови. Но Андреја, сиот наеднаш истрпнат, вивнат, не можеше да го сопре својот оправдан гнев: – Татко ми, каква врска има сега татко ми?.. И… „Старата Дама“?.. Значи, ти си бил постојано во врска, си ме следел?.. Значи, ти си негов човек и… и, не му ја подведуваш само Џеси, туку и мене!.. А јас… а јас си мислев!.. – Чекај, чекај, смири се, тоа е чиста случајност, јас не сум… но, чекај, сега тоа и не е важно… Сослушај ме докрај… – Стипе неубедливо се бранеше од тешките обвинувања, се обидуваше да ги сопре и споменувањето на Џеси му дојде наеднаш како помош: – Што се однесува до девојчето, – рече тој, – знаев дека така ќе помислиш, но јас не сум вмешан во тоа, верувај ми, јас не знам ништо… Па тој, Кртолиќ, не е ни заинтересиран; тоа онака, сношти можеби, но ништо сериозно… а и таа многу добро знае да води сметка за себе… Ни тебе јас, жими Бога, не мислев… Па ти знаеш, не ги сакам ни јас таквите типови и … Но ова сега е нешто друго … – Друго, друго, – нестрпливо го прекина Андреја. – Што друго може да биде освен едно подло, ниско врбување… – го изрече тој зборот и сиот истрпнат запре. „Така значи се случувало тоа!“ – си рече во себе. „Некој симпатичен белокос пријател му дошол така и на татко ми Борис, му ја излагал ситуацијата, го убедувал и…“ – И ти имаш право, – помирливо му потврди Стипе, вџашен од необјасниво жестоката реакција на својот соговорник, и просто зацимоли: – Но слушни ме, те молам, докрај! Ова што се подготвува во светот сега се знаеш, како да ти кажам, тектонски нешта и, – подзапре малку, небаре двоумејќи се дали да изрече сè до крајот, – онаму, кај нас, а и воопшто, пошироко, знаеш, се готви пекол. Заврбувани се, како што велиш ти, или се определиле, јас како што би рекол, веќе многу луѓе. И тоа не некакви отпадници, џган, туку моќни и мошне угледни луѓе. Кртолиќ вели: ти си како од Бога даден; честит и почитуван во својата средина, учен, интелектуалец, незамешан во ништо, а потем… твоето потекло… – Не, престани, немој!.. Сето тоа треба да остане што подалеку од мене! – го замолчи Андреја гневно. И двајцата извесно време молчеа. Андреја, борејќи се да ги совлада чувствата на изненаденост, огорченост и длабоко гнасење, додека Стипе седеше со невообичаено кроток израз, стрпливо чекајќи кога ќе може да го продолжи своето убедување. Така, со речиси парализирани сетила, Андреја наеднаш стана свесен на нечиј упорен поглед. Го прибра со напор своето внимание и го насочи кон една од подалечните маси. Пет-шестмина луѓе, со светли коси, во свежи кошули и со дискретно однесување, небаре дојдени на некој стручен конгрес, си го довршуваа појадокот во тивок разговор. Но меѓу нив седеше жена. Црнокоса, со строг изглед. Тоа бил нејзин поглед што Андреја го почувствувал врз себе. Марина, му пролета низ свеста. Од каде сега Марина?!. Што бара тука? Но, додека тој сè уште се двоумеше дали да им поверува на своите очи, групата стана, жената, веќе тргната напред, се сврте и уште еднаш го погледна кратко. Дали тоа можеше да биде некој знак или е само случајност? Немаше време да размислува за тоа. Андреја срипа од столот, потрча по нив, но, необјасниво како, целата група исчезна без никаква трага, иако во соседните улички сè уште имаше сосема малку народ. Па сè уште беше утро. Остана така малку збунето загледан, а потоа се врати на својата маса и седна. Стипе здивна со олеснување: вниманието на неговиот пријател му било одвлечено наеднаш кон нешто друго и сиот негов преѓешен гнев како да се беше смирил. – Што беше тоа, некои твои познајници од хотелов, пријатели? – го праша тој небаре навистина заинтересиран, проверувајќи го бојазливо овој свој впечаток. – Ништо, ништо, – Андреја одмавна со рака. – Само нешто ми се стори… ми се стори… – и збунето замолча. – Па така, значи, – конечно се реши Стипе да го прекине молкот. – Ова сега што ќе ти го речам е од мое име; не пренесувам ничии пораки, за пари. Тоа треба да ти биде јасно. – И, веќе со посигурен глас, охрабрен од тоа што Андреја пред него седи, малку отсутен, навистина, но сепак подготвен да слуша без видливи знаци на протест, продолжи: – Јас не прифатив да посредувам заради оној човек, или, пак, за личен интерес, верувај ми. Станува збор за нови промени, всушност, за кои не се говори отворено во светот, но веќе многумина знаат. Посветените, се разбира. Кртолиќ ми ги откри, со која цел, тоа не е важно, но важно е дека се вистинити, сфаќаш? Тој, навистина, ме замоли да те заинтересирам на некој начин, но јас прифатив само заради тебе. Ѓавол би го знаел како, за ова кусо време ти ми стана некако драг и близок! А и заради онаа наша Југа, знаеш… А ти размисли и постапи како што сакаш, не ти се мешам, но овој, Кртолиќ, може да ти послужи како добра врска и добро е да се исползува неговата добра волја. Онаму, дома, можеби не ќе можеш да наидеш на вистинскиот човек, а овој… Сфати, тука нема ништо лично, и мене тој ни малку не ми се допаѓа, но е вистинскиот, да знаеш… „Така, така“ , си мислеше Андреја, „токму така, пријателски благо, без принуда, но… за твое добро, за доброто на блиските, на саканите…“ – Така… така… – повторуваше Андреја сега гласно, но се гледаше дека неговите мисли не се сосема тука. Како да беше болно опфатен од нешто друго. Пак Марина! „Но најверојатно тоа не беше таа“ си мислеше длабоко запрашан во себе. „Но и да не беше, пак е некој знак, нели?!“ И сосема неочекувано, сè уште отсутно, му рече помирливо на Стипе: – Добро, добро, ќе размислам, биди сигурен, ќе размислам за сето тоа. Сега на Стипе му дојде редот да замолчи, крајно зачуден од необјасниво наглиот пресврт, додека Андреја одвај забележливо тропкаше со прстите по масата, веќе неколку пати го принесуваше до уста филџанот со одамна испиеното кафе, го гледаше пријателот со наместено љубезни очи. – Да, да, – му рече, трудејќи се да биде пријатен. – И ти мене ми стана драг, верувај ми, многу. И твоите платна… досега немам видено ништо слично… Продолжи само така, сликај… сликај, братче! – и пријателски го тупна по рамо. Иако беше навестено дека разговоров ќе има свое продолжение, кај Стипе се зароди некаков сомнеж, па, станувајќи да си оди, со мало двоумење, реши да се осигура: – Но, ние уште ќе се видиме, нели?.. – Да-да, секако, здраво… – смирувачки му рече Андреја и, веќе и самиот станат, почека пријателот да замине од хотелската тераса, постоја уште малку, а потоа со цврст чекор се упати кон својата соба. Уште до пред малку тој седеше на терасата воопшто не размислувајќи што ќе прави денеска. Немаше никаков план. Можеше да ја побара Џеси и да појдат на некоја плажа. Можеше да изигрува навреденост, поради нејзиното однесување сношти, и да остане во некое кафè на еспланадата и да си пувка на луле. Можеше… Но сега, систематично, со цврста решеност, почна да реди во торба парче по парче од својот неголем имот. Го стави дебелиот „Блу гајд“ во малата торбичка за на рамо, картата на Грција, ќе му треба за по патот и, по мало двоумење, и картата на Крф. Сепак, толку драстично одделување од тоа кршливо но и доста весело морско коњче, загубено среде море, никој не побарал од него. Но, а лулето, што со него? Ја префрли нерешително неколку пати скапата играчка од дланка во дланка, а потоа засрамено ја остави на ноќната масичка, покрај неколкуте одвај начнати кутии тутун. Да, хотелскиот персонал нека помисли дека имал уште еден заборавлив гостин! Распоредот на фериботите го знаеше – на секои два часа. Мислеше да ја однесе на миење „дијана“, но ќе може и без тоа. Ќе ги забрише само прозорците… Ќе мора да наполни бензин. Но и тоа ќе го стори таму некаде на брегот, во Игуменица. Дали можеби ќе може да стигне до дома уште вечер, доцна во ноќта? Ја фрли торбата на задното седиште, ја запали „дијана“. На часовникот беше скоро пладне, но сонцето сè уште беше зачудувачки косо. „Разлика во времето“, си рече, „всушност, уште не е ни десет часот…“ Направи широк лак, небаре оддавајќи ѝ почест на гувернерската палата којашто никако не стигна да ја посети, ни тврдината, исто така. Додаде гас и почна да се спушта низ стрмата улица покрај морето кон пристаништето. Немаше многу луѓе ни коли, келнерите не го претрчуваа коловозот, нивните мирни, полузаспани лица, додека стоеја пред вратите на локалите, не оддаваа ништо од нивното опасно живеење што започнуваше со квечерините. Уште одгоре можеа да се видат неколку фериботи вкотвени во пристаништето. Андреја сопре пред куќичката за билети, излезе, си купи билет и обѕрнувајќи се наоколу, небаре со страв да не го види некој, да не го сопре, се пикна в кола. Немаше голем ред пред фериботите. Тој го одбра најблискиот, покрај самата билетарница. Влезе во зинатата утроба, се паркира. На излегување од колата го подаде билетот на службеното лице и тргна кон скалите нагоре. Но службеникот наеднаш го сопре со паничен извик: – Господине, господине, вратете се, – викаше тој исплашено мешајќи германски, англиски, грчки. – Вие имате билет за Игуменица!.. – Да, – рече Андреја, враќајќи се неволно, – па што не е во ред, сега пред малку го купив? – Па бродов, господине, бродов не оди за Игуменица! – А за каде? – праша Андреја почудено, зашто, како што му се стори, уште оддалеку го беше прочитал називот „Игуменица“. – Бргу, бргу истоварувајте се, зашто ќе тргаме!.. Бродов оди во сосема друг правец – на југ, ги обиколува Јонските острови… „Итака“, „Итака“, се вика бродов, зар не сте прочитале?!.. – му довикуваше тој на ужасениот Андреја, кој како без душа брзаше да си ја истовари својата кола, додека не ја затвориле возилата што во меѓувреме пристигнуваа. Штотуку стигна да излезе, кога со ѕвекот ги откачија тешките синџири од брегот и се крена задната страна. Забревта моторот и бродот во своето маневрирање се сврте во профил. Пред погледот на Андреја, кој, којзнае зошто беше излегол од колата и стоеше зашеметен на самиот брег, се спростре целиот натпис: „И Т А К А“. „Боже, што можеше да ми се случи!..“ си помисли. „Фериботот беше затскриен зад билетарницата и јас погрешно го протолкував почетното „И“!..“, продолжи да си објаснува веќе малку потсмирен, влегувајќи во колата и упатувајќи се кон следниот ферибот на кој јасно беше напишано името „ИГУМЕНИЦА“. Застана кај крмата, на долната палуба на бродот. Морето длабоко се браздеше и клокотеше од напрегнувањата на моќниот мотор да ја помрдне грдомазната грамада. По сложени маневрирања, бродот најпосле го зазеде потребниот правец и, веќе мазно, со рамномерно брмчење, излегуваше од сенката на тврдината. Градот, што при доаѓањето му се виде толку гостољубив, сега некако рамнодушно се оддалечуваше, благо замаглен од силното сонце, и неговите контури стануваа сè понесигурни за, на крајот, и самиот остров да исчезне, небаре избришан, од хоризонтот. Стана заморно да се гледа во мирното, еднолично море и во белиот траг што го оставаше зад себе бродот. Андреја бегло помисли на сликите на Стипе, „Но таму морето никогаш не е мирно“, си рече и, за да попречи чувствата наеднаш да не наврат, ѝ даде предност на жедта што почна да го мори. Влезе во салонот, во кој беше уште понеподносливо поради задушливиот воздух, си зеде некој газиран пијалак на шанкот, и си побара засенчено место на клупата во тесниот бочен премин на палубата. Луѓето се стискаа токму тука, поради сенката, која како да не зависеше од положбата на бродот наспрема сонцето, а и поради ладникавото ветре што се создаваше од самото движење на бродот. Младите седнуваа директно на подот, со виснати нозе над морето. Јадеа пржени компирчиња во замастена хартија, се довикуваа, гласно разговараа. Непрестајно се протињаа, низ оваа мешаница од нозе и торби, некои нови, кои сè уште не може да се сместат. Сето тоа Андреја одвај да го забележуваше; си ги прибираше долгите нозе механички и пак си ги пружаше со олеснување, се поместуваше услужно кога требаше да седне некоја мајка со мало разврескано дете, но сето тоа него како да не го засегаше. Мислите во главата му се роеја како оние ситни, проѕирни мушички, за кои човек никогаш не е сигурен дали се вистински или се само привид. Тој беше свесен само за едно – дека брза. Целото тело му беше во еден устрем; то ест: не телото – зашто телото му беше седнато на клупата доста опуштено, помирено со тоа дека треба да биде стрпливо, да чека додека го носи бродот, потоа колата; брзаше духот – што побргу, што побргу онаму, дома… Но притоа му се роди и извесен стрепет. Нов, би се рекло не негов, или каков што досега не му беше познат. Под лажичката една мала јанѕа. Можеби од премногу газиран пијалак?.. Но не, имаше тука и нешто друго. Требаше да се сети: нешто требаше да заборави, сосема да го избрише од свеста, нешто да понесе засекогаш со себе, но уште… Тоа уште мораше да го открие, да го дефинира веднаш, уште тука! Онаму дома… да, враќање дома… И наеднаш, нешто страшно го жегна, го оттргна од омајот, од сè уште привидниот мир. Во исто време сонцето се проби и во тоа засолнето место со сиот свој пладневен жар. Бродот нагло го менуваше својот правец, се вртеше во место, маневрираше. Влегуваше во пристаништето на Игуменица. Андреја механички стана, застана во тесниот ред кон стрмите скали накај утробата на бродот, сосема задлабочен, пребарувајќи во себе. Што беше тоа? Да, враќање дома… и… Конечно се проби, се исправи пред него сосема јасно, огромна, застрашувачка мисла: А дома? Што го чека дома? Да не му подготвила, овојпат и нему, судбината избор, пред којшто неколку пати во својот живот бил исправен и неговиот татко Борис? А тогаш, тој самиот дали ќе соумее, дали ќе знае да ја одбере вистинската страна? Тоа не беа прашања, туку извесност, речиси, од којашто стана уште понестрпливо неговото тело. Тој почна да се пробива грубо низ тесниот премин, да ги турка луѓето околу себе. Кога стигна до колата и го вклучи контактот, се вслушуваше во моторот со притаен стрепет: ќе работи ли сè така уедначено и мирно, ќе го издржи ли долгиот пат што се пружаше пред него, не ќе се распрсне ли од напнатоста која Андреја одвај успеваше да ја задржи во себе? Не се обѕрна ниту еднаш кон морето што остануваше зад него; не допреа до него ни алчните крикови на јатото галеби што кружеа над рибарските чамци во пристаништето, ни острите миризби на рибарските мрежи. Тој загуби секаков усет за глетките што го пресретнуваа на патот; во неговите мисли веќе немаше место за судбини и лица што ги оставаше зад себе. Во еден единствен устрем се беше претворило целото негово битие – да стигне дома.